|
|
Промена на националниот идентитет со одлука на бугарската влада! |
Многу оригинални документи како доказ и сведоштва за бугарското „ослободување“ на Македонија. Пред осумдесет години, Бугарија се обидувала да ја прикаже окупацијата на Македонија како природен процес за ослободување на некаква своја национална територија. Притоа цивилната власт ја организирале како што бил организиран и бугарскиот државен апарат, односно целиот законодавен и правен систем бил само проширен на окупираното подрачје. Покрај тоа, бил донесен и акт за промена на националниот идентитет на македонското население, а тоа било направено со одлука на бугарската влада за промена на државјанството, бидејќи Кралството Југославија веќе не постоело. Според таа одлука, никој не можел да се декларира како Македонец, а македонскиот јазик бил прогласен за дијалект на бугарскиот јазик Блаже Миневски Капитулацијата на Кралството Југославија во Втората светска војна, како и лесното пробивање на германската војска на Балканот, пред осумдесет години, создале состојба на безвластие во Македонија. Таквата ситуација најпрво ја искористиле политичките структури од старата власт, кои пред Германците се легитимирале како законски претставници на населението што живеело во Македонија, но безвластието се обиделе да го искористат и други групи и поединци, како што биле Спиро Китинчев, д-р Божидар Ристов, д-р Никола Андонов и д-р Димитар Железаров, приврзаници на Ванчо Михајлов, кои се препорачувале како претставници на бугарското население во тогашната таканаречена Вардарска бановина. Германската воена команда ги назначувала на раководни места сите што се нуделе да помогнат, па така, пред да им ја отстапат Македонија на Бугарите, градот Скопје, како колективен кмет, го воделе Панта Јовановиќ, Спиро Китинчев и Кемал Рустем-бег. Тоа тројно „српско-бугарско-турско“ кметство траело до крајот на април 1941 година, кога со посебна наредба на бугарскиот фашистички областен директор Антон Козаров била преземена власта во Македонија. На услуга на бугарската фашистичка власт веднаш им се понудиле одреден број угледни Македонци, како што во исто време еден дел од нив останале верни на кралот и на Дража Михајловиќ, продолжувајќи да се борат и да се надеваат дека повторно ќе дојдат на власт. Во архивите останати зад едната и зад другата страна се појавуваат лица од угледни македонски семејства, чии потомци подоцна, повеќе или помалку, успеале да се вклопат во новата историја на земјата, а некои од нив да направат и политичка кариера во социјалистичка Македонија. Македонски четници – српски „патриоти“!
Над 1.000 страници оригинални документи за четниците и четничкото движење во Македонија за време на Втората светска војна, собрани и обработени од проф. д-р Ѓорѓи Малковски во архивите на Србија, Бугарија и на Македонија, директно ги потврдуваат сознанијата за доброволната соработка на стотици Македонци со српското четничко движење. Документите содржат голем број имиња, настани и информации за наредби и акции, но и податоци за формирањето четнички единици во Македонија, како и за тоа која била нивната цел и за што се бореле. Факт е дека четниците на Дража Михајловиќ се залагале за создавање голема Србија, која ја опфаќала целата територија на тогашното Кралство Југославија, исклучувајќи ги само териториите населени со чисто хрватско население. Македонските четници го знаеле тоа, што значи дека се бореле голема Србија, а против својата татковина Македонија, која, како што е познато, четничкото движење ја третирало како Јужна Србија. Според д-р Малковски во документите се среќаваат многу имиња на македонски четници, а некои од нив припаѓаат на угледни македонски семејства присутни во македонската историја последниве стотина години. Ако се знае дека четниците на Дража Михајловиќ се бореле за враќање на кралот, кој не ја признавал Македонија, сосема е јасно дека и македонските четници не ги интересирала Македонија како татковина туку само кралот и Србија. За таа цел четничката организација формирала свои вооружени формации, градски комитети и друго, што ѝ давало белег на организирана воена и политичка сила. Нивниот план во однос на Македонија бил јасен: тоа бил планот на југословенската емигрантска влада. Владата и кралот Петар Втори Караѓорѓевиќ официјално, во почетокот на 1942 година, ги прифатиле четниците за своја војска во Југославија, а на 7 февруари истата година го унапредиле Дража Михајловиќ во бригаден, а потоа и во дивизиски