|
|
„Нема да бидат поштедени и жените и децата“ - се вели во писмото на капетан Акритас |
„Селаните на Св. Марина, Јамчишта и други села од Сланицата му донеле на Апостол писма испратени од андартите со потпис: "Ваш брат по вера Костас Акритас". "Братот по вера" ги предупредуваше да не испраќаат до европејците жалби и протести против "војниците на верата", бидејќи непослушните ќе бидат убивани. "Нема да бидат поштедени и жените и децата; ние ќе ги исечеме на парчиња. Ќе убиваме секој кој е против нас ", - завршуваше писмото на капетан Акритас. Писмата носеа дата од 7 февруари 1906 година.“ – сведочи во своите спомени американскиот новинар и писател Алберт Сониксен. Во последните денови на февруари 1906 година во Ениџевардарското Блато пристигнал војводата Лука Иванов, заедно со американскиот новинар и писател Алберт Сониксен. Американецот кој го познавал македонскиот јазик оставил силен впечаток врз македонските комити на војводата Апостол Терзиев и тие се однесувале кон него како кон човек на Македонската револуционерна организација. Сониксен не бил почетник во оваа област. Неколку години порано, тој како учесник во американската воена експедиција на Филипинските острови, преминал во логорот на востаниците, кои се бореле за независност на Филипините. Авантурите од овој поход Сониксен подоцна ги опишал во книгата "Десет месеци пленник во Филипинските острови". Исто ќе го повтори и по престојот меѓу македонските револуционери. Тој подоцна ќе ја напише книгата „Исповедта на еден македонски четник“. Македонскиот револуционер и историчар Христо Силјанов, кој во своето дело „Ослободителните борби на Македонија“ го бележи доаѓањето на Алберт Сониксен во логорот на легендарниот војвода Апостол Терзиев, за американскиот новинар и писател вели: „Странецот ја заслужил таа доверба. Алберт Сониксен му припаѓа на онаа категорија идеалисти кои својот живот го посветија на служење на возвишени и благородни цели во далечни и непознати земји. За разлика од обичните протестантски мисионери, сепак, тој одбра едно бурно и ризично поприште - тоа на македонскиот револуционер. Заинтересиран по пишувањата на американскиот печат за време на Илинденското востание, тој замина во Бугарија. Тука Сониксен, во текот на близу две години, го изучува јазикот, преку тесни врски со македонските револуционери, се вљубува во Македонија и во содржајни и истовремено заносни коментари ги опишува нејзините страдања и борби за американските весници. Потоа тој изразил желба да земе непосредно учество во револуционерната борба. Организациското раководство ја даде своја согласност и неопходните наредби до соодветните комитети. Луѓе на Комитетот го пречекаа Американецот на Воденската железничка станица, посебни селски курири го изведоа во текот на ноќта во полето, а кога стигнаа на планината, други селани се појавија од темнината и продложија со коњ. Во мугрите Сониксен се прегрна со војводата Лука - пријател од Софија, со кого беше го запознал Даме Груев. Поминаа неколку дена во скитање низ планините и селата во Воденско, што му овозможи на Сониксен да ја види секојдневната вознемиреност на организираното население и да ги почувствува маките на четничкиот живот.“ Во тоа време, исчезнувањето на Сониксен од Воден, каде пристигнал со редовен пасош, бил повод за европскиот печат да говори дека дописникот на "Evening Post" бил "киднапиран од разбојници". Тоа ќе ги натера турските власти да испратат потери на сите страни. Меѓутоа, набрзо тајната за "киднапираниот американец“ се дознала и турската власт попусто се обидувала да го фати или барем да му открие трагите. Префрлајќи се од чета во чета, Сониксен во текот на десет месеци, поминал поголем дел од Македонија, со две подолги престојувања во мочуриштето, како комита, и во Битола, како нелегален. Тој се сретнал и запознал одблизу со македонските револуционери од сите категории: војводи, учени и прости, граѓани и селани, интелигентни госпоѓици во Битола и овчари по планините. Тој е единствениот странски писател кој во директен контакт проникна во интимниот живот на организацијата. Виденото, слушнатото и преживеаното Сониксен го