|
|
Македонскиот народ беше приморан да носи троен крст на своите плеќи |
Македонска нација
Уште во предвечерјето на Првата Балканска Војна, Македонците надвор од татковината предупредуваат на реалната опасност од поделба на Македонија. Посебно гласна е македонската колонија во Санкт Петербург. За да може подобро да го запознае светот со македонското прашање, во март 1913 година Димитрија Чуповски ја објавува првата карта на македоноски јазик во боја „Карта Македонија“ и заедно со Меморандумот на Македонците од 1 март 1913 година ги праќа до Лондонската конфереција и до рускиот печат. Три месеци потоа, на 7 јуни 1913 година потпишан е „Меморандум на Македонците“ кој е испратен до владите и јавноста на балканските држави, а веќе на 9 јуни 1913 година се појавува и првиот број на списанието „Македонски глас“, во кој истакнуваат барањата на македонскиот народ. Димитрија Чуповски (1878- 1940), истакнат деец на македонската национална мисла, своите огледи ги објавува во списанието „Македонски глас“ („Македонскии Голос“) што како „орган на приврзаниците на независна Македонија“ го издаваше Македонското научно-литаратурно другарство под формата на Македонска колонија во Петроград во текот на 1913-1914 година. Преку ова мошне значајно списание се афирмира вистината за Македонците и за Македонија. По повод сто години од Балканските војни по кои Македонија е поделена, од прилогот објавен во „Македонскии Голос“, во продолжение ви донесуваме изводи. „ ...Христијанските општини овде ги основале првите следбеници на Христа и главно, тие се плод на дејноста на светите апостоли Павле, Андреја и на еден од 70-темина апостоли на Аристарх, кој бил прв епископ на Солун. Културен христијански центар на Македонија, и воопшто на целиот Балкански Полуостров, долго време бил Солун со својата архиепископија. Но, веќе императорот Јустинијан (527-565) со својата новела (закон), дадена на името на архиепископот Кателијан, ја одделил Илирската архиепископија (што се наоѓала во Западна Македонија каде што е сега Скопје) во самостојна единица, нарекувајќи ја Прва Јустинијана, при што и` дал власт, рамна на власта на патријаршијата и го потчинил речиси целиот Балкански Полуостров. Со новелата 131, издадена на 17 март 545 година, Јустинијан ги потврдил тие права, со дополнувањето дека архиепископот треба да биде ракополаган од неговиот сопствен синод, на рамни права со римскиот папа... Првата Јустинијана имала огромно значење за целата земја и била всушност претходница на идната Охридска архиепископија. Но сето значење на самостојна црква, целокупната христијанска славјанска култура, не можела да го достигне својот развој, се` дотогаш додека не се појавила сопствената славјанска писменост. И таа писменост, а истовремено со неа и преводот на светите книги, го дале солунските браќа Св. Кирил (со граѓанско име Константин) и Методиј. Таткото на Кирила и Методија, Лев, бил македонски Славјанин на византиска служба, и ја заземал важната должност помошник на солунскиот воен командант. Кирил Филозоф и брат му добиле, за она време, најголемо образование во Цариград во императорскиот дворец и уште во тоа време го привлекле вниманието на славјанството. Родени во Солун, а бидејќи и сами биле Славјани, тие ги вложиле сите напори за да ги просветат своите сонародници. Наскоро по завршувањето на учењето, го гледаме Константина на бреговите на Брегалница, каде што нашол уште извесен број пагани и благодарејќи на својот неуморен труд, покрстил таму, според пишувањето на хроничарот, 4.050 Словени. Во 843 грдина, Методија бил назначен за кнез на Струмската област во Македонија, каде што останува до 853 година. Кога во 855 година византискиот император Михаил, по молба од моравскиот кнез Ростислав, решил да испрати во Моравија славјански проповедници-свештеници, тогаш неговит избор, природно, паднал на солунските браќа (во тоа време браќата веќе биле потстрижени како монаси). „Па вие сте Солуњани, а сите Солуњани зборуваат чисто славјански“ - рекол императорот Михаил, испраќајќи ги во Моравија. Уште порано, додека биле во Македонија, светите браќа составиле азбука и со нејзина помош го превеле евангелието и богослужбените книги на славјанско-македонски јазик. Како во Моравија, така и во другите словенски земји, браќата со помош на овие црковни книги го посеале христијанството, а по нивната смрт тоа дело го продолжиле нивните ученици: Горазд, Климент, Ангелариј, Сава, Наум и многумина други... Најважен центар на христијанско-националната култура на Македонија станал градот Охрид, со својата прочуена Охридска архиепископија, којашто врз урнатините на Јустинијана ја обновил големиот македонски цар Самуил, со истите права што ги имала и последната... Оваа архиепископија се бореше, бранејќи ја славјанско-македонската култура, за сето време од 995 до 1767 година, кога, под притисок на елинизмот, засилен за време на турското господство, и сплетките на Цариградскиот патријарх - падна... Победничкиот елинизам којшто го угаси последниот пламен на народниот црковен живот, во лицето на споменатата архиепископија, ги вложи сите сили за обезличување и елинизирање на македонскиот народ. За епископи и свештеници биле назначувани Грци, училиштата се претвориле во грчки, и славјанското богослужење е заменувано со грчко... Сето тоа предизвика силен отпор од страна