|
|
Масакрот во Загоричани во 1905 година извршен на црковниот празник Благовец |
Грчката вооружена пропаганда, неколку месеци по колежот во Зелениче (13.11.1904), извршила нов масакар врз македонското население во Егејскиот дел на Македонија. На 25 март (7 април нов.стил) 1905 г. околу 300 грчките андарти го запалиле селото Загоричани и го масакрирале цивилното македонско население. Во колежот извршен на црковниот празник Благовештение (Благовец) биле убиени 62 жители (жени, деца, старци), а имало и многумина ранети. Колежот го организирал костурскиот митрополит Германос Каравангелис затоа што еден дел од населението се откажало од Вселенската патријаршија и ја прифатило Егзархијата. Во XIX век Загоричани бил еден од главните центри на преродбата во Костурско. На почетокот на XX век, жителите на селото речиси целосно се откажале од Цариградската патријаршија и се приклучиле на Егзархијата, со цел да ја следат богослужбата на славјански јазик, како и да учат на мајчин јазик во двете црковно-славјански училишта во селото. Соочени со тешкиот ропски живот, населението масовно се вклучило во револуционерната борба на Македонската револуционерна организација (МРО) и зело учество во Илинденското востание во 1903 година. Во текот на востанието селото е опожарен од турската армија на 15 август 1903 година, а околу стотина, деца и старци се исклани. Сепак тоа не го скршило духот на македонското население, кое било подготвено на повик на Организацијата повторно да се крене на востание. Меѓутоа, по Илинденското востание 1903 година, се интензивира грчката вооружена пропаганда во Македонија. Во текот на 1904 година, Атина почна да испраќа се повеќе вооружени чети во внатрешноста на Македонија со цел да се спречат Македонците повторно да кренат востание, бидејќи се претпоставувало дека тогаш би можело да биде признато барањето на Македонската револуционерна организација за автономија на Македонија, со што територијата на Македонија засекогаш би била изгубена за Атина. Поради ваквите цели, грчката пропаганда предводена од митрополитот на Костур, Германос Каравангелис, се ставила на услуга на турските власти и го потпомагала уништувањето на четите на Македонската револуционерна организација. Иако нивните акции биле противзаконски и подложни на казна, бидејќи андартите кога ќе се сретнеле со редовната турска армија се предавале без оружје, нивното судење го извршувале обичните судии и донесените пресуди биле без поголеми последици по членовите на грчката вооружена пропаганда. Според тогашните извештаи, во битката со четите на Македонската револуционерна организација во Ениџевардарско, андартите им помагале на турската војска, а нивните ранети биле лекувани во турските воени болници. Во овој период, сојузот со Турците бил времен за Грците. Тој им служел на Грците за се уништат четите на МРО и да се потчини македонското население кое им давало поддршка, а дури потоа тие биле спремни да ги изнесат своите аспирации врз територијата на Македонија. Меѓутоа, селата како Загоричани кои активно зеле учество во Илинденското востание и се откажале од Цариградската патријаршија, станале пречка за остварување на грчката мегали идеја. Поради тоа, андартот Георгиос Цондос, познат како капетан Вардас, решил да го казни селото. Како повод бил земен опожарувањето на Чуриловскиот и Сливенскиот манастир (Св. Никоалај), кои биле прибежиште на четите на грчката вооружена пропаганда, од страна на четите на МРО. Според Стаматис Раптис, кој пишува за активностите на грчката пропаганда, на андартите им било наредено да ги убијат сите жители на селото над 16 години. Дури и самиот Германос Каравангелис признал дека обезбедил список на истакнати поединци кои Капетан Вардас морал да ги убие. Грчките андартски чети на Георгиос Цондос, Евтимиос Каудис, Георгиос Макрис и Павлос Гипарис, капетаните Јоанис Каравитис, Теодорос Кукулакис, Јоанис Пулакас, Стефанос Дукас и Филипос Китринјарис кои се концентрираат во селото Лошница, на 20 март 1905 година броеле околу 300 лица. Меѓутоа, ваквата концентрација на силите на грчката пропаганда не останала незабележана. На 24 март 1905 година италијанскиот жандармериски офицер во турска служба во Костур Козма Елилио Манера добил информации дека се