|
|
Милојевиќ: Промените во населбите на јужна Македонија поради насилствата за време Али Паша Јанински, турските бегови и Илинденското востание 1903 година |
Во своите истражувања за време на Првата светска војна, српскиот географ Б. Ж. Милојевиќ меѓудругото ги разгледува и промените кои настанале во населбите на територијата на Егејска Македонија, предизвикани од насилствата за време Али Паша Јанински, турските бегови и Илинденското востание 1903 година. Во својот труд српскиот географ, кој го ословува Илинденското востание во 1903 година како Македонско востание, за промените во македонските населби во Егејска Македонија кои настанале во кон крајот на 18, во текот на 19 и почетокот на 20 век го бележи следното: „Во пет села е истражено потеклото на целокупното население и со тоа е докажано не само нивното основање туку и начинот на нивниот развој. Покрај тоа во многу населеби се утврдени големи промени кои настанале поради разни причини. Прво кон крајот на 18 и почетокот на 19 век, за време на владеењето на Али-Паша Јанински, голем број села е уништен, потоа чести преселби кои се карактеристични за чифчискиот систем и на трето место за животот на селото од огромно значење преставуваат настаните во поново време како македонското востание во 1903 година и балканските војниво 1912 и 1913 година. И најпосле, некои населби претрпеле измени поради зголемувањето на езерското ниво и поради вардарските поплави. а) Села со целосно истражено потекло на населението – Во Церје (во Сува Гора), во Ајил (во Мало Езеро), во Езерец (во костурската котлина), во Секулево (во битолската котлина) и во Жерви (во островската котлина) истражено е потеклото на целото население. Од овие села има староседелски соеви: во Аил два со 9 куќи, во Езерце една со 13 куќи, во Секулево четири со 11 куќи и во Жерви два со 8 куќи. Според тоа Аил, Езерец, Секулево и Жерви се релативно стари населби. Меѓутоа бројот на доселенички куќи е многу поголем од бројот на староседелците. Во Церје се сите 8 куќи од доселеници. Во Аил се доселени два соја со 4 куќи, во Езерец еден со 16 куќи, во Секулево петнаесет со 25 куќи и во Жерви десет со 23 куќи. Сите доселеници во Церје дошле кон крајот на првата половина на 19 век и Церје од тогаш се развивало единствено со размножување на населението. Во Аил, едно староседелското семејство Маркоити, до 1902 година биле задруга со 60 луѓе. Кога секој член на задругата почнал да си работи „на ќефо“, задругата се поделила на 7 куќи. Меѓутоа Аил растел и со доселување на нови соеви во другата половина на 19 век и со нивно размножување. - Во Езерец подеднакво се развиле и еден староседелски и еден доселенички сој кон крајот на 18 век. – Во Секулево и Жерви староседелските соеви малку се зголемиле. За последните 80 до 70 години овие две села се зголемувале со постојаното доаѓање на доселенички соеви, кои исто така малку се разграниле. Во Секулево, меѓутоа има поедини куќи со задруги од 20 до 30 души. Со поделба на овие задруги бројот на куќи ќе се зголеми и селото нараснува. Материјалниот развој на населбата тука,, по се изгледа ќе дојде како последица на социјалниот развој на населението. Во Церје доселениците доаѓале како чифчии. Во Секулево, новите доселенички семејства при преселбата купувале земја. Поедини членови на овие (задружни) семејства заработиле пари одејќи на печалба во Америка. Некои од доселениците дошле од Асаново во Секулево бидејќи асановските бегови не сакале да ја продаваат земјата. И во Жерви се населувале чифчии на беговските имоти. Некои чифчии дошле околу 1867 година од Цетина, каде владеела “ангарија“, односно чифчијата морал со своја кола и волови да ја пренесува беговата половина во Битола. Често преселбите биле предизвикани и од турското насилство. Кон крајот на 18 век во Езерец се доселил еден сој од Жерви, бидејќи не сакале да го примат исламот. Во Жерве пак дошле многу досленици од соседното Ослово бегајќи пред турскиот зулум. Потеклото на населението во споменатите пет села се гледа од следните податоци. Церје. Стојановци 2 куќи. Нивниот дедо се доселил околу 1840 година од Нивици (Мала Преспа) во Трново (Мало Езеро), а од таму во Церје, на беговски имот. Слават Св. Димитрија и Голема Богородица (15 август – ст.ст). – Сотировци 5 куќи. Нивниот предок се доселил околу 1845 година од Пустец (во Мала Преспа) на беговски имот. Тие ја слават Св. Петка (околу 9 ноември) и Св. Атанас (2 мај). – Јантаровци 1 куќа. Нивниот предок се доселил од Граждани околу 1945 година. Тие го слават Св. Никола и Св. Илија. Бидејќи бил сиромав и се приближил до Сотировци, па почнал да ја слави нивната слава. Аил. Маркоити 7 куќи Тие се “од време и го славата Св. Димитрија. – Петковци 2 куќи. Тие исто тала се “ветви“ и го славата Св. Арангел. – Најдо 1 куќа. Неговиот предок се доселил околу 1858 година од Нивици (во Мала Преспа). Го слават Св. Димитрија. – Трајковци 3 куќи. Нивниот предок дошол околу 1873 година од П’пли (во Преспа) и го слават Св. Никола. Езерец. Томовци 4 куќи, Ставровци 3 куќи, Паскаловци 4 куќи и Неновци 2 куќи – вкупно 13 куќи – чинат еден староседелски сој. Димитровци 3 куќи, Кирјазовци 3 куќи, Насковци 5 куќи и Миновци 5 куќи – вкупно 16 куќи – го чинат вториот сој. Нивниот прадедо се доселил од Жервен (сверно од Костур) кон крајот на 18 век. Велат дека избегал бидејќи не сакал да го прими исламот. Секулево. “Од ветко време“ се овие четири соја: Доневци 4 куќи и Трајче Богоја 1 куќа. Го слават Св. Димитрија. Линга 1 куќа и го слави Св. Никола, Бешлиовци 2 куќи и го слават Св. Архангел Михаил и Бишкаровци 3 куќи. Го славата Св. Никола. – Доселени се: Ѓулуковци 2 куќи, од Соич околу 1837 година, и го слават Св, Никола. - Коте Азуро 1 куќа, исто така од Соич околу 1852 година и го слават Св. Димитрија; - Пуфтевци 6 куќи од Сливица (во Мариово) околу 1857 година и го слават Арх. Михаил. Нивниот дедо во Сливица правел рогозини, а по доаѓањето во Секулево почнал да обработува земја; - Таевци 2 куќи од Рамаљ (!) околу 1862 година и го слават Св. Никола; Ристо Неделко 1 куќа од Паралово (во Мариово) околу 1867 година. Нивниот дедо дошол како домазет во куќата на Стојче Пуфтев и го слави Св. Никола; - Параловци 2 куќи, дојдени од Паралово околу 1882 година, и го слават Св. Никола; - Стојче Јарик 1 куќа од Асаново, дојден околу 1887 година како “измеќар“ и го слави Св. Никола; - Неделко Рамаличанец 1 куќа од Рамаљ, дојде околу 1902 година и го слави Св. Димитрија; - Кривашија 4 куќи од Асаново околу 1903 година. Тука купиле земја и го слават Св. Никола; - Србин 1 куќа од Рамаљ околу 1904 година. Тука купил чифлик и го слави Св. Никола; Ричко 1 куќа од Асаново околу 1904 година и го слави Св. Никола; и Најдо Цуце 1 куќа од Долни Калник 1914 година. Тука купил куќа од Турчин и го слави Св. Димитрија. Жерви. “Од ветко време“ се: Лало 2 куќи и Џинга 2 куќи. Тие го слават Св. Атанас (18 јануар). Староседелци се и Маркулевци 4 куќи. Тие го слават Св. Никола. – Доселеници се: Тодоровци 4 куќи од Ослово. Го слават Св. Никола. Нивниот дедо дошол околу 1847 година “од мака“; - Васил 1 куќа од Цетине, исто така околу 1847 година; - Индовци (Инде) 2 куќи од Ослово и го слават Св. Атанас. Нивниот дедо три пати се