Смртта на Трене Миладинов многумина остави без сон. Избрзано го стрелаа, задоцнето го помилуваа Оние што го помнат тоа дамнешно и по многу нешта бурно, еуфорично и конфузно, но во секој случај пресвртно време, се уште се под пресија на дилемата - дали во тој влажен априлски ден на 1945-та, во заедничката гробница со уште педесетина балисти требаше да заврши животот на 65-годишниот Трене Миладинов. Тие, пак, што на одреден начин биле поврзани со извршувањето на оваа егзекуција, немајќи го во рацете вистинскиот аргумент за крвавиот епилог, стрелањето на Миладинов, и тогаш, и многу години потоа, го правдаа со често употребуваната флоскула: Револуцијата понекогаш знае да ги проголта и сопствените деца. Оваа човечка драма не ќе беше толку долго таена, доколку не беше врзана за една, по многу нешта, ретка личност, во чија лична карта ќе ги сретнете и следните генералии: правник, адвокат, журналист, илинденец, соборец на Гоце Делчев, соученик на легендарната револуционерна генерација Македонци од Солунската гимназија, сомисленик со Петар Поп Арсов, близок пријател на Георги Димитров.
И повторно дилемата - зошто тогаш илинденецот Трене Миладинов се нашол пред нишанот на стрелечкиот вод? ЗАДОЦНЕТО ПОМИЛУВАЊЕ“ Малкутемина што присуствувале на тој последен чин, долго ги прераскажувале неговите последни молбени зборови: „Ако веќе морате да ме стрелате, тогаш, имајте милост, сторете го тоа одделно. Убијте ме и закопајте ме во некоја дупка, но - сам. Не сакам да лежам во иста јама со балистичките крвожеди!“. Последната желба не му била исполнета. Миладинов завршил во истата гробница со педесетината балисти. А за да биде трагедијата поголема, а иронијата погротескна, од цевките на оружјето од партизанскиот стрелечки вод се уште излегувал чад, кога забревтано дотрчал партизански курир со парче хартија во рацете, на кое била напишана наредбата: „Трене Миладинов да не се стрела“. Но, било предоцна. Телото на човекот што во Бродско и Кичевијата го знаеја, а постарите се уште го паметат по елегантната облека скроена по европска мода, по долгите беседи за неопходност од борба за социјална правда и за праведно решавање на македонското национално прашање, по бегствата пред врховистичките главосечи и пред српските жандарми, безживотно лежело на дното од јамата. Оваа епизода најавтентично е отсликана во изјавата на резервниот офицер Бошко Тодоровски од село Сланско, учесник во Народноослободителната борба и еден од активните извршители на наредбата за стрелање на Миладинов. Дваесетина години по крвавата драма во која насилно бил згаснат животот на адвокатот, очевидецот и учесник во масовното стрелање, Бошко Тодоровски ќе напише: „Изјавувам дека бев учесник во масовното стрелање во Кичево. Тогаш бев командир на извидувачка чета. Поточно, околу 1 април 1945 година се изврши стрелањето на група од околу педесетина Шиптари. Во таа група беше и адвокатот Трене Миладинов од село Атишта, Кичевско. За него се сеќавам дека не беше суден. Не беше изведен пред Народниот суд. Но, по наредба на Пепи удбашот и него да го изведеме да го стреламе, таа наредба ние ја извршивме. Штотуку ја извршивме, дојде еден партизански војник со белешка во рацете, издадена од УДБА, и со порака - Тренета да не го стреламе, туку жив да го вратиме назад. Ама, бидејќи веќе беше убиен, не можевме да го вратиме“. Ова, во своерачно напишаната изјава, го посведочил Торовски, тогашен партизан и командир на извидувачка чета, со дополнување дека за веродостојноста на изјавата е подготвен на секаква морална и материјална одговорност. ТРАГАЊЕ ПО ВИСТИНАТА Во шеесеттите и седумдесеттите години на минатиот век, еден од внуците, не можејќи да се помири, како што самиот ќе забележи во многубројните молби упатени на многу адреси, со срамната квалификација „народен