|
|
Делата на Цепенков за Александар III Македонски |
Делата на Цепенков за Александар III Македонски Песната на Марко Цепенков Автор: д-р Ранко Младеноски Станува збор за песна од нашиот најактивен и најоригинален собирач и запишувач на македонски народни умотворби од 19 век. Тоа е песна со еден подолг наслов кој гласи Мајка Македонија ги советува своите чеда да востанат против тиранијата на Турците.6 Според својата содржина, но и според својата уметничка порака, оваа песна на Цепенков е многу слична со двете песни на Горѓија Пулевски („Самовила македонска“ и „Македонцим ув прилог“), а тоа го потврдува и Блаже Ристовски: „Оваа песна по многу свои карактеристики е слична на песните на Ѓорѓија М. Пулевски. Иако Македонците ги наречува и ’Бугари‘, и Цепенков посегнува по ’велика цара Александра што се слави и до ден- денеска‘. Тоа беше всушност говорот на генерацијата на Цепенков и на тој наш граѓанско-еснафски слој од македонските низини, од кои произлегоа Пулевски, Мажовски, Мушевич и др. што во основата на својата идеологија ја постави државноста и културата на античката македонска држава“.7
Помислете вие мили чеда: за велика цара Александра што се слави и до ден-денеска за негово чудо по земјата што напраи со негоа војска и отиде дури до Азија, во Азија при цара Дарија, го победи и данок зеде.8
Интересно е тоа што Цепенков во песната го споменува и историскиот податок за војувањето на Александар Македонски против персискиот крал Дариј III, односно ги споменува битките на македонските воини против персиската војска во кои Персијциге секогаш биле победувани. На ваков начин, со потсетувањето на големите победи на античко- македонската војска, ангажираноста на оваа песна добива во интензитет и во поголема мера ја постигнува основната интенција на нејзиниот автор - поттикнување и охрабрување на Македонците за нивното вклучување во ослободителната борба против петвековните поробувачи. Токму поради тоа, воопшто не е случајно што Марко Цепенков во поголемиот дел од својата песна дава опис за мошне тешката положба на македонскиот народ којшто секојдневно е подложен на тортури и измачувања од страна на „клетите Турци“ што, секако, треба да биде уште поголем поттик за да станат „сите на оружје“. Навраќањето кон исклучителното херојство и кон светската воена слава на античките Македонци и на најголемиот крал и освојувач во античкиот период, Александар III Македонски, во песната на Цепенков е во функција да ја засили веќе споменатата поетска поента, односно порака (повикот за борба) во втората половина на 19 век, т.е. во времето кога на сета територија од Македонија веќе зачестуваат организираните акции за слобода и за своја самостојна држава врз национална основа. 6) Првата објава на песната од Марко Цепенков: Майка Македония ги съветува своите чеда да востанат против тиранията на Турците, ,Автономия“, I, 28, София, 12.11. 1899, стр. 3; За ова, исто така, да се види: Марко К. Цепенков, Македонски народни умотворби, Книга десетта, Материјали, Литературни творби, Редактирал Блаже Ристовски, Македонска книга, Институт за фолклор, Скопје, 1980, стр. 244 - 246. 7) Марко К. Цепенков, Македонски народни умотворби, Книга десетта, Материјали, Литературни творби, цит. дело, стр. 367. 8) Исто, стр. 246 Macedonian Documents |