|
|
Македонија, мојот копнеж – Манојил Мане Јаковлески (60) |
Манојил Мане Јаковлевски со својот патриотизам, со својата љубов кон Македонија, како и со своите допринос кон земјата и партијата ВМРО ДПМНЕ, беше пример и даваше огромен поттик за младите. Познат во партијата ВМРО ДПМНЕ како Надвојводата, тој стана идол на македонската младина. Тој стана икона во поновата историја на македонската борба за осамостојување и создавање на суверена и независна македонска држава. Во монографијата „Македонија, мојот копнеж – Манојил Мане Јаковлески, од авторот Киро Кипровски, во однос на неговиот допринос кон татковината и партијата ВМРО ДПМНЕ, говори и Лоран Страшевски - актуелен претседател на ОК на ВМРО-ДПМНЕ. Во својот осврт за Надвојводата Мане, кого го нарекува дека е неуморен трагач по вистината, ќе напише: „Да се сака татковината е најсвето чувство, што треба да го поседува секој човек. Земјата родилка е коренот од каде се гради лозата, семејното стебло, кое како најголемо богатство се пренесува од генерација на генерација. Вистинскиот родољуб си ја љуби својата земја, каде и да е, колку далеку да е, па и години да не стапне на нејзиното тло. Среќа моја е, што сум израснал во такво семејство, во таква средина, каде Македонија е светост. Среќа моја е, и што од мали нозе, го знам Манојил Мане Јаковлески, на почеток како татко на мојата добра пријателка, неговата ќерка Рафаела, со која заеднички ги минувавме ученичките денови, а потоа и како мој идеолог. Се сеќавам убаво на неговиот дом, каде често свратував. Најмногу се воодушевував, кога ќе се погодев кај нив, а тука се зборува за Македонија, нејзиното минато, борба, граници, предавници, визионери, нешто што кај мене будеше интерес, детското сетило да го усмерам и да впивам како сунѓер се што ќе се изговореше. Иако и во мојот дом, патриотизмот беше секојдневие, она што го доживував во куќата на Надвојводата (така го викаме во партијата), за мене беше кулминација и поттик, да почнам да читам историјат за мојата Македонија, да истражувам, да го јакнам духот. Како што растев, така растеше и мојата љубов, но и желба често да се сретнувам со Мане, за да зборуваме, да разменуваме мислења, да визионираме. Не сум сретнал човек, што повеќе ја сака Македонија од него. Таа му беше и сеуште му е се. Целиот свој живот и го посвети, токму нејзе, на неговата најголема љубов – Македонија. Иако, долги години работеше во Германија, а притоа четири години му беше забранет влез во татковината од службите на УДБА, сепак тој не се откажуваше од визијата и идеалот. Иако, приватниот бизнис и печалбарството во Германија, изискуваат посветеност и желба за заработувачка, тој поголемиот дел од тешко заработената пара, од срце ја дарува на организацијата, на која е еден од идеолозите. Се сеќавам, кога како гром низ моето село Зубовце одекна веста, дека браќата Гојко и Мане Јаковлески, заедно со Драган Богданоски и уште неколку мина прогресивци, ја формирале партијата ВМРО - ДПМНЕ, која треба да се шири низ сите градови и села. Бидејќи тогаш бев малолетен, едвај чекав да наполнам 18 години и да се зачленам. Така и сторив, во 1991 година станав член на најголемата, најорганизираната и најпатриотската партија ВМРО - ДПМНЕ. Никогаш и во ниеден момент не се покајав, што сум дел од оваа организација, напротив со гордост ја носам идеологијата во мене. Откако станав полнолетен, веќе средбите со Надвојводата беа„ рамноправни“. Со нетрпение го очекував секое негово доаѓање од Германија, за веднаш да појдам, да го видам, да поразговараме за Македонија, за ВМРО, за организацијата. Зборувавме со часови. Имаше трпение за секого. Неговите поттици, за мене беа многу важни и мотивирачки. Така, станав активен член на Унијата на млади, чиј претседател беше Вите Димитриески. Мане секогаш знаеше да ја пофали мојата желба за организација и активност, но и да ме поттикне, никогаш да не се откажувам од идеалите. Кога ги слушав сите „сопки од своите, ближните“ кои ги доживувал, а никогаш не потклекнал и не се предал, кај мене уште повеќе растеше желбата да работам за партијата, а преку неа за Македонија. Секогаш ми велеше дека имало и ќе има предавници и кодоши, но секој сам си го одбира патот по кој ќе чекори. За мене, од непроценливо богатство беа овие мигови на разговор, а особено кога ќе ми дадеше некоја книга за Македонија, цела и обединета. Така, чекор по чекор, ги искачував скалилата од партиската хиерархија, па кога станав претседател на ОК ВМРО – ДПМНЕ Гостивар, меѓу првите честитки ја добив и искрената желба од Мане, кој изрази уверување дека солидно ќе одговорам на довербата. Поттикот, поддршката и довербата што ја добивав и сега ја добивам од Надвојводата, за мене има големо значење. Тој секогаш е конструктивен во своите дискусии, но и подготвен да помогне во било која ситуација. Манојил Мане Јаковлески е визионер, неуморен трагач по правдата, смирен во дискусиите, но и иницијатор за убаво дружење со секој добронамерник. За таа цел, во с. Зубовце, специјално ја уреди т.н. „Овошна градина“, каде го поминува најголемиот дел од своето слободно време, со добро друштво, вкусна органска храна, која самиот ја одгледува, како и домашно вино, за чија подготовка е прав специјалист. Со еден збор, Манојил Мане Јаковлески или Надвојводата е сестран човек, па затоа сум особено горд и среќен што го познавам, откако знам за себе.“ (продолжува)
Јаковлески и Страшевски |