|
|
„Една идеја един живот“ (3) |
Спомените „Една идеја един живот“ од Георги Дукимов, објавени во 1999 година во градот Гоце Делчев (до 1951 година Неврокоп), говорат за македонскиот непокор и борбата за содавање на обединета и независна македонска држава. Овие спомени треба да бидат отрезнувачки за властите во Софија и Скопје, дека историјата не може ни со сила да се измени. Постојат многу докази кои говорат спротивно од тврдењата во Бугарија. Спомените на Дукимов ги негираат тврдењата на официјална Софија, дека во Бугарија немало и нема денес Македонци. Исто така, читајќи ги неговите спомени се добива впечаток дека како тогаш така и денес Софија и Скопје за туѓи интереси одат против сопствените народи. Имено, во контекс на настаните од 27 април 2017 година, овој настан во Пиринска Македонија по Втората светска војна, им укажува на денешните власти во Македонија дека не смее да биде грев да ја сакаш сопствената татковина Македонија. Всушност, каква е вината на тие што на 27 април сакаа да го зачуват Уставот на земјата, името, јазикот и идентитетот на македонскиот народ, оставен како аманет од нивните дедовци, Зарем заради љубов кон сопствената татковина денес треба да гнијат по македонските затвори Инаку, во продолжението на неговите спомени, Дукимов говори за првиот процес во Пиринскиот дел на Македонија по Втората светска војна против Македонците (нешто што се повторува во поновата историја на Македонците во матичната држава), за затворските денови и за однесувањето на македонските патриоти, за што ќе рече: „Постепено почнавме да привкнуваме со ситуацијата во затворот. Животот ни беше сив и еднообразен. Очекувавме обвинителни актови за да бидеме судени. Кај нас често доаѓаше обвинителот Кирил Николов. Тој гледаше со големи симпатии кон нас бидејќи сите бевме млади и преполни со идеализам. Разбравме дека и неговата „верују“ (кредо – н.з) е Македонија. Ни носеше литература со македонска тематика. Ни ветуваше дека ќе поминиме со лесни пресуди и дека кога ќе бидеме ослободени, ќе ни издејствува една обиколка низ Република Македонија, за да добиеме правилем впечаток за тамошниот живот. Во затворот оние кои не дипломиравме се поготвувавме за испит, за да завршиме средно образование, но не ни дозволија. Така меѓу четирите ѕида се јавија проблеми кои ни ги ангажираа мислите на човекот и постепено не изолираа од надворешниот свет. Младоста е таква сила која ти овозможува се да поднесуваш ладнокрвно, без стресови. По цели денови се занимававме со читање на книги кои ги коментиравме. Игравме шах, пеевме, рецитиравме, Надзорниците беа многу добри со исклучок на Борис Бончев. Просто им беше наредено да не заклучат во келиите... Еднаш влегов во кавга со еден милиционер кој ги извести претпоставените за таа постапка и бев казнет со три дена самица. Беше зима, настинав и добив ревматизам во колената, спомен за цел живот... Престојувавме повеќе месеци во затвор и затоа баравме нешто што ќе не смири. На 2 август 1947 година организиравме настан по повод годишнината од Илинденското востание. Пред останатите затвореници изведовме програма со песни и рецитации. Во месец октомври истата година ги добивме долгоочекуваните обвинителни актови. Во своите обвиненија обвинителот бараше за 4 луѓе доживотни затвор. Се однесуваше за Александар Љасков, Георги Дукимов, Спас Писов и Асен Левков. Тоа ги загрижи нашите родители, но ние не се уплашивме. Дури бевме подготвени и со смртта да се соочиме – нели е за Македонија. И на Гоце и илјадниците борци исто така им се живеело, но тие умреа за неа, за татковината. Додека има неправди ќе има у жртви. Нашиот случај беше закажан за месец октомври 1947 година.... Се договаравме кој како ќе каже, што ќе негира, какво да ни биде држењето пред судот и др. Никакво лелекање пред судот. Не сакавме да бараме милост од оние кои не судеа. Тоа го сметавме за недостојно, дури за предавство. Не пропуштивме да прецизираме каков ќе биде последниот збор. Духот ни беше многу висок. Не се чуствуваме виновни. И каква вина е да си ја сакаш