|
|
Тауресион родниот град на Јустинијан Први |
Тауресион родниот град на Јустинијан Први На 20 км југоисточно од центарот на Скопје, во непосредна близина на Зелениково, на местото каде Вардар навлегува во Таорската Клисура, на левата страна на реката се наоѓа селото Таор. Веднаш над селото, од североисточната страна, се издига ритчето Градиште на кое почнува античката тврдина (кастел) Тауресион, родното место на византискиот император и законодавец Јустинијан Први (483 - 565). Тоа го потврдува византискиот историчар Прокопиј кој пишува: „ ..близу до кастелот наречен Бедеријана, се наоѓа село по име Тауресион, од каде води потекло царот Јустинијан, основач на светското царство. Укрепувајќи го ова место во еден зафат соѕид во четириаголна основа и подигајќи на аглите кули, Тетрапиргија (Четирикулие) стори и го нарече така. Кај тоа село изгради убав град и го нарече Јустинијана Прима и на тој начин, се оддолжи на родното место“. Србија долго време се обидува да докаже дека Јустинијан Први е роден во митскиот град Јустинијана Прима, која според нив се наоѓа на локалитетот Царичин град, кој се наоѓа 7 км од Лебане и 30 км од Лесковац. Сепак, овие тврдења немаат поткрепа во она што го пишува биграфот на Јустинијан, Прокопиј. Постои фрапантната сличност меѓу имињата на Тауресион и Бедеријана со денешните Бадер и Таор, а „нивните корени се несловенски и изведени веројатно од спомнатите рановизантиски места. Тоа се факти што научно можат да се докажат и веќе се докажувани од познати авторитети-палеолингвисти“ (Иван Микулчиќ „Скопје со околните тврдини“, Скопје, 1982). Меѓутоа, без разлика на тврдењата на северниот сосед, досегашните археолошки истражувања укажуваат дека Таорскиот кастел можеда биде Тетрапиргија спомната кај Прокопиј. Неговата градба покажува дека тој претставува еден од ретките кастели кај нас кој имал царски приоритет и бил граден со помош на државата. Слични градби од VI век кои имаат чело од 450 се сретнуваат кај акрополата на рановизантискиот град Маркови Кули – Сопиште и кастелот Црквиште – Зелениково, што укажува на истовремена изградба во Скопската котлина. Всушност, по доаѓањето на власт Јустинијан Први во 527 година, за да ја зајакне одбраната решил да изгради нови или обнови повеќе тврдини разрушени по катастрофалниот земјотрес во 518 година. Марцелинус Комес во својата „Хроника“ вели дека во земјотресот земјата се отворила, проголтала некои населени места и биле разрушени 24 кастели, меѓу кои и Скупи. Оттука, сосема логична е постапката на Јустинијан во рамките на големата фортификациска активност, да му се оддолжи на своето родно место и да изгради репрезентативен кастел. Основата на Тауресион е четириаголна и зафаќа површина од околу 1 ха само во ѕидиштата, додека целата површина преминува 2 ха. Иако мал по основа Таорскиот кастел има 4 големи кули на аглите кои се јавуваат само кај поголемите утврдувања. Нив прв ги забележал англискиот патеписец Артур Еванс, кој пред стотина години направил скица со основна цел да ја поткрепи Прокопиевата Тетрапиргија (Четирикулие). Тауресион е откриен многу одамна, но локалитетот сеуште не е целосно истражен. При поновите истражувања констатирани се три слоја на живеење: праисториска ( 3.000 – 2.000 г. п.н.е.); доцно античка населба ( 4 – 6 век од н.е.) и средновековна населба од 9 – 10 век. Сите слоеви имаат богат археолошки наод, но сепак доцноантичкиот период е посебно интересен за нас. Според Прокопиј во него треба да се најдат библиотеки, систем за водовод, градски чешми, плоштади, град кој целиот бил во мермер и убавина. Досега се познати големи масивни градби, ѕидани од големи камења со цврст малтер. Две јавни градби ги дели широка улица, а една од градбите има отворено предворје, со колонада од столбови на кои се потпирал тремот. Постојат расфрлани столбови и базиси и два капитела. Исто така има остатоци од водовод кој спроведувал вода од античка каптажа до тврдината. Најдени се познати монети на Константин I, Теодосиј I, Јустинијан I и Јустин II, потоа многу ретки римски шлемови, оружје, накит, стаклени садови, рибарски прибори со оглед на блиското Катлановско блато и др. Самата населба е градена плански и претставува урбанизирана населба. Се гледа дека во неа постоела „царска интервенција“, но сеуште нема показатели дека тука би можел да лежи таинствениот град Јустинијана Прима. Повеќе може да се очекува Тауресион да биде привремено административно-воено седиште се додека не се изгради Јустинијана Прима. Со оглед на бројните утврдени места кои ја опкружуваат Скопската котлина каде се вкрстуваат сите централни патишта од север и југ, исток и запад, Јустинијана Прима како главна метропола и политичко, воено-административно и црковно седиште би можело да се бара на скопското Кале или во неговата близина (Железара). Изгледа дека Јустинијана Прима, волшебниот град украсен со аквадукти на води што течат „вечно“, потоа со светилишта, гостилници, тремови, плоштади, кладенци, улици, бањи, пазаришта и многу други величествени градби, никогаш не бил целосно изграден за време на животот на Јустинијан, па затоа неговото име го нема на тогашните мапи. Меѓутоа, описите на Прокопиј најмногу одговараат на Скопското Кале. Тајната на Јустинијана Прима уште долго ќе го привлекува вниманието на археолозите, а таа сигурно во еден момент порано или покасно ќе се појави на површина и ќе го изненади светот. Но тоа секако ќе биде во близина на родното место на Јустинијан, Тауресион. Што се однесува до Тауресион, родното место на Јустинијан Први, тој треба целосно да се истражи и комплетно да се реставрира. Само така може да влезе во туристичката понуда на град Скопје и општина Зелениково. Родното место на Јустинијан би привлекувало не само туристи, туку и бројни продукции кои во Таорскиот кастел, во вистински доцноантички амбиент би сакале да ги снимаат своите играни филмови или серии, со што би се вратила не само целата инвестиција, туку би се вработило и голем дел од локалното население. Тихомир Каранфилов |