Среда, 12 Февруари 2020   
Гоце Делчев како синоним и инспирација за развојот на Народноослободителната борба на македонскиот народ во Втората светска војна (1941-1944)

goced

Името и делото на Гоце Делчев во текот на Втората светска војна се почитувало со посебен пиетет и респект. Делото на апостолот ги храбрело Македонците, им давало сила и истрајност, но и ги мотивирало во поглед на тоа дека слободата се извојува само со организирано делување, со сплотување на сите расположливи човечки сили и ресурси за конечно и Македонците да добијат своја матична држава. Тоа за што се борел Делчев во предилинденскиот период, не останало заборавено кај сите чинители во Народноослободителната војна.

Неговата харизма на личност со безвременско историско значење за македонскиот народ, се пренесувало од колено на колено меѓу сите Македонци за целиот период од 1903 до 1941 година. Не постоело песна, текст или име на воена единица, а неговото име да не било споменато. Тоа само покажувало со каква почит оваа легендарна историска македонска личност имала влијание меѓу Македонците од самиот почетокот на вооруженото востание па сé до неговиот крај. Поаѓајќи од тој факт, тука само делумно ќе направиме обид во кратки црти да дадеме преглед каде неговото име се споменувало во текот на вооруженото востание во Македонија од 1941 до 1944 година.

            За прв пат, во 1941 година, со името на Гоце Делчев бил именуван првиот прилепски партизански одред формиран на 23 октомври 1941 година во базата „Дуова Вода“, во близина на с. Степанци, Велешко. Одредот броел 39 старешини и борци. Текстот за партизанскиот марш на Одредот го напишале Оцка Михајловски, Крсте Црвенковски и Коле Чашуле, а се базирал на стара македонска мелодија од која, пак, произлегла песната „А бре Македонче“, која, потоа, станала официјален марш на првиот прилепски партизански одред „Гоце Делчев“. Меѓутоа, оваа песна подоцна станала и химна на целото партизанско движење во Македонија, два месеци пред создавањето на македонската химна „Денес над Македонија“. Песната била создадена во периодот меѓу 23 октомври и 8 ноември 1941 година, кога ја имала својата прва изведба во прилепското село Царевиќ, на првиот народен собир (митинг) во фашистички поробената Македонија. Првобитниот текст на песната бил:

А бре, Македонче, каде се спремаш?

Бојот те чека, бој за слобода.

Бој за слобода, за Македонија,

за Македонија, земја поробена.

Мажи накитени, жени наредени,

в борба ми одат, борба за слобода.

Нека разберат денешните тирани,

Македонско име нема да загине!

Осврнувајќи се за именувањето на одредот со името на Гоце Делчев, тогашниот политички комесар на одредот Крсте Црвенковски – Октомвриски, пред построените борци го кажал следново:„Името не е само симболика, ами нужен континуитет на вековните револуционерни борби на нашиот народ, нужна историска поврзаност и континуитет со борбата во минатото нарочно со Илинденскиот период и како признание на човекот, кој најдоследно и бескомпромисно го водел македонскиот народ во борба за слобода“. Во борбените операции на Одредот во текот на 1941 и 1942 година, загинале 14 борци, а 8 борци биле прогласени за народни херои.[1]

            Со името на великанот од Илинденскиот период се закитил и новоформираниот битолски партизански одред, формиран на 22 мај 1943 година на падините на Вичо планина и во непосредна близина на селото Прекопана, Егејскиот дел на Македонија. Во составот на Битолскиот партизански одред „Гоце Делчев“ биле вклучени 92 борци и старешини, прилично голема бројка за тоа време. Тој број во наредните години нараснал на преку стотина прекалени борци, од кои 25 лица биле Италијанци, кои во одредот стапиле по капитулацијата на фашистичка Италија во септември 1943 година. Одредот во текот на 1943 и 1944 година превзел широки и прецизни воени операции против бугарскиот и италијанскиот окупатор на битолско-преспанското, на воденско-гевгелиското и на тиквешко-мариовскиот терен. Во натамошниот тек на народноослободителната војна, борците на Одредот биле вклучени во Втората и Третата македонска народноослободителна бригада, а во 1944 и 1945 година тие влегле во составот на 5-та, 6-та и 7-та македонска народноослободителна бригада. Голем број од овие борци учествувале во завршните операции за целосното ослободување на Југославија како припадници на 15-от македонски ударен корпус. Од борците на Одредот „Гоце Делчев“ 14 лица загинале, четворица станале генерали во ЈНА, четворица биле прогласени за народени херои на Југославија, а носители на високото призание „Партизанска споменица 1941 година“ биле 41 борец.[2]

            Уште еден партизански одред во 1943 година бил именуван со името на Гоце Делчев. Тоа бил Брегалничкиот народноослободителен партизански одред „Гоце Делчев“, формиран на 19 мај 1943 година во месноста „Пчеларник“, Штипско, а разбиен само два дена подоцна, односно на 21 мај, во месноста „Врши Дол“, Виничко. Одредот бил формиран по иницијатива на Покраинскиот комитет на КПЈ за Македонија и на Вера Ацева, член на ПК на КПЈ за Македонија. Таа, на 8 мај 1943 година, го известила ПК дека биле создадени сите предуслови за формирање на Одредот, односно дека било определено раководството и зоната на дејствување на Одредот. На 19 мај, на одредената локација, најпрво излегле 8 борци како основа на Одредот, кон кој, потоа, требало да се приклучат нови борци. Но, старата навика на предавства и во овој случај не затаила. Имено, Одредот, на пат кон планината Плачковица, бил предаден на бугарската полиција, која, на 21 мај, кај месноста „Врши Дол“, Виничко, го нападнала и целосно го разбила. Во борбата со уште двајца борци, загинал и народниот херој Ванчо Прке. Успеале да се спасат двајца борци, а другите тројца, откако биле заробени, по тешки мачења, Бугарите сурови ги егзекутирале.[3]