враќал во Ослово да живее таму и секогаш морал да бега од турскиот зулум; Данчевци 6 куќи од Овачарани, околу 1857 година и го слават Св. Никола. Нивниот дедо дошол како ковач, потоа еден од нивните татковци го продолжил занаетот и сега еден од данчевци е ковач; - Гуламаре 1 куќа од Цетина, околу 1857 година и ја слават Пречиста; - Ташковци 3 куќи од Цетине, околу 1867 година. Нивниот татко побегнал поради ангарија. Слават Пречиста; - Жогле 1 куќа од Ослово околу 1867 година. Нивниот татко побегнал од турскиот зулум; - Ленце 3 куќи од Цетине околу 1877 година. Нивниот татко побегнал од беговски зулум и ја слават Пречиста; - Гичев 1 куќа од Цетина околу 1882 година; - о Попоец 1 куќа од Цетине околу 1897 година. Нивниот татко дошол како поп. б). Влијанието на Али-Пашиното време на населбите. – Кон крајот на 18 и почетокот на 19 век, многу населби од овие области претрпеле значителни промени. Во тоа време паѓа владеењето на Али Паша Јанински, за кој се знае дека бил опкружен со орди крџалии. Во јужна Македонија неговите крџалии допирале на исток до солунската котлина правејќи зулуми на христијанското (славјанско население – македонско н.з.). Во селата на кустурската котлина, се раскажува дека Али Паша ги терал луѓето да го примат исламот. Народното предание во истиот крај вели дека Али – Паша ги сечел луѓето “со коса по реид“ и дека сакал да направи “сарај“ од човечки коски. Луѓето на Али-Паша покрај тоа пљачкале стока, палеле куќи и т.н. Поради овие зулуми христијанското (славјанско) население бегало од своите дотогашни села и се собирало во други, поголеми. Поради ова раселување, многу села исчезнаа, додека други значајно се зголемиле. Некаде бегалците, напуштајќи го своето дотогашно село, основале во близина, на друго место, ново. Така се вршени преместувањата. И најпосле бегалците доаѓајќи од далечни краеви, основаа целосно нови села. За Горна и Долна Мала во Несрам (во костурската котлина) се зборува, дека на почетокот на 19 век имале по 50 куќи. Околу нив биле четири селца со по 15 до 20 куќи. Тие се викале: Орешец, Стана Вода (југоисточно од Марково Кале), Слабишча и Ричичене (јужно од Несрам, преку река Белица). Бидејќи Али-пашините Арнаути им ја пљачкале стоката на селаните од споменатите четири села, селаните ги напуштиле своите куќи и се прибрале во несрамската Горна и Долна Мала. – Денешното Маврово (на брегот на Костурското Езеро) било на почетокот на 19 век чифлик со неколку куќи, а денешните чифлици Фотинишча и Крмпени биле “касаби“. Тогаш од зулумот на Али-пашините Арнаути овие две касаби се уништени, а нивните жители се собрале во Маврово. Во Маврово денес се издвојуваат 12 куќи староседелци кои тука живееле во почетокот на 19 век и по 50 куќи на доселеници од Фотинишча и Крмпени. На северозападниот брег на Островското Езеро, лево од патот што води за Битола, на почетокот на 19 век постоело селото Бегна. Поради зулумот на луѓето на Али –Паша, жителите на Бегна избегале во Острово, а на местото на Бегна денес стојат темелите од куќите. – Палеор (во островската котлина) кон крајот на 18 век не бил на сегашното место, туку на патот покрај Мокренска река. Поради арнаутските зулуми селаните се преселиле и го основале денешниот Палеор. Местото каде бил стариот Палеор се вика “Горни палеор“. Гулабановци и Бојчевци во Палеор раскажуваат дека нивните прадедовци живееле во Горни Палеор. – Патечин (повторно во островската котлина) основан е исто така на почетокот на 19 век. Поради зулум за време на владеењето на Али-Паша од Фаршар дошле Власи и основале село во шумата “на скришно место“. Северозападно од