генерал, за четири дена подоцна да го биде именуван за министер на војската, морнарицата и авијацијата. Потпирајќи се на четниците на Дража Михајловиќ, избеганата влада ја поддржувала линијата на четничкото движење за обнова на стариот општествено-политички систем на Кралството Југославија. Бидејќи Македонија била окупирана од Бугарија и од Италија, стратегијата на четничкото движење во почетокот била да собираат разузнавачки податоци, а како главен пункт бил определен градот Скопје на чело со нивниот човек, Македонецот Душан Карамитровиќ. Во функција на тоа требало да се поврзат сите штабови во еден штаб, со цел четнички да се организира цела Македонија, а потоа македонскиот четнички штаб да се поврзе со штабовите на надлежните четнички формации за Козјак и Порече. Тоа требало да ја олесни работата на четниците во Македонија, кои, чекајќи поволни услови, кога англо-американските сили ќе се истоварат во Југославија, да започнат масовна борба против македонските партизани. Всушност, четниците требало да бидат подготвени во секој миг да ја преземат власта во Македонија. Имало и Македонци квислинзи во служба на бугарските фашисти Паралелно со четниците, друга група Македонци се ставиле во служба на бугарската окупациска власт, нудејќи ја својата соработка на сите полиња и без никаква резерва. Тоа се правело преку формирање разни организации, кои, за разлика од четниците, кои требало да ги прикажат Македонците како Срби, биле подготвени да работат на тоа да им објаснуваат на Македонците дека се Бугари. Во таа насока, по својата организираност и по изведените акции, предничел таканаречениот Бугарски централен акционен комитет на Стефан Стефанов и Васил Хаџикимов. Комитетот бил формиран на 13 април 1941 година, петнаесет дена пред доаѓањето на Бугарите во Македонија, а главен организатор бил Стефан Стефанов, адвокат, дојден од Софија во Скопје ноќта меѓу 8 и 9 април со германски воен камион. По пристигнувањето во Скопје, адвокатот Стефанов, заедно со Васил Хаџикимов и Михо Михов, постигнал договор со кметот Спиро Китинчев и неговите приврзаници за формирање Македонски национален комитет. Комитетот што го формирал Стефанов извршувал улога на местен комитет на Скопската Околија, а бил избран и Централен комитет од 32 члена. Од нив потоа бил избран Извршен комитет, чиј претседател бил Стефан Стефанов, организациски секретар Васил Хаџикимов, потпретседател Спиро Китинчев, а касиер Крум Органџиев. Во управата биле избрани и четворица советници: Благој Поп Панков, Иван Пиперков, д-р Александар Георгиев и Илија Атанасов. Главна задача на Комитетот била со пропаганда да се убеди населението дека е бугарско, со што би се подготвил терен за свечен пречек на бугарската административно-управна власт, а истовремено пред Германците да се истакне бугарскиот карактер на населението во Македонија. За таа цел почнале да го издаваат и весникот „Македонија“, во кој се величала улогата на германската војска, а Македонија ја прогласувале за „слободна земја со општобугарска национална свест“. Задоволни од полтронството што го покажувале на секој чекор, Германците со посебна одлука целата власт во Скопје им ја предале на луѓето на Бугарскиот централен акционен комитет, па Спиро Китинчев бил избран за кмет на Општината, а за негови помошници биле назначени Благој Поп Панков, Благој Панчев, Кирил Жерновски и Крум Органџиев. Како помошен персонал во Општината биле ангажирани Кирил Пенушлиски, Кирил Георгиев и други. Понесени од овој успех, раководните луѓе на Комитетот решаваат да започнат со организирање такви комитети и во другите градови во Македонија. Во наредните неколку недели такви комитети биле формирани речиси во сите градови во Македонија. Така, во Велес, за претседател бил избран Лазар Крепиев, во Штип – Лазар Хаџиглигоров, во Виница – Тодор Иванов, во Куманово – Георги Гарев ,а во Свети Николе – Тома Кленков. Во Тетово дошло до недоразбирање кој да биде претседател, дали Светослав Андрејчин или Трифун Апостолов, па претседател привремено не бил избран. Во Гостивар бил избран Димитар Иванов, во Струга Светослав Милев, во Ресен – Крсто Трајков, во Лазарополе бугароманите ги предводел Јаким Георгиев, во Гевгелија д-р Мицев, во Битола д-р Борис Светиев, а во Прилеп – Милан Небреклиев. На 30 мај бил формиран ваков бугарски комитет и во Кавадарци, каде што за претседател бил поставен Благој Атанасов. Оваа мрежа на македонски отпадници на чело со Стефан Стефанов, Македонец од Кратово, свечено и со