Среда, 22 Август 2018   
Дента кога македонската делегација беше на пат за Нивици, Заев со себе требаше да понесе еден венец

„Преспа во пламен и чад"

prespa53-1
Само црквата „Свети Никола“ е останата од селото Орово, Мала Преспа

Пред извесно време можевме на македонската телевизија да го видиме телефонскиот повик од грчкиот премиер Алексис Ципрас до неговиот македонски колега Зоран Заев. Ципрас го започнува разговорот со зборовите: Zaev my friend, do you know the Prespas region history? (Заев, пријателу, дали ти е позната историјата на преспанската област?)

Заев, изгледа збунет од прашањето или не знаејќи што да одговори, само нешто промрмори и го сврте разговорот на друга страна, а ние, гледачите, ја изгубивме можноста да разбереме што Ципрас сакаше да раскаже за историјата на Преспа. Можеби ќе научевме, како што ми довери еден мој грчки познаник дека нивниот наставник по географија ги учел: ако цела Преспа би била грчка, тогаш Преспанското Езеро ќе беше најголемото езеро во Грција.

Додека ние денес во Република Македонија знаеме барем нешто за историјата на делот од Преспа што е во рамките на Република Македонија, историјата на деловите од Преспа што потпаднаа под Грција и Албанија, малку ни е позната. Гледајќи го преносот од потпишувањето на преспанскиот договор и инсертот од телефонскиот повик на Ципрас, се сетив на делото на Коста Мундушев „Преспа во пламен и чад”, Ресен 1988 година. Мундушев, самиот од село Роби, денес Лемос, во неговата книга ни ја опишува историјата на Мала Преспа, особено за време на Втората светска војна 1940 – 45 година  и Граѓанската војна во Грција 1946 – 49 година. Тој претежно се задржува околу селата  Роби, Герман (Агиос Германос), Медово (Милионас), Нивици (Псарадес), Граждено (Врондеро) и други.

Овде ќе наведам семо неколку исечоци од делото на Коста Мундушев:

На 17 јануари 1944  седум младинци од Леринско кои беа на 17- 20 годишна возраст, со намера да се придружат на македонските партизани се наоѓале на месноста помеѓу Медово и Роби. Тука тие биле заробени од бугарската војска и однесени на Маркова Нога. На Маркова Нога сите седум беа убиени со копачи и ножеви. Покасно општинското собрание на Ресен, во чест на овие момчиња во непосредна близина на грчката граница подигна спомен-плоча и засади седум борови.

На 13 ноември 1946 година грчките монархисти на смрт осудија 13 млади луѓе од Герман. Тоа беа: Методија Торков, Стојан Јанков, Герман Боглев, Васил Белев, Фоте Мечкаров, Стојан Љангов, Вангел Четелев, Јоше Јованов, Андреја Иванов, Лазор Русев, Вангел Нушев, Герман Бабинкостев и Герман Младенов. Казната е извршена на 28 октомври 1948 година. Монархистите ноже ги земаа 13-те момчиња од затворот од Лерин и ги товарија на камион. Кога ги носеа по главната улица во Лерин тие на глас ја пееја песната „Во борба, во борба македонски народе”.  Кога момчињата ги построија во ораницата до ископаниот гроб, тие пак пееја револуционарни песни и викаа „Гинеме за слободата на Македонија”.

prespa53-2

На 15 август 1948  година во Лерин беше убиен Лазо Ангеловски од Граждено, село под Нивици, Мала Преспа. Лазо беше организатор и предавач на курсот за македонски учители, летото 1947 година во Герман. Во местото Шупурка на преминот од Бела Вода за Буф во септември 1947 година беше фатен од монархистите и осуден на смрт, поради организирањето на македонските училишта во селата во Мала Преспа.

На ден 15 август 1948 монархистите го врзаа Лазо Ангеловски со јаже за еден коњ и го влечкаа по улиците во Лерин. Со тоа тие сакаа да ја прикажат омразата кон еден македонски просветител.

На 12 февруари 1949 година единиците на ДАГ извршија напад на Лерин со цел да го заземат. Во редовите на ДАГ беше и 18-годишната партизанка Германија Пајкова од Герман. Во борбите беше ранета и заробена од монархистите. Тие по улиците на Лерин ја носеа со влечкање за да ја гледаат граѓаните. А улиците беа исшарани со крв. Германија Пајкова беше свирепо убиена.

На 13 август 1949 година дојде наредба од ДАГ селаните од Роби, Герман, Медово и други да ги напуштат своите огништа затоа што војната беше изгубена и монархистите се наоѓаа во близина. Селаните бараа да се повлечат преку Маркова Нога и да влезат во Југославија, пат кој беше побезбеден, долг само неколку километри и низ шума. Водството на ДАГ нареди повлекувањето да биде преку Нивици, Псарадес, кон Албанија и македонското село Зрноско.