Во чест на големиот револуционер биле именувани и бригади, како поголеми воени единици на Македонската војска. Бригадата „Гоце Делчев“, која била формирана во септември и октомври 1944 година во Софија, со гордост одлучила да го носи името на апостолот. Борци на оваа бригада биле исклучиво Македонци од Бугарија на возраст од 21 до 23 години. Бројната состојба на бригадата изнесувала 4.600 борци и старешини. Борците на Бригадата, кои подоцна биле распоредени во составот на  19-та, 20-та и 21-та Македонска НО бригада, учествувала во завршните операции за ослободување на Брегалничкиот и Струмичкиот регион во октомври и ноември 1944 година.[4]

Друга бригада која била именувана со името на Гоце Делчев била 19-та македонско НО бригада, формирана на 8 октомври 1944 година во с. Лаки, Виничко. По расформирањето на бригадата „Г. Делчев“ формирана во Софија, поголемиот број на борци од оваа бригада преминале во составот на новоформираната 19-та бригада, која, по преземањето на името на големиот великан, започнала да се именува како 19-та МНО бригада „Гоце Делчев“. Бројната состојба на бригадата изнесувала 1429 борци и старешини. Учествувала во завршните операции за ослободувањето на Македонија во реоните на Штип-Радовиш, Штип – Кочани и Скопје – Тетово. На 19 ноември 1944 година, Бригадата, заедно со другите воени единици на Македонската војска, го ослободила Тетово, последниот град во Македонија кој бил опсада на балистите.[5]

Покрај пешадиските бригади, со гордост и со достоинство името на Гоце Делчев го носела и Струмичката артилериска бригада. Таа била формирана на 8 октомври 1944 година. Боречкиот состав го сочинувале 350 борци. Учествувала во завршните броби за ослободувањето на Македонија во октомври и ноември 1944 година во реоните на Делчево-Кочани – Штип и Делчево – Берово – Струмица – Криволак. Во декември 1944 година,по реорганизацијата на артилериските единици, бригадата влегува во составот на 1-та македонска артилериска бригада.[6]

            Првата партизанска печатница во текот на Втората светска војна била именувана по името на овој великан. Таа го носела името Партизанска печатница „Гоце Делчев“, а била формирана во почетокот на ноември 1942 година во с. Битуше (Дебарско). Во мај 1943 година била преместена во месноста Лопушник, каде што престојувал ЦК на КПМ и ГШ на НОВ и ПОМ, а потоа на слободната територија во с. Црвена Вода, каде бил отпечатен и Манифестот на ГШ на НОВ и ПОМ. Во оваа печатница, по нејзиното преместување во с. Горно Врановци, Велешко, на 29 октомври 1944 година бил отпечатен и првиот број на весникот „Нова Македонија“, а потоа „Млад Борец“, списанието „Македонка“ итн. По ослободувањето на Македонија, истата била пренесена во Скопје и послужила како основа за развивање на печатарската дејност по ослободувањето на Македонија.[7]

Гоцевата саможртва за делото на ослободување на македонскиот народ во Македонија и Одринско и создавање на независна или автономна македонска држава, му  донела признание и почит. Неговото име станало легенда, вткаена во свеста на Македонецот. Неговото име било инспирација за сите подоцнежни македонски поколенија. Со неговото име, македонските национални сили, во сосема нова општествено-политичка ситуација, започнале да ја водат и величенствената народноослободителна војна од 1941 година за национално и социјално ослободување. Токму и затоа, името на великанот било застапено и во многубројните записи по весници, билтени, писма, резолуции и слични други пишани материјали издавани по разни поводи во текот на војната. Самото изговарање или запишување на името Гоце Делчев ги храбрело борците и сите политички и воени единици, да истраат во борбата и да го реализираат неотсонуваниот сон на големиот Гоце – Македонија да добие своја држава. Затоа, сметаме да дадеме кус информативен запис за споменувањето на името на Гоце во дел од овие издадени пишани материјали.

Во септември 1941 година во весникот на Кумановската партиска организација „Дедо Иван“ излегла статијата под наслов „За што са се бориле Македонци и за што се сÄга борив“.[8]      Во статијата кога се зборува за македонската национална свест и за борбата против поробувачите во Македонија, неминовно се споменува и името на Гоце Делчев како еден од првите борци и идеолози за слободна Македонија. Притоа, запишано е дека „сите да се присетиме на зборовите на Гоцета Делчев“, мислејќи притоа на неговата отворена дејност на целата територија на Македонија за организрање и почетокот на едно општонародно востание и за враќање на старата и исправна идеја дека „Македонија им припаѓа само на Македонците“.[9]

Многу интересен запис дека континуитетот на вооружената борба во Македонија влече свои корени од времето на Г. Делчев, среќаваме  во „Билтенот на ПК на КПЈ за Македонија“ од јануари-фебруари 1942 година.[10]  Во статијата под наслов:„Македонската младина во борба против фашизмот“, македонската младина се повикува на општонародно вооружено востание против фашизмот и останатите поробувачи на Македонија. На крајот од статијата е запишано следново:„ ние сами ќе се збереме против нашите јадачи, по патот на младите борци низ Југославија, Балканот и цела Европа.. Млади Македонци и Турци, Арнаути и Власи, Грци и Евреи и доселеници ќе достоиме, здружно во борба, заедно со нашите браќа и сестри, татковци и мајки, со целиот македонски народ, ќе го довршиме делото на Гоце, Питу Гули, Сандански, Влахов и илади други знаени и незнаени македонски герои“.[11]

