|
|
Екслузивно: Здравствените прилики во Велес во Втората светска војна 1941 – 1944 година |
Проф. Д-р Ѓорѓи Малковски Во Велес најпрво постоела Воена болница од 1860 година, а во 1907 година била изградена нова. Бановинската болница во Велес како јавна установа за сите болести започнала да работи од 1919 година. Болницата располагала со 71 болнички постели. Д-р Антун Сасо бил в.д. управник, а д-р Лепосава Витановиќ секретар лекар. Непосредно по окупацијата на Македонија во април 1941 година, целокупниот здравствен систем бил ставен под контрола на бугарската власт. Националистичката политика на Бугарската власт директно се рефлектирала и во здравството, односно, медицинските работници кои по националност биле Срби (д-р Антун Сасо, Лепосава Витановиќ и др.) приморани биле да ја напуштат работата и да заминат од Македонија. На нивно место биле доснесени медицински лица од Бугарија, или, пак, по претходни одобренија, биле ангажирани постоечките здравствени работници кои дотогаш работеле во велешката болница. Но, според востановената пракса, за медицинските лица кои сакале да останат на работа во болницата и другите медицински установи, Бугарите од сите нив најпрво барале писмено да се декларираат како Бугари и да потпишат заклетва за верност кон Царството Бугарија. Исто така, сите што се пријавиле да останат на работа, биле должни до Министерството за народно здравје во Софија, да достават диплома или свидетелство за завршено образование од каде добивале документ за „правоспособност“. Затекнатите лекари, кои претходно работеле на овие места, односно лекарите од „новоослободените краишта“, биле упатени на здравствен курс во Софија според член 221 од Законот за народно здравје на Царството Бугарија. Курсот започнал на 15 ноември 1941 година и траел 6 месеци. Од Велес, слушатели на овој курс биле д-р Богдан Атанасов Поп Ѓорчев и д-р Панче Николов Васков. Д-р Богдан Атанасов Поп Ѓорчев бил роден на 2 мај 1904 година во Велес. Завршил медицински факултет во Виена во 1930 година. До 1941 година бил околиски лекар во Велес. Д-р Панче Николов Васков бил роден на 24 декември 1870 година во Велес, а медицински факултет завршил во Цариград во 1896 година. Во 1941 година работел како градски лекар во Велес. По враќањето од курсот, сите лекари од Македонија биле распоредени на работни места во околиска, општинска и градска служба. Во времето на втората светска војна, според законот за болници на бугарската администрација, болничките институции биле рангирани како првостепени, второстепени и третостепени болници. Сите болници за време на бугарската окупација биле прогласени за државни. Единствена првостепена болница во периодот од 1941 до 1944 година била државната болница во Скопје. Болницата во Велес, заедно со болниците во Штип, Куманово и Охрид, биле прогласени за второстепени. За прв управител на второстепената државна болница во Велес, со заповед бр.1278 од 28 април 1941 година, бил назначен д-р Георги Прванов од Искрец, Бугарија. Со друга заповед бр. 1203 од 24 април 1941 година, за медицинска сестра во болницата во Велес била назначена Варвара Репина од Софија. Лазар Иванов Костов од Севлиево, Бугарија, со заповед бр.1226 од 25 април 1941 година, бил назначен за домаќин во болницата. Во шемата на санитетската организација, во Велес функционирала и градска санитарна служба. Лекар во велешката болница, затекнат по доаѓањето на Бугарите, до 1942 година бил и д-р Јаков Калдерон, Евреин по националност. Тој во 1942 година добил преместување во друга болница. Но, всушпност, вистината била сосема поинаква. Тој, како Евреин, најпрво бил уапсен а потоа и депортиран во некој од многуте концентрациони логори, по што му се губи секоја трага. Во април 1941 година се извршило примопредавање на велешката болница од поранешниот нејзин управител – лекар Д-р Душан Плавшиќ и новопоставениот управител – лекар д-р Георги Прванов. Притоа, во посебен список се наведени сите медицински