|
|
Грција напаѓа без аргументи |
Грчкото министерство за надворешни работи во пресрет на средбата во Њујорк помеѓу Министерот за надворешни работи на Македонија, Никола Поповски и шефот на грчката дипломатија Евангелос Венизелос, како и пред настапот на македонскиот премиер Никола Груевски пред Генералното собрание на ОН, на својот Веб-сајт објави соопштение во кое ја обвини Македонија за неконструктивност и правокации во решавањето на спорот со името и повтори дека за нив единствено решение е географска одредница и нејзина севкупна употреба. Уште на самиот почеток на ова соопштение, посочувајќи дека прашањето на името на земјата не е само спор за историските факти и симболи, грчкото МНР ја обвини Македонија без аргументи дека се однесува спротивно на однесувањето на една членка на ОН и спротивно на основните принципи на меѓународното право и поредок, односно почитувањето на добрососедските односи, суверенитет и територијален интегритет. Осврнувајќи се на историјатот на спорот со името, грчкото министерство посочува дека Македонија е таа што ја прекрши Привремената спогодба од 1995 година, обвинувајќи ја притоа и за фалсификат на историјата и узурпација на националното и историско наследство на Грција. Како што вели во своето соопштение: „Проблемот се појавил во 1991 година, кога Поранешната Југословенска Република Македонија се отцепи од Југославија и прогласи независност под името „Република Македонија“, термин, кој историски гледано е грчки збор, се однесува на кралството и културата на античките Македонци, кои ѝ припаѓаат на хеленската нација и несомнено се дел од грчкото историско и културно наследство.“ Очигледно е дека Грчкото МНР уште на самиот старт тргнува од позиција на моќ, па без никаква поткрепа ја искривува вистината и притоа ја заборава пресудата на Меѓународниот суд на правдата во Хаг во која се обвинува Грција дека е таа страната која ја прекршила Привремената спогодба со ветото во Букурешт во 2008 година. Исто така таа го заборава и заклучокот на Судот дека Грција не успеала да докаже дека Македонија ги прекршила своите обврски кои произлегуваат од спогодбата. Меѓутоа, историски гледано, во светот добро е познато дека грчката држава континуирано ги прекршува меѓународните договори кога е во прашање Македонија и македонскиот народ. Само за потсетување, бидејќи во рамките на грчката држава остана туѓо (македонско) население, силите на Антантата или версајските прекројувачи на картата на Европа кои ја потврдија поделбата на Македонија од 1913 година, на 10 август 1920 година склучија во Севр „Договор за заштита на негрчките народности во Грција", со кој на Грција и се наложуваше да ги респектира „интересите на жителите што се разликуваат од мнозинството на населението по нација, јазик или вера" (Чл. 46), се со цел да ја стивнат огорченоста на националностите што останаа надвор од границите на матичните земји и беа деградирани во бесправни малцинства. Иако со клаузулите на Севрскиот договор Грција беше обврзана да им осигури на негрчките народности еднакви граѓански и политички права и слободи, можности за употреба на мајчиниот јазик во печатот, пред судовите, во богослужбата и во наставата во основните училишта, таа тоа не го спроведе. За да ги избегне обврските од овој Договор, Грција се обиде да се ослободи од македонското население и изврши размена на население со Бугарија, а по грчко-турската војна и со Турција. Сепак и покрај сите напори да ги измени демографскиот карактер на населението, во Егејскиот дел на Македонија останаа голем број на Македонци. По зачестените критики во Друштвото на народите дека Грција не го почитува Севрскиот договор за правата на малцинствата, грчката влада тогаш даде ветување дека ќе овозможи по основните училишта во Македонија да се заведе мајчиниот јазик на тамошното население. Истовремено таа формира посебна тричлена комисија при Министерството за просвета (Папазахариу, Сајакчис и Лазару) со задача да состави буквар за македонските деца. Иако букварот наречен „Абецедар" бил навреме отпечатен на македонски јазик (на леринско-битолското наречје) со латиница, а грчкото министерство за просвета истовремено изготви и законска уредба за училиштата на малцинствата, токму пред започнувањето на учебната 1925 година, веднаш уследи запленување на букварот и беа сопрени мерките за отворање на малцински училишта за македонските деца во Егејска Македонија. Ете како Грција ги почитувала меѓународните договори и колку се залагала за почитување на човековите права. Свесни дека историските вистини се повеќе излегуваат на виделина, Грците сега го прави последниот очаен обид да го спречат тоа. Со искривување на вистината, се прави обид да го избришат името Македонија од историската сцена, сокривајќи го под плаштот на името на Грција. Не случајно во соопштението на грчкото МНР стои дека „историски гледано терминот „Македонија“, кој е грчки збор, се однесува на кралството и културата на античките Македонци, кои и припаѓаат на хеленската нација и несомнено се дел од грчкото историско и културно наследство.