|
|
Македонија, мојот копнеж – Манојил Мане Јаковлески (56) |
Во монографијата „Македонија, мојот копнеж – Манојил Мане Јаковлески, од авторот Киро Кипровски, голем број негови пријатели, соработници и познаници говорат за животот и делото на Мане, за неговата посветеност кон Македонија и македонски народ. Сепак можеби еден од најдобрите описи за љубовта на Мане кон својот народ и татковина, за неговиот патриотизам, за неговата борба по осамостојување на земјата за признавање и очувување на сувереноста, независноста и самостојноста на македонската држава, како и за борбата за зачувување на името и идентитетот на македонскиот народ, ни го дава публицистот Славе Николовски – Катин. Во македонската јавност Славе Николовски – Катин е познат по бројните публицистички, новинарски и научни трудови кои се посветени, главно на животот на Македонците во светот. Проучувајќи ја македонската емиграција, тој неминовно се запознава и соработува со Мане Јаковлевски кој долго време работи во Западен Берлин. Опишувајќи го како „чувар на македонската вистина“, меѓудругото во монографијата „Македонија, мојот копнеж – Манојил Мане Јаковлески“, публицистот Славе Николовски – Катин за Мане ќе напише: „Името и делото на Маноил (Мане) Јаковлески е особено познато, признато и тесно поврзано со вистината за македонскиот народ и Македонија. Тој како македонски емигрант во Европа е еден од најзаслужните за формирањето и иднината на партијата ВМРО - ДПМНЕ. Мане Јаковлевски е еден од ветераните за движењето за ослободување и обединување на Македонија (ДООМ) уште од формирањето до денес и е поборник за напредокот и иднината на Македонија како самостојна, суверена и независна држава. Со својот портал „Македонска нација”, тој е поддржувач и продолжувач на првиот весник кај македонската емиграција во Европа, кој беше огледало на вистината и на одбраната на етничка Македонија. Тој е истакнат бизнисмен и хуманист, духовен посветеник и горд припадник на својот библиски род и македонската земја. Таквата угледна бизнис-личност, вљубеник во македонскиот народ насекаде по светот и во својата татковина Македонија, секогаш го водела светата мисла да остави вечни траги за идните генерации. Мане Јаковлевски, без сомнение, е еден од економски успешните Македонци, кој како повратник инвестира голем капитал во Република Македонија. Иако подолго време живееше во Берлин, Германија, од своето емигрирање до денес тој е длабоко и силно поврзан со судбината, вистината и настаните во Македонија. Мане е Македонец по националност и православен христијанин по вера. Тој е еден од најголемите иницијатори и организатори на одбраната на македонското име. Мане е бранителот и афирматорот на историјата на етничка Македонија и честа на македонскиот народ во светот. Мане Јаковлески жали што пречекот на Новата 2003 година бил крај на ресторанскиот бизнис на „Ново Скопје”, во кој ја продолжил работата на неговиот постар брат Гојко. За престанувањето со работа на „Ново Скопје” жалат и голем број берлинчани кои биле редовни гости, потоа бројни Македонците кои живеле во Берлин и Германија, бидејќи за нив ресторанот бил повеќе од еден македонски дом, кој од почетокот до затворањето бил неформална македонска амбасада во светската метропола Берлин. Во сите тие години Мане живееше со Македонија. Таа му беше и сон и јаве и вечна судбина. Затоа, во 2002 година се врати во Македонија и оттогаш живее на две локации – родното Зубовце и Скопје. Посебно сакам да истакнам дека Мане е продолжувач на гласилото „Македонска нација”, кое беше гласило на македонската емиграција. Денес како веб – портал „ Македонска нација”, претставува вистинска нацонална трибина, во која учествуваат сите оние Македонци или Македонки, кои сакаат да работат за доброто и среќата на својата нација и Македонија. „Македонска нација“ ја обнови на 17 јуни 2009 година, и е едно од првите демократски и емиграциски гласила, кое не така одамна претставуваше единствен печатен медиум на Македонците надвор од сопствената држава. Како основоположник на македонската национална слободна мисла, новото електронско издание на „Македонска нација” продолжува со потрагата по вистината, толку потребна за одбрана на македонската национална кауза. Електронското издание на „Македонска нација”, со своите над пет илјади статии, претставува вистинска енциклопедија на македонскиот народ, а изнесената вистина која ја шири низ светот претставува вистински браник на македонската национална кауза. Покрај Мане Јаковлевски како основач на веб-порталот, во него се вклучени: Горан Митевски, Киро Кипроски, Дејан Донев, Тихомир Каранфилов, Гордана Димовска, Јанко Томов, Емил Јакимовски и авторот на овие редови Славе Катин, како и надворешните соработници: Васил Стерјовски, Бранислав Саркањац, Панде Лазаревски, Виолета Сековска, Жаклина Трпевска, Тодор Петров, Жаклина Петровска, Александар Џеповски и Костадин Керпичоски. Овие лица се заслужни што веб-порталот „Македонска нација” стана македонски хроничар, кој ги бележи настаните, ја брани и ја чува македонската вистина и Македонија. |