|
|
ОД ДНЕВНИКОТ НА ДРАГАН БОГДАНОВСКИ – „ Опис на престој во логорот Лаврион“ (7) |
На крајот на првиот ден на испрашувањето во тајниот затвор на СДБ, агентите на УДБА побараа од Драган Богдановски да го опише својот шестмесечен престој во Грција. Со оглед дека немал што да крие, тој како што вели во својот дневникот на 10-12 страни, А-4 формат, ја напишал вистината за својот престој во логорот Лаврион во Грција. За своите читатели идеологот на ВМРО ДПМНЕ, Д. Богдановски, ќе даде едно концизно резиме на тој текст во кој за престојот во логорот и за неговиот однос кон Ванчомихајловистите пишува: „Судбината на Македонија и македонското национално револуционерно дело ме интересирало уште од моите ученички денови. Македонските револуционери со своите бесмртни подвизи и дело најмногу ме одушвувале во животот; а историјата на македонското револуционерно движење била моето најмило четиво. Пред моето бегство преку границата јас си имав изградено мое сопствено гледање на македонското национално прашање и посебно на македонската ослободителна борба. Јас на тврдењето на властодршците во македонската република дека македонскиот народ во Вардарскиот дел на Македонија бил ослободен во рамките на втората Титова Југославија гледав како на лага. Националното признавање на еден народ не значи и негово национално ослободување. Во Грција стигнав како наполно изградена политичка личност. Бегајќи во Грција јас знаев што ме очекува мене таму како Македонец доколку јас отворено го кажам пред Грците она што го мислам по македонското прашање, затоа бев решил да не се експонирам, да гледам што побргу да излезам од оваа за Македонците непријателска земја. Грција требаше само да ми послужи како отскочна штица за некоја прекуокеанска земја или за западноевропска земја, каде меѓу другото, ќе се ползувам од демократските слободи за работа и на македонското национално и револуционерно дело. Но како емигрант во Грција, моето македонско национално чувство и достоинство беше навредено до таа мера што повеќе не можев да се воздржам, револтот што доаѓаше од згазената национална чест се претвори во силна национална енергија и во страстната волја за револуционерна македонска национална дејност. Во логорот во Лаврион ако некој Македонец имаше смелост да се каже Македонец грчките полицајци му велеа “Македоникос“, ти ската иње автос?!“ “Македонец, што е тоа гомно?!“ и го претепуваа, го одведуваа во затворот на грчката политичка полиција таму ѕверски го мачеа, потоа го испраќаа во заточение на некој пустински остров. Во логорот имаше и големо српска монархистичка четничка организација кој еднакво како Грците беше антимакедонски расположена, Македонците ги клеветеше пред грчката полиција како комунистички шпиони. Многумина македонски селани кои тогаш ги имаше неколку стотини во логорот, бидејќи масовно беа избегале од насилната кеолективизација во Југославија, беа присилени од четниците да членуваат во четничката организација. Трета антимакедонска политичка сила во логорот претставуваа приврзаници на десничарската ВМРО на Ванчо Михајлов. Ванчомихајловистичката група броеше дваесетина добро организирани членови од Пиринска и Вардарска Македонија, чија идејна јатка ја сочинуваа неколкумина интелектуалци од Пиринска Македонија, меѓу кои беа Борислав Иванов, кој подоцна емигрира во САД и стана редактор на весникот “Македонска Трибуна“ и Христо Лагадинов, капетан од бившата царска бугарска армија. Ванчомихајловистичката група работела за американското воено разузнавање. Вооружена од Американците групата била испраќана илегално преку границите на Бугарија и Југославија да собира податоци од воена и политичка природа. Овие платени американски шпиони внатре на теренот на Пиринска и Вардарска Македонија развивале и ванчовистичка пропаганда за “Автономна Македонија“, но не знам по кои причини, групата беше откажала повеќе да оди на терен во Бугарија и Југославија, па затоа беше доведена во емигрантскиот логор. Меѓутоа, групата продолжуваше да има заштита од Американците. Иако поимот “Автономна Македонија“ Грците ги доведуваа до беснило од злоба, тие ја толерираа оваа група... Во тоа време не можев да го разберам овој парадокс. Но подоцна разбрав во што се состоела грчката толеранција на ванчомихајловистите. Ванчомихајловистите