Во Билтенот од март-април 1942 година, отпечатена е цела статија за Гоце Делчев, а по повод на 39 годишнината од неговот загинување. Во нејзе во куси црти е прикажан животниот и борбениот пат на Г. Делчев, при што, посебен акцент е ставен на чистата национална компонента на автохтоноста на македонското револуционерно движење против обидите на бугарската врхушка истото да го стави под своја контрола. Во тој обид, во статија многу успешно идеалите на Гоце од предилинденскиот период да станат идеали и на народноослободителната војна. Во контекстот на ова, во статијата е запишано следново:„Идеалот на великиот македонски борец и револуционер Гоце Делчев, денес е идеал на најшироките македонски слоеви, кои пишкајат под јаремот на фашистката окупација. Борбата за тој велик идеал, борбата за една вистинска слободна Македонија, денеска највисоко го поставуе Партијата на македонскиот народ, Комунистичката партија...Ете зошто, на денот на смртта на великиот македонски револуционер и апостол на македонската револуционерна борба Гоце Делчев, Комунистичката партија смело го издига неговото славно Илинденско знаме и ги кали под него, како македонскиот, така и сите други поробени народи во Македонија за извојување на слободна Македонија, заедничка слободна татковина на сите...Напред, за исполнување на тој завет и слава на великиот македонски револуционер Гоце Делчев“.[12]

Во истиот Билтен, во статијата под наслов „Вториот сеславјански митинг“, одржан во Москава на 4 и 5 амприл 1942 година, посебно внимание е посветено на културното минато на Македонците, со посебен акцент на делото на Кирил и Методиј и на Килент и Наум, кои трајно и достоинствено го издигнаа барјакот на писменоста на целиот словенски свет. Во тој стил, во текстот се укажува дека македонскиот народ треба да биде горд што дал вакви великани од средниот век. Но, притоа, се прави паралела и со делото на Гоце Делчев и другите македонски револуционери, со кои, исто, сите Македонци требало да се гордееме, бидејќи:„Ние, Македонците не се срамиме од својот род, зашто нашиот народ роди великани како Гоце Делчев, Даме Груев, Пере Тошев, Карев, Сандански и го извлече на свои плеќи великото Илинденско востание, а нека германската „виша“ раса ни покаже колку такви востанија има во својата историја“.[13]

            Во последната статија од Билтенот на ПК на КПЈ за Македонија, озаглавена како „Целта на фашистичкото оземлуење“, а посветена на аграрното прашање во Македонија, посебно се потенцира дека тоа никогаш за време на турското ропство не било решено во интерес на Македонците. Во статијата се укажувало дека само преку револуција и оружена борба селаните можеле да ја земат земјата во свои раце. Единствено револуционерната организација имала правилен пристап кон ова прашање и настојувала, во рамките на своите можности, да воведе некаков баланс со турските феудалци. Во текстот, во врска со ова, е запишано на следново:„На кај това решение на аграрното прашање во Македонија водеше и револуционерната борба на македонскиот народ под раководството на неговите велики синови-Делчев, Груев, Сандански и др.“.[14]

            Со пиетет и доследна почит кон Гоце пишува и весникот на тетовската партиска организација „Неделен Весник“ од јули 1942 година.[15] Во статијата под наслов :„Животот на македонскиот народ под бугарски фашистички окупатор стануе потежок“, се зборува за наметнатиот фашистички режим на Бугарија во Македонија и тешкиот живот на Македонците кои поради нивниот отпор кон окупацијата жестоко бил казнуван, суден и ликвидиран. Но, во продолжение од текстот, се укажува дека кон сите ови злодела македонскиот народ нема да трае, бидејќи:„тој насекаде се дига на борба за изгонуене на фашистките окупатори. Негојте најарни синови и ќерки нарамија веќе пушки и ја наставуват борбата за идеалите на најголемите македонски борци и герој Гоце Делчев, Пере Тошев, Ѓорче Петров, Даме Груев, Јане Сандански, Димо Х. Димов, Влахов и др.“.[16]

            По повод 39 годишнината од Илинденското востание, ПК на КПЈ за Македонија, во август 1942 година,  објавил статија под наслов „Илинден и денешната борба на македонскиот народ“. Во оваа мошне инспиративна и содржајна статија, се пишува за поводот на Илинденското востание, за масовното вклучување на целиот македонски народ и за оправданата стратегија дека ова востание го организирал македонскиот народ за сопствено ослободување и без лажни надежи што ги давало тогашното бугарско кнежевство, но, и за причините за поразот на востанието. Во контекстот на тоа, во статијата се посочува дека тогаш македонскиот народ бил сплотен околу својата народна револуционерна организација:„чији идеолози беа Гоце Делчев, Ѓорче Петров и др“. Во корелација со ова, во статијата се поврзува тогашната борба со борбата која ја воделе и Македонците во Втората светска војна, со следнава заклучна констатација„...Комунистичката партија је денес једини доследен раководител во борбата на македонскиот народ и заштитиник на идеалите и идеологијата на најарните и најверните синови и водачи на нашиот народ:Гоце Делчев ...и затоа Комунистите се денес највредните наследници и продолжувачи на нивната борба“.[17]

            Во ист стил и со осврт на годишнината од Илинденското востание, статија под наслов:„Нешто од историја на македонското револуционарно минало – Гоце и Илинден 1903“, се објавила и во весникот „Братство“, орган на Окружниот комитет на КПЈ за Западна Македонија од 17 август 1942 година.[18] Статијата била издадена во чест на Гоце Делчев и се зборува целосно за неговиот творечки и револуционер пат од неговото најрано дество па се до неговото загинување. Статијата започнува инспиративно со името на Гоце, односно, дека:„Гоце е најсветлото име во Македонија, Гоце е најголемио организатор и револуционар-практичар во ослободителното движење (покрет) на Македонија. Тој е најголемиот проповедник за единството на народите во Македонија. Без него не може ни да се замисли онаја револуционерна организација која доведе до Крушевската република, без него не може да се замисли Ининден“. На тој начин, ова партиско гласило му оддало достојна македонска почит на овој великан со вистинските аргументи и сознанија што во тоа време ги имале македонските партизани и нивната пропагандна машинерија.[19]