непријател“ прикачена на биографијата на неговиот чичко, правеше обиди за откривање на вистинските мотиви за стрелањето на Трене Миладинов. Судско досие, од кое би можело да се дознаат причините за извршувањето на најстрогата казна со стрелање, не постоело. Налогодавците за егзекуцијата се правдале со недостаток од време за да можат да го удостојат со одговор на прашањето - зошто неговиот роднина завршил во масовната гробница. Кои биле вистинските причини на крајот од неговата биографија да биде додадена најболната квалификација за еден човек „народен непријател“? Единствениот официјален документ до кој успеал да дојде фурнаџијата Миладин Миладиноски, внукот на Миладинов, било Решението на Околискиот народен суд од Кичево за конфискување на имотот на неговиот егзекутиран роднина. По многу нешта тешко може да се верува дека постои и друг официјален акт за изрекувањето и извршувањето на најстрогата казна, пред се и поради фактот дека за Трене Миладинов не се одржал судски процес, ниту пак казната за неговото стрелање ја изрекол Народниот суд. Ваквата состојба ја потврдува и содржината од Решението донесено една година подоцна од Околискиот народен суд во Кичево, кој пресудува на егзекутираниот да му биде конфискуван целокупниот движен и недвижен имот. Редовниот судија на тогашниот Околиски народен суд, Борис Котлар и записничарот Страте Илијоски очигледно се наоѓале во тешко недоумие при составувањето на актот за конфискација, посебно во делот каде што требало попрецизно да се наведат тежината на стореното кривично дело и видот на казната, од што требало да произлезе и судската одлука за конфискација на неговиот имот. Место да се прецизира дека Миладинов е стрелан врз основа на судска одлука донесена од овластен орган, во Решението на Околискиот народен суд од 27 февруари 1946 година се оперира со нелогичности и непрецизности, или подобро речено со импровизации, кои по ниту една основа не може да се вклопат во судски документ што произлегува од судбината на човечко суштество врз кое е извршена најстрогата казна - смрт со стрелање. Во споменатото судско решение се наведени четири квалификации за судбината на Миладинов: стрелан, убиен, загинат или избеган, што внесува дополнителни забуни, нејаснотии и сомнежи. ОД ДОБРОДЕТЕЛ ДО НЕПРИЈАТЕЛ Каков бил редоследот на случувањата, кои некогашниот адвокат, новинар и трибун, социјалист по убедување и дејствување, Трене Миладинов го довеле пред нишанот на стрелечкиот строј? Според сведоштвата, во почетокот на 1942 година Миладинов, кој дотогаш живеел во Софија, допатувал во окупирана Македонија за да го посети родниот крај. Роднините и пријателите во родното Атишта, како и во Вранешница, Орланци и другите населби во Бродско и во Кичевско го дочекале со сериозни притужби за тортурата што секојдневно им ја приредувале „ослободителите“ - припадниците на бугарската окупаторска власт. По враќањето во Бугарија, Миладинов, кој во интелектуалните кругови на Софија, а посебно меѓу многубројната македонска емиграција уживал третман на авторитетна личност, протестирал кај властите поради злосторствата и грабежите што бугарската војска и полицијата ги вршеле во Македонија. Нема податоци за тоа дали по лично барање или пак неговиот протест ја испровоцирал наредбата што од софиските власти му била врачена, набргу повторно да допатува во Македонија, но овој пат со налог да ја преземе должноста кмет во родниот крај, со седиште во селото Ижиште. Оваа функција ја вршел до мај 1944 година, кога Миладинов е прераспореден на функцијата околиски управник со седиште во Македонски Брод, што ја вршел неколку месеци, поточно до септември, кога капитулираа бугарските окупаторски сили. Подоцна го апсат и го стрелаат. На товар на Миладинов му се ставаат неколку сериозни обвинувања, со