|
|
ОД ДНЕВНИКОТ НА ДРАГАН БОГДАНОВСКИ – „ Хронолошки за својата емигрантска дејност по напушатње на Норвешка во 1962 година “ (14) |
Испрашувањето на Драган Богдановски не се одвивало според очекувањата на тогашната Управа за државна безбедност, па во посета на тајниот затвор на Караџица дошол Сојузен секретар за внатрешни работи Фрањо Херљевиќ (на должност од 1974 до 1982 г.), кој ја дал наредбата за киднапирање на македонскиот дисидент. Набргу по разговорот со Богдановски, Херљевиќ им дал инструкции на иследниците како да ја водат понатамошната истрага и си заминал. Утредента наместо да го одведат во „ловџиската соба“, Богдановски останал во келијата и добил задача да напише хронолошки за својата емигрантска дејност по напушатње на Норвешка во 1962 година. Особено Службата се интересирала зошто се распаднал Македонскиот Национален Комитет и како дошло до тоа да веднаш по неговото распаѓање се создаде Ослободителниот комитет на Македонија? На ваквото барање, Богдановски напишал 15 или 16 страници, од кои овде го пренесуваме неговото резиме објавено во неговиот дневник во кое тој ќе напише: „ ...Во 50-тите и 60-тите години во Западна Европа имаше само две земји кои пружаа реална база за македонска организирана дејност, зашто само во нив имаше бројна македонска емиграција. Тоа беа Белгија и Шведска. Во 1958 година од логорот Лаврион во Грција беа дојдени околу 400 македонски бегалци од Вардарска и Пиринска Македонија, а во Шведска истата година пак од логорот во Грција беа дојдени 500 македонски емигранти. Заради бројноста на македонската емиграција овие две земји станаа центри на македонската политичка дејност. Кон крајот на 60-тите години, и особено во 70-тие ситуацијата почна да се менува со доаѓањето на илјадниците социјалистички печалбари од Социјалистичка Република Македонија. Тогаш се создадоа бази за организирана македонска дејност и во Германија, Франција, Данска, Швајцарија и во други западноевропски земји. Уште кога живеев во Норвешка во годините 1958-1961 преку весниците “Македонска Лоза“ и “Слободна Македонија“ кои ги издавав си бев создал во Белгија голем круг на политички сомисленици и симпатизери, им имав одено неколкупати во посета, бев држел конференции во Брисел и Лјеж, затоа кога ја напуштив Норвешка знаев кај да одам, кај ќе бидам меѓу своите, кај ќе бидам најмногу користен. Од 1958 година во Белгија постоеше ванчомихајловистичкото друштво Тодор Александров, основано од Асен Аврамов. При формирањето на ова друштво скоро сите Македонци беа негови членови, но кога ја разбраа бугароманската политика на тоа друштво, а под влијанието на весниците на Македонскиот национален комитет “Македонска Лоза“ и “Слободна Македонија“ грото од членството го напушти тоа друштво и се солидизира со политиката со политиката на Македонскиот национален комитет. Со моето доаѓање во Брисел во 1962 година беа созреале условите за создавање на македонска национална организација во Белгија. Улогата на организатор ја одиграв јас, собирајќи ги членовите и симпатизерите на Македонскиот национален комитет. Така во 1962 година во Брисел беше создадено македонското национално друштво “Јане Сандански“. Друштвото беше инспирирано од македонска национална идеологија а за политичка програма имаше обединување на Македонија во самостојна македонска држава. Претседател на друштвото “Јане Сандански“ беше Ѓорѓи Малев од Гевгелија, секретар Крсте Стојановски од Ѓорче Петров, касиер Серафим Петров од Петричко, редактор на списанието “Македонска Мисла“ кое почна да излегува како орган на друштвото беше Јован Павловски, од Златари, Преспанско. Друштвото имаше земено цела куќа под кирија, во која беа сместени клубските простории, библиотеката, а горе на катовите стануваа неколку членови на друштвото. Друштвото “Јане Сандански“ за своето неколкугодишно постоење разви широка и плодна македонска национална дејност. Тоа особено успешно се правеше преку списанието “Македонска Мисла“, на чии корици стоеше за мото мислата на македонскиот преродбеник Партенија Зографски: “Учи прво книга на својот јазик, а после ако имаш време учи и на други јазици!“. Друштвото “Јане Сандански“ се покажа фатално за бугароманското врховистичко друштво “Тодор Александров“, заведените македонци од бугароманската пропаганда се вратија во крилото на својата македонска нација. Јас официјално не бев член на управата на “Јане Сандански“ но бев спиритус мовенс (движечки дух) за неговата национална дејност. Со моето напуштање на Норвешка настана криза во раководството на Македонскиот Национален Комитет. Кризата беше од материјална природа, зашто немаше пари за издавање на “Македонска Лоза“ и “Слободна Македонија“, а освен тоа немаше и кој да го пишува, зашто после моето заминување од Норвешка, Страхил Пеев се ожени, и се повлече во мирен “печалбарски“ живот, “Слободна Македонија“ остана без свој редактор. Но базата на организацијата во Шведска не сакаше да се помири со настанатата пасивизација, па затоа во 1962 година свика конференција на членството, на која присуствуваше и членството од Данска и избраа ново раководство на Организацијата. Новото раководство на Организацијата, така Македонскиот Национален