татковината. Никој не може да те тргне од патот, по кој си тргнал за да се жртвуваш за неа. А Македонија кон тоа не викаше. Дојде денот кога требаше да бидеме исправени пред судот, кој не му служеше на својот народ, туку штитеше туѓи интереси. Едно утро не однесоа, 12 македонски орли, за да ни судат, и тоа за што. Единствена вина ни беше дека ние бевме готови да тргнеме во борба и ако е потребно, да ги положиме коските пред олтарот на Македонија. Бевме обиколени од орда милиционери, накострешени како глутница волци, настрвени за крв. Не поведоа пеш низ центарот на градот до судската сала. Ние врвевме со високо кренати глави и со песна. Построени бевме по тројца во четири реда. Луѓето се гужваа и не храбреа со насмевка и викаа „Горе главата“. Тоа изгледа не му се допадна на бугарските никаквеци, па судењето беше одложено. Сигурни беа дека нема да го постигнат посакуваниот ефект за да ги исплашат останатите младонци. Судењето беше закажано одново за 14 ноември 1947 година. Тогаш бевме натоварени на камиони и не не однесоа во судската сала, туку во гимнастичката сала во гимназијата. Училиштето беше опколено од униформирана и цивилна милиција. Салата беше преполна со народ и наши блиски. Улицата зуеше од љубопитни граѓани и ученици од гимназијата... Започнаа да не распрашуваат еден по еден. Држењето ни беше достоинствено. Никој не признаваше дека е виновен. Влеговме во кавга со поротниците, кога го докажувавме правото на нашето дело. Распрашувањето на обвинетите траеше три дена. Потоа почна распитот на сведоците. Сите сведоци беа на обвинителството. Кога судијата ќе им поставеше прашање, тие секогаш гледаа кон нас и срамежливо одговараа за да не не навредат. Најсилен впечаток направи кога пред судот како сведок застана еврејчето Рафаел Хаим Барух (Радко). Кога судијата му рече дека е тој Евреин и каде тргнал ( а него го фатија надвор од градот), тој гордо изјави: „Пред се јас сум Македонец. Во Македонија сум роден и за неа ќе се борам.“ Во себе ние го поздравивме за таа смелост и искреност. Македонија е букет од националности. Секој има место во борбата за праведен живот и своја слободна татковина. Секој е должен, како син на таа земја да помогне со се што може за успех на нашата кауза. Распитот траеше 5 дена – до 18 ноември истата година. На таа дата беа кажани пресудите. Ни дозволија да го кажеме завршниот збор за да го кажеме нашиот став за пресудите. Сите без колебање изјавивме: „Милост од вас не бараме и нема да ја обжалиме пресудата. По излегувањето од затвор ќе продолжам да се борам за слободата на Македонија!“ Тоа не беа само силни зборови, туку зборови кои подоцна ги потврдив,е со дела. Еден од моите другари избега на запад, а другите одново беа затворени во логори и затвори пак заради македонските работи. Салата грмна од револуционерни песни кои ги запевме. Пред преполната сала со народ и составот на судот испевме две песни: „Македонија не вика“ и „Борба смела, македонски народе“. Ни дадо кратко време да се поздравиме со родителите и пак со камионетката - во затворот. Рокот на пресудите беше различен. На повеќето од нас како на неполнолетни, со исклучок на Атанас Ангелов Љасков, Асен Василев Левков, Јусин Мехмедов Кантарџиев, Ангел Каратенв и Спас Шалев, ни беше намалена по една третина од пресудата. Осуедни беа како следува: Атанас Ангелов Љасков – 10 години, Георги Сотиров Дукимов – 6 години и 8 месеци, Асен Василев Левков – 6 години, Спас Крстев Писов – 2 год. 2 мес. и 20 дена, Лазар Благоев Тотин - 2 год. 2 мес. и 20 дена, Марин Ангелов Варадев - 2 год. 2 мес. и 20 дена, Георги поп Ангелов - 2 год. 2 мес. и 20 дена, Александар Којков - 2 год. 2 мес. и 20 дена, Тимну Димитров Запрев - 2 год. 2 мес. и 20 дена, Јусин Мехмедов Кантарџиев – 2 год. Ангел Каратенв – 1 год. и 6 мес., Спас Шалев – 6 мес. Поматиот период во притвор од 7 месеци не беше вклучен, така пресудите ни се зголемија. Во затворот дојде време да се размислам и за психичка подготовка за да ја издржам казната од донесена од бугарското правосудство.“ (продолжува) |