кои се оправдува извршувањето на најстрогата казна - стрелање. Некои од челниците на УДБА, кои дејствувале во кичевскиот регион, го товарат како еден од виновниците за убиството што го извршиле бугарските фашисти на седумте момчиња во Барбарас, крај Крапа, Бродско, како и за смртта на уште тројца партизани. Меѓутоа, сите тие, како што сведочат историските факти, извршени се во време кога Миладинов не бил на должноста околиски управител во Македонски Брод, од каде всушност и биле издавани наредбите за ликвидација на двете групи партизани. Во тоа време околиски управник во Македонски Брод бил Бугаринот Коста Ненчев, а полициски началник, капетанот од бугарските окупаторски сили, Нанчо Петров. СИМПАТИЗЕР НА НОБ Внукот на Миладинов, Миладин Миладиноски, кој кон крајот на шеесеттите години ја почна одисејата за трагање по вистината, на повеќе адреси, меѓу кои и на Сојузот на здруженијата на борците од НОБ на СР Македонија, достави писмени сведоштвата, како поткрепа на тврдењето дека во времето на споменатите убиства Трене Миладинов не бил околиски управник, туку кмет во општината Ижишта, ниту пак имало каква било основа неговото име да се врзува со трагедијата на стреланите партизани. Киро Јакимовски од село Девич, Бродско, кој од денот на формирањето на окупаторската власт во Македонски Брод, па се до капитулацијата бил писар во околиската управа, во својата писмена изјава, дадена на 30 септември 1971 година, тврди дека во време на извршувањето на злоделата на бугарските фашисти врз двете групи партизани, челници на цивилната и на воената власт биле Бугарите Коста Ненчев и Нанчо Христов. Миладинов за околиски управник во Македонски Брод е поставен дури во мај 1944 година, по што, како што тврди Јакимовски, во градот и во околината не се случило никакво злосторство. Таква е и изјавата на Коста Ширговски од кичевското село Осој, кој бил личен возач на околиските управници во Македонски Брод од 1942 година се до капитулацијата на бугарскиот фашистички режим. Покрај другото, Ширговски наведува дека по налог на Трене Миладинов во куќата на неговиот близок роднина Урош била засолнета и чувана една партизанка. „Трене беше голем левичар. Во негово време во Брод не се случи никаква тепачка на партизани од страна на бугарските фашисти. Оти беше таков, во една пригода го повикаа во министерството во Софија, каде беше малтретиран“, соопштува во своерачно напишаната изјава возачот на околиските управници, Коста Ширговски. Јонче Милошевски, кој бил борец во НОБ и припадник на УДБА, соопштувајќи дека во тоа време, со функцијата писар не бил моќен да го спречи стрелањето на Миладинов, ќе го напише и следното: „ Јас секогаш, па и сега сум благодарен што баш тој, Трене, не поштеди во тие критични моменти. Толерантно се однесуваше кон нашата дејност во НОБ во село Атишта. Тој знаеше дека бевме поврзани со движењето, а сепак не преземаше никакви мерки како претставник на тогашната власт да не прогонува“. Живко Ѓотѓиоски, Од село Лисичани, активен борец, кој во два наврата бил затворан од окупаторската власт и прогонет во логорот во Ксанти, во својата изјава од 23 април 1963 година забележал: „Тврдам дека Трене многу не заштитуваше од воената власт. Не не гонеше, туку и со храна не помагаше. Тој не беше против движењето, туку беше негов симпатизер. Во неговата куќа лично на храна му беа партизани“. ТРИБУН СО МАКЕДОНСКА НАЦИОНАЛНА ОПРЕДЕЛБА Речиси со исти тврдења се и многу други современици од тој регион, кои на еден или на друг начин ја имале можноста да се сретнат со него, да го познаваат или да соработуваат. Посебно значајна светлина врз неговиот лик фрлаат искажувањата на Методија Белески (инаку мој прадедо)од Орланци, некогашен ученик во Солунската гимназија, забележани во неговата писмена изјава од 5 јануари 