радост ги пречекала Бугарите пред Воениот клуб во Скопје. Директорот Киселинов ги терал учениците да се изјаснуваат како Бугари! Освен бугарските комитети на Стефанов, дејствувале и комитетите на ВМРО, но доаѓањето на истакнатите активисти на Организацијата било претежно конспиративно. Нивната активност се одвивала во рамките на наредбите и задачите што им ги поставувал Ванчо Михајлов од Загреб. Според истражувањето на проф. д-р Ѓорѓи Малковски, на 5 јули 1941 година во домот на Иван Пиперков во Скопје била организирана илегална конференција на приврзаниците на ВМРО на која присуствувале Чкатров, Ѓузелов, Цилев, Дрангов, Куртев и други, при што бил донесен заклучок за формирање мрежа на ВМРО во Вардарска Македонија, која требало да го подготви и организира доаѓањето на Ванчо Михајлов во Скопје. Сепак, членовите на ВМРО во Македонија не развиле поширока активност, бидејќи не биле прифатени од населението. Самото негирање на македонскиот народ од нивна страна придонесувало луѓето да се откажуваат од вклучување во редовите на Организацијата. Освен обидите на БАЦК и ВМРО за бугаризирање на Македонците, бугарската власт за таа цел формира повеќе други „родољубиви организации и друштва“, кои требало да спроведуваат денационализаторска и асимилаторска политика кон македонскиот народ, особено кон македонската младина. Притоа, се чини, најголемо внимание ѝ се посветувало на младинската националистичка организација „Браник“, која во Македонија почнала да се организира есента 1941 година. Главната активност на „Браник“ била ориентирана на денационализаторската пропаганда за асимилација на младината, особено во училиштата. Така, на пример, директорот на Првата машка скопска гимназија, Христо Зографски, во соработка со наставниците и браничката организација, внимателно ја следел скоевската организација во гимназијата и за сите ученици имал податоци за нивната активност, предавајќи ги сомнителните ученици на бугарската власт и полиција. Паралелно со „Браник“, која дејствувала меѓу младите, во Македонија дејствувал и таканаречениот себугарски сојуз „Отец Паисиј“, националистичка организација што имала цел да ги обедини „Бугарите во границите на Бугарија“. Кон крајот на август 1941 г., во Скопје се формирал клон на „Отец Паисиј“. За претседател бил избран архимандритот Стефан, протосингел на Скопско-велешката епархија, а за потпретседатели Никола Коларов, директор на Дирекцијата за национална пропаганда и Георги Киселинов, директор на Женската гимназија во Скопје. Во 1942 година клон на „Отец Паисиј“ бил формиран и во Струмица, а во име на организацијата, архимандритот Стефан ги следел судските процесите на кои им се судело на приврзаниците на Народноослободителното движење и јавно барал смртна казна. Во продолжение, за да ја засили асимилаторската и денационализаторската пропаганда во Македонија, бугарската власт ги инсталира и таканаречените „ратници за напредок на бугарштината“, на чие чело застанал д-р Никола Андонов. Најголем придонес за развојот на „ратниците“ во Скопје дал Страхил Георгиев-Цеце, дотогашен шеф на електрика во скопската општина. Штабните состаноци ги водел лично д-р Андонов. Во Велес организацијата работела под раководство на Панче Делев, а во работата му помагале Лазар Даев и Димитар Војницалиев. Во секој случај, и четниците на Дража Михајловиќ, и фашистите од Бугарија најголемо внимание посветувале на денационализаторската и асимилаторска пропаганда. Бугарите, на пример, се обидувале да ја прикажат окупацијата на Македонија како природен процес за ослободување на некаква своја национална територија. Притоа цивилната власт во Македонија ја организирале како што бил организиран и државниот апарат во самата Бугарија. Всушност целиот законодавен и правен систем бил само проширен на окупираното подрачје. Покрај тоа, бил донесен и едностран акт за промена на националниот идентитет на македонското население, а тоа било направено со одлука на бугарската влада за промена на државјанството на македонското население, бидејќи Кралството Југославија веќе не постоело. Според таа одлука, никој не можел да се декларира како Македонец, а македонскиот јазик бил прогласен за дијалект на бугарскиот јазик. За жал, целата таа фашистичка политика во Македонија доброволно ја помагале и одреден број Македонци, меѓу кои има и такви што подоцна, по завршувањето на Втората светска војна, успеале да се „инфилтрираат“ во новата македонска власт како „интелектуалци, македонски дејци и патриоти“. |