Петок, 25 Ноември 2022   
„Впечатоци од Федерална Македонија“ (1)

1pove125678912

„Отидовме со Србите, Хрватите, Црногорците и Словенците, бидејќи тие нè признаваат како рамноправен народ кој има право слободно да се развива, да го гради својот културен и стопански живот како што сака, а не да игра по свирката на другите.Отидовме со овие народи затоа што тие ни го гарантираа и ни го гарантираат нашиот национален суверенитет“. – вака одговори Димитар Влахов на прашањето „Зошто Македонците отидоа со Југославија“ кое му го постави Јордан Атанасов, преставник на делегацијата на македонската емиграција од Бугарија и населението на Пиринска Македонија, која присуствуваше на чествувањето на 11 Октомври – Денот на македонското востание во 1945 година во Демократска Федерална Македонија. Македонска мисъл, кн. 5-6, год. 1, 1946, 6. ВПЕЧАТЛЕНИЯ ОТ ФЕДЕРАЛНА МАКЕДОНИЯ, Юрдан Анастасов-

Јордан Анастасов (4. I. 1893 – 10. X 1976) е македонски деец, припадник на Македонската емигрантска федеративна организација (МЕФО) и на ВМРО (Обединета). По Првата светска војна бил член на Привремената комисија на македонската емиграција и на МЕФО. По Деветојунскиот преврат во Бугарија емигрирал во Париз (1923), бил кооптиран за член на ЦК (1927) и член на Задграничното биро на ВМРО (Об) (1929). По Втората светска војна бил член на Македонскиот научен институт и главен и одговорен редактор на списанието „Македонска мисл“ (1945) во Софија. Во ова списание тој ќе ги објави впечатоците од посетата на Федерална Македонија во октомври 1945 г. во кои вели:

„Создавањето Федерална Македонија во границите на Југославија беше изненадување за голем дел од македонската емиграција и бугарското општество. Ова изненадување особено го засилиле најавите дека Македонците го воведуваат македонскиот јазик како официјален јазик во нивната сојузна држава и дека тие не се ниту Срби, ниту Бугари, туку посебна јужнославјанска македонска народност.

И всушност, изненадувањето дојде од фактот што малкумина од нас во Бугарија ја знаеја состојбата во Вардарска Македонија пред 9 септември 1944 година. За време на окупацијата (1941-1944), поради тогашната постоечка политичка и воена состојба, немавме можност да го следиме и почувствуваме пулсот на Македонија. Токму поради тоа, голем дел од народните маси и Бугарија до 9 септември 1944 година беа во темнина за процесот што се развиваше таму и кој заврши со прокламентацијата во манастирот Св. Прохор Пчински.

Но, настаните што се случија во Македонија не предизвикаа само изненадување. Овде, во Бугарија, меѓу великобугарските реакционери, започнаа шепотења, со цел да се прикажат работите така како Македонија повторно станала или ќе стане српска земја. Овие шепотења, кои продолжуваат и денес, предизвикаа и предизвикуваат загриженост кај угледните граѓани кои се уште се слабо информирани за состојбите во Федерална Македонија.

За да се спротивставиме на овие манифестации на реакцијата и за правилно просветлување на нашето општество, должност на секој што се грижи за слободата на Македонија и за јужнославјанското и балканското братство е да ја изнесе вистината за Федерална Македонија. Затоа што овој начин најмногу ќе придонесе за борба против лагите и интригите на реакцијата и ќе и служи на македонската ослободителна кауза. Ваквата јавна должност сметам дека ја исполнувам давајќи им публицитет на моите лични впечатоци кои ги добив при една обиколка на  Федерална Македонија.

На покана на владата на Федерална Македонија, една делегација од претставници на македонската емиграција во Бугарија и населението на Пиринска Македонија, во првата половина на октомври 1945 година, замина во Скопје за да учествува на државниот празник на Македонија - 11 Октомври. на кој ден во 1941 година во градот Прилеп пукна првата пушка за нејзино ослободување.