го негираа постоењето на македонската нација, што се совпаѓаше наполно со грчкото негирање на постоењето на македонската нација. За грците многу поопасна е македонската национална идеја отколку софистицираната демагошка парола за автономна Македонија, во која нема да има македонска нација, туку ќе има “Македонски Бугари“ и припадници на други народности. Ванчовистите сакале да признаат или не, го виделе тоа или не, тие беа сојузници на грчките мегаломани против животните национални интереси на македонскиот народ. Ванчомихајловистите преку поштата на американската военоразузнувачка служба редовно го добиваа ванчомихајловистичкиот весник “Македонска Трибуна“ од САД; ги имаа добиено и ги даваа на читање книгите на Ванчо Михајлов: “Македонија Швајцарија на Балканите“, “Сталин и македонското прашање“, “По трнливиот пат на македонското револуционерно дело“, “Како пишуваа нашите преродбеници и револуционери“ и други. Читањето на “Македонска Трибуна“ и на книгите на Ванчо Михајлов, во кои се негира секакво постоење на македонската нација и се застапува тезата дека македонците се Бугари, ги доведе во полн ќор-сокак Македонците емигранти од Вардарскиот дел а Македонија од кои, некои имаа издржано по неколку години затвор, како “ванчомихајловисти“ без да знаат дека тој ист Ванчо Михајлов се смета себеси за Бугарин а не за Македонец. Некои од овие млади Македонци уште во логорот беа разочарани од својот идол Ванчо Михајлов, другите од нив почнаа да ги прифаќаат неговото становниште за историската и етничка вистина. За оваа конфузна ситуација на помош ми дојдоа моите знаења од македонската историја и посебно етногенезата на македонската нација која со особен интерес ја имав проучувано. Тврдењата на Ванчо Михајлов дека Македонците биле Бугари аргументирано почнав да ги оспорувам и разобличувам како стара бугарска лага и фалсификат, а ролјата на Ванчо Михајлов во македонското револуционерно дело ја објаснував како ролја на современ бугаромански врховист, како наемник на бугарската национална кауза и големодржавничка санстефанска идеја. Со ваквата моја национална “апостолска“ дејност брзо меѓу Македонците во логорот си стекнав авторитет на учен и чесен Македонец. Младинците и од Вардарска и од Пиринска Македонија со радост се дружеа со мене. Моето влијание меѓу Македонците во логорот го забележија и луѓето од ванчовистичката група, па се обидоа да ме разубедат од моето становниште по македонското прашање, и да ме придобијат за нивното. Со мене само зборуваа Борислав Иванов и Христо Лагадинов, но се заврши во мат позиција, ниту тие ме разубедија мене дека не сум Македонец ниту јас нив ги разубедив дека тие не се ‘“македонски Бугари“. Но тие се покажаа толерантни, не презедоа никаква кампања против мене, само велеа дека уште стојам во заблудата по националното прашање што ја создале скопските “србокомунисти“, и тие скоро беа убедени дека кога ќе излезам на слобода во некоја западна земја и кога ќе ја проучам вистинската историја на Македонија, самиот ќе си го изменам своето становиште по националното прашање, ќе согледам дека македонската нација била исмислена од Србите. Моето дејствување како македонски национален деец не можеше да не биде забележано од луѓето на српската четничка организација кои побрзаа да ме пријават на грчката политичка полиција како опасен македонски агитатор. Еден ден од логорот логорската полиција ме зеде и грчката политичка полиција. Ме сослушуваше еден постар грчки цивилен полицаец, можеби имаше 60 години, зборуваше литературен бугарски јазик. Од мене бараше да признаам дека сум агитирал меѓу емигрантите од Вардарска и Пиринска Македонија за некаква посебна македонска националност и за тоа дека распарчените делови од Македонија требале да бидат ослободени и обединети во независна македонска држава. Знаев дека пред грчката полиција едно признавање претставува куршум в чело, па затоа се одлучно ги негирав обвинувањата. За да кажам нешто пред полицијата, реков дека јас по македонското прашање сум дискутирал само на темата Бугари ли се Македонците во Вардарска Македонија. Им докажував дека ние не сме Бугари туку Јужни словени “Јужни Срби“. Грчкиот полицаец изгледа ме прочита па ми рече: “Што си како лисица, но ние Грците сме поитри и од лисицата“. Внимавај