“ Како потврда на тоа, ќе забележат дека: „Суштината на она што беше античка Македонија лежи во сегашните граници на Грција и се состои од северниот дел на грчката држава, кој се нарекува Македонија. Околу 2,5 милиони Грци денес живеат во овој регион, и тие и нивните предци низ вековите се сметале и се нарекувале Македонци“ - се вели во соопштението на грчкото МНР. Меѓутоа, Грците кога зборуваат за антиката ги премолчуваат историски факти кои говорат за различноста меѓу Македонците и Грците. Само нека се потсетат на атинскиот оратор Демостен, кој во своите говори против македонскиот цар Филип II, познати како Филипики, ги опишува Македонците како варвари, опишувајќи ги како народ подолен од хеленскиот. Демостен за македонскиот цар вели дека „..не само што не е Грк, ниту поврзан со грците..“ Оттука секој би се запрашал откаде Грците имаат сега смелост да тврдат дека Македонците и припаѓаат на „хеленската нација“. Исто така не стои теоријата на грчкото МНР кое тврди дека околу 2,5 милиони Грци кои денес живеат во Егејскиот дел на Македонија како и нивните предци низ вековите се сметале и се нарекувале Македонци. Ако е познато дека со размената на населението по Првата светска војна во овој дел се колонизирани повеќе од 600.000 грчко и друго христијаско население од Бугарија и Турција (Мала Азија), тогаш сосема е јасно дека денес нивните потомци не се, и неможат да се чуствуваат како Македонци. Исто така, познато е дека во Грција не им се дозволува на националните малцинства да се изјаснат според својата припадност. Но, кога би се дозволило слободно изјаснување, тогаш голем број на припадници на малцинствата меѓу кои и македонското сигурно не би се изјасниле како Грци, туку би се издиференцирале како Македонци, Власи, Турци, Роми и др. Но тоа е реалноста за грчката демократија, за владеењето на правото и почитувањето на човековите права. Дека овие права не се почитуваат докажува и фактот дека и ден денес на децата бегелци од време на Грчката граѓанска војна не им се дозволува да ги посетат родните места во Егејска Македонија доколку во нивната патна исправа има податоци кои го потенцираат нивниот македонски идентитет или пак нивните родни места се изпишани со нивните славјанските имиња. Грците велат дека терминот Македонија е грчки збор, но тие неможат да го објаснат потеклото на коренот на овој збор како што неможат да дадат ниту објаснување за низа имиња од т.н. грчка митологија, како и имињата на планините и реките, кои имаат протославјански корења и се сретнуваат низ вековите се до реката Пенеј на југ, каде всушност е границата меѓу Македонците од Грците. Во тој поглед грчкото МНР слободно може да ги провери и предлогот на грофот Јоан Каподистрија, Грк во руска служба, државен секретар за надворешни работи и прв претседател на Грција кога станува самостојна држава. Во предлогот на Каподистрија се предвидува по ликвидацијата на турското владеење на Балканот да се формираат пет нови држави, а името Македонија не се споменува во контекст на Грција. Границите пак на областа на Елините или Грција се од реката Пенеј во Тесалија до градот Арта, вклучувајќи го и целиот Архипелаг. Што се однесува до тоа каде лежи суштината на античка Македонија, Грците само нека ги погледнат наодите при археолошките ископувања во Македонија, а кои патем се вршат во присуство на странски археолози, па тогаш нека говорат дека суштината на античка Македонија лежи единствено во Егејскиот дел на Македонија. „Сè почна во средината на четириесеттите години од минатиот век, кога како последица на Втората светска војна, главниот командант, Тито, од Србија го оддели регионот дотогаш познат како Вардарска Бановина (денешна ПЈРМ), давајќи му статус на федерална единица на новата Социјалистичка