Комитет стана Ослободителен Комитет на Македонија. Подоцна, како што е познато и Ослободителниот Комитет на Македонија се преобрази во Движење за Ослободување и Обединување на Македонија. МНК, ОКМ и ДООМ тоа е една иста организација која работела под три различни имиња. За реактивирање на Организацијата под името ОКМ најголема заслуга имаат старите активисти на МНК Перо Спасоски, од Берн Швајцарија, Миле Илевски, од Гетеборг, Шведска, Ристе Недановски, од Трелеборг, Шведска, како и Димко Нечовски од Копенхаген, Данска. Димко Нечовски, како новодојден емигрант во Данска имаше бидено активист во МНК. Ослободителниот комитет на Македонија во Гетеборг почна да го издава својот орган весникот “Македонија“. Весникот го редактираше и издаваше Миле Илиевски. Освен што бев редовен читател на овој весник, јас со Ослободителниот комитет на Македонија во првите две години од неговото работење под тоа име немав никаков удел. Мојата политичка активност во тие две години се развиваше во рамките на друштвото “Јане Сандански“. Во 1964 година во раководството на ОКМ дојде до сериозна идејна криза. Организацијата беше заплашена да ја промени својата политичка физономија, да стане протитовистичка и пројугословенска организација. Во неа и во нејзиното раководство се беше пикнал новодојдениот емигрант Благој Миленковски, гимназијален учител од Битола. Како човек со високо образование, Благој Миленковски успеал да изврши влијание врз некои членови од раководството на ОКМ, како на пример врз претседателот Димко Нечевски, врз Блажевски и уште некои други, ОКМ да престани да се бори против Југославија, туку својата борба да ја води против Бугарија и Грција, зашто Југославија дала слобода за македонскиот народ. Врз оваа политичка основа, Благој започнал да пишува статии за “Македонија“ во која ја разработувал својата удбашка теорија ОКМ да стане член на Матицата на иселениците од Македонија. На ваквата пројугословенска политичка линија реагирал редакторот на “Македонија“ Миле Илиевски, поради кое дошло до отворена караница прво меѓу него и Миленковски, а потоа во караницата биле вовлечени и трабантите на Миленковски: Димко Нечевски и Блажевски. Најпрвин луѓето на Миленковски се обиделе Илиевски да го изолираат, пота да му го одземат печатењето на весникот, но новата удбашка политика нашла голем број противници, кои му дале морална и материјална поткрепа на редакторот Илиевски. Гледајќи дека не можат да го преземат весникот во свои раце, Миленковски и останатата удбашка компанија, почнуваат да издаваат друг весник, весникот “Македонец“, кој мислам дека излезе се насе 5 или 6 броја па престана да излегува, бидејќи не си најде читатели поради предавничката национална политика што ја водеше. Научувајќи за интригата на удбиниот агент Миленковски да ја сврти македонската политика на воденицата на титовистичката југословенска политика, јас му дадов морална, материјална и пред се интелектуална помош на бескомпромисниот македонски борец Миле Илиевски. Од тогаш почнав постојано да пишувам статии во “Македонија“. Миленковски откако не успеа да ја сврти Организацијата на југословенска позиција се откажа од секаква политичка дејност и се фрли на печалбарење. Подоцна кога дојдоа работниците пасошари од СРМ, тој отворено работеше за југословенскиот конзулат, беше личен пријател на југословенскиот конзул Злате Матевски и стана организатор на југословенското друштво во Гетебург “Гоце Делчев“. Уште за оние неколку месеци додека излегуваше весникот “Македонец“ меѓу членството на ОКМ дојде до диференцијација: на една страна беа мнозинството членови кои беа за бескомпромисна Македонска национална политика и во однос на Југославија, на другата страна јавните и тајните пројугословенски србомани. Членството кое беше за бескомпромисна македонска национална политика се собраа на конференција во Гетеборг и избраа ново раководство на Организацијата, нов Централен Комитет, За претседател на Централниот комитет ме избраа мене, а редактирањето на весникот и натаму му беше доверено на Миле Илиевски. Претседател на Ослободителниот комитет на Македонија останав се до Бременскиот конгрес во април 1974 година, кога сам си поднесов оставка и кога Организацијата на мојот предлог беше прекрстена во Движење за Обединување на македонија (ДОМ). Откако ја предадов денешната напишана задача, долго време размислував затоа до каде ќе ме доведе мојата тотална искреност во опишувањето на мојата политичка дејност во емиграција. Што се однесуваше лично за мене не се обидував да сокријам ништо, или да се обидам да ја минимизирам мојата дејност, да ја префрлам вината на некој друг, да барам олеснување за себе. Јас на иследниците им ја опишав мојата омраза кон Југославија, кон титовизмот, кон домашните македонски предавници србоманскиот врховизам, им опишував дека таа омраза била силата со која сум се борел против агентите на УДБА во емиграција, против југословенската пропаганда правена од југословенските конзули и амбасадори и други платени агенти. Јас имав изгубено секаква надеж дека удбашите ќе ме остават жив, затоа мојата искреност беше мојот пркос, моето простумичење пред нив...“ (продолжува) Подготвил: Т.К. |