на македонските Славјани, коишто започнаа долга борба за обновувањето на својата национална црква, борба на славјанството со елинизмот, која доведе до тоа, што Бугарите во 1872 година успеаа да образуваат егзархија (автономна црква). Кон неа се приклучија и многумина Македонци, бидејќи на Бугарите им беше дозволено по цела Македонија да основаат цркви и училишта и Македонците мораа да го избираат од двете зла помалото: макар и туѓа, но славјанска црква... На тој начин, кон погубното влијание на грчката патријаршија се надоврза, не помалку погубното влијание на егзархијата, која ги вложуваше сите усилби за побугарување на македонските Славјани. Преку тој свој орган (егзархијата) бугарската влада цврсто ги спроведуваше своите шовинистички идеи, не запирајќи се пред никакви средства. Населението на несреќната земја почна да трпи притисоци од две страни. Но и тоа не беше доста... Борбата на Грците и Бугарите за завладување на Македонија ја предизвика на борба и третата страна - Србите, кои, гледајќи дека никој не се застапува за Македонците, издејствуваа од Турција право да шират во земјата и своја пропаганда, создавајќи „српски“ народ таму каде што никогаш го немало. Во 1897 година Србија, не без поткрепа на руската дипломатија, се здоби со право да има во Македонија своја црква, а потоа, и свои училишта. И од тој момент македонскиот народ беше принуден да носи на своите плеќи троен крст. Она што не можеа да го елинизираат Грците во текот на неколку векови, што не можеа да го стават Бугарите во своите егзархиски пазуви, тоа сега почнаа да се обидуваат да го грабнат Србите, со помош на својата црква и училишта. Започна ограбувањето на незаштитениот македонски народ, а во тоа ограбување свесно учествуваше и турската влада, која, тргнувајќи од принципот „devide et impera“ (раздели па владеј), со готовност содејствуваше за културното и духовно распарчување на единствениот народ на три дела, гледајќи го во тоа залогот на својот мир и својата моќ. Злонамерно се извртуваа историските факти и споменици на народната култура, свесно се искривуваа народните обичаи, преданијата, песните, беше уништувано и се` со цел да се докаже дека сето тоа е или српско, или бугарско, или грчко, исклучувајќи си го помеѓу себе правото на еден од друг. Сите овие бугарско-српско-грчки националности беа создавани искуствено со помошта на цели реки злато, коишто течеа од заинтересираните држави во џебовите како на турските чиновници, така и на одделни Македонци кои за пари ја продаваа својата татковина или работеа не-користољубиво како слепи орудија во полза на туѓи држави, под влијанието на таму добиеното воспитание и образование. Оваа ненормална појава, која стануваше врз телото на живиот организам - народот не можеше да не предизвика протест и отпор од страна на патриотите што мислеа чесно, кои гледаа дека ваквата положба на работите може порано или подоцна да доведе до пропаст на целиот народ. Започна борба, но веќе не за „поделба на кошули“, туку против туѓи култури, кои го ограбуваа народниот имот. Како одделни лица, така и цели организации истапуваа со протест против таквиот грабежлив начин на работа на сегашните сојузници. Беа поднесувани колективни жалби до турскиот султан, како повисока власт на земјата, беа поднесувани исти такви жалби до рускиот цар, како исконски заштитник на целиот слaвјански и православен свет, се обрнуваа со меморандуми до цела Европа. Турската власт, се разбира, на тие жалби не обрнуваше никакво внимание, ама, напротив, на Македонците таа гледаше како на револуционери... Сите оние што изјавуваа дека Македонија е единствено неразделно тело, кое не треба да се подложува на распарчување, беа предавани од агентите на гореспоменатите три земји на турската влада, како лица што ја загрозуваат целоста и неприкосновеноста на Турската империја, ги ставаа во затвор и подложуваа со мачења. Рускиот император Александар III и сегашниот владетел кој успешно царува, императорот Николај II, постојани заштитници на угнетените, не еднаш им укажуваа, преку своите претставници, на владите на Турција, Бугарија, Србија и Грција на ненормалноста на таа положба... Но земјите заинтересирани за културното окупирање на Македонија, знаејќи дека по тој пат ќе стигнат и до политичко заграбување, не слушаа никакви совети и го продолжуваа своето за Македонија разурнувачко дело, предизвикувајќи со тоа големо озлобување и протест кај Македонците коишто тие ги распарчуваа. Како најкарактеристична црта на историјата на културниот живот на Македонија се покажува околноста дека најголеми непријатели на нејзината самобитност не беа варварите Турци, туку нејзините браќа од исто племе и од иста вера, кои се обидуваа да ја обезличат и асимилираат, со помошта на онаа култура што самите Македонци ја создале“. Ова е само дел од статијата на Димитар Чуповски. Сите апели и молби, сите укажувања за посебноста на македонскиот народ и добрососедските односи, беа како глас во пустиња, како крик заглушен од грмежот на топовите кои го параа македонското небо и ја ораа македонската земја. Сто години потоа, овој апел се` уште не можат да го слушнат ниту нашите соседи, ниту Меѓународната Заедница, ЕУ и НАТО. Се` уште на своите плеќи Македонците се принудени да го носат тројниот крст кој му го натоварија православните браќа: Грци, Бугари и Срби. |