|
|
Македонија, мојот копнеж – Манојил Мане Јаковлески (28) |
Македонија, мојот копнеж – Манојил Мане Јаковлески (28) Носталгијата или силната тага, жалта и копнежот за напуштениот дом, родното место и татковина особено е изразено меѓу луѓето во дијаспората. После долго време поминато надвор од родната грутка, копнежот по минатото, по неповратното, станува поизразено, а желбата за враќање дома се посилна. Тоа човекот го тера да воведе промени и донесе разни одлуки. За време на својот престој во Берлин во осумдесетите години на минатиот век, Мане Јаковлевски ќе почуствува силна желба да се врати во татковината, но не за да го посети својот дом, туку да присуствува на Илинденската прослава во Крушево. Во книгата „Македонија, мојот копнеж – Манојил Мане Јаковлевски“, осврнувајќи се на носталгијата на Мане Јакпвлевски кој чуствува потреба да замине со своите другари од Берлин само за да присуствува на Илинденската прослава во Крушево, авторот Киро Кипровски ќе забележи: „Неколку денови пред 2 август–Илинден, во 1982 година, во ресторанот „Ново Скопjе“, Манојил на своите пријатели им вели дека има голема носталгија и желба да оди во Македонија, во Крушево, со Македонците од сите страни на светот, да присуствува на семакедонската илинденска прослава, непосредно да ја почувствува атмосферата. И пријателите имаа желба на Илинден да бидат во Крушево, многу слушале, но немале можност да дојдат, сега им се укажува шанса, па затоа го прифатија предлогот. За кратко време се договорија, секој од нив ги извршија подготовките и договорот беше да тргнат со автомобил за Крушево, попатно никаде да не застануваат за да ги посетат блиските роднини. Исто така и по завршувањето на чествувањето на Илинден, да се вратат назад, без застанување. За патешествието и за илинденската прослава во Крушево, Манојил се сеќава како вчера да се случило. „Кога минувавме низ Белград, еден од патниците не замоли да го прекршиме договорот, и за час-два да ги посети родителите. Не, му реков, договор си е договор. Се помири со судбината, и сфати дека треба да бидеме доследни до крај. Влеговме во Македонија, а кога ги видовме нашите родни места, некои инсистираа да одиме на кратко, да ги посетат своите. Договорот беше, дека нема одење дома. Возевме без пауза, со цел навреме да стигнеме во Крушево. Минуваме низ Гостивар, на дофат е моето село Зубовце. Застанавме на паркинг и од далечина им го покажав селото. Толку ми се одеше, но се покорив на договорот. Испушивме по една цигара и продолживме за Охрид, каде преноќивме и на први август стигнавме во Крушево. Се сместивме во хотелот „Монтана“ и бевме разочарани од музиката. Цела вечер, ечеше српска новокомпонирана, шунд музика. Тоа беше причината, порано да ја напуштиме ресторанската сала. Но, следниот ден, на втори август, во Крушево на секој чекор се чувствуваше македонска атмосфера. Уште во раните утрински часови, беше најавена големата прослава, со импровизираниот напад на градот, налик на илинденската ноќ во 1903 година. Убаво поминавме. Не беше залудно, што возевме 5.000 километри, за една недела престој во Крушево.“ Крушево
Манојил Јаковлески пред споменикот „Македониум“ – Крушево Меѓутоа, ваквиот краток престој во татковината, во тоа време не може да ги задоволи целосно потребите на луѓето кои работат во странство. Тие имаат потреба од секојдневни информации за тоа како се нивните најблиски, за тоа што се случува во родното место и татковината, како и потреба да го чујат својот мајчин јазик, своето писмо, песна и ора. Денес тоа е лесно, но тогаш единствен извор за информации биле весниците и тв медиумот. Свесен за потребите на своите сонародници во Берлин, сопствениците ќе го претворат култниот ресторан „Ново Скопје“ во информативен центар за Македонците. Во тој контекст во книгата „Македонија, мојот копнеж – Манојил