Среда, 21 Февруари 2024   
ОД ДНЕВНИКОТ НА ДРАГАН БОГДАНОВСКИ – „Македонските интелектуалци со симпатии гледаат на работата на ДООМ“ (19)

1fon6

Откако заврши испитувањето на Драган Богдановски во седиштето на СДБ, тој повторно со хеликоптер бил вратен во тајниот затвор на Службата во близина на Македонски Брод.  За време на летот од агентот му било предочено што Службата им направила на делегатите за конгресот од Австралија.  Во својот дневник Богдановски пишува дека агентот му рекол за акцијата со француската полиција, заедничка акција во склоп на меѓународната соработка за борба против тероризмот, при која на австралиските делегати им ги задржале куферите и ги претресле за да се запознаат со материјалите за конгресот. Во текот на летот агентот особено се интересирал за целите и задачите на Воениот комитет на ДООМ што требал да избере на конгресот. По враќањето во тајниот затвор, веќе утредента луѓето на СДБ го насочија својот интерес и на списокот со стотина македоински интелектуалци кои имале контакти со Богдановски за време на посетата на Париз. Во својот дневник Богдановски за ова ќе напише:    

„... Утредента веднаш по појадокот ме одведоа во “ловџиската соба“... Откако испивме по едно кафе и ракија, Анче Гогов ја отвори својата ташна и од неа извади неколку на машина чукани страници.

Ова е списокот на интелектуалците на нашата република кои престојувале во Париз и во други западноевропски градови да учат јазици за да бидат искористени за професори после усовршувањето или пак за научно истражувачка работа, рече Гогов. – Ние знаеме дека со многумина од нив ти си се состанувал, па дури и дека некои од нив ти станале сомисленици, те насрчувале во твојата антијугословенска работа, соработувале во твоите весници и списанија. Повеќето од нив кога се вратија во земјата сами дојдоа во Службата и ни раскажаа за средбите што ги имале со тебе. Сега јас ќе ти ги читам од овој список имињата на сите интелектуалци кои престојувале за одредено време на Запад, а ти кажувај да одбележиме во списоков со кого си се среќавал.

Списокот содржеше имиња на повеќе од сто македонски интелектуалци, мислам 120 и читањето траеше се до 1 часот попладнето. При секое мое потврдување дека со некого сум се сретнал, настануваше кратка дискусија кога сум се сретнал, колку време траело нашето дружење итн. Признав дека сум се среќавал со повеќе од дваесетина македонски интелектуалци, најмногу во Париз и тоа со писатели, со историчари од Институтот за национална историја, со журналисти, со лекари и со други стручни профили. На прашањата зашто сум се сретнувал со овие луѓе, реков дека до средбите доаѓало исклучително по моја иницијатива, дека нив јас сум ги барал и пронајдувал, за да агитирам за делото на Македонија, да ги запознам со идеологијата и работата на ДООМ, да им дадам пропаганден материјал. На прашањето што ми одговориле тие одговорив дека во основа тие со симпатии гледаат на работата на ДООМ, само ми советуваа да не ја напаѓам толку Југославија, зашто таа сепак му дала слобода на македонскиот народ.

- Лажеш дека сите тоа ти советувале - рече Никола Илиевски – ние знаеме дека некои од нив ти биле вистински советници како да ја заостриш политиката во однос на Југославија.

- Велиш дека ти советувале да не ја напаѓаш Југославија – рече Гогов – при толку совети како ти не послуша ниту еден од нив?

- Мојата цел беше јас да извршам политичко влијание врз нив, а не тие врз мене – одговорив.

- Значи се правеше поумен од универзитетски професори и од други наши врвни интелектуалци – рече Никола Илиевски.

- Тука не се работи за интелигентност, за академски дипломи – реков – туку се работеше за оданоста кон ослободителната кауза на Македонија.

- Денеска попладне и следните неколку дена ќе пишуваш за секого поединечно од луѓето што си ги сретнал и што признаваш дека си ги сретнал. За оние што не признаваш дека си ги сретнал, ќе зборуваме подоцна.