Ги посетивме градовите Струмица, Радовиш, Штип, Скопје, Велес, Кавадарци, Прилеп, Битола, Ресен и Охрид. Во Струмица и Штип бевме пречекани од целото население. Во сите други градови населението ни приреди братски пречек.

Ќе ги споделам моите впечатоци од митингот во Скопје. Веќе во 9 часот изутрина, плоштадот „Маршал Тито“ беше исполнет со луѓе. Далеку зад плоштадот, на улиците кои се одвојуваат од него, кон центарот постојано се движат редици луѓе. Наоколу плакати и знамиња огреани од сонцето. Очите на младите и старите испуштаат пламен По некое време човечката маса се заниша и се распрснува во бурни и непрестајни извици и скандирања: Тито, Тито, Тито! На трибината е Маршал Тиго, опкружен со претставници на федералните единици на Југославија и други истакнати личности. Тука се Димитар Влахов, Лазо Колишевски, генералот Михаил Апостолски, тука се народниот херој генерал-потполковник Александар Ранковиќ, министерот на Црна Гора Милован Ѓилас, претседателот на српското привремено собрание д-р Синиша Станковиќ, тука е миленикот на Македонците мајор Генерал Тепмо итн. Започна воената парада, на која учествуваа сите родови војска. Аплаузот беше особено бурен кога поминаа тешките тенкови. Авионите го пресекуваат небото над плоштадот. По војската почнаа да се редат ентузијастички редови работници, еснафи, селани, пионери, студенти, фискултирци итн. Марширајќи во формација, нивните погледи беа вперени во Маршалот, кој насмеан ги прифати поздравите со одмавнување на раката. Во правец на трибината од страна на демонстрантите постојано се фрлаат цвеќиња. Таму е веќе распослан огромен шарен тепих со живи цвеќиња. По поминувањето на учесниците на парадата која траеше неколку часа, митингот го отвори Димитар Влахов, кој во името на македонскиот народ ги поздрави Маршалот, претставниците на федералните единици на Југославија, претставниците на Советскиот Сојуз. По Влахов, пред микрофонот застана и маршалот Тито. Возбуденото море од народ се смири за подобро да ги слушнат зборовите на лидерот на Југославија. Меѓудругото, тој рече:

„Почитувани браќа, другари и другарки! Ви честитам и среќен сум што сум меѓу вас денеска, кога го славите својот празник на народното востание. Многумина кои го оспоруваат правото на Македонија да одлучува за својата судбина, треба да го видат духот што денес е присутен на скопските улици, а сигурен сум дека таков дух е присутен и во секое македонско село, низ цела Македонија. Македонскиот народ во оваа голема ослободителна борба го доби правото на она што го има денес, а тоа е неговата слобода и еднаквост. Македонскиот народ правилно го разбра историскиот момент кога се решаваше прашањето за југословенските народи, дали воопшто ќе преживеат или не. Македонците го разбраа моментот и заедно со другите народи на Југославија тргнаа во борба кога ги повика југословенската комунистичка партија... Ние не се откажавме од правото на македонскиот народ да се обедини. Ние никогаш нема да се откажеме од ова право. . . Во Егејска Македонија има браќа Македонци и нивната судбина не е рамнодушна кон нас. Нашите мисли се со нив и се грижиме за нив. Ние нема да остапиме додека сите Македонци не се обединат во својата земја“.

... На митингот, меѓу другите, говореа и претседателот на Македонскиот национален комитет во Бугарија, Христо Калаиџиев и претставникот на Пиринска Македонија, Асен Чаракчиев.

