|
|
ОД ДНЕВНИКОТ НА ДРАГАН БОГДАНОВСКИ – „ Неколку страници за мојата дејност во Норвешка “ (13) |
По искуството со „серумот на вистината“ и давењето во топлата вода, Драган Богдановски три дена се опоравувал и не бил изложен на сослушување. Иако уште чуствувал болки, пред агентите на СДБ тој бил изнесен дури четвртиот ден. Овој пат Богдановски не бил изложен на мачење, Но, тие бараа од него да продолжи со пишување на својата животна историја: за периодот по преселбата од Франција во Норвешка во 1958 година, за политичка дејност која таму осетно се зголемила, за создавањето на Македонскиот национален комитет во Осло и од каде нашол пари за издавањето на списанието “Македонска лоза“ и весникот “Слободна Македонија“. Богдановски попладнето подготвил неколку страници за дејноста во Норвешка, а во својот дневник за читателите дал кусо резиме од напишаното. Истовремено, покрај резимето, тој за дискусијата која потоа се развила со агентите пишува: „Во 1957 година во Париз запознав една норвешка студентка со која ме сврзаа љубовни односи, а во 1958 година се оженив за неа. По настојување од нејзините родители заминав да живеам кај нив во Осло. Се вработив во фирмата на дедо ми која вработуваше повеќе од двеста работници. Бидејќи работев на такво место, низ кое протекуваа огромни суми пари, решив мал дел од тие пари, се разбира без знаење на дедо ми, да ги ползувам за делото на Македонија. Фирмата беше мошне богата и таа немаше да пропадне заради тоа. Немаше ни да се откријат тие пари, зашто се работеше за малверзација направена на штета на државата, непријавен данок, а не кражба или проневера на штета на фирмата. За две години од овој извор земав средства за печатење на “Македонска Лоза“ и “Слободна Македонија“, но по една случајност мојата махинација беше откриен и тоа доведе до распаѓање на мојот брак. Што се однесува до Македонскиот национален комитет тој беше органско продолжение на Македонскиот национален фронт, како што по престанувањето на работата на Македонскиот Национален комитет на Македонија се прекрсти во Движење за обединување на Македонија. Бев секретар на Македонскиот национален комитет и редактор на “Македонска Лоза“. “Слободна Македонија ја редактираше Страхил Пеев, кој беше тогаш универзитетски преподавател на Универзитетот Лунд, во Швајцарија... - Ти си голем будала – ми вели Анче Гогов – ти си ја прокоцкал најголемата твоја животна шанса! Си се оженил за богата жена, како што вели нашиот народ ти “Паднала секирата во мед“, но тоа богатство кое наеднаш ти паднало како неочекуван дожд од небото, не си знаел да го сочуваш. Да не се разведеше од жената, сега ти ќе беше еден од најбогатите Македонци во светот, а уште поважно од богатството, тоа е слободата, ти денеска немаше да бидеш овдека. - Тој ќе жали не само за испуштеното богатство, туку никогаш нема да ја прежали ни убавата ни добрата жена што ја изгубил – жена што секако тој не ја заслужил. - рече Илиевски. - Откај знаете дека жена ми била убава и добра – го прашав Илиевски – Никогаш не бев убеден дека жена ми била убава, таа тоа не беше барем за моите очи, што се однесува до нејзината добрина, господ да го варди секој маж од таква жена! Таа по добрина беше кучка или змија жена. Ако била добра, ќе сум останел со неа. - Ќе си останал, ако си можел – рече Илиевски – Таа те избркала од дома. - Затоа пак ме бараше низ цела Европа и ме проколнуваше да и се вратам – одговорив. - Јас бев во Осло кај жена ти откако ти се разведе од неа... Целта на моето одење кај жена ти беше да најдам нешто од твојата архива – рече Никола Илиевски – но сум стигнал доцна. Жена ти ми кажа дека по разводот од Шведска дошол Страхил Пеев и ја прибрал архивата. Од