|
|
Реперкусиите од Балканските војни (1912-1913) |
По Првата Балканаска Војна која беше објавена на 4(17), односно 5(18) октомври 1912 година, сојузничките војски: српската, бугарската, грчката и црногорската, им нанасеоа тешки загуби на турската војска, поради што Турција беше приморана да побара примирје (4 декември 1912 година). Војната со Турција правно беше завршена со потпишувањето на Лондонскиот мировен договор на 17(30) мај 1913 година, со кој територијалниот дел од европска Турција им се отстапуваше на сојузниците, без притоа да се одредат нивните граници. Поради тоа, а главно поради меѓусебните несогласувања која од нив да задржи и заземе поголем дел од новоослободените македонски територии дојде до Втората Балканска Војна, која наскоро заврши со целосен пораз на Бугарија.1 Треба да се напомене дека сојузничките војски својата меѓусебна нетрпеливост и своите ненаситни аспирации ги покажуваа уште во текот на Првата Балканска Војна, во која најмногу страдаа турското и другото муслиманско население во Македонија. Од сојузничките војски беа убиени илјадници муслимани, чии блага беа опљачкани, куќите запалени, а се палеа и цели села, па дури и цели делови од градовите што беа населени со муслимани2. Но на окупираните територии во текот на Првата Балканска Војна не настрада само муслиманското население, иако тоа претрпе најголеми загуби. Спроведувајќи ги доследно своите империјалистички планови во Македонија, новите окупаторски војски и власти пристапија кон малтретирање и на она христијанско население кое според нивните калкулации и мислења не се чуствуваше за нивно3. Втората Балканска Војна која се покажа многу посвирепа, а која избувна на 29 јули 1913 година, најскапо ја плати македонскиот народ. Во оваа војна, особено од страна на грчките војски беа заклани илјадници невини Македонци, од кои поголемиот број жени и деца, посебно во Кукушко и Валовишко каде што се водеа воените операции. Исто така беа запалени и разурнати десетици македонски села и убавиот македонски град Кукуш. Еднакво свирепи спрема грчкото население посебно во градовите Серес и Доксат се покажаа и бугарските војски4. Како последница од двете балкански војни Бугарија на својата територија доби околу 112 000 бегалци од кои околу 50 000 Македонци, од нив 30 000 од Егејска Македонија5. Грција пак на својата нова територија доби 157 000 бегалци од кои голем број Турци, а помал број на Грци, Македонци патријаршисти и Власи6. Меѓутоа и покрај фактот што во Втората Балканска Војна поради споменатите свирепости, Македонците беа значително разредени во некои околии (Кукуш, Валовишта. Серес и др.), тие и натаму останаа главната народност во Егејска Македонија, а во апсолутно мнозинство во пограничните области во Вардарска Македонија која беше во склопот на Србија и со Бугарија. Таквата состојба и од далеку не можеше да ги задоволи грчките планови кои се состоеја во тоа, оваа богата и дотогаш негрчка област, да се еленизира. Тоа можеше да се постигне единствено со присилно населување или асимилирање на Македонците и со присилно иселување на турското и другото муслиманско население од една страна и со населување на грчко население или население со грчки чувства од Кавказ, Мала Азија и други области од друга страна. Поради тоа веднаш по склученото примирје, врз Македонците и Турците бил извршен силен притисок, да се иселат од грчката држава. Таквиот притисок принудил и извесен број македонски семејства да се иселат во Бугарија и Србија (поточно во Вардарска Македонија која се наоѓала во нејзиниот состав), а се јавило и засилено иселување во прекуокеанските земји7. Превземено од Македониум
1Букурешки мир, Београд 1914; Д-р Петар Стојанов, Македонија во времето на балканските и Првата светска вона (1912-1918), Скопје, страна 58-63 2 Анкета на Балканите, Докладъ на Карнегиевата комисия по войните през 1912-1913 година, София 1914, страна 2 и 137 3 Анкета на Балканите .... страна 132 4 Анкета на Балканите .... страна 10-29; Д-ръ Л. Милетичъ, Граъцките жестокости въ Македония през гръцко-българската война, София 1913, страна 39-41 и 57-73 5 Анкета на Балканите .... страна 185; Список - таблица за бегалското население во Бугарија по години и место на потекло од 1924 година. Овој список се наоѓа во фондот „Молоф“, кој се чува во Народната библиотека во софија. Фотокопија во личната архива на авторот. 6 Анкета на Балканите .... страна 184 7 Анкета на Балканите ....; Архив на Македонија, Фонд на Македонскиот национален комитет – Софија. Во овој фонд постои вонредно богата документација во врска со овој проблем. |