Пишувањето за моите средби со интелектуалците од СРМ траеше десетина дена, ако не и полни две недели. Во воспоставениот ред во попладневијата пишував, а во предпладневијата бев воден во “ловечката соба“ да давам дополнителни обавестувања пред моите удбашки иследувачи. Меѓутоа и во опишувањето и на дополните сослушувања строго внимавав со моите искази да не наштетам или напакостам на некого од овие македонски интелектуалци. За сите велев дека се покажале лојални граѓани кон Југославија, дека ме советувале да не ја напаѓам Југославија и посебно Тито. Дека ова што сега го тврдам е живата вистина, покажува и самиот факт што ниту еден од овие македонски интелектуалци не настрада поради мене. И кога после десет години и седум месеци излегов од занданата, со многумина од овие македонски интелектуалци се видов. Средбата со нив беше мошне срдечна, сите ми ја кажуваа нивната благодарност што сум молчел во истрагата, што не сум ги предал. Инаку тие биле мошне исплашени за себеси кога во февруари 1979 година преку средствата за јавно информирање разбрале дека сум затворен и осуден во Скопје. И имале зошто да се стравуваат некои од овие луѓе зашто јас под разни псевдоними бев објавил во “Македонска Нација“ и нивни материјали. Ако ова нешто го бев признал, тие ќе одговараа не само за непријателска пропаганда туку и антидржавна дејност, што немаше да им фали најмалку десет години затвор, а да не зборуваме дека тоа ќе беше и крај на нивната професионална кариера.

Друг беше случај со интелектуалците кои веќе беа мртви, за нив немаше причина да не ја кажам вистината ни пред удбашите. Тоа го правев за да им докажам на удбашите дека во СРМ има врвни интелектуалци кои земаат одговорни политички а и други општествени функции кои не се задоволни од титовистичкото “решение“ на македонското прашање и дека ја одобруваат политиката на ДООМ. Ваков беше случајот со починатите Кирил Миљовски, ректор на Скопскиот универзитет и универзитетскиот професор Киро Ќамилов. Кирил Миљовски освен функцијата ректор на Скопскиот универзитет ја вршеше и функцијата првиот шев на ОЗНА во Македонија, и амбасадор во Бугарија и Данска, а Киро Ќамилов беше познат со своето учество во интернационалистичките бригади во Шпанската граѓанска војна.

И двајцата починати овие македонски интелектуалци останаа во моето сеќавање како добри и искрени македонски патриоти. Би можел да напишам цела книга од разговорите што сум ги имал со нив. Кирил Миљовски во 1944 година на слободната територија ја формирал македонската ОЗНа “Орган за заштита на народот“, но кога видел дека треба да работи исклучително на директивите на Александар Ранковќ и Белград, со големи маки, и под изговор дека сака да студира економија, успеал да се ослободи од ознашката положба, “Во сите полиции на светот седат само најглупавите луѓе“ – ми велеше Кирил Миљовски – затоа не сакав да останам во таа служба. Инаку Кирил Миљовски пред војната имаше завршено ветеринарен факултет во Загреб и беше еден од оснивачите на МАНАПО (Македонски Национален Покрет) во Загреб. За својата измината политичка дејност Миљовски велеше дека таква била ситуацијата во Македонија и на Балканот и така морал да се бори. Да сум сега на Вашето место јас би бил со Вас во ДООМ. Но како ректор на Скопскиот универзитет јас создавам македонски интелектуални кадрови и така вршам една корисна за Македонија и за нејзината кауза работа.

Професорот Киро Ќамилов беше дојден во Париз да ги оперира очите, скоро беше полуслеп. Тој самиот побара на препорака на еден негов пријател, исто така универзитетски професор од Скопје. Тој беше човек со бурен револуционерен живот и занесено се впушташе во евоцирање на своите спомени. Во Шпанската револуција учествувал не како комунист, туку како анархист, за комунистите го имаше најлошото мислење што може да се има. Во 1948 година го затвориле и тортурирала ОЗНа како божем во спорот меѓу Тито и Сталин дека се изјаснил за последниов, иако тој Сталина го еднакво мразел како што го мразел и Тита. Бил испратен на Голи Оток и таму ја минал голготата што титовистичкиот комунизам му заприредил. Сожалуваше што е толку стар и толку слеп, за да не може да се вклучи во редовите на ДООМ.

