Среда, 06 Ноември 2019   
Македонија, мојот копнеж – Манојил Мане Јаковлески (29)

1 4

Македонија, мојот копнеж – Манојил Мане Јаковлески (29)

Во осумдесетите години на минатиот век, по долги години поминати во странство Мане Јаковлевски решава со семејството да се врати во родниот крај. Сепак тоа незначи дека ги прекинува и сите врски со Западен Берлин каде останува неговиот брат Гојко и каде има развиен бизнис. Тоа значи чести патувања на кои се случуваат разни настани кои во тоа време можеа да значат апсење и подолг престој во затвор.

За причините поради кои Маноил се врати во родното Зубовце и го отвори ресторанот „Солун“ во Гостивар, како и за случките за време на патување пред Новата година за З. Берлин, меѓу кои заради картата на етничка Македонија можеше да заработи затвор, авторот Кири Кипровски во книгата „Македонија, мојот копнеж – Манојил Мане Јаковлевски“ ќе напише:

КУП  КОМПЛИМЕНТИ  ЗА  РЕСТОРАНОТ  „СОЛУН“

На почетокот на осумдесетите години на минатиот век, ресторанот „Солун“ во Гостивар, беше култно место. Имаше современ, македонски амбиент, богато мени со домашни македонски специјалитети, претежно од горнополошкиот и мијачкиот регион и винска карта. Со овие атрибути, „Солун“ за кратко време, успеа да го привлече вниманието на гостиварци и стана едно од најпосетуваните угостителски катчиња. Сопственик беше Манојил Мане Јаковлески, познат угостител во Западен Берлин, Западна Германија, кој по петнаесетина години печалба, одлучи со семејството да се врати во родниот крај и да продолжи да се занимава со угостителство. Најголемиот мотив му беше, децата да се образуваат на македонски јазик, во неговото родно Зубовце и во Гостивар, и да живеат во Македонија.

Постојано, со пријатели, колеги, другари, бев гостин во гостилницата „Солун“ и уживав во понудата и приготвената храна за појадок, која се состоеше од неколку видови вкусни чорби, богата и разновидна скара: „Весел Македонец“, тави, плескавица „ала Солун“, мешано месо на скара, салати, десерт, богата винска карта, итн.

На почетокот на декември 1984 година, во „Солун“, на појадок се најдов со мојот драг и почитуван пријател Русе Стојковски, раководител во Бирото за вработување, а пред тоа професор по македонски јазик во гимназијата „Панче Поповски“ во Гостивар. Нашето пријателство, датираше уште од 1968 година, кога успешно ја организиравме манифестацијата „Вечер на македонската современа поезија“.

На средината од октомври, на гостиварскиот, градски плоштад поставивме бина, озвучување и за наша голема радост, на поетскиот митинг присуствуваа над 6.000 гостиварци, што беше неверојатна посета за ваков настан. Со големо вдахновение и расположение, настапија истакнатите современи македонски поети: Гане Тодоровски, Петре М. Андреевски, Анте Поповски, Матеја Матевски, Тодор Чаловски и други. Таков поетски митинг, во Гостивар и пошироко не беше одржан, ниту потоа до денешни дни. Во организацијата беше вклучен и Борче Синадиновски, професор по физичко образование и воспитание во гимназијата, познат фудбалер и тренер. Во 1972 година ФК „Маврово“, ја освои титулата, аматерски првак на СФРЈ.

Професорот Стојковски, додека појадувавме изнесе куп комплимент и за ресторанот „Солун“. „Вистинско македонско, домаќинско катче, во секое време се чувствувам величествено и често го посетувам со пријателите и со сопругата. Амбиентот е прекрасен, хигиената нависина, квалитетна услуга, вкусни јадења и за мене што е најбитно, слушам изворна македонска песна. Тука многу македонски песни, за првпат ги слушнав“. Овие комплименти ме замоли да му ги пренесам на Манојил, бидејќи знаеше дека сме добри другари. Додека разговаравме, Манојил влезе во ресторанот. Откако со персоналот ги изврши неопходните договори, го поканив да дојде на нашата маса, лично да ги слушне комплиментите. Манојил, учтиво се заблагодари на комплиментите и побара да ги каже и недостатоците, доколку ги има, за да ги отсрани.

