|
|
Ужаси од војните кога Македонија стана пекол, а за тоа алармираа светските интелектуалци |
Сведоштва од Првата светска војна најтрагично минато на македонскиот народ Браќата Митре и Петре од мариовското селото Старавина за време на Првата светска војна биле на позициите на македонскиот фронт кај местото Соколот, војувајќи еден против друг, цели три години. Едниот бил војник во бугарската војска, другиот во српската. Биле на оддалеченост од 100-ина метри, но не знаеле дека се толку блиску еден до друг. Од околните ридови го гледале родното село, но не можеле да ги посетат своите најблиски. И двајцата биле мобилизирани од српската војска во 1914 година. Меѓутоа, Петре бил заробен во битката на Дрина од Австоунгарците и од логорот го ослободиле Бугарите есента 1915 година за потоа да го испратат на фронтот кај Кајмакчалан, каде што на спротивната страна се наоѓал неговиот брат Митре, кој ја преживеал голготата на српската војска во Албанија и стасал на Крф. Како ги завршиле животите браќата од Старавина не се знае, не се знаат ниту нивните гробови. За трагична судбина на Митре и Петре, за тоа дека на фронтот пукале еден против друг се дознало откако завршила војната од нивните соселани кои, исто така, биле на позициите со нив и имале среќа дома да се вратат живи. Еден бугарски офицер во дневникот што ќе го води на фронтот ќе забележи една друга македонска судбина на браќа кои биле во спротивставените војски на фронтот. Едниот пукал од рововите на бугарската, другиот од рововите на српската војска. Меѓутоа, за разлика од Митре и Петре, тие дознале дека се еден наспроти друг на оддалеченост од стотина метра. Околу полноќ, кога ќе молкнеле оружјата, често се довикувале, распрашувајќи се за домашните. Тој нивен разговор го слушале војниците од обете страни. Чекале да дојде полноќ за да видат што ќе си кажат браќата. Ова се само два примера како родени браќа биле присилени да пукаат еден во друг, а нив ги има илјадници. Балканските војни и Првата светска војна на еден или на друг начин одново стануваат актуелни во последно време кај нас. Еве веќе неколку години официјална Софија настојува да ги возобнови гробиштата на своите војници паднати на македонските простори. Тоа најпрво го направија во струмичко Ново Село, а на чинот на возобновувањето на гробиштата му беше дадено највисоко државно значење. Специјално за тоа со својата гарда границата ја премина претседателот на бугарската држава. Пролетва на Денот на помирувањето, по иницијатива на првиот наш парламентарец, со полагање венци на бугарските и на српските гробишта, симболично беа помирени двете балкански држави кои во тие војни беа најлути противници. Чинот на симболичното подавање рака на помирување треба да се поздрави, зашто сите војни што се воделе до сега наместо добро, носеле зла. Истиот ден во Цапари претставници на бугарската држава открија и спомен-плоча на паднати бугарски војници, а од Софија се најавува возобновување на многу други нивни воени гробишта и споменици. Во сите овие иницијативи на соседите да не се заборават загинатите, македонската држава е нем посматрач. Тогаш кога се помируваа Бугарите и Србите во Битола, никој не спомна дека во тие страшни војни гинеа и македонски синови, доброволци или присилно мобилизирани во нивните војски и натерани да пукаат еден во друг, брат во брата, татко во син. Никој не спомна дека тогаш цели седум години крвавеа македонските полиња и планини, никој не кажа дека највисоката цена на тие војни ја платија луѓето што живееја на македонските простори каде што немилосрдно се пресметуваа туѓите војски за свои интереси. Периодот од 1912 па се' до 1919 година е најкрвавиот дел од македонското минатото, за кој пошироката јавност малку знае. Тие години се подраматични и од славната илинденска епопеја, попогубни од сите дотогашни војни и по бројот на загинатите и по страдањата на населението. Карнегиевата комисија формирана да ги истражува ѕверствата по Балканските војни ќе напише: „Македонија, веќе, не гроб, стана пекол“. Ако малку се ѕирне во тоа што е оставено како пишан документ од тоа време или, пак, ако се слушнат усните кажувања на нивните синови и внуци за несреќните судбини на нивните татковци и дедовци зафатени од виорот на војната, ќе се види дека тие години се случувала невидена драма. Немало македонско семејство што не било засегнато од стравотиите на војната. Во тие седум години, додека се војувало, војските од обете страни, придружувани од сопствените паравојски и подгревани од силните пропаганди, немилосрдно се пресметувале, вршејќи страшни колежи, оставајќи зад себе пустош. Одгласите од Првата светска војна ги слушаме и денес во Мариово и Битола по експлозиите на заостанатите бомби. До сега никој не успеал да ги изброи македонските жртви, ниту, пак, можел да го направи тоа, зашто тие што ги бележеле имињата на загинатите Македонци