|
|
Во есента на 1943 година се формира Иницијативен одбор за свикување на Првото заседание на АСНОМ |
Вековниот идеал на македонскиот народ се постигнаВоените и политичките успеси во 1943 година го забрзаа развитокот на органите на народната власт, така што целата територија на Македонија беше опфатена со НО одбори. На слободните територии започна формирањето и на повисоки органи на народната власт, а се пристапи и кон подготовките за создавање на антифашистичкото народноослободително собрание (АСНОМ). Во есента на 1943 година се формира Иницијативен одбор за свикување на Првото заседание на АСНОМ, а во март 1944 година Иницијативниот одбор донесе одлука за избор на градски, селски, околиски и окружни НО одбори, како и за избор на делегати за Првото заседание на АСНОМ. Во пролетта и летото 1944 година во најголем дел на Македонија се одржаа селски, градски и окружни конференции, на кои се избрани раководствата на органите на народната власт и делегати за Првото заседание на АСНОМ. На 2 август 1944 година во манастирот Прохор Пчински започна Првото заседание на АСНОМ. Покрај избраните 116 делегати, на Собранието присуствуваа делегати од: Врховниот штаб и на ЦК СКЈ, Главниот штаб на Србија, НОФ, АФЖ, НОМСМ и други, меѓу кои и шефовите на aмериканската и aнглиската воена мисија, акредитирани при Главниот штаб на Македонија, мајорот Дикенсон и капетанот Лемби. Најстариот по години член на Иницијативниот одбор Панко Брашнаров, учител од Велес, точно во 5:15 часот попладнето, при полна тишина со тивок и треперлив глас, го отвора заседанието. Пред домашните и меѓународните претставници тој ги изрече следните думи: „Во овој момент, во ова историско место „Св. Отец Прохор Пчински“ и на овој историски ден ИЛИНДЕН, кога објавувам да е отворено Првото Антифашистичко собрание на народното ослободуење на Македонија, душата ми е преполнена со радост и пред премрежените очи гледам како се раздвижиле сите реки од Пчиња и Вардар до Места и Бистрица, заплускујат е целата македонска земја, сакајќи да измијат од македонскиот народ десетвековниот ропски срам од пропасти на Самуиловата држава, за да се роди денеска нова, светла и слободна македонска држава. Во овој момент, земјата на нашите покојници, многубројни народни герои, паднали и посејали коските си по цела Македонија, им станује по лека и они во мир веќе го гледат изгревот на нашата слобода, гледат идеалната дружба на старите Илинденци, на Гоце Делчев и денешните Илинденци, младата македонска војска, и поставените темели за остварението на идеалот на две поколенија, на две епохи, слободна, обединена Македонија“. Пред присутните делегати на АСНОМ, од името на Инцијативниот одбор, реферат поднесе потпреседателот Бане Андреев – Ронката. Во рефератот кој е колективен труд на Иницијативниот одбор и на членови на ЦК КПМ и Главниот штаб на НОВ и ПОМ, продолжувајќи во духот на светлите илинденски традиции, меѓу друго се вели: „ ...На овој историски ден, на Илинден 1944 година, судбоносен за развитието на македонскиот народ, се состануе првото во историјата на нашиот народ Народно собрание - АСНОМ, како симбол на национална слобода и прокламатор на првата во историјата после Самуилоа македонска држава кое претставува кулминациона точка и е преломен момент во историјата на нашиот народ, кој ќе почне една нова епоха, епоха на творческа работа, национален живот, епоха на напредок. Во овој свет историски момент требе да кажеме оти македонскиот народ през векови тежки борби и надчовечни напреженија везден имал пред очите слободата на целиот македонски народ во рамки на слободна македонска држава. Во овој момент, кога целиот борчески пиемонт во Македонија е ангажиран во борбата против фашискиот окупатор, тој ги кани и останалите два дела на македонскиот народ да влезат во големиот антифашиски фронт, дека това е едниот пат за спечелување на правото на самоопределение и дека това е единствениот начин за обединение на целиот македонски народ во слободната заедница на слободните народи на Југославија. Борческиот пиемонт на Македонија тржествено