            Шест дена подоцна, односно, на 23 август, во истиот весник „Братство“, била објавена и статијата под наслов:„Живото и борбата на македонскио народ под обата окупатора (бугарскио и италијанскио)-македонскиот народ се свети над народните издајници“. Во оваа статија, во која се зборува за убиството на македонскиот предавник и бугарски поданик, Мане Мачков, јавно се објавило дека тој не „паднал во борбата за национална слобода“, како што се обидувала да го прикаже бугарската полиција, туку:„правите борци за националната слобода на Македонија, настављачите на делото на Гоце Делчев и др., фашистите сака да ги престава како платени бољшевици, а предателите на македонскио народ (Мане и други полицејски агенти) како „народни борци“. Во овој текст јасна и визијата и намерата на авторот дека правењето на било каква паралела со Гоце на предавниците и шпионите е бесмислена и небулозна.[20]

            Во последниот напис од весникот „Братство“ под наслов :„Нешто од револуционарното минало на Македонија – за вооружените чети на тајната Македоно-Одринска организација“, објавена на 23 август 1942 година, се обработува детално секој член од Правилникот за четите на Тајната македоно-одринска организација. Целта била, овој напис да дојде до што поголем број на лица и да се види организираната поставеност, цврстината и дисциплината во Организацијата, како показател дека таквата поставеност морала да биде инплементирана и во македонските вооружени единици. Но, она што е најмоќно во текстот е завршниот дел, каде што е издвоена и запишана мислата на Г. Делчев за моралниот карактер на востаниците и револуционерите. Во врска со тоа, Гоце го кажал следново:„Јас не сакам востание со људи, кој ќе ме напуштат при првио неуспех; јас сакам револуција со граѓани, кадри да ги понесат сите тешкотии на една долготрајна борба, каква поради жестоките политички условиа, ќе биде и нашата – или ќе терам говеда на кланица (салана)“.[21]

            Името на Гоце било инспирација за пишување на текстови и во весникот на Кумановската партиска организација „Октобрис“, од октомври 1942 година.[22] Во него јасно и храбро е истакнато дека борците на македонските партизански одреди и сите припадници на народноослободителното движење, треба да го следат патот по кој одел за време на револуционерниот период до 1903 година големиот стратег, гениј и личност со безвременско значење – Гоце Делчев. Правејќи паралела на минатото со него и со периодот на НОВ, во весникот како заклучна констатација е истакнато следново:„По ступалке на Гоцета Делчевога, Груевога, Санданскога, Питу Гулегова уз пуну подршку на Кпмунистичку партију улегнуев у борбу македонски партизани, бестрашни борци против фашиски окупатори и народни издајице. У борбу, сас крв и пламен, родује се слободна Македонија...“.[23]

            Името на Г. Делчев е вешто искомпонирано и вметнато во текстот и на весникот “Народен Глас“, весник на Народно-ослободителниот фронт за Прилеп и Прилепско, од 28 јануари 1943 година.[24] Во статијата под наслов:„По повод на сраженијето кај Прилепскиот манастир“, на 20.12.1942 година, експлицитно и јасно е укажано на фактот дека „борците – народните комити“ од одредот Ѓорче Петров“, оваа битка успешно ја извојувале затоа што биле напоени со идеалите и вербата што тие во себе ја носеле од поранешните револуционери од Илинденскиот период. За тоа сведочат зборовите на командантот на одредот, кој, по победата, пред насобраните и построени борци, во говорот што го одржал пред нив, се навратил на Илинденскиот период со следниве зборови:„Четиријесе години се навршуват откако стотици и стотици славни борци, синој на македонскио народ, во борба за народното дело ги дадоја и ги дават својте животи.Четиријесе години се леј крвта за слободата на Македонија.Скоро четиријесе години се навршуват откако нашите славни дејсци, Гоце Делчев, Даме Груев, јане Сандански, Питу Гулев, Пере Тошев, Ѓорче Петров и друзи, со својето геројство и пожртвованост ни покажаја пато на борбата за слобода и независимост на македонскио народ“.[25]

            Со истиот пиетет и должно почитување кон делото на Г. Делчев се пишува и во статијата на весникот „Народна Борба“, орган на Втората македонска народноослободителна ударна бригада, од 1 декември 1943 година.[26] Во статијата јасно и прецизно е укажано дека вооружената борба во Македонија за време на Втората светска војна, е само логично продолжение на борбите што се воделе во Македонија последните педесетина години. Во тој смисол, во статијата егзактно е потенцирано и следново:„Како резултат на тија половина векови борби дојде формирањето на денешната М.Н.О.В. И наистина, ние ќе го продолжиме делото на нашиот голем учител Гоце Делчев, кој вика: Македонија ќе добие слобода само преко свое внатрешно вооружено востание, ако сите се соберем во единиците на МНОВ и поведиме решителна борба против окупаторите и нивните слуги“.[27]

            Мислата на Гоце Делчев :„Слободата на македонскиот народ лежи во неговото внатрешно востание“ претставува стожерна мисловна идеја и основна поттикнувачка цел која требало да биде огоромен мотивациски набој за сите борци на Македонската војска за време на Вторат светска војна. Околу оваа мисла на Гоце се врзува и текстот објавен во весникот „Глас“, орган на Народноослободителниот фронт на Македонија за Втората област од јануари 1944 година.[28] Во статијата под наслов:„Нашиот Пат“, успешно е синтетизирана народноослободителната борба во Македонија како продолжение на идеалите на Илинденците, чија завршница за создавање на македонска држава, требало да се реализира за време на Втората светска војна.[29]

