|
|
Грчки убиства во Македонија во 1904 г. |
„Каква анархија владее во Македонија, најдобро се гледа по крвавите случувања, кои во последно време зачестија на сите страни. До сега убиваа Бугарите, а сега почнаа и Грците“ - вели српскиот известувач од Битола кој во својот допис до белградска „Политика“ од октомври 1904 година истовремено се прашува што прават Србите? Тешката положба во Македонија по Илинденското востание уште повеќе се комплицирала со зголемувањето на интензитетот на бугарската, грчката и српската вооружена пропаганда. Овие пропаганди со државни средства и вооружена сила во постилинденскиот перид подготвуваат терен за завладување и поделба на Македонија. Нивните вооружени чети имаат за цел да го ликвидираат македонското револуционерно движење, односно нивните водачи и сите оние лица кои размислуваат спротивно на нивните интереси, како и да создадат атмосфера на страв и несигурност кај македонскиот човек и на тој начин побрзо и полесно да го асимилираат. По Илинденското востание, во јужниот дел на Македонија, покрај врховистичките бугарски чети и вооружените чети на грчките андарти ја засилиле својата дејност. Појавата на грчките чети во Македонија датира од пред востанието, но, не со истата сила како по него. Целта на овие чети била да ја овозможат грчката доминација во Македонија. За постигање на таа цел, под непосредно раководство на владата, биле здружени црквата, просветата, оружјето и дипломатијата. Грчката вооружена акција, богато финансирана од средствата на државниот буџет, како и таа на ривалите, се одликувала со својата масовност. Следејќи го дејствувањето на двете вооружени пропаганди (бугарската врховистичка и грчка) и согледувајќи дека тие ги загрозуваат српските интереси кон југ, српските владејачки кругови се одлучуваат со помош на оружјето да го постигнат она што со црковната и просветна пропаганда не успеале. Ваквите дејствија на странските пропаганди претставува нов момент за Македонската Револуционерна Организација, која поради внатрешни несогласувања и делумно растурена организациона мрежа по Илинденското востание се наоѓа во тешка положба. Подготовките за навлегувањето на српски вооружени чети во Македонија започнале непосредно по Илинденското востание, но, тие се појавуваат во текот на 1904 година. За да го оправдаат своето ангажирање, српските власти преку печатот ја опишуваат анархијата која владее во Македонија, во рамките на тогашната Отоманска империја. Така српскиот известувач од Битола, во својот допис до белградска „Политика“ објавен на 12 октомври 1904 година под наслов „Грчки убиства“ ќе забележи: „Каква анархија владее во Македонија, најдобро се гледа по крвавите случувања, кои во последно време зачестија на сите страни. До сега убиваа Бугарите, а сега почнаа и Грците. Еве ви ги нивните дела. Вчера пред зајдисонце ранет е Цунев, професор во бугарската гимназија. Пред тој ден во Лерин на сред улица убија еден бугараш сараф. Во Солун е убиен прочуениот бугарски агитатор поп Стамат. Пред некој ден го нападнаа и ограбија момокот на овдешниот романски лекар Цучере – е, мислејќи дека тој е лекарот. Сите овие убиства ги врши овдешниот и солунскиот грчки комитет. Нивните чети ги поплавија сите села. Во Беранци и Српци, села на еден и пол сат од тука, вчера убија четири лица. Тие села биле патријаршиски, па неодамна под бугарски притисок преминаа во егзархија. Утринава во бавчите кај овдешната касарна војниците заклаа еден Кичевец зошто не сакал да им го покаже патот. Дека војводата Ѓурчин (Ѓурчин Наумов – Пљакот н.з.) е убиен тоа знаете; знаете исто така, дека Груев и Сугарев се ранети во судир со Мицко. Грците се движат, Бугарите работат, а што работиме ние?