Сретен Зековиќ, црногорски историчар
Во еден период на своето историско постоење Црногорците се именувале како „Македоњани“, односно како Македонци, а за својата земја посочувале дека е „македонски предели“.
Црногорците се именувале како Македонци кога ја ковале државата
Ваквата пракса почнала од средината на 15 век, откако нивната Цетињска митрополија потпаднала под јурисдикција на Охридска архиепископија. Македонските термини биле често употребувани во официјалните документи од значајни црногорски личности, а нив ги користел и самиот црногорски владика Данило, кој е основоположник на црногорската династија Петровиќи. Црногорското прифаќање да се именуваат како „Македоњани од македонски предели“ се должело на тогашната пракса со која одредено население се именувало зависно од тоа која и чија црква имала јурисдикција врз територијата на која тоа живеело. Вакво сведоштво посочува познатиот црногорски историчар Сретен Зековиќ во својот голем научен труд насловен како „Историската втемеленост на црногорската националност“. Во трудот тој се осврнува и на овој период од црногорската историја, истакнувајќи многу примери за тоа како Црногорците се претставувале како Македонци. Последица на империјално право Некои од примерите и досега беа познати во научната јавност, но сега се посочени многу повеќе примери. Освен тоа, се истакнува и дека македонски термини биле употребувани и од други христијански народи врз кои тогашната Охридска архиепископија, чија наследничка е МПЦ-ОА, имала своја јурисдикција. Историчарот Зековиќ во изјавата за „Дневник“ ни рече дека постојат многу документи од кои се гледа дека видни црногорски личности се изјаснувале дека се од „македонски предели“ и оти се именувале како „Македоњани“. Таква била праксата. - Во тој период постоеше „свето империјално право“ од кое произлегуваше именувањето на потчинетите народи и држави според името на државата, црквата или верата што ги потчинила. Тоа особено важеше за црковната јурисдикција, односно за автокефалната црква, патријаршија и архиепископија, чии имиња ги носеа сите епископии. Тоа беше вообичаено и населението на тоа брзо се навикувало со оглед на тогашната улога и значењето на црквата. Тоа влијаеше и на свеста на народот и на неговите црковни претставници, кои според тоа си ги определувале титулите и својата припадност. Тоа создава одредена збрка во препознавањето на припадноста на одреден народ, татковина и држава - потенцира Зековиќ. Познато е дека Охридската архиепископија е првата словенска православна црква, која дејствувала на голем дел од Балканскиот Полуостров, особено од средината на 15 век, кога под своја јурисдикција опфаќала многу земји и народи што живееле на Балканот. Зековиќ истакнува дека охридската јурисдикција оставила длабока македонска трага кај Црногорците. - На пример, во своето писмо од 1640 година тогашниот црногорски митрополит Мардарие се титулира како „Јас епискуп кир Мардарие от предјел македонских, от земље Црне Горе...“ Историчарот Јован Радониќ сметаше дека тоа е доказ оти тој е и етнички Македонец, но има докази дека синтагмата „од македонските предели“ означува само припадност на Охридската, односно, на македонската црква - објаснува црногорскиот историчар, кој е жесток поборник на самобитноста на црногорскиот народ. Генеза од македонски кралеви Истата синтагма двапати, во 1520 и во 1537 година, употребил и познатиот печатар Божидар Вуковиќ. Тој напишал: „Од отачаства моега от земље Диоклитискије, еже јест у предјелех македонских от града нарицајемаго Подгорица“. Македонски предели спомнуваат и монасите од манастирот Морача. - Самиот владетел на Црна Гора, Данило Петровиќ, своето писмо до рускиот цар Петар Велики од 28 јануари 1712 го завршува на следниот начин: Од Црна Гора во Македонија. Појасно кажано, тоа значи дека Црна Гора е регија во Македонија. Има и запис дека е „Иван Kастриот Црнојевиќ од родот на македонските кралеви“. По враќањето од Црна Гора, пак, рускиот полковник Михаило Милорадович во своите писма се потпишува како „кавалер македонски“ - додава Зековиќ. Тој објаснува дека круна на сево ова е што тогашниот црногорски владика Данило Петровиќ во службените дописи Црна Гора ја сместувал во Македонија. - Тој и другите се именуваат како Македоњани само по основа на црковната јурисдикција. Во 1714 година нему му бил издаден пасош на кој пишувало дека е „бискуп од Македонија од Цетиње“. Но, сево ова не значи дека Црна Гора е македонска земја и оти Црногорците се „Македоњани“ - вели Зековиќ.
Неоснована теза за црногорско „српство“
Зековиќ истакнува дека по иста логика неосновано се тврди оти „Црна Гора е српска земја“ и оти „Црногорците се Срби“. - Ова се прави зашто Црногорската митрополија во еден период, со црногорската држава, беше под јурисдикција на Пеќската патријаршија, односно на Српската црква. На тој начин некогашната припадност кон српската освојувачка држава, црква и верски обреди терминолошки погрешно се мешаат со етничката српска припадност - истакнува тој.
Бранко Ѓорѓевски |