По митингот, писателот на овие редови имаше чест, заедно со неколку делегати, да му се претстави на маршалот Тито и да разговара со него... За Македонците Тито не е само водач - тој е и народен херој, тој е и идол. Затоа што добро знаат дека Тито ја водеше борбата не само против окупаторите, туку и против великосрпските шовинисти и угнетувачи, успешно ја спроведе оваа борба и ја создаде величествената државна градба, Федеративна Народна Република Југославија, во која Македонија се појави како независна федерална единица. Секој што го знае животот и делата на Тито не може а да не го окарактеризира како великан, комбинирајќи ги квалитетите на револуционер и организатор, голем оратор и публицист, војсководец и државник од први размери. Народот на Југославија е среќен што го има Тито за лидер.

На 14 октомври во Битола, за нас неочекувано, присуствувавме на голем предизборен митинг, на кој масовно учествуваа битолчани и селани од околните маала. На митингот говореа Димитар Влахов, Лазо Колишевски, министерот за земјоделство Благои Фотев и претставници на турското, албанското и влашкото малцинство. На покана на Лазо Колишевски во име на нашата делегација одржав поздравен говор кој подоцна беше објавен во весникот „Нова Македонија“. Во своите говори говорниците ги презентираа револуционерните борби на македонскиот народ, почнувајќи со внатрешната револуционерна организација на Гоце Делчев, го истакнуваа единството во борбата меѓу сите народности што ја населуваат Македонија и потребата од единство во сегашниот момент за конечно ликвидирање на старата и за довршување на Федеративна Македонија во границите на нова, демократска и федеративна Југославија.

Во Скопје и Битола успеавме да стапиме во контакт со првите луѓе на Федерална Македонија и од нив да добиеме информации за структурата и состојбата на државата. Исто така имавме можност и каде и да застанеме да поразговараме со луѓе од народот, од кои дознавме за сите прашања кои се од голем интерес за македонската емиграција и за бугарското општество. Така собраните информации и впечатоци ќе се обидам да ги пренесам во концизна форма.

Пред да ја претставиме состојбата во Федерална Македонија, да ги разјасниме прашањата - зошто Македонците отидоа со Југославија, зошто се нарекуваат Македонци и зошто го прифатија македонскиот за официјален јазик?  На првото прашање зошто Македонците отидоа со Југославија, вака Димитар Влахов одговара:

„Отидовме со Србите, Хрватите, Црногорците и Словенците, бидејќи тие нè признаваат како рамноправен народ кој има право слободно да се развива, да го гради својот културен и стопански живот како што сака, а не да игра по свирката на другите.Отидовме со овие народи затоа што тие ни го гарантираа и ни го гарантираат нашиот национален суверенитет“. 

На овие објаснувања на Влахов треба да се додаде уште едно од особено значење, а тоа е заедничката борба што македонскиот народ ја водеше за време на окупацијата со другите народи на Југославија. Додека за време на окупацијата великобугарските фашистички власти ги третираа Македонците како освоено племе и регистрираа срамни и крвави дела, Тито им подаде братска рака и заедно со своите единици, македонските партизани ја поведоа ослободителната борба. Токму таа заедничка борба цврсто го поврза македонскиот народ со другите востанати народи во Југославија и беше еден од факторите за одлуката на населението на Вардарска Македонија да влезе во последната како федерална единица во Федеративна Југославија.“

подготвил. Т.К.

(продолжува)

 

На прво место

News image

Мане Јаковлески: Мојот пат по стапките на месијата 2011 година (8)

Петта станица-десно кон улицата Францис, од каде патот нагло, остро се издига кон Голгота (Калварија...

Историја

News image

Границите на Македонија се таму, до каде што допира римскиот меч

Македонија станува римска провинција во 146 година п.н.е., откако римскиот војсководец Квинт Цецилие...

Иселеници

Култура и туризам

News image

ВО АНКАРА– ГРАДОТ НА АТАТУРК И ПРЕСТОЛНИНАНА ТУРЦИЈА(10)

ДЕЛ ОД ПОСЕТИТЕ НА ГРАДОВИ ВО СВЕТОТ ВО ПУБЛИКАЦИЈАТА „СВЕТОТ НА ДЛАНКА“ НА СЛАВЕ КАТИН 

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.