            Во истиот јануарски број, но во друга статија под наслов:„Конференција на А.В.Н.О. на Југославија“, повторно се споменува Гоце Делчев, но сега само како дообјаснување по изборот на Димитар Влахов за потпретседател на АВНОЈ. Имено, како што пишува во текстот:„Еден од шесте изабрани подпреседници е инашиот сонародник Димитар Влахов, заслужен борец за слободата на Македонија и верен последовател на Гоце Делчев и Крушевската Република, а кој не нас преставува во Свесловенскио комитет во Москва“.[30]

            Во статијата „Значението на Манифестот и некој приговори на него“, објавена во весникот „Илинденски пат“ од февруари-март 1944 година, исцрпно е анализирана суштината на Манифестот на ГШ на НОВ и ПО за Македонија за вооруженото востание и програмата за разрешување на македонското прашање по ослободувањето на Македонија. И во оваа прилика неизоставно се споменува Г. Делчев, кое име се користи за да му се укаже на македонскиот народ и тој:„да оди по патот на својте славни традиции и наставуејќи ја борбата на Гоцета, Илинденското востание и Сандански, соуме да се снајде во денешното положение, да ја грабне пушката и да се цел дигни на општо народно востание против фашистките окупатори и нифните бугарски и албански измеќари. Со пушка во раци он денес си ја спечалуе својата слобода“.[31]

            Во обемната статија под наслов:„Куклите на германо-бугарските окупатори“, објавена во „Илинденски пат“, весник на Народноослободителниот фронт на Македонија од февруари-март 1944 година“, аналитички е генерализирана борбената активност на македонската војска на целата територија на Македонија, и, воедно, целосно е демаскирана улогата на сите окупатори и нивните слуги кои имале една и единствена цел, Македонија да не биде слободна држава и македонскиот народ да не биде признат како самостоен и независен политички субјект на Балканот. За да не дојде и до внатрешни поделби меѓу Македонците, во статијата тие се повикуваат и на тоа дека:„Патот е еден. Славниот пат на Илинденските борци, по патот на Гоце Делчев, Јане Сандански и нимниот жив саборец Димитар Влахов. Ако уште денеска ги соединиме сите свои снаги и прстаниме да се цепиме на србомани, бугарофили или пак гркомани и ставиме крај на миналите омрази, брат протв брата, који биле вештачки разгоруени и потплаќани со јудино злато од кралските дворови на Србија, Грција и Бугарија “.[32]

            Во истиот весник, но во друга статија под наслов:„Пред свикувањето на народното ослободување“ од април 1944 година, уште еднаш се потенцира значењето на Гоце Делчев како движечка сила и мотивирачки лик за обединувањето на Македонците во Втората светска војна. Поврзувајќи го решавањето на македонското прашање како една од главните внатрешни противречности, во статијата се повикува дека дојден бил моментот народот еднаш засекогаш да го отфрлел националното ропство кое долги години го оневозможувале Македонецот да создаде своја држава и самостојност. Затоа, во статијата, како охрабрувачки елемент се споменува и периодот на Илинденското востание со следниве зборови:„Започнува една славна епопеја на борби, во кои Илинденското востание и Крушовската Република го манифестираат пред очите на цел свет нивниот општонароден и прогресивно-демократски карактер. Длчев, Сандански, Ѓорче Петров, Влахов и др. По својата доследност израснаја од таја епоха како прави и истински народни водачи“.[33]

            Многу интересна констатација, поврзана со името на Гоце Делчев околу заедничката борба на Македонците со останатите народности во Македонија, е анализирана во статијата:„Слободна Македонија во демократска и федеративна Југославија“, објавена во весникот „Братство“, орган на Првата македонско-косовска ударна бригада април 1944 година.[34] Во статијата особено се потенцира дека за успешната борба на Македонците доста можеле да придонесат и другите народности кои требало заеднички да се борат рамо до рамо со Македонците. При ова, како основна оправдувачка алка е земена и мислата на Г. Делчев дека во оружената борба од предилинденскиот период за слободата на Македонија, свој придонес требало да дадат и другите народности. Имено, во врска со ова, во статијата е запишано следново:„Овој идеал и слични мисли имаја и видните раководители на Македонското Илинденско востание. Гоце Делчев, големиот учител и воѓ на македонскиот народ, мислеше дека и една ослободена Македонија, каде ќе царујеше братсвото помеѓу разни народности, можеше да живеје слободна само меѓу слободни комшиски народи на чело со народни влади...“.[35]

            Исконското име на Гоце се споменува и во весникот „Народен Војник“, орган на Првата македонска народноослободителна ударна бригада од јуни 1944 година.[36] Во статијата под наслов:„Ролата на народноослободителните комитети во народно-ослободителната борба на Македонија“ во која се зборува за воспоставувањето на првата народна власт во Кичевската околија, се укажува на фактот дека Македонецот:„ја покажа својата свесна воља да е тој останал верен на идеалите на воите големи учители од миналото Гоце Делчев, Јарев, Даме Грујев, Сандански и Димитар Влахов“.[37]

Со името на Гоце Делчев започнува и статијата :„За падналите другари“, објавена во весникот на Третата македонска народноослободителна ударна бригада „Огин“ од 15 јули 1944 година.[38] Охрабрени од успешниот развој на вооруженото востание во Источна Македонија, во весникот се пишува и следново:„Во историческиот поход по Источна Македонија, крвавиот окупатор разбра оти од сега натаму ослободителното знаме на Гоцета Делчев, развејано еднаш по Осогово, Пљачковица, Огражден и Беласица, нема да се свие дури слободата на Македонија не биде извојувана“.[39]

