|
|
Просветните прилики во Велес во Втората светска војна 1941 – 1944 година (втор дел) |
Проф. д – р Ѓорѓи Малковски
Така, според извештајот за работата на инспекторската дејност од јули 1942 година (за 1941 – 1942 година), во велешка околија имало 35 народни основни четиригодишни училишта, од кои 1 во Велес и 34 во селата, една народна прогимназија во Велес и 4 неполно развиени народни основни училишта со по 4 одделенија и новоотворениот први клас во селата. Имало 84 учители во основните училишта, од кои 28 биле во градот и 56 во селата и 17 прогимназијални учители и 4 во селата. Токму и затоа, согласно известувањет на околискиот училишен инспектор во Велес од 13.03.1942 година, бидејќи во велешката околија немало полноразвиени прогимназии, не можело да се предложат учители за раководители на „Браник“. Според еден друг извештајот на околискиот училишен инспектор од 19.06.1943 година, во велешката околија имало отворени училишта во 45 села и во градот Велес. Во Велес имало две првоначални училишта и една прогимназија, 41 првоначано училиште во 41 село и 4 неполно развиени училишта во 4 села. Сите училишта, со исклучок на училиштата во селата Иванковци, Бусилци, Мелница и Крива Круша, беа навремено отворени. Но, во текот на учебната 1943-1944 година, поради зачестените вооружените акции на партизанските одреди и ширењето на народноослободителната борба во Велешко, имало намалување на бројот на училиштата. Во текот на оваа учебна година, според извештајот на околискиот училишен инспектор, во велешка околија работеле 2 основни четиригодишни училишта училишта и 1 прогимназија во Велес, а во 23 села имало 21 четиригодишно училиште и 2 основни училишта, или, вкупно, во Велес и велешко работеле 26 училишта. Во оваа учебна година година било отворено и училиштето во с. Крајници. Вкупно, во основните училишта работеле 74, а во прогимназијата 21 учител. Вкупно настава посетувале 1757 ученика во Велес и 1530 ученика во селата.
Со акт на Министерството за народна просвета, одделение за средно и вишо образование на Царството Бугарија, во Велес во учебната 1941-1942 година започнала да работи и една мешовита (смесена) гимназија. Гимназијата работела до капитулацијата на Царството Бугарија на 9 септември 1944 година. Во гимназијата во август 1942 година биле запишани вкупно 315 ученика. Во двете паралелки во четврти клас биле запишани 74 ученика, во двете паралелки во петти клас биле запишани 59 ученика, во двете паралелки во шести клас биле запишани 42 ученика, а во една паралелка во осми клас биле запишани 20 ученика. Во класичниот оддел во една паралелка во четврти клас биле запишани 20 ученика, а во една паралелка во петти клас биле запишани 33 ученика. Во учебната 1942-1943 година бројот на паралелки бил следниов: во 4-ти клас работеле 3 паралелки со 74 ученика, во 5-ти клас 3 паралелки со 54 ученика, во 6-ти клас 2 паралелки со 57 ученика, во 7-ми клас една паралелка со 42 ученика и во 8-ми клас една паралелка со 32 ученика, или, вкупно во велешката мешана гимназија настава посетувале 264 ученика.
Врз основа на списокот изготвен од директорот на гимназијата од 17.08.1942 година, во велешката гимназија биле вработени еден директор, 15 редовни гимназијални учители, еден училишен лекар, еден секретар-сметководител, една писарка и 5 служители. Учители во гимназијата во 1943 биле: Манол Сотиров Велев од Радимирско, Бугарија, Свободка Велева од Велес, Свободка Крепиева од Велес, Марија Петрова Џенева од Софија, Тодор Вас. Котев од Ќустендилско, Тодор Андонов Јанов од Велес, Вера Михајлова Бијачева од Бугарија, Васил Христов Маринов од Софија, Димитар Просков од Ќустендил, Георги Ангелов Георгиев од Пловдив, Ѓоро Иванов Ѓорев од Трнско, Стојка Николова Северова од Горна Џумаја, Филимена Димитрова Иванова од Тетово, Крум Христов Јонов од Ихтиманско, Бугарија, Костадинка Дим. Пицина од Велес, Димитар К. Цеков од Босилеград, Александар Линин од Кавадарци, Петко Георгиев Белчев од Бугарија, Вера Андреева Тутунџиева од Велес, Чоро Чорев, Иванка Стојкова, Стојан Христов, Атанас Николов. Во почетокот на учебната 1941-1942 година, учителот Иван В. Умлјански предавал бугарски јазик, учителот Тодор Андонов предавал математика, учителката Веселина Тодорова предавала математика, Ганчо Петров Пајтонџиев бил учител по физичко во прогимназијата, Добрина Ослекова била учителка по физичко и раководителка на 92-от бранички венец во Велес, додека учителката Надежда Игњатенко предавала руски јазик.
