Димитар Миладинов е пресреќен што може да учи 40 стружанчиња, жедни за знаење. Почетниот песимизам исчезнува. Веќе на 28 ноември 1859 година, едно писмо од великиот преродбеник блика со радост заради видливиот напредок на словенството во Струга: "Тука во Струга добро одиме со словенството, имаме 4 ученици од Охрид! Двајца свештеници ја служат службата црковна во Струга. Слично и во училиштето наше. Ура! Ура!..."
Од едно друго негово писмо се гледа дека си поставил цел да отвори словенска гимназија или во Битола или во Воден, но повеќе сакал тоа да стане во Битола, зашто токму во седиштето на Битолскиот вилает се наоѓало жариштето на грцизмот во овој дел на Македонија. По смртта на толерантниот Јоаникие, Димитар Миладинов бил присилен да истапи отворено против протосингелот Мелетие, кого Патријаршијата од Цариград сакала да го назначи на местото на покојниот владика. Штом узнале за таа комбинација, охриѓани и стружани собрале потписи против Мелетие. Нивниот четврт протест (од 20 февруари 1860 година) содржел над 12.000 потписи од Охридско и од Струшко. Во таа борба особено се пројавил Димитар Миладинов. И други се восхитувале од неговата бескомпромисна борба. Русинот Александар Б. Рачински изјавил: "Во неговото лице јас за првпат видов народен деец". Еден друг современ автор пишува: "Тој за Македонците е повиканиот, пратениот од судбината спасител". А еве што вели самиот Димитар: "Горе главите! Го укоруваат нашиот јазик и го наречуваат варварски, еден од најстарите и најбогатите јазици! Грците нè одречуваат. Но тоа е стара песна.. . Cera ни фанариотите не можат да лажат како пред 50 години во Костур… Да се збогатиме со мисли и со идеи на нашиот јазик, потоа да учиме и други јазици". И покрај протестите на стружани и охриѓани, Патријаршијата го назначува Мелетие за владдка во Охрид. Мелетие започнува веднаш да дејствува со византиска перфидност против Димитар Миладинов. Го клевети пред турските власти дека бил бунтовник и непријател на државата на султанот. Тие клевети ги повторува секојдневно, за да ги вкорени во свеста на не многу способните турски раководители, чијшто живот тече исклучиво меѓу богатите јадења и харемските уживања. За посигурно да ја оствари подмолната замисла, Мелетие се здружува и со битолскиот владика Венедикт, исто така целосно аморален човек; духовник без авторитет и чест; без усет за човечност и правда. Двајцата "духовници" подготвуваат планска завера против Димитар Миладинов, кој станал поим за Струга. Се случи, во истата 1860 година, великиот везир Мехмед Карал да ги посети поголемите македонски градови, божем да ја испитал положбата на населението, а всушност да организира лов на руски агенти, иако такви немало во Македонија. Тоа им помогнало на Мелетие и на Венедикт да го забрзаат текот на настаните за конечно да го отстранат великиот стружанец од историската сцена. Пак во тоа лето, в Охрид дошол битолскиот валија Абдул Керим паша. Владиката Мелетие организирал интимна вечера за него, му дал поткуп во злато и го придобил за планот против учителот Димитар Миладинов. Околу неуморниот преродбеник сè повеќе се стегал обрачот. Во тоа време во Охрид работел и еден лекар Грк, д-р Анастаз К. Серезли, родум од градот Серез. Гркот бил докажан и проверен пријател на Македонците. Неговата професија му овозможувала слободно да се движи низ сите населби во областа. Тој го ползувал тоа право да им помага на Македонците, тогаш кога ќе се укажела потреба. Во почетокот на 1861 година д-р Серезли узнал за новите сплетки на владиката Мелетие. Веднаш заминал за Струга и го предупредил лично Димитар Миладинов за опасноста што му се заканувала. Докторот го посоветувал времено да се засолне некаде подалеку. Миладинов одбил да го послуша, веројатно затоа што не сакал да се покаже страшливец. Тој и не бил таков, но требало да го послуша советот на пријателот