|
|
Гоце Делчев како синоним и инспирација за развојот на Народноослободителната борба на македонскиот народ во Втората светска војна (1941-1944) (1) |
Името и делото на Гоце Делчев во текот на Втората светска војна се почитувало со посебен пиетет и респект. Делото на апостолот ги храбрело Македонците, им давало сила и истрајност, но и ги мотивирало во поглед на тоа дека слободата се извојува само со организирано делување, со сплотување на сите расположливи човечки сили и ресурси за конечно и Македонците да добијат своја матична држава. Тоа за што се борел Делчев во предилинденскиот период, не останало заборавено кај сите чинители во Народноослободителната војна. Неговата харизма на личност со безвременско историско значење за македонскиот народ, се пренесувало од колено на колено меѓу сите Македонци за целиот период од 1903 до 1941 година. Не постоело песна, текст или име на воена единица, а неговото име да не било споменато. Тоа само покажувало со каква почит оваа легендарна историска македонска личност имала влијание меѓу Македонците од самиот почетокот на вооруженото востание па сé до неговиот крај. Поаѓајќи од тој факт, тука само делумно ќе направиме обид во кратки црти да дадеме преглед каде неговото име се споменувало во текот на вооруженото востание во Македонија од 1941 до 1944 година. За прв пат, во 1941 година, со името на Гоце Делчев бил именуван првиот прилепски партизански одред формиран на 23 октомври 1941 година во базата „Дуова Вода“, во близина на с. Степанци, Велешко. Одредот броел 39 старешини и борци. Текстот за партизанскиот марш на Одредот го напишале Оцка Михајловски, Крсте Црвенковски и Коле Чашуле, а се базирал на стара македонска мелодија од која, пак, произлегла песната „А бре Македонче“, која, потоа, станала официјален марш на првиот прилепски партизански одред „Гоце Делчев“. Меѓутоа, оваа песна подоцна станала и химна на целото партизанско движење во Македонија, два месеци пред создавањето на македонската химна „Денес над Македонија“. Песната била создадена во периодот меѓу 23 октомври и 8 ноември 1941 година, кога ја имала својата прва изведба во прилепското село Царевиќ, на првиот народен собир (митинг) во фашистички поробената Македонија. Првобитниот текст на песната бил: А бре, Македонче, каде се спремаш? Бојот те чека, бој за слобода. Бој за слобода, за Македонија, за Македонија, земја поробена. Мажи накитени, жени наредени, в борба ми одат, борба за слобода. Нека разберат денешните тирани, Македонско име нема да загине! Осврнувајќи се за именувањето на одредот со името на Гоце Делчев, тогашниот политички комесар на одредот Крсте Црвенковски – Октомвриски, пред построените борци го кажал следново:„Името не е само симболика, ами нужен континуитет на вековните револуционерни борби на нашиот народ, нужна историска поврзаност и континуитет со борбата во минатото нарочно со Илинденскиот период и како признание на човекот, кој најдоследно и бескомпромисно го водел македонскиот народ во борба за слобода“. Во борбените операции на Одредот во текот на 1941 и 1942 година, загинале 14 борци, а 8 борци биле прогласени за народни херои. Со името на великанот од Илинденскиот период се закитил и новоформираниот битолски партизански одред, формиран на 22 мај 1943 година на падините на Вичо планина и во непосредна близина на селото Прекопана, Егејскиот дел на Македонија. Во составот на Битолскиот партизански одред „Гоце Делчев“ биле вклучени 92 борци и старешини, прилично голема бројка за тоа време. Тој број во наредните години нараснал на преку стотина прекалени борци, од кои 25 лица биле Италијанци, кои во одредот стапиле по капитулацијата на фашистичка Италија во септември 1943 година. Одредот во текот на 1943 и 1944 година превзел широки и прецизни воени операции против бугарскиот и италијанскиот окупатор на битолско-преспанското, на воденско-гевгелиското и на тиквешко-мариовскиот терен. Во натамошниот тек на народноослободителната војна, борците на Одредот биле вклучени во Втората и Третата македонска народноослободителна бригада, а во 1944 и 1945 година тие влегле во составот на 5-та, 6-та и 7-та македонска народноослободителна бригада. Голем број од овие борци учествувале во завршните операции за целосното ослободување на Југославија како припадници на 15-от македонски ударен корпус. Од борците на Одредот „Гоце Делчев“ 14 лица загинале, четворица станале генерали во ЈНА, четворица биле прогласени за народени херои на Југославија, а носители на високото призание „Партизанска споменица 1941 година“ биле 41 борец. Продолжува
Проф. д-р Ѓорѓи Малковски |