|
|
Македонската држава на „царот Давид“ имала ограничена политичка автономија |
Македонска нација Македонците имале цар пред Самуил!? (2)За време на владеењето на царот Јустинијан I (527-565), кој потекнувал од Тауресиум (денешен Таор), близу Скопје, бил изграден нов град наречен Јустинијана Прима, во близината на родното место на царот. Истовремено Скупскиот митрополит Кателијан бил издигнат на ниво на автокефален архиепископ на архиепископијата Јустинијана Прима. Во овој период Сердика (Софија), како важен административен и стопански центар на Византиската империја со името Триадица е потчинета на создадената архиепископија Јустинијана Прима. Во времето кога започнало христијанизацијата на Бугарите, во 864 година бугарскиот кнез Борис I (852-889) успеал да ја основа новата црква на Балканот. По покрстувањето Борис побарал дозвола од Цариградската патриаршија за самостојна Бугарска патријаршија, но му било откажано. Во резултат на тоа бугарскиот цар се обратил кон Рим за дозвола од папата. Но по одбивањето на Рим, Борис повторно се обратил кон Константинопол со истата молба и на соборот од 869-870 год. се создала Бугарската црковна диоцеза, на чие чело како поглавар со титула „митрополит на Драстар“ бил поставен гркот Георги. Тој бил потчинет на Цариградската патриаршија. Во овој период (краjот на 885 г.) Борис ги примил учениците на Кирил и Методиј, кои што били протерани од Велика Моравија. Славјанскиот јазик станал официјален јазик на Бугарија, заменувајќи го грчкиот. Климент Охридски бил испратен во 886 година како славјански учител во областа Кутмичевица, каде ја наследува црковна традиција на Јустинијана Прима. Според пишаните документи (житија), Македонците како духовни лидери ги спомнуваат деволските (охридските) епископи, а цариградскиот или преславскиот патријарх никогаш не се спомнати. Нивното целосно игнорирање, укажува дека Македонија имала црковна автономија во тој временски период. Таа црковна традиција ја наследуваат епископите на македонските кнежевства (склавинии). На тоа укажува Цариградскиот сецрковен собор 879, каде заедно со лидерите на сите помесни цркви, рамноправно учествувале и епископите на македонските кнежевства, но во изворите е задржано само името на Епископ Петар од Драговитија, кнежевството на Драговитите. Ваквите односи ќе му помогнат на Давид, како прво роден син, по падот на бугарското царство и укинувањето на бугарската црква да ја зајакне својата позиција. Имено. во 886 година на бугарски црковен собир било решено Бугарската архиепископија да стане афтокефална (самостојна). На чело на бугарската црква застанал Јосиф Исповедник, архиепископ и прв бугарски патријарх, кој ја спроведувал прославјанската политика на Борис I, и подоцна на цар Симеон I. Во следните години, царот Симеон I (893-927) постепено ги заменил грчките духовници со бугарски, создавајќи ја Бугарската егзархија, која во времето на неговиот наследник Петар I (927-970) добила ранг на патријаршија. Така, за прв бугарски арх бил избран Дамјан Доростолски, а седиште на црквата станал градот Преслав. Според некои извори, престолнината на патријаршијата била преместена во Дростор. По падот на бугарското царство и во услови на воспоставен византиски административен систем по есента 971-та, бугарскиот патријарх Дамјан според т.н. Диканжов список бил „симнат од Јован Цимискиј, а епископиите на бугарската црква биле припоени кон Цариградската патријаршија. Патријархот бил принуден да се повлекува кон новото политичко јадро во Македонија, најнапред со центар во Тријадица (Сердика, Софија,), потоа во Воден, Меглен и Преспа, а околу 1000-дитата во Охрид. Проф д-р Милан Бошковски, следејќи ги историските извори по падот на Бугарското царство и укинувањето на бугарската црква, во својот осврт за цар Давид вели: „ ...Во новите политички околности, лидерот на комитопулите „царот Давид“ ја прифатил византиската врховна власт на Јован I Цимискиј, кој на дипломатски начин ги решавал политичките проблеми. Црковната реалност во анектираниот дел на Бугарското Царство му одела во прилог на „царот Давид“. ...Во науката е укажувано дека според принципот на примогенитура (првороден - н.з.) со политичка заедница во Македонија раководел најстариот брат Давид, кој формално-правно по анектирањето на Бугарското Царство, есента 971 година, бил нарекуван цар. Ваквата состојба им овозможила на Комитопулите да ја консолидираат својата „политичка автономија“ и да работат на остварување меѓународна поддршка. На велигденската аудиенција, во Кведлинбург 973 година, според западните аналисти кај германски цар Отон I (936-973), кој претходната 972 година својот син Отон II (973-983) во Рим го венчал со византиската принцеза Теофано (од македонската династија – н.