подготвува андартски акција и му наредил на турскиот офицер Нијази бег да преноќева истата вечер во Загоричани, но тој наместо во споменато село престојувал со одредот во блиското Куманичево. Иако и во блиската Клисура се наоѓал турски воен гарнизон, движењето и акцијата на андартски чети останала незабележана, што подоцна било основа за сомневања дека грчките андарти имале тајна поддршка на турската официјална власт. Едноставмо било неприфатливо објаснувањето дека движењето на таква бројна чета останало незабележано од органите на цивилната и воената власт. Всушност, неколку дена пред нападот, турска војска, дошла во Загоричани, исто свирела со труба, а офицерот го смирувал населението велејќи им дека штом ќе ја слушнат трубата, да знаат дека тука е војската и да не стравуваат. Неколку дена пред нападот, аскерот правел претреси во Загоричани, па, ако некои од селаните имале оружје тоа го скриле и не го имале при рака, за да се бранат. Заминувањето на Костурско кајмакам, без да се јави пред консулите, е уште еден не помалку сомнителен факт. Така, на 25 март (7 април нов стил) 1905 година, на црковниот празник Благовештение (Благовец), грчките чети кординирани од Ставрос Цамис, прво го опкружиле, а потоа рано утрото го нападнале селото Загоричани. За да се измами населението, нападот бил проследен со звуци на воените труби кои ги користела турската армија. Тоа бил дел од тактиката на андартите, кои знаеле дека месното насление ќе скрие оружјето за да не биде најдено при претрес од страна на турската власт. По нападот во селото пламнаа пожари, а во центарот на Загоричани, андартите од сите страни собрале 20 лица истакнати возрасни граѓани. По два часа, кога пристигнала турската армија на чело со Нијази бег и селаните кои избегале уште при нападот во соседните села, андартите се повлекле со заробените во планината Врбица. Во селото оставиле убиени 39 момчиња и мажи, 7 девојки и жени, а на Врбица биле убиени 14 мажи, меѓу кои и шеесетгодишниот селски поп Стефан. Со градоначалникот на селото и неговата ќерка, вкупниот број на загинати биле 62, а шест други беа повредени. Од сите заробени само еден човек се вратил во селото. Меѓу убиените биле по грешка и неколку шпиони на Германос Каравангелис. Меѓу убиените во село Загоричани биле следните лица: 1) Ноле Дуков 100 годишен, 2) Таси Рапов 50 г., 3) Мите Лазов 56 г., 4) Кузо Самарџијата 48 г, 5) Иван Колокотронкин 25 г., 6) Јани Кандзов 58 г., 7) Христо Кандзов 48 г., 8) Ицо Маразето 60 г., 9) Мите Филцов 50 г., 10) Мище Јоткин 75 г., 11) Стојан Костандов 40 г., 12) Кирјак Сапунаров-Палјачо 47 г., 13) Петар Шпатов 20 г., 14) Ноле Манчев 70 г., 15) Гиро Василев-Моди 20 г., 16) Мите Погончев 70 г., 17) Петар Мацурев 55 г., 18) Сидо Вулев 51 г., 19) Никола Блачев 54 г., 20) Син му Георги 17 г., 21) Марко Вангеловски-Калфата 75 г., 22) Јане Курувешов 60 г., 23) Гило Курувешов 45 г., 24) Таси Курувешов 40 г., 25) Зисо Димовичин 75 г., 26) син му Петре 14 г., 27) Јане Зафираков 20 г., 28) Мите Констандинкин 50 г., 29) Георги Ронза говедарина 65 г., 30) Георги Тагаров 26 г., 31) Христо Темов 63 г., 32) Димитар Кондев 40 г., 33) Дине Цуцулев-Даскало 45 г., 34) Кузо Дрендов 76 г., 35) Дине Колев-Бушунанчев 25 г., 36) Коле Јунако 18 г., 37) Филе Ѓончев 50 г., 38) син му Стојан 20 г., 39) Јако Евреина трговец 70 г., 40) Пандевица Миталкова 25 г., 41) жената на убиениот Васил Чичов 45 г., 42) Тана – ќерка на Јане Кандзов 14 г., 43) Ангелина, ќерка на Кузо Самарџијата 10 г., 44) Елена, ќерка на истиот Кузо 7 г., 45) Марија, ќерка на истиот Кузо 4 г., 46) нивната мајка Султана 40 г., 47) поп Стефан 60 г., 48) Вангел Гацов 70 г., 49) Никола Костандов 75 г., 50) Кузо Нанов 55 г., 51) Кузман Костандов 75 г., 52) Мите Шклифа 65 г., 53) Ванук Киров 50 г., 54) Коле Илко Дуков 30 г., 55) Васил Чичов 55 г., 56) Наум Мишков Драшката 65 г., 57) Андон Печитиков 50 г., 58) Јанчо Туруфиев 50 г., 59) Наки Калешин Гајдаџијата 47 г. и 60) Коста Шефов 65 г. Уште за време на нападот, двајца курири биле испратени да ја известат власта во Битола, но тие биле притворени од турски атентати пред да стигнат до градот. Сепак јавноста ќе биде известена за инцидентот, по што ќе биде испратена меѓународна комисија во Загоричани (Продолжува) |