Тука треба да ги спомнам и моите маки што ги имав заради еден професор на Скопскиот Универзитет и научен соработник на Институтот за национална историја на Македонија. На списокот него не го одбележав дека сум се состанувал со него. Удбашите не ми веруваа и ми велеа дека не ја зборувам вистината и дека имам специјална причина што не сакам да признам дека сум имал било каква врска со него. Удбашите ме тераа да пишувам и за него но јас одбив и велев дека за него нема што да пишувам бидејќи никогаш не сум го видел или сретнал. Јас и навистина не бев го сретнал овој македонски историчар, но додека беше во научна-истражувачка работа за една источноевропска земја му пишав едно писмо. Јас знаев дека овој македонски историчар беше нападнат во режимскиот печат како македонски националист., и сеуште беше третиран од режимот како неблагонадежен. И писмото што му го испратив во источноевропската земја не го спомнаа. Меѓутоа, неколку месеци после сослушувањата за моите средби со македонските интелектуалци, удбашите пак бараа од мене да признам дека сум се среќавал со историчарот, но јас одбив да признам. Тогаш Никола Илиевски од една папка го извади писмото што му го имав пишувано на историчарот и ми рече: “Еве доказ дека лажеш. Погледни го ова писмо па кажи ни твое или не е!“. Го раздиплив писмото и го погледнав. Беше моето писмо. Реков: “Јас со стотици луѓе се имам допишувано, така да повеќе не се сеќавам со кого сум се допишувал. Ако не ми го покажевте писмово можевте да ме заколите но немаше да признам дека сум го пишувал“.

- А се сеќаваш ли се сега што ти одговори историчарот? – праша Никола Илиевски.

- Не се сеќавам ни дали ми одговори – реков, но удбашите продолжија да веруваат дека не сакам да признам.

Фактот што моето писмо до историчарот се наоѓаше во рацете на удбашите ме тераше да сомневам дека историчарот станал човек на СДБ. Предавајќи ѝ го моето писмо тој сакал да ја потврди својата лојалност кон југословенскиот режим. Меѓутоа, тоа не штимуваше со нападите во режимскиот печат со кои се обвинуваше македонскиот историчар за македонски националист. Затоа, си мислев дека постои и друга можност, дека моето писмо било фатено од цензурата на источно-европската земја и полицијата на таа земја писмото го предале на југословенската полиција. Денеска, судејќи по држењето на македонскиот историчар по македонското прашање, склон сум да верувам во втората алтернатива, а имено, дека моето писмо ѝ било предадено на СДБ од полицијата на источноевропската земја...“

1Tiho3 Подготвил: Т.К.

 

На прво место

News image

Каранфилова Пановска работеше да го донесе Заев на власт, кој на Македонија му ги направи најголемите национални предавс

Со партиската игранка од пред некој ден, СДС само потврди дека со неа сè уште раководи Зоран Заев ...

Историја

News image

Балканскиот пакт од 1953

Балканскиот пакт од 1953 година (официјално: Спогодбата за пријателство и соработка) е договор потпи...

Иселеници

Култура и туризам

News image

ВО КАИРО – ПРЕСТОЛНИНАТА НА ДРЕВЕН ЕГИПЕТ (9)

ДЕЛ ОД ПОСЕТИТЕ НА ГРАДОВИ ВО СВЕТОТ ВО ПУБЛИКАЦИЈАТА „СВЕТОТ НА ДЛАНКА“ НА СЛАВЕ КАТИН 

Фељтон

News image

НЕДА ЛОЗАНОВСКА – ПОЗНАТА ПОЕТЕСА ОД ТОРОНТО (29)

ПОЗНАТИ МАКЕДОНСКИ ЛИЧНОСТИ ВО КАНАДА

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.