Мане Јаковлевски“, авторот ќе напише: „Култниот ресторан „Ново Скопје“, кој се наоѓаше во центарот на Берлин, беше реномиран и прочуен ресторан меѓу жителите на Берлин, но и меѓу туристите, кои ја посетуваа германската метропола. Тој ги привлекуваше со македонските специјалитети, подготвувани на ќумур, нешто што беше реткост во овој голем град. Ресторанот беше посетуван и од Македонците, кои живееја и работеа во Берлин. Покрај тоа што во „Ново Скопје“ наоѓаа забава и задоволство, добиваа информации за Македонија. Сопствениците на ресторанот, беа претплатници на дневниот весник „Нова Македонија“ и на списанието за иселеници „Македонија“, а во деведесетите години од минатиот век, Манојил вестите од Радио Скопје, од новинската агенција МИА и од прес службата на Владата, секојдневно ги добиваше по телефакс. Македонците, откако ќе дојдеа во вечерните часови и ќе ги дознаеја информациите, започнуваше дискусија и размена на мислења. Така секоја вечер, тоа им беше духовна храна. Една од подрумските простории на ресторанот, во средината на 90–те години на XX век, Јаковлески ја преуреди во телевизиско студио. Тука, се снимаше едночасовната емисија „Македонски глас“, која се емитуваше на ТВ Берлин, на „Отворен канал“. На почетокот, од 1992 година до 1998 година, македонската заедница месечно имаше само еден термин во траење од еден час. Подоцна доби уште еден, што значи дека на секои 15 дена се емитуваше едночасовната емисија „Македонски глас“. Емисијата беше мошне гледана, не само од Македонците, туку и од другите етнички заедници од бившите југословенски простори, кои живееја во метрополата. „Во „Македонски глас“ се емитуваа многу кратки и ударни вести, за животот на Македонците во Берлин и за нивната татковината Македонија, актуелни разговори и репортажи. Истовремено, беа претставувани млади таленти, а беа подготвувани прилози од празнувањето на верските и државните празници. Преку „Македонски глас“, ги негувавме обичаите и традициите и задолжително емитувавме по неколку македонски народни и забавни песни и ора“, вели Ацо Серафимовски, одговорен уредник. Преку телевизиската емисија „Македонски глас“, над 3.000 Македонци во Берлин, беа информирани и за македонските асоцијации кои дејствуваа во Берлин, за активностите на МПЦО „Свети Климент Охридски“, македонскиот клуб „ Гоце Делчев“ и фудбалската екипа „Македонија“. Уредникот на „Македонски глас“, Манојил Мане Јаковлески, за содржините на едночасовната емисија вели: „ Во првиот дел, гледачите ги информиравме со актуелностите од сите области во Македонија, редовно со видео инсерти емитувавме прилози од прославите на Македонците во Берлин, ги одбележувавме најзначајните историски настани и личности, од поблиското и подалечното минато на Македонија и македонскиот народ. Исто така, поместувавме и прилози од Македонците од Берлин, кои за време на престојот во родниот крај, со видео камери снимаа материјали од негувањето на верските обичаи во местата од каде што потекнуваа, свадби и домашни веселби, како и инсерти од природните убавини од патувањата низ пределите на Македонија, емитувавме разговори со познати пејачи, артисти, сликари, владици и свештеници, политичари и стопанственици, кои по разни поводи престојуваа во Берлин“. Емисиите ги подготвуваше мала одбрана редакција, составена од Македонци со голем ентузијазам, која даваше голем придонес во објективното информирање. Редакцијата на „Македонски глас“ ја сочинуваа: Ацо Серафимовски – одговорен уредник, Манојил Мане Јаковлески - уредник, Ѓорѓи Личнов и Злате Димоски - сниматели, Ангеле Лазаревски - монтажер, Татјана Шикоска, Милена Цветанова, Елизабета Маџирова и Ненси Дивјаковска –водителки и спикерки и Наташа Георгиева и Александра Лазаровска - соработнички.“ импровизираното ТВ студио во подрумот на „Ново Скопје“ (продолжува) |