помагала, инструменти и други предмети (под реден број од 1 до 29) кои во тоа време ги поседувала болницата во Велес а кои, како медицински помагала, продолжила да ги користи и во наредните години. Врз основа на „Списокот за бившите чиновници затекнати при идењето на бугарската власт во Државната болница во Велес, од 29 септември 1941 година“, во болницата во Велес, во април 1941 година, биле затекнати следниве лица: Д-р Анастас Кирков, аптекар, Костадин Т. Оцев, писар (помошник домаќин), Пандора Китева, болничарка, Илија Петар Трајков, болничар, Стефан Ив. Калашников, служител и Султана Сим. Георгиева, перачка. Затекнати во другата болница биле Трајко Бургазов готвач и Елисавета Наумова милосрдна сестра. Новопоставени биле: Д-р Ангел Арсов, управител – лекар, Љубомир Савев како млад лекар, Надежда Бабунска како акушерка, Славица Боцева како болничарка, Елена Георгиева како болничарка, Марија Андова како болничарка и Петар Јанев како чистач. Овие лица, според извештајот на управителот – лекар д-р Г. Прванов од 22.06.1941 година, тој предлагал да биле редовно вработени од 1 мај 1941 година. Од 1 август 1941 година за управител – лекар бил поставен Д-р Ангел Арсов, за аптекар д-р Анастасиј Б. Кирков и за помошник домаќин Костадин Т. Оцев. Во друг список, од 5 август 1943 година, вработените во државната болница во град Велес биле следниве лица: д-р Ангел Арсов, управиле – лекар, Анастасија Киркова Крепиева, фармацевт, Костадин Т. Оцев, домаќин-сметководител , Здравка Ат. Димова, писар, Благородна Чурова, милосрдна сестра, Елисавета А. Наумова, акушерка, Елисавета С. Попова, доброволна болничарка, Трајко Хр. Бургазов, мајстор готвач, Трајко Христов Бургазов, мајстор готвач, Пандора Китева, болничарка, Славјана Т. Боцева, болничарка, Илија Петров Трајков, болничар, Ганчо А. Наумов, болничар, Петар Т. Јанев, чистач, Стефан Ив. Калашников, чистач, Елена Георгиева, шивачка, Сута Георгиева, шивачка и Јордан Тутунџиев, помошник готвач. Болницата во Велес се наоѓала над војничката касарна (до сегашната гимназија "Кочо Рацин"), на една висорамнина оддалечена 500 метра од градот. Во оваа зграда болницата била преселена на 21 јуни 1922 година. Болницата била сместена во непрописна стара турска зграда, но за тогашни услови доста пространа, која не одговарала ниту на најнеопходните потреби за одржување и хигиенските услови. Болницата, која продолжила да работи во оваа зграда и за време на Втората светска војна, имала три дела и 26 болнички простории, а располагала со една операциона сала и една соба за преврски, просторија за болничка аптека, амбуланта, просторија за болничарите, магацин, кујна, санитарен чвор, соба за администрацијата и соба за управникот на болницата. Во првиот дел биле сместени сите болнички одделенија, а се лечеле болни кои не барале специјално лекување, во вториот дел, кој се состоел од две соби, биле сместени болничарките и болничарите, а имало една соба за перење т.н. перална, и, уште една соба за болните од заразни болести. Во посебниот, односно третиот дел, одвоена, била просторијата за умрените. Всушност, во зградата, која била несоодветна и не одговарала на болничките потреби, биле сместени 100 кревети, од кои на одделението за возрасни 50, на детското одделение 41 и 9 кревети во заразното одделение. Болницата се осветлувала од градската електрана, греењето било со печки на ќумур и дрва, а водата се добавувала од Раштанскиот водовод. Храната се приготвувала во болничката кујна за 100 пациенти. Околу зградата имало убаво уредено паркче за болните. Над болницата имало и базен за капење. Болницата располагала со скромен, бројно и стручно крајно недоволен кадар, а уште помалку со соодветни инструменти и апарати за лечење. Болницата работела во овој објект се до при крајот на Втората светска војна, кога германската војска, краткотрајно, ја дислоцирале болницата во зградата на Општинскиот суд во Велес. Но, набргу потоа, повторно била вратена во старата зграда.