што правиш, зашто ќе скапеш во изгнание на некој самотен остров. Преноќував една ноќ во келија, утредента изутрина ме пуштија. Другарите радосно ме пресретнаа, и со трепет слушаа што ми се случило. Во месец септември 1951 година на една осамена плажа се собравме дваесетина студенти и ученици од Вардарска и Пиринска Македонија на тајна конференција. Главната точка или тема на конференцијата беше македонското прашање пред светската јавност и среде македонската емиграција да се постави македонска национална основа. Тука се зеде решение и обврска присутните на таа конференција кога излезат од Грција меѓусебно да се поврзат за да можат да создадат организација која ќе се бори за меѓународно признавање на македонската нација и за обединување на нејзините распарчени делови во независна македонска држава. Во грчкиот логор Лаврион се роди првата идеја за создавање на македонска национална организација која ќе го земе македонското прашање од рацете на лажните Македонци ванчомихајловистите. Исто така на конференцијата крај морето на Лаврион беше донесена и првата идеја за издавање весник на македонски јазик, кој ќе ја шири вистината за националната индивидуалност на македонскиот народ. Од студентите и учениците кои учествуваа на таа конференција ги спомнав Никола Фиданчев, Кицев од Струмичко, Коста Вртев од Струмичко, Никола Михајлов од с. Босилово, Струмичко, Мане од град Струмица, Александар Бачев од Велес, Тодор Кереместевски од Ресен, Славе Цветановски од с. Драчево, Скопско, Коста Попов од Светиврачко, Пиринска Македонија и други. Бидејќи на крајот на истата година скоро сите емигриравме на Запад, ние во следните две-три години воспоставиме врски и се договоривме како да го оствариме во живот решението земено на конференцијата на плажата крај Лаврион. Во Октомври месец требаше да заминам за Нова Зеландија. Бев примен од новозеландската комисија за емиграција, сите прегледи и сослушувања ги бев поминал и имав добиено службено соопштение дека на таа и таа дата ќе заминам. Меѓутоа, утрото, кога дојде автобусот во логорот да ја земе групата за да ја одвезе до пристаништето Пиреја, моето име не го прочитаа. Групата замина, јас останав тажен во логорот. Утредента појдов во Атина во ИРО (Меѓународна организација за бегалци) и разговарав со шефот на Организацијата на Обединетите Нации за бегалци за секторот Грција госпоѓа Рут. Таа ми кажа дека лично е запозната со мојот случај и таа многу сожалува што не сум заминал за Нова Зеландија. Грчката полиција одбила да ми даде емигрантски пасош за тоа што сум бил македонски агитатор. Госпоѓа Рут вложила официјален протест до грчката влада, барала да ми се даде пасош. Таа ми рече дека се надева и искрено очекува грчката полиција да ми издаде пасош, па да можам да емигрирам во некоја друга земја. За нова Зеландија отпатувала последната група емигранти и од таа земја треба да се опростам. Ми рече дека наскоро ќе заминеле неколку поголеми емигрантски групи за Бразилија, па ако сум согласен да емигрирам во таа земја, таа ќе ме приклучи во една од тие групи. Одговорив: “Само да излезам од оваа проколната Грција, па не во Бразилија, туку нека биде и во Патагонија“. Госпоѓа Рут се насмеа и ме праша дали знам каде е Патагонија. Реков дека не знам. “Нема да бидеш далеку од Патагонија, зашто Патагонија е една провинција од Аргентина“ рече госпоѓа Рут. Кога се вратив во логорот за разговорот со госпоѓа Рут раскажав и на Борислав Иванов. Тој ми вети дека утредента ќе замине за Атина и дека пред неговите американски пријатели ќе се завземе да исдејствуваат од Грците пасош за мене. Борислав Иванов утредента навистина замина за Атина, и кога се врати ми кажа дека Американците му ветиле дека ќе се завземат пред Грците да ми се издаде пасош. Кон крајот на ноември 1951 година, јас со една голема група од 600 емигранти заминав за Бразилија, но никогаш не разбрав емигрантскиот грчки пасош на чија интервенција ми бил издаден: интервенцијата од претставникот на ОН госпоѓа Рут или пак на Американската разузнувачка служба. Подоцна во емиграцијата на Запад слушав како ванчомихајловистите се фалеле како тие ме спасиле, ако тие не биле јас никогаш не сум можел да излезам од Грција. Постои можност дека интервенција имало и од двете страни...“ подготвил: Т.К. |