|
|
Бугарските комунисти и македонското прашање |
Васил Коларов: Бугарските комунисти и македонското прашање Многу одамна се побиени тезите на бугарските историчари, дека македонскиот народ е творба на Коминтерната во 1934 година. Сепак, од страна на историчарите на источниот сосед и денес можат да се слушнат иститите ставови со кои се негира постоењето на македонскиот народ. Оттука е добро да се навратиме на ставовите за македонското прашање на еден од челните луѓе на БКП во тоа време Васил Коларов. Тие се добра опомена како за политичарите од источниот сосед, така и за домашните трговци со македонските национални интереси. Инаку, Васил П. Коларов (16 јули 1877 – 23 јануар 1950) е бугарски политичар, раководител на Бугарската комунистичка партија и Коминтерната. Завршува гимназија во Варна и од 1895 до 1897 година работи како учител во Никопол, каде се вклучува во Бугарската работничка социјалдемократска партија (БРСДП). По завршувањето на право во Женева (1900), се враќа во Бугарија и работи како адвокат во Шумен, а од 1904 - во Пловдив. По поделбата на БРСДП, тој останува во предводена од Димитар Благоев Бугарска работничка социјалдемократска партија (тесни социјалисти) и од 1913 до 1923 година е пратеник од оваа партија. Во 1919 година е избран за секретар на ЦК на БКП. Тој ја предводи бугарската делегација на II и III конгрес на Коминтерната во 1921 и 1922 година Во 1922 година станува нејзин генерален секретар и дејствува како таков до 1924 година, земајќи учество во конгресите на комунистичките партии од Германија, Италија, Франција, Норвешка, Чехословачка, Монголија и други. По Деветојунскиот преврат во Бугарија во 1923 година ја повикува БКП кон вооружена борба против режимот на Александар Цанков, но не наидува на поддршка. Пристигнува нелегално во Бугарија во почетокот на август истата година и заедно со Георги Димитров носат одлука за кревање на Септемвриското востание. По неговиот неуспех заминува за Југославија, а оттаму - за Австрија каде организира привремено задгранично преставништво на БКП. На крајот на 1923 година се враќа во Москва. По смртта на Димитар Благоев во 1924 година Васил Коларов застанува на чело на Задграничната биро на ЦК на Бугарската комунистичка партија (тесни социјалисти). По Лајпцишкиот процес (1933) тој е сменет од оваа позиција од Георги Димитров кој се стекнува меѓународна популарност. Во наредните години Васил Коларов зазема различни научни и политички позиции во Советскиот Сојуз и Коминтерната. Во однос на македонското прашање, Васил Коларов го изнесува својот став многу порано пред секретаријатот на Коминтерната во 1933 година да реши да се постави на разгледување македонското прашање. Во статијата која е одговор на анкетата од редакцијата на списанието „Балканска федерација" во 1927 година, Коларов за македонското прашање ќе напише: „Ние, бугарските комунисти, секогаш сме го признавале барањето на македонските револуционери за слободна и за независна Македонија и секогаш, според своите сили, сме ја поткрепувале нивната борба за остварување на тоа барање. Денес, повеќе од секогаш ние го признаваме правото на македонскиот распокинат и поробен народ на самоопределување и сме готови да му помогнеме во секој поглед за да стане господар на својата судбина. Ова не само поради тоа што комунистичката доктрина го прокламира високо правото на самоуправување на секој потчинет народ. Ние имаме, покрај тоа, и наши посебни, балкански причини. Судбината на сите балкански народи е така заемно испреплетена, што ропството на еден од нив предизвикува болежни симптоми во животот на другите народи. Македонското прашање од половина век наваму е една од најважните причини за загрижувачката и несигурна положба на Балканот; поробена Македонија служела како јаболко на раздор меѓу балканските држави, а стремежот кон нејзино завладување запали неколку војни кои го опустошија целиот Балкански Полуостров и ги раскрвавија сите негови народи. И денес, пак во врска судбината на таа несреќна земја, се трупаат нови неспокојства и опасности. Ние, комунистите, тоа добро го сознаваме поради што прашањето за слободна и за независна Македонија го направивме наше програмско барање. Ние ги сметаме усилбите на потисниците на македонските