Наставните предмети кои се изучувале во гимназијата биле следниве: бугарски, руски, француски, германски, англиски, италијански, латински, и старогрчки јазик, филозофија, математика, физика, хемија, историја, географија, граѓанско учење, цртање, рачна работа, пеење, религија, музика и телесно воспитување. Во ноември 1941 година, гимназијата набавила еден грамофон за полесно изучување на јазиците.
Во почетокот директор на гимназијата бил Манол Сотиров Велев, од мај 1942 година како директор бил запишан Атанас Маринов Ганчев (негов заменик бил Манол Велев), а во 1943 година директор бил Рајчо Тодоров.
Како што соопштува директорот на гимназијата во својот извештај од октомври 1943 година, учебната година во 1943 година започнала на 15 септември. Како по обичај, почетокот на учебната година бил отворен со отслужување на водосвет од страна на свештените лица од велешката епархија, а биле присутни сите ученици, учители, официјални лица од градот и одреден број на граѓани. Притоа, сите ученици биле приморани да се заколнат на верна служба на бугарскиот цар Симеон ИИ. Согласно наредбата на Министерството за образование, приемните испити немало. На поправен испит се јавиле 110 ученици, од кои 101 успешно го завршиле испитот. Поминати условно во погорен клас, согласно наредбата на Министерството од јуни 1943 година, биле 7 ученици. Оставале 2 ученика. Бидејќи во истата зграда се одвивала практичната настава и со учениците од прогимназијата, во октомври зградата на гимназијата била електрифицирана а потоа и варосана. Во сите училници за затоплување се користеле ќумбиња на дрва. Дрвата ги обезбедувала велешката општина. Бидејќи во гимназијата од 1943 година немало училишен лекар, сите ученици биле прегледани од околискиот лекар. Во 1943 година во гимназијата сите деца биле здрави и немало појава на било каква болест. Учебниците не биле нови и се користеле учебници од претходните години, а се очекувало нови учебници во гимназијата да се достават по предметите географија, историја и пеење, подготвени и отпечатени од Министерството на просветата.
Наставата во гимназијата продолжиле и во текот на првата половина на 1944 година. Се организирале, како по обичај, голем број на прослави и други пропагандни активности, се одржувале приредби, во посета на гимназијата доаѓале истаканти тогашни културни и научни лица кои држеле предавања од повеќе области. Но, според извештајот на директорот на гимназијата за јануари –април 1944 година, во градот веќе се чувствувала и извесна несигурност поради тоа што Велес бил несигурен град поради опасностите од сојузничките бомбардирања. И во текот на овој период имало исклучувања на 16 ученици кои ја напуштиле наставата. Дел од учениците биле евекуирани по селата. До април 1944 година, во гимназијата останале околу 250 ученика. Наставата продолжила до јуни истата година, а подготовките за новата учебна година не се реализирале поради капитулацијата на Бугарија во септември 1944 година.
Доколку учениците што завршиле осми клас во ова време, положиле и матурски испит, според списокот што се водел за нив, состојбата била следна: во учебната 1941-1942 година матура положиле 34 ученика, во 1942-1943 година матура положиле 30 ученика, а во 1943-1944 година матура положиле 44 ученика, или, вкупно, за овие три години матура положиле 108 ученика. Од нив, ученици што положиле матура во учебната 1941-1942 година, од Велес биле 18, од околните села 2, и од други места на Македонија 14. Ученици што положиле матура во учебната 1942-1943 година, од Велес биле 22, од околните села 4, од други места на Македонија 1, од други места на поранешна Југославија 2 и од Бугарија 1. Ученици што положиле матура во учебната 1943-1944 година, од Велес биле 32, од околните села 3, од Македонија 6 и од Бугарија 3, или матура во велешката гимназија во текот на трите учебни години положиле 72 ученика од Велес, 9 од околните села, 21 од останатите места на Македонија, 2 од други места на поранешна Југославија и 4 од Бугарија.
