|
|
Македонија, мојот копнеж – Манојил Мане Јаковлески (59) |
Маноил Мане Јаковлевски кој учествува во основањето на ВМРО ДПМНЕ и во ширење на партиската мрежа во земјата и странство, со право го сметаат за енциклопедија на партијата. Огромниот број на документи од тој период па до денес само го потврдуваат неговиот голем допринос во развојот не само на партијата, а со тоа и на заживување на повеќепартискиот живот и на демократските процеси во земјата. ФОТО: Сашо Аќимовски, Лоран Страшески, Претседателот на Р.М. Ѓорге Иванов, Сашо Страшески, Манојил Јаковлески и Емануел Јаковлески во зубовската црква Св. Огнена Марија Мане Јаковлевски сигурно го заслужи своето место во поновата историја на Македонија. За неговите заслуги говорат неговите современици. Во монографијата „Македонија, мојот копнеж – Манојил Мане Јаковлески, од авторот Киро Кипровски, пријателите на Мане говорат за неговиот не само партиски допринос, туку и за неговата потрага по вистината за Македонија, како и неговиот ангажман по осамостојувањето во промоција на македонската држава. Меѓу пријателите кои во монграфијата говорат за делото на Мане Јаковлевски е и Сашо Аќимоски, поранешен претседател на ОК на ВМРО-ДПМНЕ-Гостивар и пратеник. Тој покрај што вели дека Мане е енциклопедија на ВМРО ДПМНЕ, за него ќе напише: „Во 1996 година станав член на ВМРО-ДПМНЕ, ми се исполни желбата и се вклучив во активностите. Членовите со подолг партиски стаж ми говореа за Манојил Мане Јаковлески, еден од основачите на нашата партија, дека има големи заслуги за основање на општинските и месните комитети во западниот дел на Македонија и покрај тоа што живееше и имаше сопствен бизнис во Берлин, Германија. Лично не го познавав, но од она што сум го слушал, имав голема желба да го запознаам, да се дружам и да учам од неговото богато и уникатно искуство. Од неговите написи и интервјуа објавувани во печатените и електронските медиуми, ми се доближија неговите партиски и државни ставови, како да ја градиме Македонија во современа, демократска и независна држава. Од текстовите на Манојил дознавав, дека Македонците сонот за голема Македонија можат да го остварат само во обединета Европа, со паѓањето (отворањето?) на границите. Се восхитував од неговите ставови и посакував да имам контакти со него и да ги разменувам моите мислења и ставови. Набргу и тоа се случи. На третите парламентарни избори во 1998 година, нашата партија со коалициониот партнер Демократска алтернатива, извојувавме убедлива победа. На гостиварскиот градски плоштад организиравме голема народна прослава, на која се запознав со Манојил. Оттогаш нашите средби и разговори беа почести и во континуитет соработуваме за доброто на македонската држава, на граѓаните и на нашата партија. Од Манојил многу научив, како треба да се сака и да се бори за татковината, за Македонија. Неговите совети многу ми значеа и ми помагаа за поквалитетно подготвување и реализирање на четиригодишната партиска програма. Манојил Мане Јаковлески е енциклопедија на ВМРО - ДПМНЕ. Од него може само да се учи. Неговите совети, неговото големо искуство, несебично ни го пренесуваше на нас помладите. Во многу судбоносни моменти, ќе ни предложеше соодветно решение, што беше пресудно за надминување на проблемот. Се додека постојам, ќе се сеќавам на неговите совети, на дружбите и никогаш нема да избледат од мојата меморија. Како можат да избледат? Јаковлески го красат многу човечки особини: поседува цврст и непоколеблив карактер, секогаш подготвен да им помага на сите, кои имаат потреба од помош, без разлика на етничката, политичката или на друга припадност. Сведок сум, како на многу загрозени семејства или на поединци: Македонци, Албанци, Турци и на други националности, им помогнал во надминување на проблемот. Голема помош и поддршка ни дава во реализација на партиските програми. Со заедничко ангажирање успеавме да им помогнеме на неколкумина гостиварски бизнисмени да го прошират и осовременат производството. Успеавме во намерата, да се донесе урбанистички план за стопанскиот комплекс во село Зубовце. На наше големо задоволство, веќе успешно функционираат три индустриски капацитети, а наскоро ќе проработат уште два индустриски капацитети во стопанскиот комплекс „Зубовце два“. Од големиот број активности од нашето заедничко работење, ќе одделам уште една реализирана активност. Во 2013 година, заедно со г. Манојил, успеавме на жителите на гостиварската населба „Циглана“, да им ги обезбедиме потребните документи за изградба на црква. Наредната година, на 19 август, ја осветивме и положивме камен темелник на новата црква „Преображение Господово“. Во 2012 година, како претседател на ОК на ВМРО - ДПМНЕ, поднесов предлог, Манојил Мане Јаковлески да биде избран за почесен член на Општинскиот комитет на ВМРО – ДПМНЕ Гостивар. Предлогот беше усвоен едногласно, без ниту еден глас против или воздржан, и со акламација и воодушевување го поздравија изборот.“ (продолжува) |