На 14 август 1949 година колоната од бегалци на отворениот простор под Нивици беше нападната од монархистичките авиони. На припекот од сонцето колоната остана цел ден, авионите летаа од два правци: од Костур и од Лерин. Истовремено владеачката елита на Народна Република Македонија и покрај тоа што го слушаа бомбардирањето уживаа во гозбите во новоизградениот хотел Југославија во Отешево (забелешка на авторот).

На 15 август 1949 година во близината на Роби монархистите ги погребаа неколку стотината жртви од бомбардирањето кај Нивици во масовна гробница.

Коста Мундушев со својата сопруга Дора и ќерката Васа која беше само неколку дена стара, беа едни од тие што го преживеаа бегството преку Нивици и потоа заминаа за Полска. Носталгијата за родното место го натера Коста во  1956 да се врати во Република Македонија и да се насели во Битола. Но своето родно село Роби, Коста Мундушев немаше право да го посети. Тој не беше Грк по род. Можеби и тој, како и мојот комшија во Битола, чичко Методија, кој беше исто од Роби, се качуваше на планината од југословенската страна од границата со Грција само да може да го наѕирне родното Роби.

Дали беше оваа историја на Преспа која Алексис Ципрас сакаше да му ја пренесе на  Зоран Заев? Или можеби тој има друга историја за Преспа која не ни е позната? Но, ако случајно Ципрас ги прочита овие редови, ние се разбира сме подготврни да ја слушнеме и неговата историја за Преспа.

Ако премиерот Зоран Заев, барем донекаде знаеше за каде е тргнат и донекаде ја знаеше историјата на Преспа, дента кога македонската делегација беше на пат за Нивици, тој  со себе требаше да понесе еден венец. Венецот требаше Заев, кога делегациите запловија со бродовите на гозбата во Отешево, да го положи во водите  на езерото во чест на цивилите што почиваат во масовната гробница кај Роби. Тој требаше да ја крене главата спрема планината и да испрати еден тивок поздрав до седумтте младинци, до седумте борови кај Маркова Нога.

Во едно телевизиски интервју Зоран Заев изјави дека со договорот од Нивици ситуцијата на Македонците во Грција значително ќе се подобри. Ако случајно тој ги прочита овие редови е добредојден да објасни каде е запишано во договорот од Нивици дека  Република Грција се обврзува да го признае македонското малцинство во Грција и да работи на подобрување на ситуцијата на Македонците во Грција? Премиерот Зоран Заев е добредојден да објасни каде во договорот е зацртано дека Република Македонија има право да работи на заштитување на македонското малцинство во Грција?

Нешто што изгледа е договорено во Нивици е ревизија на историјата и издавање на нови учебници по историја во Република Македонија. Тоа што нас нѐ интересира е дали во таа историја ќе се спомене стрелањето  на тринаесетте младинци и дали ќе се подигне спомен-плоча во нивна чест во оранцита кај стрелиштето во Лерин?

Делото на Коста Мундушев „Преспа во пламен и чад” е едно големо сведоштво за еден дел од македонската историја. Низ целата негова книга се чувствува болката што ја носи за изгубените соселани и изгубениот роден крај. Во неговата песна „Преспа во пламен”, Коста на поетски начин ги опишува болките што ги носи во себе.

Еве овде само два стиха од песната:

О! Патнику!
Си ја видел ли девојката Германија
Ранета и облеана во крв
Неа ја влечат по улиците на Лерин
Проклети маченички затвори
Со железни врати и прозори
Во Орово и Герман, Попли и Лок
Види ги и ќе ти се згрози
Во нив јунаци мачеа
За нив многу мајки плачеа
Ѕидови со трупови од мачени луѓе ѕидани
Ѕидови со крв и солзи премачкани
Момче младо!
На Перово не можам да одам!
Таму на реката мостот е урнат
И реката никој не можи да ја мине
Таму многу народ гине
Смртта побеснета  сѐ живо коси
И со себе многу народ  носи
Во песокот претаат ранети луѓе
На песокот лежат мртви луѓе
Во Езерото се фрлаат луѓе
Од луѓе тече крв
Од оган земјата и водата гори
Целиот езерски брег црвен се стори
Земјата се покри со пламен и чад
О, момче младо таму не можам да одам!

Јован Христовски

https://www.mkd.mk/kolumni/prespa-vo-plamen-i-chad

 

На прво место

News image

Мане Јаковлески: Мојот пат по стапките на месијата 2011 година (8)

Петта станица-десно кон улицата Францис, од каде патот нагло, остро се издига кон Голгота (Калварија...

Историја

News image

Границите на Македонија се таму, до каде што допира римскиот меч

Македонија станува римска провинција во 146 година п.н.е., откако римскиот војсководец Квинт Цецилие...

Иселеници

Култура и туризам

News image

ВО АНКАРА– ГРАДОТ НА АТАТУРК И ПРЕСТОЛНИНАНА ТУРЦИЈА(10)

ДЕЛ ОД ПОСЕТИТЕ НА ГРАДОВИ ВО СВЕТОТ ВО ПУБЛИКАЦИЈАТА „СВЕТОТ НА ДЛАНКА“ НА СЛАВЕ КАТИН 

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.