жена ти научив дека си го ограбил претпријатието на дедо ти за 60.000 норвешки круни. Парите што си ги проневерил жена ти мисли дека си ги потрошил со други жени, се изрази со курви. А не како тука што ни пишуваш дека си ги потрошил за печатење на весниците “Македонска Лоза“ и “Слободна Македонија“. Значи си имал некој друг Извор? Кој бил тој извор? - Ви реков дека жена ми е норвешка гуска, тоа се потврдува кога таа прифатила да разговара со вас – реков. Но ако жена ми била гуска, јас не бев магаре па да кажам колку пари незаконски сум присвоил од претпријатието на дедо ми. Сега вас можам слободно да ви кажам дека се работи за сума два пати поголема од она што жена ми ви ја кажала. - Ние се мачиме да разбереме, но никако не ни влегува во главата како ти како емигрант антикомунист успеа да влезеш во една таква норвешка комунистичка фамилија – рече Анче Гогов – Зошто дедо ти не беше само член на Норвешката партија, туку беше и член на нејзиниот Централен комитет, и градоначалник на една комуна во Осло. Што ќе ни кажеш ти за ова нешто? - Ќе ви кажам дека дедо ми беше комунист од западњачки тип, а не како вас ориенталните комунисти. Дедо ми се разликуваше многу од вас затоа што тој беше толерантен човек, што беше културен и цивилизиран и што ги беше прифатил аксиомите на демократскиот парламентаризам. Тој знаеше да ги почитува убедувањата на луѓето со поинакви мислења соговорници, додека вие југословенските комунисти сте ориентални деспоти, мислите дека само вие имате право, а секој кој не мисли како вас го прогонувате и затворате. Вие сте примитивци догматици, тоа е разликата меѓу вас и норвешкиот комунист дедо ми таткото на мојата бивша жена. Дедо ми знаеше колкава е разликата во идејните сфаќања меѓу него и мене, па избегнуваше да започнеме разговори на таква тема. - Постои и една друга варијанта на која другпат ќе се навратиме – рече Илиевски. – Постои варијантата дека ти си советски човек, односно советски шпион, и токму поради тоа си примен за зет во таа советофилска норвешка фамилија. Но ти реков, на таа варијанта другпат ќе зборуваме. - Ако Вие навистина мислите за можноста на една таква варијанта – одговорив – тогаш вашите полициски мозоци навистина болно фантазираат. Друго сега нема што да кажам.... - Многу си безобразен, не навредуваш – рече Илиевски. – Утре биди барем коректен во јазикот ако не учтив. За твое добро ќе биде. Доаѓа сојузен секретар за внатрешни работи на Југославија. Можеби ќе посака да те види, да поразговара со тебе. Утре биди убаво избричен. Ќе им кажам на милиционерите да ти ти дадат чист веш и кошула да се пресвлечеш. А сега оди си во твојата келија, задача за пишување за утре не ти даваме. Одмарај и размислувај! Стапалките ме сеуште болеа од тепањето така да не можев да шетам по оние четири метри таму ваму што можеше да се шета во келијата. Затоа лежев во креветот дење и ноќе. По ручекот оној ден кога ми кажаа дека утредента ќе дојде министерот за внатрешни работи на Југославија Фрањо Херљевиќ размислував многу за причините за неговото идење. Веќе знаев дека моето киднапирање од Париз е извршено како “сојузна акција“ како акција на Сојузната служба за државна безбедност, Македонската СДБ од Скопје само помагала во таа акција. Решението за моето киднапирање било донесено во Белград, колку Скопје има заслуга за донесување на тоа решение, сега за сега ќе си остане тајна. “Бидејќи моето киднапирање е акција на сојузната СДБ, сега врховниот шев на таа служба Фрањо Херљевиќ ќе дојде да види до каде е стигнала истрагата, какви резултати дало досегашното сослушување. Главниот полицаец на Југославија ќе биде многу разочаран...“ си помислив. “ (продолжува) Подготвил: Т.К. |