|
|
ОД ДНЕВНИКОТ НА ДРАГАН БОГДАНОВСКИ – Киднапирање! (2) |
Набрзо по првото предупредување во 1975 година дека СДБ има намера да го киднапира, Драган Богдановски станува невнимателен. Тоа ќе го искористи СДБ која својата намера ја оствари на 4 јуни 1977 година. Во својот дневник тој ќе го опише чинот на киднапирање, дел од луѓето кое учествувале во оваа акција и начинот на кој бил пренесен во тогашна Југославија. „Македонска нација“ ќе објави делови од овој дневник, кој со помош на ЗК на ВМРО ДПМНЕ од Перт и Аделаид ќе стане достапен до јавноста, а во кои читателите ќе можат да се запознаат со страдањата на еден од најпознатите македонски политички емигранти по 1945 година и еден од основачите на ВМРО ДПМНЕ: „За времето од 2-ри до 6-ти јули 1977 година ДООМ имаше закажано свој конгрес во Германија... Делегатите од Австралија Михајло Шариновски, Ристо Ристевски и Доне Димов требаа да пристигнат неколку недели порано, зашто искажале желба да ги посетат организациите на ДООМ во Франција, Швајцарија, Белгија, Германија, Данска и Шведска. Тие од Австралија требаа да долетаат со авион до Париз, а потоа со други превозни средства да тргнат во својата турнеја низ Европа. Од другарите од раководството на ДООМ јас бев одреден да ги пречекам на аеродромот Орли во Париз. За таа цел јас на 1-ви јуни стигнав во Париз и отседнав во хотел “Де ла Норманди“, веднаш спротив Источната железничка станица. Истиот ден му телефонирав на Ѓорѓи Јовановски во хотелот во кој работеше и живееше како настојник. Ѓорѓи го познавав повеќе од 10 години. Се претставуваше не само за Македонец, туку и за голем македонски патриот, беше член на ДООМ и еден од активистите на Организацијата за Франција.... Тоа дека Ѓорѓи е Јовановиќ а не Јовановски го разбрав уште пред моето киднапирање, но си мислев дека не треба да бидеме толку националисти, човекот беше син на мајка Македонка, се родил во Македонија, се чуствува и дејствува како Македонец... Меѓутоа, ваквото мое мислење се покажа многу наивно и кобна грешка... Повеќе од 10 години овој агент на СДБ грижливо си изградуваше авторитет на македонски патриот. Меѓу луѓето од Организацијата кои беа стекнале доверба во него, бев и јас... Одвреме на време навраќав кај него, ми правеше ситни услуги и секогаш се трудеше да остави впечаток на македонски патриот. Затоа на 1 јуни 1977 година му телефонирав, тогаш немав никакво сомневање во него. Во телефонскиот разговор Ѓорѓи ми рече дека има нешто “важно да ми каже“ и ме покани да дојдам кај него дома на 4ти јуни напладне за ручек. Поканата ја прифатив... На 4ти јуни точно во договореното време дојдов во станот на Ѓорѓи Јовановиќ. Часот беше дванаесет, пладне. Хотелот во кој Јовановиќ живееше се наоѓаше на една мала улица која започнуваше на самиот влез на метрото “Пигал“ спрема картелот “Монтемарт“.. Тоа беше хотел од најпоследната категорија, каква што ги има на илјади во Париз... Во подрумот или во визбата на хотелот Ѓорѓи како настојник на хотелот живееше бесплатно со своето семејство... Кога влегов во големата дневна соба бев зачуден кога видов осум за мене непознати луѓе кај седат и пијат на една долга маса. Од осумината непознати една беше жена. Гледајќи го моето чудење, Ѓорѓи ми рече: “Драгане да те претставам, ова се мои гости, кратовчани, дошле во посета на Париз, па како кратовци дошле да ме видат и ми донеле неколку шишиња домашна ракија и ми донесле поздрав од татко ми и мајка ми. Запознај се со нив“. Се ракував со нив, ми беше понудена столица и ми беше налеана чаша ракија. Само неколку минути потоа, некој ме чукна толку силно одзади по главата, што јас си помислив дека главата ми прсна на парчиња. Во истиот момент радиото кое свиреше музика некој го пушти толку силно та да не се слуша ништо горе на катовите. Свеста не бев ја загубил од ударот, затоа почнав да викам на сиот глас на француски јазик “О секур“ – “на помош!“, меѓутоа неколкумина се нафрлија врз мене, ме легнаа на подот, а жената од својата женска чанта извади шише со етер, натопи памук и ми го притисна врз носот. Веднаш почувствував како ја губам свеста. Потоа почувствував како на вратот жената ми удри две инекции. Етерот и инекциите го направија своето, само како на сон се сеќавам дека бев пренесен во спалната бев фрлен на една софа (тросед)... Првото делумично враќање на свеста беше нешто како бунило, чувствував дека само се возам некаде во кола, но каде се возам и со кого не знаев. Од средствата за наркоза а може би и од ударот главата ме болеше ужасно, а костумот ми беше целиот исцапан од повраќање. Во колата сум повраќал од мака. Бев фрлен на задното седиште во колата на Ѓорѓи Јовановиќ и притиснат од обете страни од по еден сопатник, од кои едниот беше жената што ме дрогираше. Колата ја возеше Ѓорѓи Јовановиќ, а патем се менуваше со еден од луѓето што ме нападнаа. Одвреме навреме