Во однос на здравствена состојба, во еден извештај на Околискиот училишен инспектор во Велес за 1941 година, меѓу другото се вели:„во однос на здравствена состојба и навики како на населението така и во училиштата, можам да кажам дека тие се на многу ниско ниво. Не може да се зборува за најелементарни здравни навики, особено кај децата. Истото се однесува и кај возрасните. Тоа се однесува еднакво и за селата и за град Велес. Нема никаква потреба и навика за хигиена“.Но, кај дел од месното население во градот, кои имале подобра материјална состојба, навиките во однос на хигиената биле на далеку повиско ниво. Сепак, здравствената состојба на месното население била на задоволително ниво, а здравствената состојба кај учениците во смесената прогимназија во Велес во целата 1942 година била многу дубра, а заболувања од заразни болести немало. Во февруари 1943 година во велешката смесена гимназија немало ученици болни од заразни болести, но имало околу триесетина ученици со вошки. Бидејќи постоела опасност вошливоста меѓу учениците да се прошири, истите биле одстранети од настава. Според информацијата на директорот на велешката смесена гимназија од јуни 1943 година, во Велес и околијата имало две деца кои не зборувале, односно биле неми. Тоа биле Петар Каратрајков (13 години) и Серајдин Фератов (9 години). Посериозен проблем кој им задавал здравствени грижи на велешани била болеста маларија. За таа цел и за сузбивање на оваа опака болест, во октомври 1944 година од Велешката градска обштина биле повлечени 11.200 лева за борба против маларијата. Парите биле дадени на Околиската медицинска служба во град Велес за намалување на последиците од маларијата и нејзино уништување. Околиски лекари биле д-р Богдан поп Ѓорчев и д-р Тоше Васков. Други лекари и медицински лица во Велешката државна болница, до ноември 1944 година, биле следниве лица: д-р Ѓорѓи поп Андов, општински лекар, д-р Панчо Николов Васков, градски лекар во Велес, во јули 1942 година бил назначен за началник на градската здравствена служба во Велес. Тој до април 1941 година бил општински лекар во Велес. Со воспоставувањето на бугарската власт, во август 1941 година бил именуван за општински лекар во Велес на местото на д-р Ѓорѓи поп Андов. Во јануари 1943 година бил именуван за началник на здравственото одделение петта категорија, а од септември 1943 година и за началник на општинската градска здравна служба - Велес. Д-р Илонка Леон Ишах (родум Кенлер), од јуни 1943 година била именувана за лекар хигиенист при градската здравна служба во Велес, а во 1944 година и за градски лекар. Таа, претходно, била лекар во с. Извор, Велешко. Д-р Георги Димче Спасов, околиски лекар во Св. Николе, на 30.06.1944 година бил назначен за началник на општинската здравствена служба во Велес. Лекар бил и д-р Александар Ташевски и д-р Ангел Арсов, кој до ослободувањето на градот во ноември 1944 година, бил управник на болница, а аптекарка била Зора Арсова. Во склопот на општинската болница работеле и неколку акушерки. Од 15 септември 1941 година за општинска акушерка во Велес била именувана Љуба Василева Иванова од Стара загора, Бугарија. Таа во Велес работела до 30 април 1943 година, односно до нејзиното заминување од градот. Во март 1942 година како акушерка била вработена и Ирина Николова Алчева. Во 1944 година како акушерка била вработена и Олга, а од септември 1944 година за општинска акушерка во државната болница во Велес била именувана и Вида (Видосава) Трајкова Шиколева. Другиот помошен персонал во болницата до ноември 1944 година, биле следниве лица: Алексо Трчков, економ, Вера Миланова Икономова, писарка, Стефан Иванов Калашников, помошен писар и прислужник, и Пандора Тодорова Китова, Славна Тодорова Боцева, Ганчо Андонов Наумов, Илија Т. Петров и Руса Лакова, „болногледачи“. Покрај нив, во болницата работел како готвач Трајко Хистов Бургазов, а вработени биле уште помошен-готвач, прислужник, перачка, помошник перачка и шивачка. Во Велес работела и посебна ветеринарна служба, формирана веднаш по окупацијата на градот во 1941 година. Д-р Благој Панчев Васков, бил првиот општински ветеринарен лекар во Велес, поставен на оваа должност во август 1941 година. За прв Околиски ветеринарен лекар, исто така во 1941 година, бил именуван Борис Димитриев. Во градот работела една општинска аптека со Жак Виши како аптекар (1944), и две приватни аптеки, едната на Никола Тошанов, а другата на Андреја Карпузов. Основен проблем на трите аптеки била слабата снабденост со лекарства. Во 1944 година започнала со работа и железничката аптека за давање на лекарства за прва помош на воениот и цивиониот персонал во градот, но и за помош, во одредени услови, и на месното население. Аптеката ја формирал Панче Делов, фармацевт од Велес. Аптеката работела како составен дел на железничката амбуланта. Во аптеката Панче Делов работел сé до 1944 година, кога, заедно со поголема група на Германци, се повлекол кон Виена, Австрија. |