Треба да напоменеме дека Министерството за просвета на Бугарија, паралелно со отворањето на гимназиите, донела решение за учебната 1941-1942 година да отвори и класични одделенија во неколку гимназии. Така, во велешката гимназија било отворено едно класично одделение со 20 ученика. Покрај ова, во Велес бил отворен и еден тн. Народен универзитет. Како покровител на овој универзитет било читалиштето во градот. Обично во недели и во празнични денови, бугарски просветни работници држеле циклусни предавања од бугарската литература и бугарската национална историја. Во Велес било отворено и едно Практично женско професионално училиште со 18 ученици. Ова друштво било издржувано од тн. Женско благотворително друштво во Велес.
За организирање на социјална помош на учениците, во Велес во 1941 година била отворена една бесплатна ученичка трпезарија и еден дневен детски дом. Но, бесплатните оброци што биле давани на посиромашните ученици во 1941 година, драстично се намалиле од 1942 до 1944 година. Евгенија П. Петкова била раководителка во Дневниот детски дом во Велес од март до 31 јули 1942 година, а од 1 август 1942 до 3 февруари 1943 година раководителка била Донка Петрова Николчева.
За разлика од воспоставениот и организиран систем на основно и средно образование, бугарската власт до 1943 година немала организирано високо образованиево Македонија. Првиот Скопски универзитет бил отворен во октомври 1943 година. Затоа, бугарската власт во Велес, во почетокот на летото 1941 година, ги известило студентите дека можеле да одат во Софија за да ги пријавле студиите на соодветните факултетите на кои студирале до април 1941 година во Кралството Југославија. Студентите од Велес организирано тргнале во Софија, со железница преку Ниш и Цариброд. Во Софија, заедно со други студенти од Македонија, се собрале пред зградата на универзитетот. Највеќе имало студенти од Македонија кои порано студирале на факултетите во Белград. Студентите биле терани да пополнуваат уписни анкетни листови, во кои, во графата „националност“, требало да напишат дека биле „Бугари“. Наместо тоа, студентите (предводени од народниот херој Кузман Јосифовски –Питу) во графата за националност со дебели букви напишале „Македонци“. На тој начин, неуспешно завршил овој обид на бугарската власт преку ноќ македонските студенти ги преобрати во студенти по националност „Бугари“. Дури и банкетот организиран од страна на универзитетот во чест на македонските студенти, бил целосно бојкотиран токму поради обидот македонците да бидат преименувани во „Бугари“. Набргу пота, најголемиот дел од студентите се приклучија кон народноослободителното движење и во борбата за слобода на својата татковина Македонија.
Во Велес посебна институција бил Околискиот училишен инспекторат. Тој со работа започнал во јули 1941 година, а бил потчинет на Обласниот училиштен инспектор во Скопје. Негова задача било да се грижи за состојбата на училиштата, да назначува и разрешува учители, да врши ревизија на работата на учителите и кадрова политика во училиштата, односно распоредување на учителите на работни места. да води политика на идејно воспитување на учениците во местото каде што дејствува, односно да ги наметнува бугарскиот јазик и култура во училиштата. Негова задача било и да собира списоци за бројот на училиштата, учениците и учителите и за успехот на учениците, а ги собирал и записниците од состаноците на учителските совети при народните основни училишта во околијата, од околиските конференции на учителите од сите училишта во околијата, од педагошките конференции, но, собирал податоци и за затворањето на одделни училишта во селата на Велешка околија во есента 1942 година, по акциите извршени од страна на партизаните и за повлекувањето на учителите од тие села. Во овој период околиски училишни инспектори во Велес биле: В. Савов, Никола Рангелов, Аврам Илиев Лисичков (од 28.02.1942) и Г. Димитров (во 1943 и 1944 година). Околиски училишен ревизор бил Георги Димитров, а секретар В. Стојанов.
Крај
|