пренесе во неговата книга "Исповедта на еден македонски четник" - (издание на Македонскиот национален комитет, Софија, 1927, стр. 160, со 16 слики ). Авторот во своето дело го пренесува, како што вели Силјанов, „со неизменети директни забелешки над своите другари - нивниот идеализам, суровиот карактер и други индивидуални особености - и мислите за настаните и за непријателите, против кои организацијата и сам тој - доброволен четник во нејзините редови - се борат. Карактеристиките што ни ги даде, носат печат на длабок увид. Неговите описи на природата се фасцинантни. Сето ова ја прави Сониксеновата "Исповед" исклучително вредна за историјата на македонските ослободителни борби“. На фотографскиот апарат на Сониксен, како што ни пренесува Силјанов, се должат повеќе вредни фотографии направени на самото место: Дамјан Груев и Сандо Китанов (земени еден месец пред нивната смрт), на Апостол војвода, на цели чети и на четничките логори во мочуриштето.“ Исто така, „со својот "Исповед", Сониксен во Америка си создаде име на прв познавач на македонското прашање. Како таков, тој, на барање на владата на САД, напиша извештај за запознавање на на американската делегација при потпишувањето на мировните договори во Париз во 1919 година“ - пишува македонскиот револуционер и историчар Христо Силјанов. Христо Силјанов во своето дело ни пренесува дел од описите на Сониксен за време на престојот во Ениџевардарското Блато. Во нив американскиот нивинар пишува: „Влеговме четворица во чамецот и пловевме по течението на сината магла. Имаме посебно чувство на изненадување, откако се упативме во просторот. Ништо не можеше да се види, па дури и матната вода по која се движевме. Над нашите глави брзо се појавуваа и исчезнуваа гранки, како црни мистериозни предмети. Ние се движевме со голема брзина. Маглата почна да се намалува и со повлекувањето неочекувано се откри околината. Нашите чамци брзо пловеа низ широк канал. Крај нас се движеа шуми, полупоплавени, црни, безлисни дрвја и ползавечки растенија, лежејќи и треперејќи над калливата вода. Овде онде се откриваа и простори со црни трска, меѓу кои неподвижно седеа и гледаа чудовишни маслиново-зелени жаби. Имаа големи очи, со жолти кругови околу нив, како да беа нивни фантастични златни наочари. Отстапивме од широката река и почнавме да се провлекуваме меѓу црните дрвја и тунели од испреплетени гранки. Пловевме полека. Еден го туркаше чамецот со прачка која ја опираше на дното на водата. Многу диви птици летаа над нашите глави. Од едно гнездо излезе сокол и ранесе силен мирис на мрша. Ние навлеговме во мали лагуни, од кои се гледаа отворени просторанства на вода. Диви патки и гуски полетуваа. Видов и неподвижни и замислени жерави кои гледаа во тивката мочуришна вода. Дрвјата почнаа да се намалуваат. Ние пловевме по кривините на тесната водена патека низ висока трска, која насекаде испреплетуваше своите стебла и поминувавме под нејзиниот свод. Неочекувано за мене, излеговме на отворено езеро и пред нас се откри мал остров, на чии што брег имаше две колиби. Од едната димеше. Се слушна вик и околу дваесет луѓе излегоа од колибата. Тоа беа луѓе со долга коса, некои со бради, но сите беа облечени во познатите сиви потури и бели калци. Тие се собраа во пристаништето и истовремено не поздравуваа. Нашите луѓе од бродот одговорија. - "Ова е наш постојан гарнизон", - објасни Лука (војводата Лука Иванов – н.з).“ „Додека луѓето на Лука, видени само за време на поход, му се чинеа "неопределени фигури наметнати ноќно време со пелерини, една редица од молчаливи сенки кои се движеа по темните планински патеки", - Апостоловите четници набљудувани сега при дневна светлина, "стоеја во животниот блесок на реалноста - една толпа без бради, весели и зборлести момци живописни по изглед, во цветни појаси, некои со долги коси, иако и сосема не наликуваат на разбојниците кои ни ги представуваат театарските директори. Исто така, за такво нешто имаше малку личен накит и премногу добродушни лица. Како да беа некој камп во милиционери - доброволци." Вечерта сите се собраа во колибата. „По средината светна голем оган, а чадот излегуваше низ трската на покривот. На дното послаа голема черга врз дебел слој рогозина. Овде Лука, Тодор и јас воспоставивме постојано сместување. Ниту еден аристократски салон не бил поубаво украсен со оружје. Над глава на секој четник висеше манлихерова карабина, нож и нагант." Во утринските часови Лука и Сониксен беа посетени од страна на Апостол, кој дошол да ги покани во својата колиба. "Првиот кој скокна на брегот беше слаб, црномурен човек, на средна возраст, со бели албански, тесни, опнати потури, со црна и широки ракави кошула, вооружен не само со манлихерка и нагант, туку и со кама со сребрена рачка, која висеше над неговио т реденик. И да не го познавав, ќе претпоставев кој е тој, бидејќи неговите портрети висат во сите кафеани во Бугарија, токму во тие комитски облеки. Поканата беше усвоена со готовност и чамците отпловија кон резиденцијата на Ениџевардарскиот војвода. "Местото на Апостол личеше на чифлик. Низ езерото пливаа питоми патки и гуски, а околу трите колиби скитаа пилиња, кокошки, овци и кози. Имаше и еден овен - ксмет на четата, едно немирно животно кое влегуваше и излегуваше од колибите, ги газеше и будеше заспаните и ги бодеше со роговите кога го бркаа. Ми рекоа дека овој овен бил прекрасен придружник во ноќните походи. Тој одел на чело на колоната зад војводата. Ненадејно тој ќе застане, ќе пушти шумен звук низ ноздрите и ќе тупне по земјата со предните нозе. Ова предупредување секогаш беше успешно: Некој ќе биде на патеката, пријател или непријател. На овој начин, овенот ја спасува четата од многу изненадувања ". Резиденцијата на Апостол не беше само "чифлик", туку и "прибежиште на сите оние кои бегаа од турското правосудство". Кај Апостол имаше четиринаесетгодишно момче кое ја украло пушката на турски пољак, кој спиел во полето. Друго седумнаесетгодишно момче, кројачки калфа, дојде тука, бидејќи имаше прободено со нож пијан војник кој го тепал. Еден стар човек дошол ноќно време во мочуриштето и бил прибран во логорот. Тој убил еден Албанец, управител на чифлик. Една недела подоцна, тој дошол и неговиот син, речиси дете, кој повредил со камен некаков стражар. На овој начин, Апостол беше собрал еден голем логор од негови приврзеници - "Засолниште за Апостоловите сирачиња", како што го нарекуваше Лука.“ Набрзо по пристигнувањето на војводата Лука, околу Блатото се одиграа драматични настани со грчката вооружена пропаганда кои Сониксен ги опиша како свидетел и участник. Во својот опис на судирот со андартите, како што шренесува Силјанов, американскиот новинар вели: „Селаните на Св. Марина, Јамчишта и други села од Сланицата – така се нарекува областа на запад од Езерото – му донеле на Апостол писма испратени од андартите со потпис: "Ваш брат по вера Костас Акритас". "Братот по вера" ги предупредуваше да не испраќаат до европејците жалби и протести против "војниците на верата", бидејќи непослушните ќе бидат убивани. "Нема да бидат поштедени и жените и децата; ние ќе ги исечеме на парчиња. Ќе убиваме секој кој е против нас ", - завршуваше писмото на капетан Акритас. Писма носеа дата од 7 февруари 1906 година. (Грчките митрополити ги нарекуваа андартите "војници на верата" и "војници Христови") Акритас нема да задоцни да мине од закани на дело. На 28 март, тој со 50 луѓе го нападна селото Св. Марина, но не успеа да ја исполни својата страшна закана. Дваесет милиционери ги пречекаа од оградите на своите куќи. По половина час пристигнаа на помош милиционери и напаѓачите почнаа да "бегаат без никакви правила за повлекување", - како што вели Сониксен, - и оставија пет загинати лица. Селаните имаа само еден убиен. Уште при првите пукотници, десетина чамци со дваесетина четници и Американецот брзо тргнаа кон брегот, а од таму до Св. Марина, каде битката веќе била завршена. Сепак милиционерите ги поздравиле радосно своите вооружени браќа и им ги покажале убиените андарти. "Ние подигнавме еден од нив. Тој беше висок, убав, со брада. Неговата чанта содржеше писма. Беше очигледно дека тоа беше секретар на Капетан Коста " – ни го пренесува Силјанов во своето дело спомените на Сониксен за овој настан. (продолжува) Подготвил Т. Каранфилов |