почувствував како мажот што седеше од едната моја страна ме боцка со игла во колкот, за да го провери дејството на наркозата. Кога почнав да реагирам на убодите, колата скршна од патот на некое осамено место, тогаш жената го извади пак шишето со етер и пак ме дрогираше. До француско-италијанската граница бев двапати дрогиран, а пред самата италијанска граница со сила ми беше отворена устата и во грлото ми беше истурена ракија за да мирисам на ракија, да изгледам тотално пијан човек во случај италијанските царинарници посомневаат нешто. Дел од ракијата ми беше истурена и врз алиштата. При секое мое будење мажот што седеше до мене ми покажуваше една полна инекција и ми велеше доколку почнам да викам за помош ќе ми ја удри инекцијата и само за неколку секунди ќе сум бил мртов. Не се сеќавам како сме ја минале француско-италијанската граница, но тоа веројатно не им задало никакви по тешкотии на удбашите, зашто во тоа време летната туристичка сезона беше започнала и на границата не се прават внимателни контроли. Но за секој случај удбашите биле осигурени бидејќи тие од Југославија донеле пасош југословенски за мене. ... На пасошот издаден во Куманово стоеше моја слика пресликана од една моја слика која беше се појавила во списанието “Македонска Нација“. На пасошот пишуваше дека се викам Георгиевски Славе и дека сум роден во селото Оризари, Кочанско. Веројатно на границата тие го покажале тој пасош, велејќи дека сум пијан и спијам. Многу почисто се сеќавам за еден случај на италијанската територија. Тогаш забележав дека пред нас вози една кола, црвен ‘“Волво“ со југословенска регистрација и со буквите КУ – Куманово. Таа била колата на кумановката од СДБ. На едно место во Италија се пробудив и толку ми меше мачно и толку бев жеден за вода што почнав да викам “Вода ми дајте, вода ми дајте, умирам!“. Колата скршна малку од главниот пат и застана на некое голо место покрај еден ендек полн со вода. Шоферот излезе од колата и од багажникот извади шише со минерална вода. Жедно го испразнив половината од шишето и немаше да остане ни капка од неа, ако мојата “лекарка“ не ми го оттргна од устата. Тогаш видов дека црвениот “Волво“ кој возеше пред нас се вратил назад за да видат што станува, зошто сме застанале. Од “Волвото“ излезе еден дебел човек, со голем стомак, кој мислам беше човекот што во станот на Ѓорѓи ме удри во тилот, а кој подоцна ми беше иследник и се викаше Никола Илиевски... Подоцна разбрав дека тој Илиевски тогаш бил началник на втората секција на СДБ, тој дошол на местото на Тошо Шкадров. ... Од удбашите кои учествуваа во моето киднапирање во станот на Ѓорѓи Јовановиќ освен Илиевски, подоцна можев да дознаам дека учествувале уште двајца... Едниот беше Анче Гогов, роден во 1928 година во Велес, во времето кога удбашите носеа воени чинови имал полковнички чин. Тој беше советник од СДБ во одборот за врски со македонската емиграција при Собранието на Македонија... Добре Величковски е удбаш од помладата генерација, беше далеку почовечен од споменатите негови колеги. Делува како интелектуалец родум од Паланечките села. Четврт човек од скопските удбаши кој учествувал во акцијата на моето киднапирање беше Димитар (Митко) Николовски, но тој не учествуваше во самото киднапирање во станот на Ѓорѓи Јовановиќ, затоа што еднаш се сретнал во Шветска во Гетеборг со мене, па се плашел да не ја провали акцијата, да не го препознам во станот кај Ѓорѓи Јовановиќ. Тоа дека тој учествувал во акцијата за моето киднапирање го дознав дури во Љубљана, зашто тогаш видов дека имало и една трета кола, во која бил тој и уште троица немакедонци од Сојузната Удба, кои веројатно ја надгледувале акцијата... Не бев при свест кога сме ја минале југословенско-италијанската граница. На едно место осетив дека пак ми удираат некаква инекција, но тоа било инекција за да дојдам при свеста... Инекцијата ми помогна да дојдам при свест, тогаш еден од киднаперите ми рече: “Драгане пробуди се да ја видиш твојата татковина. Ова е Југославија, твојата татковина!“. Одговорив: “Југославија никогаш не била моја татковина и нема тоа да биде! Македонија е моја татковина и среќен сум што ќе загинам за неа“. “Ти си фанатичен македонски националист, но ние нема да дозволиме да загинеш за Македонија“ – одговори удбашот. – Ако беше до загинување, ние ќе те отепавме надвор, немаше да те носиме тука“. Колата застана на главниот плоштад во Љубљана, пред еден голем хотел, до неа се паркираа и другите две коли. Тогаш разбрав дека во удбашката експедиција учествувала уште една трета кола. Колата имаше белградска регистрација. И тројца од екипажот зборуваа српски. Подоцна за време на сослушувањата разбрав дека моето киднапирање била сојузна акција, тоест акција на сојузната УДБА...“ Подготвил Тихомир Каранфилов: ОД ДНЕВНИКОТ НА ДРАГАН БОГДАНОВСКИ (продолжува наредна среда) |