работници и селани за безрезултатни кога сакаат да го елиминираат македонското прашање по пат на спогодби и делби, преку физички и духовен терор врз волјата на народните маси. Сите слични обиди ќе се разбијат, прво, од непреодоливите противречности меѓу интересите на владејачките класи; второ, од спротивставеноста, на која тие ќе се намерат кај трудбеничките народни маси во балканските и во другите држави; и трето, од неисцрпната револуционерна енергија на македонските работници и селани, закалени во вековната и во упорната борба против националниот и економскиот гнет на сите видови тирани, потисници и експлоататори. Ние не затвораме очи пред тешкотиите што стојат на патот на револуционерната борба на македонскиот народ. Тие се колосално големи. Меѓутоа, најголемата тешкотија не е во тоа што Македонија е една мала земја, а нејзиниот народ е бројно слаб, за да може сам со своите сили да ја извојува својата слобода. И други мали народи имале можности да видат како нивната борба за независност се крунисала со успех. Така, слободна Албанија застана на нозе и настојува да ја брани својата самостојност. Но, само по себе се разбира дека македонскиот народ има потреба од сојузници. А такви што му нудат свои услуги - ги има многу. Тешкотијата е во тоа да се одделат вистинските сојузници, односно оние што искрено за заинтересирани и што искрено сакаат да се борат рамо до рамо со него против заедничкиот непријател, од лажните сојузници односно од оние што и самите се угнетувачи и потисници, се стремат да ја искористат борбата на македонскиот роб за своите егоистички завојувачки и потиснички цели. Но, и тоа не е доволно. Има и такви „сојузници и добронамерници" што се натпреваруваат и што се налагаат, всушност, се претвораат во господари и заповедници. Најголемата тешкотија се наоѓа, имено, во духовната и во материјална еманципација на македонското револуционерно движење од заинтересираното „сојузништво и покровителство" на едниот или на другиот дел од познатите потисници на македонскиот народ или од прикриените непријатели на неговата национална независност. За никого не е тајна дека македонското револуционерно движење било секогаш внатрешно разединето и однадвор парализирано поради влијанието на слични маскирани „сојузници". Сите балкански монархистичко-буржоаски влади се стремеле да опфатат дел од него и го стават на линија на својата националистичка политика. И сите тие успевале во тоа, во поголема или помала мера. Како резултат на тоа, во решавачкиот момент на македонскиот народ - Балканската војна - немаше една силна и единствена национално оспособена македонска револуционерна организација којашто можеше да им се спротивстави на завојувачките и на сепаратистичките аспирации на балканските влади. Судбината на Македонија беше решена без учество на македонскиот народ, и таа му тежи се до овој час. Но, и покрај горчливото искуство на војните, македонското револуционерно движење не ја надмина својата внатрешна слабост; и натаму заинтересираните влијанија на балканските влади продолжуваат. Уште повеќе, во неговата средина тие распалија грозна братоубиствена војна, којашто заплашува да го направи бессилно уште долго години. Крвавата меѓусебна борба, којашто од неколку години наваму масовно го коси редовите на македонските револуционери, нема слична на себе во историјата ни ниту едно револуционерно движење. Полскиот народ во својата вековна борба за слобода и за независност познава многу револуционерни организации што се натпреварувале за влијание меѓу народните маси, меѓутоа, никогаш нивната меѓусебна борба не се изродувала во самоистребувачка војна. Во руското револуционерно движење си соперничеле меѓу себе голем број револуционерни партии и организации, но тие секогаш наоѓале заеднички јазик против царизмот. Едно револуционерно движење што ќе се доведе до состојба на самоистребување престанува да биде опасно за потисниците, ја губи почвата меѓу народните маси, го губи својот револуционерен карактер. Предупредувачкиот ѕвон на историјата одамна бие над главите на вистинските македонски револуционери и им ја покажува пропаста што заплашува да го голтне ослободителното дело на еден кален и упорен народ-маченик. Контактирањето на македонското револуционерно движење со балканските влади - безразлично со која и да е од нив - се покажа крајно опасно за него, не само затоа што го кочи, што го парализира и обессилува македонското движење, туку што таквото контактирање заплашува да ги отуѓи симпатиите на народните маси во балканските земји, т.