Мошне искрено, аргументирано и впечатливо името на Гоце Делчев се користи и во обзнанувањето на важни настани и соопштенија кои се случувале во Македонија во втората поливина на 1944 година. Едно од тие било и обзнанувањето на одлуките на Првото заседание на АСНОМ, кои меѓу првите ги објавил органот на Народноослободителниот фронт на на Македонија „Илинденски Пат“ во својот број од јули август 1944 година.[40] Посочувајќи го континуитетот на историската борба на Македонците во минатото и борбата во Втората светска војна, во статијата многу внимателно е вметнат и следниов цитат:„Не еднаш тој давал скапи жертви на олтарот на својата татковина.Никогаш не се заборават Синови-великани од редот на Гоце Делчев...што го положија својот живот за македонскиот народ...во тој поглед, денешната тригодишна борба црпи ценни поуки и искуства, како и морални сили од некогашната.“[41]

Цела статија во истиот весникот од јули-август 1944 година е напишана по повод 2 август. Статијата, со симболично име „2 август 1903 – 2 август 1944“ претставува историски осврт на двата илиндена и нивната заедничка нитка што ги поврзувала – борбата за слободна Македонија. И, тука, повторно значајно место со вешто избрани зборови му се дава на Гоце Делчев и на другите револуционери, бидејќи „борбата се водела на истите принципи од 1903 година изработени од Гоце Делчев и другите прво-апостоли...“.[42]

Со инспиративен текст е и статијата под наслов :„Да ги пазиме традициите на нашата бригада“ која во август-септември 1944 година била објавена во весникот на Третата македонска народноослободителна ударна бригада „Огин“.[43] Во весникот се прави паралела меѓу борбата во НОВ и Илинденското востание, при што, како искуство и поука јавно се укажува и на следново:„Македонски војниче, помни да идеалите на Илинденските востаници на чело со Гоце Делчев се пред остварување“, во смисла дека Македонија во тој период била на прагот на ослободувањето и создавање на самостојна македонска држава.[44]

Текст со слична содржина бил објавен и во весникот „Удар“, гласило на Седмата ударна бригада од октомври 1944 година. Во статијата под наслов:„Спомени“, во која авторот Илија Ивановски славејќи ја победата и се поблиската реализиција на сонот за создавање на македонска држава, не заборава борците да ги постсети и на делото на Г. Делчев, чии продолжувачи, како што запишал, биле и борците на Бригадата. Во коментарот за Гоце е запишано следново:„Другари, утре е Илинден, ко утре ношите татковци го дигна знамето на Гоцета Делчев. Низ цела Македонија загрмеја пушките, започна една неравна, но геројска борба против турската империја. То што нашите стари го започна, ние треба да го завршиме“.[45]

Од октомври 1944 година е и написот во кој повторно се споменува Г. Делчев, а е објавен во „Млад Борец“, весник на Народноослободителниот младински сојуз на Македонија.[46] Во статијата под наслов „Писмо од Костурско“ во кој се говори за оруженото востание во Егејскиот дел на Македонија во кое масовно учествувале и Македонците, со пиетет се споменува името на Г. Делчев со следниве зборови:„кај нас живеат ликовите на Гоце и Сандански, затоа што кај нас оште гори пламенот на Илинденското востание, затоа што нашата земја оште раѓаше доблестни синови...кои гинеа по великогрчките зандани, паѓаа од фашистки куршуми, скапаваа и гинеа од гнасната реакција држејќи го високо народното знаме“.[47]

Во последниот весник од овој преглед под наслов„Народна Одбрана“, орган на Бригадата на Народна одбрана од октомври 1944 година, поместена е и кусата но содржајна статија под наслов:„Во борба против неписменоста“.Во неа, во контекстот на борбата против искоренувањето на неписменоста во новата држава, не се заборава да се спомене и името на Г. Делчев, како личност кон која македонскиот народ имал бескрајна доверба и огромна желба да го продолжи и заврши неговото дело и трасираниот пат за создавањето на македонската држава.Тука, со посебен патриотски набој за него е запишана следнава мисла:„Тој истиот македонски народ покажа да е способен да го носи знамето на Гоце Делчев, покажуејќи со тоа да уште живее“.[48]

Покрај во списанијата и весниците, ликот и делото на Г. Делчев бил мотив тој да се запише и спомене и во фундаменталните документи за создавањето на македонската држава, донесени на Првото заседание на АСНОМ на 2 август 1944 година. На заседанието, кое го отворил точно во во 17.15 часот најстариот делегат, учителот Панко Брашнаров од Велес, тој со посебн пиетет и почит го споменал и името на Гоце Делчев како синоним на борците на двата илиндена за остварувањето на вечната кауза на борците од двата илинденаза формирање на слободна македонска држава. Тој, со треперлив но силен глас и емоции кои едвај ги контролирал, П. Брашнаров го отвори заседанието со следните зборови:„...Другарки и другари народни претставители, во овој момент, во ова историско место „Св. Отец Прохор Пчински“ и на овој историски ден - ИЛИНДЕН -, кога објавувам да е отворено Првото Антифашистичко собрание на народното ослободуење на Македонија, душата ми е преполнена со радост и пред премрежените очи гледам како се раздвижиле сите реки од Пчиња и Вардар до Места и Бистрица, заплускујат е целата македонска земја, сакајќи да измијат од македонскиот народ десетвековниот ропски срам од пропасти на Самуиловата држава, за да се роди денеска нова, светла и слободна македонска држава. Во овој момент, земјата на нашите покојници - многубројни народни герои, паднали и посејали коските си по цела Македонија, им станује по лека и они во мир веќе го гледаат изгревот на нашата слобода, гледат идеална дружба на старите Илинденци - на Гоце Делчев и денешните Илинденци - младата македонска војска, и поставените темели за остварението на идеалот на две поколенија, на две епохи - слободна, обединена Македонија“[49]

Името на великнаот со гордост го носеле и повеќе спортски друштва во Македонија, во кои претежно членувале млади Скоевци и спортисти. Така, во Прилеп, во 1941 година, преку спортското друштво „Гоце Делчев“, се собирале преку продажба на влезници, слики и значки со ликот на Г. Делчев, добороволни прилози за НОВ. Исто така, по повод на Илинденските демонстрации во Прилеп и во други градови на Македонија, демонстрантите носеле портрети со ликот на Г. Делчев.[50]   

Гоце Делчев бил инспирација и за пишување и пеење на песни во НОВ. Во Прилепско, во 1941-1942 година, од страна на Блаже Спирковски била напишана песна во која се споменува и Г. Делчев. Песната на овој автор била испеана со следниве зборови:„Ние што сме партизани,

Борци сме смели,

Нам не ние жал што ќе умреме,

В бој за слобода.