На масата останавме сами со Манојил, Русе си замина. Притоа ме праша, дали останувам на ветувањето што на Гојко му го дадов во февруари, дека за божикните и новогодишните празници, и заедно со легендата на македонската песна, со кантавторот Јонче Христовски, ќе го удостоиме во Берлин. На Манојил, кратко и потврдно му реков, дека сум подготвен веднаш да тргнам на пат. Поканата за гости ја прифатив штом ми беше понудена, кај мене зборот е збор, колебање нема!

Се договоривме на 20 овој месец со автомобил да тргнеме за З. Берлин, а дотогаш да ги извршиме неопходните подготовки. Автомобилот, „мерцедес 280 С“ автоматик, сопственост на Манојил, нее економичен. Во зависност со која брзина се вози, потрошувачката на гориво, се движи меѓу 15 и 20 литри на 100 км на час, а во зимски услови е нестабилен. Затоа, одлучивме да патуваме со „голф “што Манојил, пред три месеци го купи од вајарот Томе Серафимовски (Tоме Серафимоски во тоа време беше директор на Спомен домот на културата „AСНОМ“ - Гостивар, а потоа стана академик на МаНУ). „Голфот“ го однесовме кај автомеханичарот Русе Ивановски од Стенче, да му изврши генерален технички преглед и да го подготви за долг пат. По три дена, појдовме да го земеме автомобилот. Таму го најдовме свештеникот Ратко Младеновски, архиерејски намесник на Гостиварското архиерејско намесништво на Полошко-кумановската епархија на МПЦ, кој ни даде благослов и ни посака на патувањето да немаме проблеми, живи и здрави да се вратиме дома.

Во утринските часови, на 20 декември 1984 година, од ресторанот „Солун“ во Гостивар, тргнавме на долгиот пат. Според договорот, околу 11 часот, од пред куќата во населбата Козле, во Скопје, го зедовме Јонче Христовски, кој беше подготвен и не чекаше. Потоа, во ресторанот на Македонската опера и балет во Скопје, ја остваривме средбата со кантавторот Ванчо Тарабунов, наш добар другар. Тој ни даде аудио касета, со негови народни песни, уште неиздадена на музичкиот пазар, со насловната песна „Т’га за југ“ од преродбеникот Константин Миладинов, негов препев, музика, аранжмани исполнување, подарок за Гојко.

На разговорите со нашите другари и пријатели, им немаше крај. Часот минуваше. Нешто по 14 часот, се поздравивме со друштвото и тргнавме на пат. Расположени го напуштивме Скопје. Го минавме Куманово и се приближуваме кон Врање, а Манојил ми вели да внимавам, да не го промашам Предејане, за да застанеме и да ручаме тавче-гравче со колбаси лепиње. Така и сторивме. Ручавме, се напивме по некое пиво. Патувањето го продолживме. Веќе беше мрак, сообраќајот беше густ, па затоа со големо внимание возев низ Грделичка клисура. На двете страни имаше долга колона на товарни моторни возила со приколки, кои го забавуваа движењето. Возев со брзина меѓу 40 и 50 км на час. Ја минавме клисурата и почнав, едно по едно да ги минувам товарните возила, се разбира кога имаше услови за тоа, односно да ги ги претекнувам во правец кон Лесковац и Ниш. На автопатот Ниш–Белград, возењето ми беше полесно, побрзо и побезбедно. Пред влезот во Белград, застанавме да одмориме, да наточиме бензин во „голфот“. Минавме низ Белград и Нови Сад, и околу 22 часот пристигнавме во Суботица и се сместивме во хотелот „Младост“. Слеговме во ресторанот да вечераме. Амбиентот беше пред новогодишен. Весело, се играше и се пееше и ние се вклопивме во атмосферата. Убаво се расположивме, но мораше задоволството да го прекинеме и нешто по полноќ заминавме на спиење, да одмориме, бидејќи во новиот ден, кој штотуку беше започнал, не очекуваше долг пат. Ни преостануваа уште над 1.000 км..