е. да ги одбие од него неговите вистински сојузници. Доволно е да се укаже на примерот со Бугарија. Учеството на ВМРО во крвавата пресметка на бугарскомонархистичката реставрација против бугарските селани и работници беше удар не само против борбата на последните туку и против македонското револуционерно движење... (Се има предвид учеството на ВМРО на Тодор Александров на страната на бугарската реакција, која со превратот од 9 јуни 1923 година ја собори владата на водачот на бугарската Земјоделска партија А. Стамболиски, како и во задушувањето на Септемвриското востание од 1923 година – з.з) Ако останеме во областа на реалната политика, дали е политички реализам поврзувањето на македонското револуционерно движење со судбината на владејачките воено-монархистичките клики во Софија, во Белград и во Атина? Зарем е политички реализам да се отфрла сочувството на народните маси на Бугарија, на Србија и Грција и на нивните револуционерни организации на работници и селани? Политичкиот реализам бара да се користат поуките од историјата и да се води сметка за настанатите промени во соодносот на општествените сили во текот на изминатото време. А токму несреќната историја во последнивепедесет години ги предупредува раководителите на македонското движење дека во престолнините на балканските државички се кроела не слободата, туку се ковале синџири за ново ропство на македонскиот народ... Ние, бугарските комунисти, гледавме со голема тага како воено-капиталистичката реакција во Софија се подлабоко забиваше клин меѓу ослободителното движење на македонскиот роб и револуционерната борба на бугарските работници и селани, употребувајќи демонски усилби да ги спротивстави едни спроти други, за одделно да ги толчи, а потоа на нивните урнатини да создаде свое господство, со неискажана радост ја дочекавме новата ориентацијаво македонското револуционерно движење, којашто започна да се оцртува во 1924 година. По наше длабоко уверување, Мајскиот манифест, неговите главни насоки од кои еднодушно се раководеа најтрезвените и најдалновидни претставници на македонското револуционерно движење - повеќе од нив со своите животи го платија својот идеал и политичка храброст - води сметка, имено, за поуките од историјата и за новите услови во национално-револуционерно дело и ги натера да прибегнат кон револверот и кон камата на наемниците, за да ја задушат во никулец активноста опасна за нив. Ништо, меѓутоа, не може да ја запре почнатата духовна преродба на македонската револуција. Таа преродба потесно ќе ги поврзе робовите во Македонија и ќе ги врати и зацврсти симпатиите кон македонската револуција на сите народни маси на Балканот, ќе и обезбеди на револуцијата драгоцена поддршка на трудбениците од целиот свет. (Македонско дело 11/33 (10.11927), стр. 6-8.).“ В. Коларов се вратил во Бугарија во 1945 година и една година подоцна станува претседател на Народното собрание. Раководи со бугарската делегација на Париската мировна конференција во 1946 година По укинувањето на монархијата во Бугарија станува претседател на Привремената претседателство на републиката (15 септември 1946 - 5 ноември 1947) и ги извршува функциите на глава на државата до усвојувањето на уставот од 1947. По смртта на генералниот секретар Георги Димитров во јули 1949 г. главните претенденти за функцијата се Васил Коларов, В’лко Червенков, Антон Југов и Георги Чанков. Донесена е одлука раководството на партијата во голема мера да биде колективно. Тоа потоа дејствува под директни насоки на Јосиф Сталин, откако за прв секретар на ЦК е избран Червенков, а Коларов го предводи Министерскиот совет. Истовремено, тој е ставен во изолација поради неговата здравствена состојба (неговиот став за македонското прашање – н.з). Васил Коларов умира на 23 јануари 1950 година во Софија. Првично е погребан до мавзолејот на Георги Димитров, а во 1990 година неговите посмртни останки се преместени во Софиските централни гробишта. |