Спомените ги браќа, милиГоцета Делчев,

Дамета Груев, Питу Гули,

Јане Сандански...“.[51]

Песна за Гоце испеале и СКОЈ-евци и учениците од прилепската гимназија за време на излетот во околината на с. Прилепец, на 7 октомври 1941 година. Песната која гласно и сложно ја пееле сите ученици ги содржела следниве зборови:„Спомнете го браќа, Гоцета Делчев, Гоце Делчев за народ загина, за народ загина за Македонија“.[52]

Сепак, една од најзначајнате песни од времето на Втората светска војна, во која се споменува апостолот, е револуционерната песна „Во борба македонски народе“, каде визуелно, излегувањето на партизаните во борбата за слобода, требало да ги штити и храбри знамето на Гоце Делчев, односно знамето кое, по ослободувањето, требало да се вее како ореол заштитник над новата македонска држава. Паралелата меѓу Илинденското востание и народноослободителната војна е вешто синтетизирана и умешно вметната во текстот и ја претставува исконската желба на партизаните конечно да го завршат она што Илинденците го започнале за фромирање на посебна македонска држава. Зборовите на оваа безвременска песна, која и денес буди емоции и инспирации, се следниве:

  

Со векови окованa во пранги,
под ропство пишти Македонија,
појќе не трпиме бесчесни лаги,
во бој последен борци влегоа!Во борба, во борба, во борба,
македонски народе.
За света народна слобода
со песни и радост се мрее!Излеговме ние смели партизани,
над нас на Гоце знамето се вее,
во гори, полја и на сите страни,
фашистичка крв насекаде се лее.Синови сме на нашата татковина,
на илинденските наследници,
строиме живот, слобода, иднина,
за, жени, деца, старци, младинци.

            Името на безвременскиот великан Делчев е запишано и во текстот на државната химна „Денес над Македонија“.[53] Во неа, при споменувањето на дел од Илинденците, на прво место е запишано името на Гоце Делчев. На овој начин, на секое место и во секоја прилика, засекогаш името на Гоце Делчев гордо ќе се споменува и ќе претставува историска личност која достојно е поставена на највисокот место на пиедесталот во македонската историја. Затоа, вистинска чест е да се продолжи делото на Делчев како иднина на секој патриот и граѓанин за успешна и силна Република Македонија.[54]


[1] Димче Митрески – Јавшо, Формирањето, активностите и акциите на Првиот прилепски партизански одред „Гоце Делчев“, Прилеп и Прилепско во НОВ 1941 година, Скопје, 1976.,387-398.

[2] Петре Новачевски, Формирањето и дејноста на Битолскиот партизански одред „Гоце Делчев“ (22 мај 1943 г.), Битолските народноослободителни партизански одреди, Битола, 1982.,359-385.)

[3] Штип и Штипско во народноослободителната војна 1941-1945, Прилози од научниот собир одржан на 17,18 и 19 мај 1990 година во Штип, кн.1-4, Скопје, 2000-2001.

[4] Михаило Апостолски, Завршните операции на НОВ за ослободување на Македонија, Скопје, 1953.

[5] Ослободителната војна на македонскиот народ, Скопје, 1973; Марјан Димитриевски, Македонската војска 1944-1945, Скопје, 1999.

[6] Марјан Димитриевски, Македонската војска 1944-1945, Скопје, 1999.,159.

[7] Македонска енциклопедина, 2, М-Ш, Скопје, 2009.,1119; Митре Инадески, Илегалните техники во Македонија во времето на НОВ, Скопје, 1961., 29.

[8] Илегалниот весник „Дедо Иван“, бил орган на МК на КПЈ за Куманово. Весникот, во кој текстовите биле пишувани на кумановски дијалект, излегол само во три броја во периодот од 15 август до 15 септември 1941 година. 

[9] Историски архив на Комунистичката партија на Македонија, Том II, Книга Прва 1941-1943, Скопје, 1952.,17.

[10] „Билтен“ бил орган на ПК на КПЈ за Македонија, на македонски јазик. Објавени се само два броја во периодот од јануари до април 1942 година. Уредник и автор на дел од написите бил Кочо Рацин.

[11] Историски архив на Комунистичката партија на Македонија, Том II, Книга Прва 1941-1943, цит.д.,42.

[12] Исто таму.,69.

[13] Исто таму.,81.

[14] Исто таму.,84.

[15] Весникот излегувал од мај 1942 до август 1943 година во Тетово. Бил покренат од Кузман Јосифовски Питу за време на неговиот илегален престој во градот. Објавени се вкупно 12 броја од кои се зачувани само два.

[16]Историски архив на Комунистичката партија на Македонија, Том II, Книга Прва 1941-1943, цит.д.,168.

[17] Исто таму.,181-184.

[18] Весникот излегувал од 17 до 23 август 1942 година. Бил пишуван на македонски јазик, го уредувал Крсте Црвенковски, а бил растуран во Гостивар, Кичево и Дебар.

[19] Историски архив на Комунистичката партија на Македонија, Том II, Книга Прва 1941-1943, цит.д.,207-209.

[20] Исто таму.,215.