КАРТАТА НА ЕТНИЧКА МАКЕДОНИЈА ОСТАНА НА КЕЛЕБИЈА

Утрото расположени го продолживме патешествието. Десетте километри од Суботица до граничниот премин Келебија, на југословенско-унгарската граница, ги минавме за десетина минути. Си помисливме дека контролата ќе биде рутинска и за неколку минути, ќе го напуштиме граничниот премин. На цариникот му ги дадовме патните исправи и не праша што имаме за пријавување? Пријавив 600 германски марки, со бордеро (потврда за изнесување на ефектива во странство), а Манојил пријави 2.000 германски марки, без бордеро, објаснувајќи му на цариникот дека има работна виза и работи во Западна Германија. Јонче пријави 700 американски долари, без бордеро, и појасни дека е естраден уметник, кој се враќа од турнеја низ САД, и истата ја продолжува во Западна Германија, па смета дека не му е потребно ново бордеро. Цариникот ми нареди да го паракирам возилото, да ги отворам сите врати и целиот багаж, да го извадам надвор. Можеби, околу еден час вршеше детален претрес, на возилото и на багажот. Потоа, ни нареди со него да одиме во службените простории. Прво, мене ме претресе. Се соблеков, како што„ ме мајка родила“. Му ги предадов германските марки, бордерото и паричникот, од џебовите ги извадив сите предмети. Цариникот, секое парче од облеката го претресуваше, претпоставуваше дека нешто вредно, имам сокриено во нив. Со смуртено лице, ми ги врати парчињата од облеката, разочаран што не најде ништо. Претпоставуваше, дека ние сме „тешки“ криминалци. Потоа, на Јонче му беше направена истата контрола. И кај него, не најде ништо. На крајот, редот му беше на Манојил.

За доживувањата при претресот и за одземените 2.000 германски марки, Манојил раскажува: „Во 1984 година, за малку ќе ми откриеја доверлив материјал на граница, пошто сигурно ќе бев уапсен и осуден на подолг временски период. Заедно со Киро Кипроски, новинар-уредник во Радио Гостивар и дописник на весникот „Нова Македонија“ и пејачот Јонче Христовски, тргнавме за З. Берлин, таму да ги прославиме католичкиот Божик и Нова година. Според тогашниот закон, за носење девизи преку граница, требеше да се има бордеро со ограничен износ, како доказ дека девизите се подигнати од банка. Меѓутоа, тој закон за мене не важеше, бидејќи имав постојана виза за живеење и работење во З. Германија. Пред да тргнеме за Берлин, наши активисти во Македонија, ми дадоа карта на етничка Македонија, и леток со повик за борба, за самостојна и независна Македонија. Сакав летокот во З. Берлин да го умножам и да им го делам на Македонците. Но, на југословенско-унгарската граница, не однесоа во специјална просторија за детален претрес, и ни рекоа дека треба да се соблечеме до гола кожа. Знаев, дека ако ми ги фатат картата и летокот, ќе заглавам во затвор. Заради тоа, цело време се борев да останам последен за претрес. Им реков, прво да го претресат Киро, па Јонче, со цел да се обидам да се ослободам од картата и летокот. Не знаев како тоа да го изведам, бидејќи бевме во затворена просторија. За среќа, имаше само еден цариник. Беше декември и беше студено. Јас реков, дека ми е многу студено и седнав на термо-печката. Кога цариникот почна да го прегледува Киро, во еден миг на негово невнимание, брзо од внатрешниот џеб на капутот, ги извадив картата и летокот, и ги спуштив зад термо- печката. Така се спасив. Доколку ми ги најдеше цариникот, ќе ме затвореа на подолго време, и целиот мој живот ќе добиеше поинаков тек.“

