|
|
Одлука за кревање на востанието – прво и второ Софиско советување |
Софискo советувањe Во јули 1902 година во куќата на Бојан Биолчев во Софија се одржала средба на која присуствувале: Гоце Делчев, Иван Гарванов, Тома Карајовов, Туше Делииванов, Владимир Руменов, Никола Наумов, Лазар Димитров, Атанас Мурџев и домаќинот Бојан Биолчев. На оваа средба било разгледано барањето на битолчани за кревање на востание. Делчев, Руменов и Карајовов остро се спротивставиле за востание и била донесена одлука против дигање на какво и да е востание. Кога веќе било евидентно дека ќе дојде до Горноџумајското востание, Централниот комитет сметал дека движењето на Врховниот комитет не е сериозно и опасно, се искажал против него и го осудил. Но по избувнувањето на востанието, ЦК почнал да се приклонува кон востание. Нa 26 септември 1902 година ЦК во преписката до Задграничното претставништво истакнал дека „ако бугарската влада се ангажира да го покрене прашањето, да не се држи многу остар јазик кон врховистите јавно, подобро ќе биде и ние да го развееме знамето“. Кореспонденцијата меѓу ЦК и Задграничното претставништво укажува дека: ... прашањето за востанието се наметнало постепено, под притисок на врховистичкото востание. Евидентно е дека ЗП тоа го допуштало доколку дојде до усложнување на состојбата, и ако врховистичкото движење продолжи во зимата. Сфаќајќи го тоа, ЦК на чело со Гарванов, почнал алармантно да ја прикажува ситуацијата. Во реалностa било поинаку. Во почетокот на ноември „Врховистичкото востание“ спласнало и тогаш Иван Гарванов со новоназначените задгранични претставници Христо Матов и Христо Татарчев, во тајност од другите членови на Централниот комитет се решил за востание. Матов и Татарчев веднаш откако пристигнале во Софија на својата должност започнале преговори за помирување со Врховниот комитет врз основа за проширување на востанието. Тие тврделе дека тоа е желба на Централниот комитет, а за сето тоа ја имале поддршката на Иван Гарванов кој сакал помирување по секоја цена. Гарванов на 29 ноември 1902 година му пишал на Задграничното претставништво и истакнал: Ќе треба да се распределат сите горски сили и сите отсега да навлезат во земјата, да се стокми набрзо динамит и повеќе пушки, та напролет дај боже здравје да си ја пробаме среќата. Во средината на декември Христо Татарчев имал средба со бугарскиот премиер Стојан Данев и кнезот Фердинанд I и известил дека акциите идната година се неминовни. Кон крајот на ноември 1902 година ЦК на Гарванов и Задграничното претставништво ја донеле конечната одлука за кревање на востанието. Таа требало да се санкционира и затоа Иван Гарванов на 24 декември 1902 година испратил окружно за одржување на Конгрес. Второ софиско советување Задграничното претставништво откако го примило окружното од ЦК организирало советување во Софија кое траело неколку дена. На ова советување присуствувале: Гоце Делчев, Ѓорче Петров, Пере Тошев, Христо Матов, Христо Татарчев, Иван Хаџи Николов, Борис Сарафов, Михаил Герџиков, Кирил Прличев, Туше Делииванов, Христо Силјанов и други. На ова советување Матов и Татарчев ја поддржувале идејата за општо востание, додека пак Ѓорче Петров и Гоце Делчев се залагале за перманентно востание. Ѓорче Петров предложил да дојде до засилување на четите и терористичките акции кои постепено требало да водат кон востание кое не требало официјално да се објави. Михаил Герџиков предложил терористички напади кои би ја засегнале османската власт и европскиот капитал. Тој планирал да се формираат терористички групи по градовите кои би биле во контакт со Централниот комитет, а кон овие идеи клонел и Гоце Делчев. Делчев истакнал дека Турција треба да се фрли во анархија, да се разниша Царството во неговите основи со што би се предизвикале Големите сили да интервенираат за решавање на Македонското прашање. Меѓутоа Делчев се решил за комбинирано дејствување со чети и терористички акции. На крај од советувањето се дошло до компромисно решение за засилени партизански дејства. По советувањето бил известен Централниот комитет дека тие се против општо востание но за партизански дејства. Треба да се истакне дека ова советување не влијаело на одлуката за донесување на востанието, бидејќи Солунскиот конгрес без да ги сочека резултатите од советувањето донел одлука за востание. |