|
|
Македонија, мојот копнеж – Манојил Мане Јаковлески (40) |
Македонија, мојот копнеж – Манојил Мане Јаковлески (40) Маноил и неговиот брат Гојко Јаковлевски кој го имаат почуствувано животот во емиграција, ќе направат се своето родно место за да оние кои сеуште живеат таму не го напуштат прадедовските огништа. Овие познати добротвори ќе помогнат да се реставрира селската црква „Св. Огнена Марија (Марена)“, да се санира свлечиштето, како и да се разубави комплексот на црквата и да се создадат услови за нормално одржување на црковни и други прослави, Авторот на монографијата „Македонија, мојот копнеж – Манојил Мане Јаковлески“, Киро Кипровски, кој и самиот е сведок на низа настани од животот на Маноил, за помагањето за спас на црквата во Зубовце, како и за зачувувањеро на духовните вредности, традицијата и културата во своето родно место, ке го забележи следното: ПОМОШ ЗА СПАС НА ЦРКВАТА ВО ЗУБОВЦЕ „На ритчето, на западниот дел од с. Зубовце, се извишува црквата „Св. Огнена Марија (Марена), изградена во 1851 година, во која се наоѓаат значајни и многу вредни икони на иконостасот, насликани од Дичо Зограф, прочуен зограф од мијачкото село Тресонче. Зографисувањето на црквата, било започнато во 1866 година од Иван Илиов, зограф од Галичник, а завршило во 1872 година, од Аврам Дичов од Тресонче. На почетокот на април 1990 година, Гојко, братот на Манојил, беше дојден на одмор во родното Зубовце. Авторот на монографијава заедно со Гојко, бевме гости на Дамјан Филиповски, кум на семејството Јаковлески и потпретседател на Црковниот одбор во Зубовце. Филиповски не запозна со проблемите на црквата „Св. Огнена Марија“ (Марена), која се наоѓаше во мошне лоша состојба, покривот можеше да падне во секое време, а потоа и целиот објект. Во разговорот Филиповски од кумашинот побара финансиска помош и поддршка за да се спаси црквата, која има историско значење и долга традиција за зубовчани. Кумот му објасни на Гојко, дека зубовчани се подготвени да учествуваат со парични средства, но доброволните прилози кои ќе се соберат ќе бидат минимални, недоволни да се заврши санацијата на ѕидовите, да се замени кровот на црквата и да се изврши реконструкција на камбанеријата. Гојко, без размислување, му рече: „Куме, не грижи се, јас и брат ми Манојил, кој раководи со ресторанот „Ново Скопје“ во Берлин, ќе дадеме 50.000 германски марки и веднаш можете да почнете со реконструкција. Ако овој износ не биде доволен да се заврши целиот зафат, ќе дадеме уште парични средства, црквата мора да ја спасиме“. Така со парите од браќата Јаковлески, летото беше извршена целосна реконструкција на црквата, беше заменет кровот, беа санирани ѕидовите и беа извршени и други зафати. Во 2003 година, по наглото топење на снегот и зголемувањето на водостојот на подземните води под црквата, земјата почна да се лизга, постоеше опасност, црквата да биде однесена од свлечиштето. Во опасност се наоѓаа и десеттина куќи под црквата. Потпретседателот на Црковниот одбор, Јаков Јаковлески, го замоли својот другар Манојил Јаковлески, ако може тој и негови пријатели со парични средства да помогнат за да се спаси црквата. Манојил го ангажира својот пријател, професорот д-р Спасен Ѓорѓевски од Градежниот факулет на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ од Скопје, заедно со неговиот колега проф. д-р Витанов, го посетија свлечиштето, ги извршија потребните испитувања и изработија проект за санирање на местото околу црквата. Манојил ја презеде целокупната грижа и организација за санирање на свлечиштето, бидејќи време за чекање немаше. Ангажира специјална фирма, оспособена за вакви градежни зафати. Средствата и овојпат, ги обезбедија браќата Гојко и Манојил Јаковлески. Исто така, Манојил обезбеди и донации од приватни фирми и за неколку месеци беше санирано свлечиштето.. свечилиштето ги разнесе брегот,базенот и скалите пред црквата За да се разубави комплексот на црквата и да се создадат услови за нормално одржување на црковни и други прослави, Манојил не само што покрена иницијатива за хортикултурно уредување и изградба на видиковци, туку прв го одврза ќесето за да се оствари идејата. Во активноста целосно се ангажира Црковниот одбор. Оваа активност ја помогнаа Меморијалниот центар на Евреите од Македонија и неколкумина зубовчани. Со проектот беше уреден црковниот двор, беа изградени чардаци и видиковци, а пристапните патеки беа поплочени со бекатон плочки. Истовремено, беше изграден и паркинг плац, а црковниот комплекс целосно беше заграден. Гојко Јаковлески и овие активности ги помогна со значителна сума пари. СВЕТА ОГНЕНА МАРИЈА (МАРЕНА) ДУХОВЕН ЦЕНТАР