“ – пишува од Битола известувачот на белградска „Политика“ од 12.10.1904 г. Од текстот е видливо дека за разлика од грчката, српската вооружена пропаганда во Македонија е во зародиш. Всушност, додека српските владеачки кругови во овој период сметаат дека најдобро е да се избегне директен судир со Организацијата, радикалните просрпски елементи кои дејствуваат во Македонија повикуваат на активно дејствување. Оттука во текстот српскиот известувач ќе напише: „Грците се движат, Бугарите работат, а што работиме ние? Всушност во овој период, за да се избегне вооружен судир со српската вооружена пропаганда била организирана средба меѓу Ѓорѓи Сугарев и Мицко Крстевски, поранешен ајдутин, кој привлечен од Белград, станува српски четнички војвода во Македонија. Иако Белград му наредува на Мицко да му се покори на Организацијата или да ја распушти четата, тој не ја извршува наредбата, а четата нараснала на 30 души. Тоа доведува до отворен судир со Организацијата, а Ѓорѓи Сугарев во август месец 1904 почнува да го гони Мицко. На помош му доаѓа и војводата Петар Ацев и со здружени сили ја продолжуваат потерата. До судир доаѓа кај селото Слатино, Кичевско, каде четата престојувала и каде се наоѓа со Даме Груев. Предадена од Мицко, четата се судрила со турскиот аскер, при што бил убиен војводата Ѓурчин Наумов – Пљакот, а ранети Сугарев и Груев. По повлекувањето на турскиот аскер, четата на просрпскиот војвода Мицко влегува во селото и го наоѓа ранетиот Даме Груев, кој бил ослободен дури на 19 ноември 1904 година, еден месец од неговото заробување. За ова делумно пишува и српскиот известувач, кој или не е запознаен или не смее да ги открие деталите дека се водат преговори за ослободување на Груев. Овие преговори и` даваат големо значење на српската пропаганда и истовремено и нанесуваат значаен удар на Организацијата. По овие настани, непосредно под раководство на најодговорните фактори на српската влада и на воените кругови, српската вооружена пропаганда се засилува и до 1905 година српската четничка акција располагала со 11 чети и повеќе од стотина четници, кои треба да ја осигураат српската доминација врз деловите на Македонија кои и` овозможувале излез на Егејско Море. Меѓутоа, грчката вооружена пропаганда е многу засилена и до 1905 година, грчките чети, во кои најголем дел од четниците биле од Крит, само во Битолскиот вилает дејствувале со околу 1.000 души. Тие настојувале со особена жестина, односно со сите средства да го скрши отпорот на македонскиот народ, организирала погроми, уништувала цели села итн. Меѓу лицата кои биле ликвидирани во Солун од страна на грчките терористи, како што пишува српскиот известувач од Битола бил и „прочуениот бугарски агитатор поп Стамат“. Сепак во текстот не е посочено дека поп Стамат бил Македонец и меѓу првите членови на Македонската Револуционерна Организација, примен лично од Даме Груев. Свештеник родум од солунско, кој ја проширил организационата мрежа во тој крај и кој по преминување во Вардарската црква во Солун, од храм ја претвори во свртилиште на македонските револуционери. Меѓутоа, колку и да се труди пропагандата да ја избегне употребата на зборот Македонци во печатот, сепак во овој период се сретнуваат повеќе написи каде се зборува за „македонската емиграција во Софија и Едрење“ кои се спротивставуваат на политиката на српските власти во Македонија. Мошне значаен е текстот под наслов „Крал Петар и Македонците“ објавен во белградска „Политика“ на 9 октомври 1904 година, само неколку дена пред текстот „Грчки убиства“. Во него се вели: „Македонците кои живеат во Софија решија да не учествуваат во дочекот на Крал Петар кога ќе дојде во Софија. Некои од нив предлагаа да се организира демонстрација против нашиот Кралот (зошто ли тоа, Боже?), меѓутоа им пропадна предлогот“. И двата презентирани текста од 1904 година се уште едно сведоштво, не само за постоењето на Македонци во овој период, туку и за страшните злосторства кои ги вршат грчките вооружени чети врз сите оние кои се чувствуваат како Македонци и кои се борат за слободна и независна македонска држава. |