Федеративна Република Македонија, или првично „Народна Република Македонија“, а подоцна „Социјалистичка Република Македонија“. Тогаш тој почна да ја култивира идејата за посебна и одвоена „македонска нација“. - пишува во соопштението на грчкото МНР Но, историските податоци говорат сосема нешто друго. Македонскиот народ не е ниту вештачка коминтерновска творба, ниту пак македонската нација е Титова творба. Никој на македонскиот народ не му ја подари слободата и државата. Напротив, во текот на антифашистичката борба македонскиот народ сам ја извојува својата слобода и следејќи ги светлите традиции на Илинденците и Крушевската република, на 2 август 1944 година, на Првото заседание на АСНОМ, ја создаде македонската држава. Таа е само резултат на вековните тежненија и борби на Македонците за создавање на независна и слободна држава. Наместо Грците да го посочуваат Тито како виновник за формирањето на македонската држава и да го обвинуваат дека имал намера да ги спои сите три разделени делови на Македонија, подобро е да му подигнат споменик зошто со неговата политика македонските партизани беа спречени да ги прошират своите дејствија на југ и да се поврзат со македонските партизани од Егејскиот дел на Македонија, како и поради тоа што била прекината соработката за време на граѓанскат војна во Грција. Таа политика и овозможи на Грција да го направи наголемиот геноцид врз македонскиот народ по Втората светска војна. Во поновата историја, поради сплет на околности Македонците последни создале држава на Балканот. Но затоа биле први во антиката кои имале формирано држава не само на Балканот туку и во Европа. Не случајно тие се запишани во Библијата, и не случајно солунските браќа Кирил и Методи им го дале божјото слово на славјанскиот народ. Дури и за време на Римско, Византиско, па и за време на Отоманското владеење со територијата на Македонија, населението се декларирало како Македонци, а за тоа постојат бројни записи. Такви се синодалните акти на Охридаската архиепископија каде што стои запишано дека Иван Иреакар од село Власто (денешно Велесто), Охридско, по род е Македонец. Во тој контекс не е ни случаен ниту написот на печатот на Главниот штаб на Кресненското востание (17.10.1878), каде стои Македонско востание. Бројни се апелите, декларациите и документите на македонските дејци во кои тие повикуваат на Александар Македонски и древните Македонци.. Грција обвинува дека во Македонија се користи Сонцето од Виргина, како и симболи кои се дел од културното наследство на Грција. Зарем во Македонија треба да се урне секоја црква или стара куќа каде можат да се најдат овие симболи. Налудничаво, како што е безобразно, некој да ви бара да го сменете името само затоа што нему не му се допаѓа тоа да го носите, иако ваше непријосновено право е како ќе се викате. Исто така безобразно е некој пак да ви каже да не употребувате симбол кој вашето семејство со генерации го има. Тотално не разумна грчката политика во време кога светот се обединува. Ако навистина Грците го сметаат Александар за Грк и се сметаат за негови наследници, тогаш треба да се владеат според неговите начела, а тој од секогаш ги почитувал другите народи и вери. Така ваквото грчко однесување воопшто не е содветно со античките Македонци, туку е типично за античките Грци, познати како трговци но и пирати. Не случајно велат чувај се од Данајците кога и поклони носат. Ваквата политика, Грција веќе дваесет години ја води, но сега за прват преку владина институција излегува со својот званичен став. Вез никакви аргументи, на сила и со уцена, таа бара за да се реши спорот за името со употреба на сложено име со географска одредница за употреба во односите со секого. За Грција тоа е како што велат „најдоброто решение за чесен и заемно корисен компромис, кој нема да создаде победници и губитници, туку ќе ги постави темелите за развојот на здрави и стабилни билатерални односи врз основа на принципот на почитување на добрососедските односи, и ќе ги зајакне мирот и стабилноста во поширокиот регион.“ Напротив, со ваквите правокативни барања кои се неприфатливи за Македонија, Грција наместо да го зајакнува мирот креира нестабилност. Политиката на црвени линии на Грција создаде монструм во нивната земја кој еден ден ќе ги изеде сопствените родители. Златна зора е само почеток на турбуленциите ни кои ќе минува Грција и регионот во нареднита деценија. Македонска нација |