|
|
Гоце Делчев како синоним и инспирација за развојот на Народноослободителната борба на македонскиот народ во Втората светска војна (1941-1944) (8) |
Со името на Гоце Делчев започнува и статијата: „За падналите другари“, објавена во весникот на Третата македонска народноослободителна ударна бригада „Огин“ од 15 јули 1944 година. Охрабрени од успешниот развој на вооруженото востание во Источна Македонија, во весникот се пишува и следново: „Во историческиот поход по Источна Македонија, крвавиот окупатор разбра оти од сега натаму ослободителното знаме на Гоцета Делчев, развејано еднаш по Осогово, Пљачковица, Огражден и Беласица, нема да се свие дури слободата на Македонија не биде извојувана“. Мошне искрено, аргументирано и впечатливо името на Гоце Делчев се користи и во обзнанувањето на важни настани и соопштенија кои се случувале во Македонија во втората поливина на 1944 година. Едно од тие било и обзнанувањето на одлуките на Првото заседание на АСНОМ, кои меѓу првите ги објавил органот на Народноослободителниот фронт на Македонија „Илинденски Пат“ во својот број од јули август 1944 година. Посочувајќи го континуитетот на историската борба на Македонците во минатото и борбата во Втората светска војна, во статијата многу внимателно е вметнат и следниов цитат: „Не еднаш тој давал скапи жертви на олтарот на својата татковина. Никогаш не се заборават Синови-великани од редот на Гоце Делчев...што го положија својот живот за македонскиот народ.. .во тој поглед, денешната тригодишна борба црпи ценни поуки и искуства, како и морални сили од некогашната.“ Цела статија во истиот весникот од јули-август 1944 година е напишана по повод 2 август. Статијата, со симболично име „2 август 1903 – 2 август 1944“ претставува историски осврт на двата илиндена и нивната заедничка нитка што ги поврзувала – борбата за слободна Македонија. И, тука, повторно значајно место со вешто избрани зборови му се дава на Гоце Делчев и на другите револуционери, бидејќи „борбата се водела на истите принципи од 1903 година изработени од Гоце Делчев и другите прво-апостоли...“. Со инспиративен текст е и статијата под наслов: „Да ги пазиме традициите на нашата бригада“ која во август-септември 1944 година била објавена во весникот на Третата македонска народноослободителна ударна бригада „Огин“. Во весникот се прави паралела меѓу борбата во НОВ и Илинденското востание, при што, како искуство и поука јавно се укажува и на следново: „Македонски војниче, помни да идеалите на Илинденските востаници на чело со Гоце Делчев се пред остварување“, во смисла дека Македонија во тој период била на прагот на ослободувањето и создавање на самостојна македонска држава. Текст со слична содржина бил објавен и во весникот „Удар“, гласило на Седмата ударна бригада од октомври 1944 година. Во статијата под наслов: „Спомени“, во која авторот Илија Ивановски славејќи ја победата и се поблиската реализиција на сонот за создавање на македонска држава, не заборава борците да ги постсети и на делото на Г. Делчев, чии продолжувачи, како што запишал, биле и борците на Бригадата. Во коментарот за Гоце е запишано следново: „Другари, утре е Илинден, ко утре ношите татковци го дигна знамето на Гоцета Делчев. Низ цела Македонија загрмеја пушките, започна една неравна, но геројска борба против турската империја. То што нашите стари го започна, ние треба да го завршиме“. Од октомври 1944 година е и написот во кој повторно се споменува Г. Делчев, а е објавен во „Млад Борец“, весник на Народноослободителниот младински сојуз на Македонија. Во статијата под наслов „Писмо од Костурско“ во кој се говори за оруженото востание во Егејскиот дел на Македонија во кое масовно учествувале и Македонците, со пиетет се споменува името на Г. Делчев со следниве зборови: „Кај нас живеат ликовите на Гоце и Сандански, затоа што кај нас оште гори пламенот на Илинденското востание, затоа што нашата земја оште раѓаше доблестни синови...кои гинеа по великогрчките зандани, паѓаа од фашистки куршуми, скапаваа и гинеа од гнасната реакција држејќи го високо народното знаме“. Во последниот весник од овој преглед под наслов „Народна Одбрана“, орган на Бригадата на Народна одбрана од октомври 1944 година, поместена е и кусата но содржајна статија под наслов: „Во борба против неписменоста“. Во неа, во контекстот на борбата против искоренувањето на неписменоста во новата држава, не се заборава да се спомене и името на Г. Делчев, како личност кон која македонскиот народ имал бескрајна доверба и огромна желба да го продолжи и заврши неговото дело и трасираниот пат за создавањето на македонската држава. Тука, со посебен патриотски набој за него е запишана следнава мисла: „Тој истиот македонски народ покажа да е способен да го носи знамето на Гоце Делчев, покажуејќи со тоа да уште живее“. Покрај во списанијата и весниците, ликот и делото на Г. Делчев бил мотив тој да се запише и спомене и во фундаменталните документи за создавањето на македонската држава, донесени на Првото заседание на АСНОМ на 2 август 1944 година. На заседанието, кое го отворил точно во во 17.15 часот најстариот делегат, учителот Панко Брашнаров од Велес, тој со посебн пиетет и почит го споменал и името на Гоце Делчев како синоним на борците на двата илиндена за остварувањето на вечната кауза на борците од двата илиндена за формирање на слободна македонска држава. Тој, со треперлив но силен глас и емоции кои едвај ги контролирал, П. Брашнаров го отвори заседанието со следните зборови: „...Другарки и другари народни претставители, во овој момент, во ова историско место „Св. Отец Прохор Пчински“ и на овој историски ден - ИЛИНДЕН-, кога објавувам да е отворено Првото Антифашистичко собрание на народното ослободуење на Македонија, душата ми е преполнена со радост и пред премрежените очи гледам како се раздвижиле сите реки од Пчиња и Вардар до Места и Бистрица, заплускујат е целата македонска земја, сакајќи да измијат од македонскиот народ десетвековниот ропски срам од пропасти на Самуиловата држава, за да се роди денеска нова, светла и слободна македонска држава. Во овој момент, земјата на нашите покојници - многубројни народни герои, паднали и посејали коските си по цела Македонија, им станује по лека и они во мир веќе го гледаат изгревот на нашата слобода, гледат идеална дружба на старите Илинденци - на Гоце Делчев и денешните Илинденци - младата македонска војска, и поставените темели за остварението на идеалот на две поколенија, на две епохи - слободна, обединена Македонија“ Продолжува
Проф. д-р Ѓорѓи Малковски |