|
|
Македонија, мојот копнеж – Манојил Мане Јаковлески (47) |
Судбината и ангажманите поврзани околу проекти од големо значење на Македонија, ангажмани на кои се темели суверенитетот на македонската држава, ќе ги испреплети животните патишта на Мане Јаковлевски и на професорот д-р Панде Лазаревски, вработен во Институтот за социолошки и политичко-правни истражуцања и поранешен амбасадор во Романија. Особено до израз ќе дојде нивната професионалност, самопрегор и љубов кон земјата. Нивната тесна соработка ќе биде од исклучително значење за успешно реализирање на проектите од национален интерес, како што се НКС „10 дена Крушевска Република“ и „Меморијалниот центар на колокаустот на Евреите од Македонија“. Во монографијата „Македонија, мојот копнеж – Манојил Мане Јаковлески, авторот Киро Кипровски ќе објави повеќе мислења на политичари, амбасадори и други видни личности за Мане, меѓу кое и од проф. д-р Панде Лазаревски, во кое поранешниот амбасадор за својот пријател кој што ословува со „надвојвода“ и за неговата посветеност кон татковината и партијата ВМРО ДПМНЕ ќе напише: „НАДВОЈВОДАТА“ КЛУЧЕН АКТЕР ВО СОЗДАВАЊЕТО НА МОДЕРНОТО ВМРО Манојил и Панде во спомен куќата на „Смилевскиот конгрес“ во с. Смилево „Да се најдат прави зборови, за во куси црти да се опише дружењето со Мане Јаковлески (кого, не без причина, го ословувам со „надвојводо”), како и неговиот богат животен опус, едновремено претставува благородна, но и тешка задача. Како го доживувам Мане? Пред се, како искрен патриот и чесен човек. Како човек, чиј животен пат е испреплетен со премрежјата на патот до независна македонска држава, но и потоа. Како човек со многу ентузијазам и посветеност, едновремено со жар, но и трезвена промисла и внимателно одмерени зборови и конкретни дела, во вистинско време и на вистинско место. За Мане, Македонија е врвното добро, кое дава смисол на животниот опус, а ВМРО е незаменливата судбинска алатка за независна Македонија и за благосостојбата на веќе воспоставената македонска држава. За него, ВМРО е идеологија, а независноста на Македонија, аманет. Аманет што не остава простор за интерпретации, туку императивно наложува. Тоа и самиот го истакнува, со збор и со дело. „Надвојводата”, како еден од клучните актери во создавањето на модерното ВМРО (ВМРО-ДПМНЕ), не испушта во секоја прилика, да се повика на светлите традиции од истриското ВМРО и аманетот на Илинденците, за создавање на слободна и независна македонска држава. Не случајно неговиот живот во континуитет е исполнет со активност и во земјата и во странство, посветени на македонската кауза. Во клучните моменти од современата македонска историја, Мане беше директен учесник, некојпат видлив на сцената, а некојпат дискретно присутен во позадина, зависно од тоа што налагаа околностите. Секојпат беше воден од аманетот, да се чува и сочува Македонија независна. Само тој лично, може да зборува за неговиот ангажман во судбоносните моменти од постоењето на македонската држава и тоа што ќе го каже да го документира, со она што го има во својата исклучително богата и вредна архива. Во најтешките моменти, кога на просторот на поранешна Југославија, републиките крваво се раздружуваа и кога беше доведен во прашање опстанокот на младата независна државата, малку е познато, дека тој далеку од очите на јавноста работеше неуморно и ги употребуваше сите свои сили, средства и познанства за да се заштити и зачува Македонија. Мане е реален човек. Свесен е за природата на проблемите, што го обременуваат секојдневието. Мане е човек со став. Став за личната и заедничката одговорност, кон народот и државата. Мане е човек со оптимизам. Всушност, оптимизмот што го има е генераторот на неговата животна енергија. Свесен е дека не е се` идеално, свесен е за одговорноста на нестореното или погрешно направеното, како и за штетите направени од човечките