1969 година. „Трене Миладинов го познавам уште од 1908 година. Летото, на возраст од околу 25 години дојде од Бугарија и се запозна со целокупната интелигенција во Кичево, при што побара во Конституциониот клуб во Кичево, формиран по превирањата во Турција, да говори во врска со настаните во Османлиската империја и специјално за прашањето на Македонија. Говореше дека само социјализмот ќе го реши праведно македонското прашање. Поради овие негови убедувања, што јавно ги искажуваше, мораше итно да исчезне преку Битола и Солун во Бугарија“. По 1918 година, кога Македонија е поделена меѓу Србија, Бугарија и Грција, како што соопштува Белески, кој исто така емигрирал во Бугарија, „Трене Миладинов за сето време се пројавуваше како социјалист со мислите на Јане Сандански и ги критикуваше и ги обвинуваше дипломатиите на Бугарија и на Србија за поделбата на Македонија и за грешките направени во врска со решавањето на македонското национално прашање“, ги дополнува Белески своите тврдења за ликот и делото на Миладинов.Воедно Белески кажува за големата почит која јаимал Трене Миладинов од високите офицерски кругови во Софија во текот на 1924 година,и неговите познатства со лица од масонските кругово на Бугарија,како и пријателството со Андреј Љапчев,Тодор Александров,Никола Томалевски,и други ревоулуционери.За неговата блискост со масоните покажуваат некои фрески нарачани лично до него во селската цкрва во с.Атишта ,Кичевско.
Богоја Велкоски, пак, имал само петнаесетина години кога во 1907 година се сретнал со Миладинов, кој „облечен по европска мода, со фес и пискул на главата, за да ја маскира својата мисија“, дошол во родното Атишта. По активностите што ги развил, набргу станало јасно дека доаѓа по налог на Централниот комитет на ВМРО. За времето кога Миладинов бил општински главатар во Ижишта, Велковски во својата пишана изјава ќе го внесе и следното: „Поради тоа што ги заштитуваше партизаните беше во конфликт со претставниците на воената власт“. АКО НЕ ЗАДОЦНЕШЕ ПАРТИЗАНСКИОТ КУРИР Внукот на Миладинов, фурнаџијата Миладин Миладиноски на многу релевантни адреси во она време ги приложи макотрпно собраните десетици изјави, со надеж дека некој ќе ги услиши неговите молби за да се исправи евентуалната неправда сторена кон неговиот роднина. Кон нив ги додал и свидетелствата од училиштата во местата кои биле под јурисдикција на Миладинов. Тие требало да послужат како доказ дека се до неговото доаѓање за општински претседател училиштата носеле имиња на бугарски дејци. Со неговото назначување, тие биле преименувани - ги добиле имињата на македонските револуционери и културни дејци, како што се Гоце Делчев, Пере Тошев, Даме Груев, Климент Охридски… Но, надежта била попуста. Вратите што воделе кон вистината биле цврсто закатанети. А велеше: „Не сакам да умрам пред да го обелам образот на стрико ми. И на семејството. Боли да се живее со мислата дека на челото некој ти го избраздил со нож прекарот - „народен непријател“. Фурнаџијата, кој пред многу години ги напабирчи овие документи, не ги дочека ниту овие редови… Ги остави педантно подредени, заедно со фотографиите, меѓу кои е и онаа на која Миладинов го овековечил своето другарување со Делчев. Правдата понекогаш доцни, но секогаш доаѓа. Историографите ни должат поблиско дефинирање ликот на човекот кој минал низ илинденските огнови, ја вознесувал социјалистичката мисла на Веле Марков и Димо Хаџи Димов, соработувал со Гоце Делчев и Јане Сандански, другарувал со Петар Поп Арсов и завршил во споменатата масовна гробница како „народен непријател“.Денес целокупната архива на Трене Миладонов,и неговиот стрико Милан Миладинов ,како и голем број оригинални фотографии гружливо се чуваат во приватна архива од страна на неговиот правнук,Левче Миладиноски.
Ивица Белески |