прокламира оти нема да откаже никаква помош и нема да жали никакви жертви за ослободуене и на другите два дела на нашиот народ и за општото обединение на целиот македонски народ. Ако се знае оти борческиот пиемонт на Македонија е дел на Титова Југославија, тогај ќе стане јасно колку голема може да биде нашата помош и колку тврдо е нашето желание за обединението на целиот наш народ. Најважен факт со кој првото Македонско Народно Собрание требе да излезе, требе да биде историската прокламација за полна национална слобода на Македонија, со други зборови, това ќе стане радостен весник на вековниот идеал за слобода. Ако не се заборави оти цели поколенија искрвареа во борбата за тој велики идеал, јасно е оти неговото исполнуене прокламирано од првото македонско АСНОМ ќе претставуе епохално решение во политичкиот живот на нашиот народ. АСНОМ станува и останува единствен носител на народниот суверенитет на првата македонска држава. Правото на македонскиот народ оди до самоопределуене, отцепуене и присаединуене со други народи. Здобиени со вака неограничени права решенијата на првото Македонско Собрание стануват по свое значение историски и судбоносни. Од неговиот карактер, како единствен носител на полниот народен суверенитет, произлегуе дека првото Македонско Народно Собрание ќе ја преставуе највисоката и единствена народна власт, која преку Президиумот и НОВ и ќе ги решава сите животни прашања на нашиот натрешен живот, тргнувајќи везден од интересите на најшироките маси, кои са дале и уште даваат најмногу во оваја света народна борба...“ На Заседанието е избран Президиум во состав: претседател (Методија Андонов-Ченто), двајца потпретседатели (Панко Брашнаров и Мане Чучков) и 18 членови (од кои два секретара - Љупчо Арсов и Владо Полежина), потоа претставници од Македонија за АВНОЈ, како и повеќе помошни тела на Президиумот. Првото заседание на АСНОМ претставува државно конституирање на македонскиот народ. На него се донесоа повеќе решенија како: за конституирање на АСНОМ во Врховно законодавно и исполнително тело на Македонија; за признавање и одобрување акциите и задолженијата на Главниот штаб на Македонија и на Иницијативниот одбор во периодот до Првото заседание на АСНОМ; за заведување на македонскиот јазик како службен јазик во македонската држава; декларацијата за основните права на граѓаните во демократска Македонија и др. Во текот на заседанието на АСНОМ се објави прокламација до македонскиот народ, во која помеѓу другото стои: „Од тешките борби и пролеаната крв на најдобрите македонски синови излегува денеска Првото народно собрание, тој симбол на твојата слобода и изразител на твојот суверенитет... „Вековниот идеал на македонскиот народ се постигна“. На 28 декември 1944 година, во Скопје, во ослободена Македонија започна со работа Првото вонредно заседание на АСНОМ, познато како Второ заседание. На ова заседание на АСНОМ присуствуваа бројни делегации и делегати, што му даваше посебно политичко значење. Покрај делегациите од југословенските народи, присуствуваа и делегати од Отечествениот фронт на Бугарија и делегат на Националниот комитет на Бугарија. Во овој период интензивно се работи на припремите за припојувањето на Пиринскиот дел кон Народна Република Македонија. Сепак вековниот идеал на македонскиот народ не се исполни, а македонскиот народ остана и натаму поделен. По Резолуцијата на Инфорбирото во 1948 г., проектот е напуштен, а македонските дејци се изолираат. Бане Андреев повеќе или помалку ја следи судбината на сите негови соборци кои се залагаа за вековните идеали на Илинден, за обединета Македонија. Во 1949 г., иако дава јавна изјава дека е верен на партијата, поради сомнеж дека прикриено ја поддржува политиката на Советскиот Сојуз бил уапсен, а потоа во јануари 1950 година и исклучен од партијата. Разрешен од сите политички функции, Андреев ги ревидира своите ставови по што се враќа во партијата, но работи во Институтот за економски истражувања во Србија, повлечено од државно-политичките настани и подалеку од својата татковина. Тихомир Каранфилов |