з.), се појавила и делегација од двајца македонски комитопули „legatos (ptimates)...duo“ за кои се смета дека биле браќата Арон и Самоил. Според мислењето на видниот чешки медиевист К. Јиречек, пратениците во Кведлинбург легитимно ги испратил „царот Давид“ кој како најстар од браќата бил врховен владетел на „државата“. Интересно е да го забележиме и податокот дека на велигденската аудиенција, во 973 година, Самоил и Арон кои биле на дворот на германскиот цар како подарок му однеле една свилена завеса, на која е претставен орелскиот лет на Александар Македонски, која денес се чува во музејот во Вирцбург. На завесата е претставен Александар кому два орли (христијански симбол) на главата му ставаат златна круна со три крста! Македонија во овој период номинално ја признава византиската власт. Проф д-р Милан Бошковски ќе забележи дека Давид дејствува доста флексибилно и со политички бракови со Западот и Истокот, како и со зајакнување на македонската црква, се обидува да ја зачува ограничената политичка автономија на македонската држава: „Македонската држава на чело со „царот Давид“, имала ограничена политичка автономија и ја признавала византиската врховна власт. Како гаранција на лојалноста во времето на Јован I Цимискиј, а по анектирањето на Бугарското Царство, „царот Давид“, во периодот од 972 до 976 година, успеал да издејствува, брачен сојуз, односно политички брак за својот најмал но политички најамбициозен брат Самоил. Од дополнувањата на епископот Михаил Деволски на историјата на Ј. Скилица се знае дека тој бил оженет со Агата, ќерката на протевонот на Драч Јован Хрисилиј. С. Пириватриќ коментирајќи го податокот за бракот на Самоил со ќерката на драчкиот протевон Ј. Хрисилиј укажува на воспоставените врски помеѓу припадниците на водечките општествени слоеви во двете соседни земји (Византија и Македонија). Бракот помеѓу ќерката на локален византиски благородник од Драч, и синот на провинциски управник, комес во Македонија, претставник на Бугарското Царство кое во тој период веќе не постоело, укажувало на политичка флексибилност и локални интереси, кои на ородувањето со „одметнокот“ гледале лојалност кон византискиот цар. Се смета дека овој брак на двете страни им носел одредени трговски интереси. Со оглед на значењето на Драч не се исклучени и политички интереси на Комитопулите. Од ерменски извори дознаваме дека по освојувањето на Лариса во 985 или 986 година, претставник на владетелскиот двор од Преспа ја побарал раката на Ана, сестрата на византискиот цар. Во услови на политичко-црковниот вакум - анектирана бугарска држава и црква, лидерот на „политичката автономијата“ на Комитопулите во Македонија, „царот Давид“ се обидел да издејствува компромис. Бидејќи патријархот Дамјан бил „симнат“, со одлука на царот Јован Цимискиј, епископиите на источниот дел од Царството приклучени кон Цариградската патријаршија, епископиите на територијата под контрола на „царот Давид“ останале незасегнати од одлуката на византискиот цар. Нему му било јасно дека без црковна институција „политичката автономија“ е осудена на неуспех. Компромисот бил во насока на ускладување на политичката состојба со прифаќање на црковна автономија со која Византија можела да се согласи. Имајќи ја предвид одлуката на црковниот собор од 870, 879/880 на кој Бугарија добила статус на автономна црква во ранг на архиепископија, потчинета на Цариградската патријаршија30, сметаме дека суверенот на „политичка автономија“, „царот Давид“, можел да се согласи епископиите во Македонија да прифатат автономен статус на црквата под формулата „архиепископија на Бугарија“. На ова упатува епархискиот список од времето на Јован I Цимискиј. Во него, пред митрополиите потчинети на патријаршискиот престол, наведени се и архиепископите на Бугарија и Кипар. Податокот од втората грамота на Василиј II за Охридската архиепископија од 1020 година, каде се зборува за селење на симнатиот архиереј на поранешната бугарската црква Дамјан, се гледа како што истакнал К. Јиречек „како се политичко и црквено средиште преносило полако од Сердике па све даље на запад“ кон Воден, Меглен, Преспа и на крајот во Охрид. Епископот Михаил Деволски во дополнувањата на Јован Скилица во однос на Охридската aрхиепископија пишува дека Василиј II во 1019 година, за време на триумфалната победа над Македонското Царство „повторно и ја потврдил... автокефалноста, и ја изедначил со архиепископијата Јустинијана Прима, татковината на царот Јустинијан (527-565).“ Во својот заклучок проф. Бошковски укажува дека по воспоставувањето на византиската администрација на територијата на Бугарското царство и укинувањето на бугарската црква, податокот за селењето на архиепископите од Тријадица (Сердика) до Охрид, значи на постепеното поместување на политичкото и црковното седиште на запад во истиот правец. Всушност, тоа би значело дека и „политичката автономија“ на „царот Давид“ од политичкото и црковно седиште на титуларниот патријарх Дамјан, во Тријадица, се поместувало на запад во Македонија. Почитувајќи ја византиската врховна власт, „царот Давид“ лидерот на „политичка автономија“ во Македонија, авторитетот на симнатиот „патријарх Дамјан“ го користел за зацврстување на новата политичка заедница и црковна институција. Продолжува [извор: проф д-р М. Бошковски, „Комитопулот Давид, цар Давид, св Давид цар“, УДК. 929.731(497.7)“09/10“ 7,04“17/18“(497.7)] |