|
|
ЦИА: Тетовскиот АЕРОДРОМ - најмодерен на Балканот |
01.02.2017 ~ Аеродромот во Тетово, во ново-објавените документи на ЦИА STORMOVIK - споменуван како најчест тип воени авиони стациониран на Тетовскиот Аеродром Ново-објавени документи на ЦИА (централната разузнавачка служба на САД) а се однесуваат на Тетово од 1945-1995 (види го текстот: ОВДЕ) Помеѓу 65-те документи релевантни за проучување на тетовската историја во овој период, се издвојуваат како посебно интересни оние за ТЕТОВСКИОТ АЕРОДРОМ. Постарите Тетовчани знаат дека кај село Жеровјане, јужно од Тетово имало ‘спортски аеродром’ во 1960-тите кој најчесто бил користен за спортски активности на Аеро-Клубот од Тетово, каде се организирале и падобрански слетови и натпревари. Но, не верувам дека ги знаат ново-објавените податоци дека тој Аеродром почнал како Воен Аеродром, НАЈМОДЕРЕН НА БАЛКАНОТ (како што се наведува во Документите), со 250 авиони и користен од Советската Армија за можни напади на Грција и Турција! Овој аеродром се споменува само во документи од 1948 до 1952 и не повеќе. Најверојтно причината за опаѓање на неговата важност се крие токму во тоа што бил користен и опремен од Советската Армија, а по информбирото и нарушување на односите меѓу Југославиај СССР морала да се повлече од овој Аеродром нивната армија. Затоа подоцна е познат само како мал спортски аеродром. Денес, целосно напуштен и уништен за воопшто да не се користи. Првпат во документи на ЦИА се споменува на 19.07.1948 (СЛИКА 1 ДЕСНО) во извештај од 1 страница насловен ‘Аеродромите во Тетово и Врбаско’ во кој се наведува дека е скоро завршен и може да се смета за НАЈМОДЕРЕН на БАЛКАНОТ. Во тој момент има 230 авиони. Целиот текст преведен: Тетовски Аеродром - Градењето на голем аеродром беше неодамна завршено во јужна Србија. Се вика Аеродром Тетово, и може да се смета за најмодерен на цел Балкански Полуостров. Има бетонска писта 2500 м. долга и 150 м. широка и има модерни инсталации. Аеродромот е лоциран 8 км од Тетово на левата страна од патот од Тетово за Битола. Градбата на овој аеродром беше изведена на барање на Советските власти и под супервизија на Советски експерти. Околу 230 нови типови на борбени авиони и средни бомбардери од Советско производство, се моментално распоредени на Аеродромот. На 20.12.1948 (СЛИКА 2 ДЕСНО) во голема анализа на Воздухопловните сили на Југославија (на 13 страници), стои дека во Скопје 3-тиот воздушен регимент со 3 аеродроми во Скопје, Тетово и Куманово. Во Тетово: во моментот 250 авиони, и скоро завршен со намера од Русите да биде централна база на Балканот, за напади на Грција и Турција ! Целиот текст преведен: Тетовскиот Аеродром е втор по големина (по тој во Скопје) доделен на 3-тиот воздухопловен регимент. Пред скоро време беше завршен: Русите имаат намера тој да биде најмодерен Аеродрм на целиот Балкански Полуостров, кој мора да биде користен од Руските Воздухопловни Сили. Овој Аеродром има метална писта 2000 м. долга и 150 м. широка. Има модерна опрема за комплетни операции за еден најсовремен аеродром: опрема неопходна за ноќно летање па дури и школа за ноќно летање. Овој аеродром е сместен 8 км. на левата страна од патот кој води од Тетово кон Битола, и моментално е целосно видлив од воздух. Модернизиран е и проширен на барање на Советските воени власти. 250 авиони се сместени тука: 10 ескадрили на борбени авиони и 80 ескадрили на бомбардери вклучувајќи модели YAK, Stormovik, Petlyakov и Martin. Овој Аеродром се смета за централна база во случај на итна потреба на вклучување на овие авиони во одбрана на јужна Србија и нивни напади на Грција и Турција. Ова е главна база на сите авиони од СССР каде овие авиони товарат нафта и бомби, и на враќање, извршуваат нови напади врз нивни цели. 20.12.1949 – наведува дека во Скопје има скриено депо за нафта од 4500 тони, наменето за Аеродромите во Тетово и Скопје и скопскиот гарнизон. На 10.02.1951 (СЛИКА 3 ДЕСНО) има повторно опис на Тетовскиот Аеродром посочувајќи дека има 7 ескадрили на борбени авиони и 14 ескадрили на бомбардери. Ова е и последното споменување на Аеродромот во овие документи. Целиот текст преведен: Тетовскиот Аеродром е преставен на мапата секција ’Софија 21/42’. Има бетонска писта 2000 на 15 м и опрема за ноќно летање. 7 ескадрили на борбени авиони и 14 ескадрили на бомбардери се стационирани на терен. Тие вклучуваат модели: YAK, Stormovik, F-2 и Martin 47. Последно споменување на Тетовскиот Аеродром во овие документио е од 29.08.1952 (СЛИКА 4 ДЕСНО) во кој во детален извештај на 4 страни за спремноста на воздухопловните сили на Југославија, се наведуваа дека дивизијата ‘Стормовик’ е со седиште во Скопје а покрива 7 аеродроми, меѓу кој и Тетово-Југ. Ова воедно е последното споемнување на Аеродромот Тетово, и постепено бледнее неговото значење. Ај, можеби во некое идно време Тетово повторно ќе добие свој Аеродром... нормално: најмодерен на Балканот... ;) Извор: Дарко Гавровски / портал 'Тајните на Тетово' / gavro.com.mk |