ги заведувале или како Бугари, или како Срби или, пак, како Грци. Меѓутоа, нашите соседи многумина од нив не успеале да ги запишат во воените дефтери, па така не се знае каде гнијат нивните коски, каде им се гробовите за нивните потомци да им запалат свеќа. И по создавањето македонска држава на Илинден во „Прохор Пчињски“, биле оставени да ги слават и величат државите што ги присилиле да војуваат за нив, да ги претставуваат како свои воини. Никој до сега не сакал или, пак, немал храброст да им каже дека тоа биле наши луѓе, а не Бугари, Срби или Грци, како што ги претставувале тогашните пропаганди. Тие луѓе заслужуваат многу поголема почит од македонската државата, нивните внуци и правници треба да знаат за воената голгота што ја преживеале. Помина речиси еден век од тој пекол, сеќавањата на нив бледнеат, а тие наши луѓе не треба да заборават, да се избришат од нашето паметење. Ако ништо друго, треба да им се подигне споменик кој ќе сведочи и предупредува на тоа страшно време за да не се повтори. Директорот на Институтот за национална историја Тодор Чепреганов вели дека многу држави направиле споменик на незнајниот јунак, а тоа треба да го направи и Македонија и на тој начин да им се оддолжи на сите оние што загинале во сите наши востанија и војни, без разлика што не биле тие војни наши, туку се воделе за туѓи интереси. „Во Балканските војни и во Првата светска војна Македонци учествувале во сите војски, и во бугарска и во српска и во грчка, дури биле присилени да се борат меѓу себе браќа и роднини. Тоа е најголемата македонска трагедија“, вели Чепреганов. Тој додава дека во последно време малкумина историчари се занимаваат со Балканските и Првата светска војна. „Тој дел од нашето минато не е докрај истражено и ќе мора да се доистражи“, нагласува тој. Александар Стојчев е единствен од македонските историчари што во последно време ја истражува Првата светска војна. Магистрира на тема „Дојранските позиции на македонскиот фронт“, а моментно работи докторска теза за македонскиот фронт од 1915 до 1919 година. И тој смета дека најдобар начин да им се оддолжиме на загинатите е да им се подигне споменик. „Многу македонски војници биле погребувани како припадници на други војски, некогаш и во заеднички гробници. Единствен начин да им се оддолжиме е државата да им подигне споменик, на кој ќе се напише дека тие војувале во разни војски, дека биле доведувани во ситуација да пукаат едни против други и да гинат за туѓи интереси“, вели Стојчев. Тој, исто така, смета дека овој трагичен дел на македонската историја не е истражен и сета вистина за нашето учество во Балканските и во Првата светска војна не е кажана. „Тоа треба да се направи за сите странци кога ќе дојдат во Македонија да знаат дека во војните гинеле и наши луѓе и дека на Македонците тогаш им е нанесена голема болка и штета“, вели младиот историчар. Додека читавме за многуте ѕверства на македонските простори постојано не' следеше дилемата дали треба сега, по стотина години од тие крвави настани, да се потсетува на нив. Натежна убедувањето дека, сепак, за нив мора да се знае, за да не се повторат никогаш. Сигурно од минатото не се живее, а потсетувањето на него отвора длабоки рани. Меѓутоа, без познавање на сопствената историја, ниту еден народ не може со сигурност да гради успешна иднината. „Утрински весник” во овој фељтон ќе потсети на времето кое остави драматичен печат во нашето минато. Над 50.000 загинати војници и ликвидирани цивили Точно не се знае колку Македонци учествувале во Балканските и во Првата светска војна. Се смета дека во двете балкански војни на едната или другата страна учествувале околу 30.000 Македонци, доброволци или, пак, насилно мобилизирани. Постојат сигурни податоци дека бројот на македонските ополченци што ги испратила Софија да војуваат на Едрење, а не во Македонија, изнесувал 15.670. Во Првата светска војна нивниот број е многу поголем. Во трите различни армии биле мобилизирани околу 200 илјади - во српската околу 50 илјади, во бугарската меѓу 100 илјади и 120 илјади и во грчката околу 20 илјади души. Само во Единаесеттата македонска дивизија која била под бугарска команда се наоѓале над 30.000 Македонци. Колку од нив загинале точно не се знае зашто во воените евиденции нив ги определувале или како Бугари, или како Срби или како Грци. Се знае само бројот на загинатите ополченци - 3.631 човек. Александар Стојчев посочува еден англиски документ во кој се спомнувало дека само во една битка кај Градско во 1915 година меѓу македонски единици и француската војска загинале околу 2.000 Македонци. Само во еден напад на македонска единица кај Дојран загинале околу 600 лица. Стојчев проценува дека вкупната бројка на загинати војници, на ликвидираните цивили и на умрените од болести појавени во војните изнесува околу 50.000 лица. Преземено од записите на Виктор Цветановски |