Техово (во солунската котлина) постоело село Рангел, од кое денес се гледаат “грамади“ (темели од куќи). На почетокот на 19 век, поради зулуми на Алипашините Геги, сите Рангеловци се собрале во Техово. Југоисточно од Техово било селото Костени, на чие место сега се грамади и гробишта. На почетокот на 19 век, поради арамиски зулум, сите жители на Костен преминаа во Техово. Југозападно од Владово (во солунската котлина) постоеше село Фурка. На почетокот на 19 век, поради зулумите во времето на Али-паша, сите жители на Фурка се преселија во Владово. в) Растурање на чифлици – Во овие области со чифличкиот економски ситем, поради турскиот зулум, исчезнуваа цели чифлизи. Чифчиите бегаа од чифлизите и тие остануваа празни. Предмири (јужно од Галешево, во костурската котлина) не постои како населба: Во 1902 гина селаните заминаа во други села. Источно од турското село Ениџе – Карадере (во Меглен) имаше христијанско (славјанско, македонско –н.з) село Дреново со 8 куќи. Во 1892 година, Славјаните (македонците – н.з.) се раселиле од Дреново поради турскиот зулум. – Во Попово Село (во Меглен) имало 7 куќи на Славјански (македонски – н.з) христијани. Нив ги пљачкале меглендките мухамедани. Поради тоа во 1911 години, селаните од Попово Село се разбегале: две куќи се одселиле во Бајани, четири во Тудорче и една во Свети Илија. Права чифлиска област е солунската котлина, од каде се собрани најмногу примери за растурање на чифлиците. Којуноглу (северозападно од Пазар) бил чифлик со 4 куќи и е растурен во 1888 година. – Врастија (западно од Пазар) била исто така чифлик. Во 1888 година селаните од Врастија се преселиле во Карјотица. Агата сега го обработува имотот во Врастија со помош на слуги. – Во Древен (западно од Вардар) имало 42 куќи на Славјани (Македонци – н.з) кристијани. Поради зулум на Турците од соседните села – од Карасинци и Мајадага – 25 куќи се преселиле околу 1890 година од Древен во Бојмица, а 5 куќи се преселиле подоцна во Шлопинце. Во 1913 година поради грчките насилства, се раселиле од Древен и останатите славјански (македонски – н.з.) куќи. – Источно од долен Вардар во поново време се растуриле многу чифлици. Инглиз – Чифлик, кој имал 12 куќи, растурен е 1912 година. – Во Шамли имало 10 куќи на Славјанските (македонските – н.з.) хтристијани, кои се растурени 1888 година. – Од Горно Казаклиево од зулумот на субашите се разбегале околу 1907 година Славјаните (Македонците – н.з.) чифчии во Топчиево, во Кунаре и т.н. Во тој чифлик денес има три славјански (македонски – н.з) куќи. – Долно Каваклиево имало 10 куќи и растурено е во 1902 година. – Во Колопанци имало 20 куќи. Растурено е во 1909 година поради беговски зулум. Поголем дел од чофчиите тогаш преминале во Конаре, а двајца заминале во Текели. г) Македонското востание од 1903 година и населбите – Загушувајќи го македонското востание, турската војска во 1903 година запалила многу села во југозапдна Македонија. Од селата во котлината на Костурското Езеро имале во 1903 година: Бобишта 108, Бомбак 50, Загоричани 500, Блаца 100 и Черешница 80 куќи. Споменатата година, за време на палежите, населението од тие села се разбегало. Четиринаесет години подоцна, во 1917 година имало во: Бобишта 40, Бомбак 40, Загоричани 300, Блаце 55 и во Черешница 70 куќи. - Ореово (во јужниот дел на битолската котлина) имало 6 куќи. Во 1903 година тоа е запалено и селаните заминале во Баница и Горно Врбени. Во Неокази (во истата котлина) имало 80 куќи. Во 1903 година после палежите, останале само три. Некои од жителите тогаш се одселиле во Америка.“ (продолжува) Македонска нација
|