митрополитот г. Јосиф ги освети чардаците и видиковците на црковниот комплекс На 30 јули 2014 година, на празникот на храмот „Св. великомаченичка Огнена Марија“, божествена литургија отслужи митрополитот г.Јосиф, надлежен архиереј на Тетовско-гостиварската православна епархија на МПЦ-ОА, а потоа го прережа кумскиот колач и ги освети чардакот и видиковците на црковниот комплекс. Митрополитот г. Јосиф, обраќајќи им се на зубовчани потенцира: „Првпат сум меѓу Вас и сум воодушевен од убавината на црквата, одлично се одржува, а со изградбата на придружните објекти, видиковците и чардаците, одличното хортикултурно уредување, претставува вистински духовен центар. Зубовце е прекрасно место, чувајте го и негувајте ги традициите и обичаите, како што тоа го чините досега. Се прашувам кој совршен уметник може да нацрта толку многу убавини, освен Божјата премудрост. Затоа, да продолжиме да опстојуваме на овие простори“, истакна на крајот на беседата митрополитот Јосиф. видиковци кај црквата „Св. Огнена Марија“ ГРУПНА ВЕНЧАВКА
фотографија за незаборав.брачните двојки со поглаварот г.г. Стефан и со митрополитите г. Кирил и г.Горазд Манојил Јаковлески и академик Томе Серафимовски, во 2004 година беа кумови на патрониот празник на Зубовце, на селската слава Марена и под нивно покровителство, на 30 јули, се одржа групна венчавка на осум брачни двојки, кои од различни причини, не успеале да се венчаат во црква. По овој повод специјално дојдоа многумина зубовчани кои живеат ширум светот, како и гости од соседните села и од повеќе градови на Македонија. венчаните брачни двојки со поглаварот и митрополитите пред црквата „Св.вмч.Огнена Марија“ Со светата архиерејска литургија посветена на великомаченицата Огнена Марија, чиноначалствуваше г.г.Стефан, поглавар на МПЦ-ОА, заедно со митрополитот г. Кирил, надлежен архиереј на Полошко-кумановската епархија, европскиот митрополит г. Горазд и десетина свештенослужители. Никогаш толку народ не беше собран во црквата и околу неа. Секој сакаше да присуствува на литургијата и на групното венчавање. Во Бога завет си дадоа, осум брачни двојки од Зубовце: Драгиша и Аница Исакоски, Душко и Зорица Исакоски, Форко и Светлана Димитриевски, Тоде и Јасмина Димитриески, Душко и Смиља Огњановски, Толе и Рената Јаковлески, Миле и Соња Серафимовски и Цеца и Игор Пандилоски. „Со празникот треба да се живее за истиот да се доживее! Празнувајте, за да ви бидат полни душите со радост! Радоста во Господ и радоста од Господ, не може ништо да ги намали или замени. Еве, денес празнува цело Зубовце, празнува секоја македонска православна душа во него. Денес со нас празнуваат и селаните зубовчани, празнуваат и покојните, празнуваат сите. Нашата христијанска вера е вера на живите и вера на животот“ - истакна меѓу другото во беседата поглаварот г.г. Стефан и упати апел до сите, кои живеат во Зубовце и до сите Македонци, кои сеуште не ги напуштиле прадедовските огништа, да останат во родните краишта. „Останете во родните места, за со вас да останат и нашитцелата книгае светци и светии. Останете за да останат и верата, и Црквата, и народот, и државата наша, до таму до каде што било и докаде што треба да остане наше, македонско! Доста ни земаа и разграбуваа. Останавме земја, што самата со себе се граничи и како уште некому да му е малку!? Но, не плашете се од никого! Со оваа земја владееле и царства и империи, но никој не ја освоил и не останал во неа. Ќе ги издржиме и ќе ги надживееме, сите посегања и по земјата и по црквата, и по се што е наше“, порача поглаварот на МПЦ, г. г. Стефан.“ (продолжува) Целата книга: https://drive.google.com/ |