суети, алчности самобендисаност. Но тој е пред се човек, кој сака да ја види позитивната страна, да го истакне како пример што мотивира, она што е добро направено. Сака да ја демонстрира вербата, дека може да биде подобро, бидејќи верува дека подобро и ќе биде. Своевремено, со своите ставови и ангажираност меѓу македонската емиграција, во деновите на едноумието, го имаше привлечено вниманието и беше предмет на обработка на безбедносните служби на тогашна СФРЈ. Да се дејствува за македонската кауза, за обединување на поделена Македонија во тој период, во време кога лесно можеше човек да заглави во затвор или да ја изгуби главата, беше потребна голема храброст и мудрост. Но, тоа не го поколеба да чекори по патот што го имаше лично трасирано и оценото, како единстевнено исправен. Патот на македонската кауза. И денес, неретко наидува на неодобрување кон неговите ставови. Но, тоа го прави само уште по упорен во остварувањето на она што го смета за негова животна мисија, а тоа е посветеноста кон Македонија. Тоа што има да го каже, го кажува потпирајќи се врз несоборливи аргументи, јасно, недвосмислено, со крената глава, гледајќи им в очи на оние, кои мислат поинаку. Затоа, со таквата доблест што ја има, Мане е пример за генерациите што стасуваат и го формираат својот светоглед и став во животот. Некој ќе запраша, од каде таквата животна инспирација на Мане, уште од најрана младост? Како што самиот истакнува, инспириран е од делата на Гоце Делчев, Даме Груев, Јане Сандански, Питу Гули и други познати македонски дејци, тој и неговите истомисленици во дијаспора, собрани во најголем дел во организацијата Движење за ослободување и обединување на Македонија (ДООМ, под водство на Драган Богдановски, го живеат аманетот за слободна Македонија и дејствуваат на три континенти (Европа, Австралија и Северна Америка), а списанието „Македонска нација“ ја шири вистината на сите страни. Разбирливо, како неизоставен актер во„ третиот Илинден“, Мане беше еден од трасерите на патот до целосна државност на Македонија, со што се оствари многу вековниот сон на македонскиот народ, за независна и суверена Македонија. Манојил Мане Јаковлески положи цвеќе на споменикот Македониум во име на делегацијата на НКС „10 дена Крушевска Република“ За сето она што го има направено за својата земја и за ВМРО, Мане ужива неспорен авторитет и почит, како меѓу ветераните, така и меѓу поновите членови на ВМРО - ДПМНЕ, партија во чии темели лично се вградил и кон која демонстрира во секоја прилика безрезервна поддршка. Мане е човек што шири позитивна енергија, човек што обединува (кога многумина разединуваат), кој мотивира и поттикнува (кога многумина шират дефетизам и малодушност). И на поодмината возраст, инспирира со свежината на духот и спремноста да предводи или да биде дел од организации и манифестации, кои го негуваат националниот дух (како НКС „10 дена Крушевска Република“) или мултиетничноста и сеќавањето за оние кои повеќе ги нема (како што е Фондот на холокаустот на евреите од Македонија). Лично сум имал можност ,да се уверам во почитта што ја ужива меѓу своите сограѓани од албанско и турско етничко потекло, а можам да посведочам и за неговиот исклучително позитивен однос кон власите, видлив особено во конекст на чествувањето на Крушевската Република. За„ надвојводата ”можам да кажувам уште многу, но имајќи го предвид ограничениот простор, сакам уште да истакнам, дека негово дело е и креирањето на своевидна„ Енциклопедија на македонскиот непокор“, веб-порталот „Македонска нација“, со мисијата за ширење на вистината за Македонија, бидејќи како што вели „таа мора да се чуе, да се напише, да остане трага за идните генерации“. За крај на овој прилог, само ќе речам дека за мене е не само чест, туку и благослов, тоа што сум прифатен од „надвојводата” Мане Јаковлески, за негов пријател и соборец.“ (продолжува) |