[21] Исто таму.,222.

[22] „Октобрис“ бил месечен илегален весник на Кумановската организација на КПМ, на македонски јазик. Излегувал од јули до ноември 1942 година во 120 примероци. Зачувани се само броевите од 3 до 6.

[23] Историски архив на Комунистичката партија на Македонија, Том II, Книга Прва 1941-1943, цит.д.,232.

[24] Весникот излегувал од декември 1941 до летото на 1943 година. Тој бил илегален весник на НОФ за Прилепско, на македонски јазик. Најдолго го уредувал Благоја Талески – Иван. Бил умножуван во тираж од 120 до 300 примероци, а растуран во Прилеп и Прилепско, во Кичево, Крушево, Македонски брод и во партизанските единици.

[25] Историски архив на Комунистичката партија на Македонија, Том II, Книга Прва 1941-1943, цит.д.,322.

[26] Весникот „Народна Борба“ излегувал од декември 1943 до јуни 1944 година. Излегувал еднаш месечно во тираж од 250 до 300 примероци. Објавени се вкупно седум броја.

[27] Историски архив на Комунистичката партија на Македонија, Том II, Книга Прва 1941-1943, цит.д.,415.

[28] Од овој весник излезен е само јануарскиот број на 16 страници. Весникот престанал да излегува поради провалата и апсењето на голем број на илегални лица во Битола во февруари 1944 година.

[29]Историски архив на Комунистичката партија на Македонија, Том II, Книга Втора, 1944, Скопје, 1958., 12.

[30] Исто таму.,22.

[31] Исто таму.,54.

[32] Исто таму.,65.

[33] Исто таму.,103.

[34] Весникот излегувал од 1 декември 1943 до 1 април 1944 година во 150 до 200 примероци на македонски и српски јазик. Биле објавени вкупно четири броја.

[35] Историски архив на Комунистичката партија на Македонија, Том II, Книга Втора, 1944, цит.д.,146.

[36] Весникот ислегувал од јуни 1944 до март 1945 година на македонски јазик. Објавени се вкупно 23 броја.

[37] Историски архив на Комунистичката партија на Македонија, Том II, Книга Втора, 1944, цит.д.,172.

[38] Весникот излегувал од март 1944 до мај 1945 година на македонски јазик. Објавени се вкупно седум броја, од кои броевите два и три не се зачувани.

[39] Историски архив на Комунистичката партија на Македонија, Том II, Книга Втора, 1944, цит.д.,197.

[40] Тоа било прво месечно централно списание од времето на НОБ. Било покренато од ЦК на КПМ и ГШ на НОВ и ПОМ кон крајот на 1943 година, но излегувањето било спречено од германската офанзива. Продолжил да излегува и во 1944 година,односно до месеците јули – август. Излезенибиле вкупно 8 броја.

[41]Историски архив на Комунистичката партија на Македонија, Том II, Книга Втора, 1944, цит.д.,214. 

[42] Исто таму.,219.

[43] Весникот излегувал на македонски јазик од 11.03 1944 до мај 1945 година. Објавени се вкупно 7 броја а само пет се зачувани.

[44] Историски архив на Комунистичката партија на Македонија, Том II, Книга Втора, 1944, цит.д.,280-281.

[45] Историски архив на Комунистичката партија на Македонија, Том II, Книга Втора, 1944, цит.д.,372.

[46] Весникот започнал да излегува во март 1944 година на слободната територија на Козјак, Кумановско.

[47] Историски архив на Комунистичката партија на Македонија, Том II, Книга Втора, 1944, цит.д.,368.

[48] Исто таму.,387.

[49] Свечениот дел од отворањето на Првото заседание на АСНОМ со поздравна реч на Панко Брашнаров (2 август 1944), „АСНОМ: документи“, Архив на Македонија, Скопје, 1984, том I, книга I., 126,

[50] Прилеп и Прилепско во НОВ 1944-1945, кн. 2,3, Скопје, 1985.

[51] Прилеп и Прилепско во НОВ 1944-1945, кн. 2, цит.д.,173.

[52] Исто таму, кн 3.,131.

[53] Автор на текстот е Владо Малески, а автор на музиката е Тодор Скаловски. Напишана е во 1941 година. По завршувањето на Втората светска војна е усвоена како химна на СР Македонија во рамките на поранешна Југославија, а по осамостојувањето на Република Македонија, на 11 август 1992 година со закон е прогласена и за химна на Република Македонија.

[54] Посмртните останки на Делчев прво се чувале во Баница до 1917 година, кога се пренесени во Ксанти, а потоа во Софија, Република Бугарија До 1923 година, ковчежето со коските се чувало во домот на Михаил Чаков, а на него пишувало „Ги заколнуваме поколенијата што доаѓаат светите коски да бидат погребени во главниот град на независна Македонија. Август 1923, Илинден“. Заветот е исполнет и на 11 октомври 1946 година коските биле пренесени во Скопје, во црквата Свети Спас.

Проф. д-р Ѓорѓи Малковски

 

На прво место

News image

Мане Јаковлески: Мојот пат по стапките на месијата 2011 година (8)

Петта станица-десно кон улицата Францис, од каде патот нагло, остро се издига кон Голгота (Калварија...

Историја

News image

Границите на Македонија се таму, до каде што допира римскиот меч

Македонија станува римска провинција во 146 година п.н.е., откако римскиот војсководец Квинт Цецилие...

Иселеници

Култура и туризам

News image

ВО АНКАРА– ГРАДОТ НА АТАТУРК И ПРЕСТОЛНИНАНА ТУРЦИЈА(10)

ДЕЛ ОД ПОСЕТИТЕ НА ГРАДОВИ ВО СВЕТОТ ВО ПУБЛИКАЦИЈАТА „СВЕТОТ НА ДЛАНКА“ НА СЛАВЕ КАТИН 

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.