|
|
ОД ДНЕВНИКОТ НА ДРАГАН БОГДАНОВСКИ – „ На екскурзија во Охрид“ (20) |
Во текот на испрашувањето, Драган Богдановски по вторпат бил однесен во канцеларијата на СДБ на Македонија во Скопје. Се барало од него да разбере и каже кои се лицата на новиот Централен комитет на ДООМ избрани на конгресот. Потоа, по враќањето во затворот му барале да каже за македонските интелектуалци со кои се среќавал, како и да ги открие псевдонимите на статиите што не се потпишани со вистинските имиња и презимиња на авторите. Му биле носени весниците и списанијата по хронолошкиот ред на нивното излегување како: “Македонска Лоза“, “Слободна Македонија“, “Македонска Мисла“, “Камбана“, “Македонија“ и “Македонска Нација“. Согледувајќи дека не можат да го добиат посакуваните одговори, СДБ превзела, нови чекори. Имено, од неговото киднапирање и затворање во тајниот затвор во 1977 година, Богдановски цела година сонце не видел. Но, на негово изненадување, во септември 1978 година бил однесен на екскурзија во Охрид. Во својот дневник Богдановски за овој настан и за причината да го посети македонскиот Ерусалим ќе напише: „Летото 1978 година мина а јас сонце не видов. И на двата мои патувања во Скопје минаа со врзани очи. Од бункерот во кој бев затворен сонцето можев да го гледам само преку ситото и решетките на прозорецот од мојата келија, или од прозорците на “ловечката соба“ кога во неа бев качуван за сослушување. Затоа страшно бев изненаден кога во септември месец мојот удбашки иследник Никола Илиевски ми рече ќе ме носат во Охрид на “Екскурзија“ да ми покажат колку Македонија силно била развиена. - Меѓутоа, не смееме да те носиме во Охрид не маскиран, некој може да те препознае – рече Илиевски – По наше знаење ти досега никогаш не си носел мустаќи, јас ти донесов вештачки мустаќи. Кои сега кога ќе ги залепиш под носот никој нема да те препознае. - Тоа е улогата на еден кловн што ми ја припремате да ја играм му реков. - Ќе видиш дека не е никаква игра – рече Илиевски – Ни падна на памет да те разонодиме малку, да ја видиш културната престолнина на Македонија. Ти толку си пишувал за таа Македонија а се уште не ја познаваш. Ќе те носиме со хеликоптер. Отука ќе летнеме околу девет часот, а планираме да се вратиме вечерта околу шест или седум часот. Убаво се сеќавам дека мојата “екскурзија“ за Охрид се случи на 20 септември 1978 година. Кога ме качија на хеликоптерот очите ми ги врзаа со црна крпа и ми ги одврзаа можеби после еден час патување. Очите ми ги одврзаа над Мавровското вештачко езеро и ми го покажаа убавините на припадниците на новата привилегирана класа. - Тука беше дива планина, а сега гледаш со километри долго вештачко езеро и вакво нешто ретко можеш да видиш на Запад – рече Никола Илиевски, кој седеше напред во хеликоптерот. - Многу поубаво ќе беше ако го оставевте какво што си било порано. - Го надлетавме Дебар, потоа летавме по долината на реката Дрим, ја надлетавме хидроцентралата Глабочица, па излеговме над Струшкото поле кај селото Велешта, ја надлетовме и Струга и дел од Охридското езеро кое беше црно од јата црни гулаби, и слетовме на Охридскиот аеродром. Бев зачуден кога на слегнувањето од хеликоптерот на аеродромот ги видов скоро сите дваесетина мои чувари милиционери на планината Караџица, кои преку ноќ биле префрлени во Охрид за да ја вршат својата чуварска должност и во овој град. Само сега тие беа облечени во цивилна облека и повеќе даваа изглед на туристи отколку на полицајци. Во Охрид на аеродромот не пречека и Аганијан, командантот на македонската милиција со неколку цивилни агенти, замене непознати. Три патнички автомобили (лимузини) чекаа на нас. Мене ме поставија во средниот, со мене во автомобилот седнаа Илиевски и Аганијан. Најпрвин го посетивме хотелот “Изгрев“ (х. Бисер – н.з) кај селото Калишта на самата албанска граница. Хотелот се наоѓа на самиот брег на Охридското Езеро, има широка тераса која граничи со езерото, има прекрасен изглед кон езерото. Во склопот на хотелскиот објект влегува и природната пештера кој некогаш во средновековието била пештерска црква а сега е преобразена во ресторанска сала на хотелот. За туристите кои во овие септемвриски денови беа исчезнале од Охрид сигурно ова пештерска ресторанска сала преставува најроматичното туристичко доживување во нивниот живот. Седнавме на терасата пред хотелот. На масата бевме јас, Никола Илиевски и командантот Аганијан. Полицајците порачија виски за себе, виски порачија и за мене. Седевме и разговаравме за малата црква на некогашниот Калишки манастир, која пред некоја година била изгорена, мислам до албански националисти, и сега повторно беше подигната, ја малтерисуваа надворешно. Во тој момент од некаде се појави со филмска камера 16 милиметри шоферот на џипот што ги вози удбашите на Караџица и почна да не снима нас тројцата од нашата маса. Тогаш разбрав зошто ме донесле удбашите во Охрид, зошто ми клале мустаќи вештачки за да направат филм кој ќе можат да го прикажуваат по потреба на нашата емиграција дека јас сум дошол во Македонија, дека слободно сум се шетал низ Охрид, и дека СДБ ме фатила внатре во Македонија. Снимањето се повтори уште на неколку места во Охрид и Струга – во хотелот “Метропол“ во Охрид, во хотелот “Дрим“ во Струга и уште на некои места. Околу два часот по пладне стигнавме во хотелот-летовалиште на службата за државна безбедност во месноста Горица и тука ручавме. Во удбашкото дувло останавме до четири часот, кога тргнавме назад за охридскиот аеродром. Хеликоптерот ја надлета планината Галичица, потоа ги надлетуваше покриените со густа шума ридје Демирхисарски, пролетавме над прочуениот манастир во селото Слепче, го надлетавме и историското Смилево, ја надлетавме Пелагониската рамнина меѓу градовите Битола и Прилеп и излеговме над реката Вардар, каде што удбашот Илиевски ми ги врза очите со црна крпа за да не видам на кое место се наоѓа тајниот затвор на СДБ. Додека ги имав заврзани очите хеликоптерот можеби леташе уште половина час. И денеска се прашувам дали удбашите се користеле со филмот што го снимаа во Охрид, но знам само тоа дека тие внатре во Македонија, а особено во моето родно Куманово, ја ширеле својата лага дека ме фатиле во Охрид и за да бидат убедителни им покажувале слики од мене сликани во охридските ресторани. Еден мој соселанец, инаку познат шпион на полицијата, се колнел во својата мајка и своите деца, дека ме видел во Охрид и зборувал со мене. Кога излегов од затворот и го посетив моето село селаните ме прашуваа дали е вистина дека човекот ме видел во Охрид. Им одговорив дека лаже, дека таа лага тој ја ширел по наредба на неговите удбашки наредбодавци.“ Подготвил Т. К |