Ја минавме контролата, бевме ослободени и на цариникот му упатив забелешка за непотребното малтретирање и за загубеното време, бидејќи контролата можеше побрзо да ја заврши. Налутени од некоректниот однос на цариникот, ја минавме границата, констатирајќи дека тоа беше невидено изживување, со што до некаде ни го наруши расположението, но за среќа кратко ни траеше. Никој од нас, не ни помислуваше дека пасошката контрола ќе трае толку долго, дури шест часа. „Цариниците се како бизони“, налутено зборуваше Јонче, „ниту ги знаат законите, ниту пак ги почитуваат патниците, не третираа како да сме добиток, како да сме најголеми криминалци, криумчари на дрога, на оружје“... Манојил се надоврза на разговорот и смирено го теши Јончета, да не се секира, дека од земените девизи ќе ни ги вратат, по жалбите што ќе ги поднесеме. Но, нема кој да ни го врати загубеното време и нервозата. Продолжувам да возам со исто темпо. Се врати расположението во автомобилот, почнавме да пееме, како ништо да не ни се случило. Внимателно ја минавме Будимпешта и се најдовме на патот што води кон Прага.

Јонче беше испружен на задните седишта и покриен со бунда, само лицето му се гледаше. Одвреме навреме, си го земаше шишето со ракија, што го добил на подарок од неговиот колега Миле Брзанов, музички уредник во ТВ Скопје, за среќен пат и тајно си пивнуваше. Манојил со мимики ми става до знаење, дека Јонче се крие од нас. Тоа го забележав преку ретровизорот. Кога шишето ќе го ставеше в уста да пие, ќе почнев да свиркам. Јонче, се однесуваше како ништо да не се случува. Повторно му свирам, и ме прашува зошто свирам? Му велам: „Кога коњите на дедоми ги носев да се напијат вода им свирев, а тебе бидејќи скришум пиеш ракија, а не ни подаваш нам“. Се насмеа и потоа до З. Берлин, постојано ни го подаваше шишето и ни велеше „цврцнете“ од ракијата. Се стемни. Патот покриен со снежна наслага, беше добро исчистен, а возила како и да немаше. До Прага остануваа помалку од стотина километри, а на таблата на автомобилот се запали црвено светло- сигнал кој ме опомена, дека горивото се наоѓа на резерва. На секоја удолница возев во лер, да заштедам гориво, за да можеме да стигнеме до првата бензинска станица. Кога стигнавме  застанав да наточам гориво. Немаме чехословачки круни. Манојил преговараше со работникот, да платиме со германски марки, бидејќи строго беше забрането плаќање со туѓа валута. Продавачот се сложи. Меѓутоа, се појави Чехословак, возачна патничко возило, кој на продавачот му се закани дека ако ни наточи гориво, ќе го пријави во милиција. Милиционерска патрола, која го контролираше сообраќајот, се наоѓаше на спротивната страна. Настана вербална расправија, меѓу Манојил и возачот, а се вклучивме и јас и Јонче. Откако го искажавме нашиот револт и бес, влеговме во автомобилот и тргнавме. Разбеснетиот возач, сакаше да ни се одмазди и со ногата удри во прагот на „голфот“. Се струполи на снегот. Претпоставувавме дека ја повреди ногата, бидејќи не можеше да стане. Со штедење на горивото, возејќи во лер, успеавме да стигнеме во Прага. Се паркирав пред првиот хотел на кој наидовме и се сместивме. Манојил, германските марки ги замени кај келнерот, кој трансакцијата ја заврши без збор. Отидовме да наточиме гориво, а потоа на вечера.“

(продолжува)

SolunРесторанската сала на „Солун“

Solun 2Mаноjил Јаковлески на шанк во „Солун“ со внукот Душко Андреески

 

На прво место

News image

Мане Јаковлески: Мојот пат по стапките на месијата 2011 година (8)

Петта станица-десно кон улицата Францис, од каде патот нагло, остро се издига кон Голгота (Калварија...

Историја

News image

Границите на Македонија се таму, до каде што допира римскиот меч

Македонија станува римска провинција во 146 година п.н.е., откако римскиот војсководец Квинт Цецилие...

Иселеници

Култура и туризам

News image

ВО АНКАРА– ГРАДОТ НА АТАТУРК И ПРЕСТОЛНИНАНА ТУРЦИЈА(10)

ДЕЛ ОД ПОСЕТИТЕ НА ГРАДОВИ ВО СВЕТОТ ВО ПУБЛИКАЦИЈАТА „СВЕТОТ НА ДЛАНКА“ НА СЛАВЕ КАТИН 

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.