Грк. На 16 февруари 1861 година, сердарот на битолскиот валија Абедин бег, со вооружена придружба, го разбудил семејството на Димитар Миладинов во Струга, влегол во куќата и почнал да врши претрес по сите простории. Абедин бег запленил четири вреќи со книги и писма и една торбичка со собрани стари монети. Потоа грубо го спотерал Д. Миладинов пред очите на неговата сопруга и на исплашените деца, и го затворил во Управниот дом во Струга. Истиот ден биле затворени Георги Чакаров, Јован Евров и некои други. За несаканиот настан Кузман Шапкарев итно ги известил браќата Робеви во Битола, со надеж дека тие ќе можат да преземат нешто за ослободување на затворените. Идното утро, на 17 февруари, Абедин бег ги префрлил Миладинов и Чакаров во охридскиот затвор. Чакаров бил ослободен по интервенција на еден негов пријател, а Миладинова го качиле на коњ за да го спроведат во Битола. На разделба, на своите соборци, ученици-наследници им рекол: "Што сте се уплашиле така, деца? Човечкиот живот е една рака крв, за толку ли ќе се плашам! Јас одам во сигурна смрт, но народот нема да умре заедно со мене; тој ќе остане жив и еден ден ќе воскресне; тогаш ќе ја оцени и мојата крв. Јас го посеав семето, а вие бидете живи да го пожнеете неговиот плод". Додека Димитар Миладинов чмаел во темните ќелии на битолскиот централен затвор, во близината на градскиот амам, кај чинарот, неговите најверни пријатели, соборци и домашни се раздвижиле за да му помогнат да биде ослободен. Тој ништо не сторил против турската власт и нејзините закони. Струшките пријатели ја посоветувале неговата сопруга Митра Д. Миладинова да испрати молба до конзулите во Битола, коишто, во тогашни услови, можеле да помогнат до определени граници. Сличен совет и бил даден веројатно и од англискиот конзул. Ha 17/29 јуни 1861 година, Митра Д. Миладинова испратила молба, на грчки јазик, до англискиот конзул во Битола Чарлс И. Калверт, а преку рускиот конзул Хитрово - виден дипломат од игнатиевското училиште - и до францускиот амбасадор во Цариград. Во молбата до англискиот конзул во Битола Митра Д. Миладинова на најсоодветен начин го искажува своето цврсто верување во невиноста на сопругот: "Be молам непосредно да се замешате преку почитуваното Пратеништво на Вашата влада во Цариград пред Високата Порта, да и се предадат моите справедливи жалби и да се издејствува исполнувањето на моите и на децата желби, то ест да се спасе и да биде ослободен мојот љубен сопруг преку беспристрасна истрага во духот на божјата правда". На 24 јули 1861 година конзулот Калверт испратил извештај до англискиот амбасадор во Цариград Булвер, во врска со затворањето на Димитар Миладинов: "Јас лично ја посетив Струга пред неколку месеци и, додека бев таму, чув некои нешта за човекот (Димитар Миладинов - бм), чија сопруга енергично апелира за заштита и за исправање на грешката. Имам основа да сметам дека таа и нејзиното семејство се наоѓаат во целосно бедна положба… Миладинов е повеќе жртва на политичко-религиозно гонење од страна на грчкото духовенство и особено на грчкиот архиепископ во Битола" (Венедикт - бм). Добронамерните и хуманите интервенции не спомогнале. Димитар Миладинов бил спроведен во Цариград, Таму го сместиле во уште помемливи затвори. Турските власти го затвориле и Константин Миладинов, авторот на "Т'га за југ". Струшките браќа паднаа како жртва на најниски интриги. Во првата куса историја на македонскиот народ на македонски јазик - издадена во вид на Програма во 1945 година во Битола - пишува: "Браќата Миладиновци се едни од првите борци во Македонија за нејзиното национално ослободување и за сестраното културно и материјално развивање на Македонците. Од нив секој Македонец, па и секој човек, има што да научи и нивниот пример е пример достоен за следење".
Од монографијата "Струга и Струшко" Д-р Душко Константинов, Струга 1970 |