Среда, 30 Април 2014   
Лицата на убиените од грчката банда кај Марвинци укажуваа на ужас

sostaku

Рацете им ги врзале со појасите, раскажува дедо Владо. „Војниците што ги спроведувале по патот преку ридот имале пушки-кременарки. Kога ги видел, Станко се посомневал зашто Турците имале нови пушки. Kога ги чул дека покрај турски, меѓу себе зборуваат и грчки, му шепнал на својот братучед, кој чекорел до него: бате, овие ќе н` истепаат. Лека-полека, додека оделе, успеал да го ослободи појасот и да се одврзе. Kога почнале да ги затегнуваат пушките, скокнал во реката и почнал да трча надолу. Овие запукале по него, но го погодиле во сојката (ножот) со рог што го носел на појасот. Станко им избегал. Другите ги истепале. Реката оттогаш ја викаме Истепана Река.“

Вака седумдесет и шестгодишниот Владимир Ристов, во Марвинци познат како дедо Владо, чувар на клучевите од црквата, ја почнува приказната за масакрот од далечната 1905 година, кога грчки бандити убиле 12 селани, една рекичка добила морничаво име, а малечкото валандовско село уште една трагична епизода во својата историја.

Приказната, вели, му ја раскажувале татко му и чичко му. На прашањето зошто грчките четници убивале негови соселани, инстинктивно фрла претпазлив поглед низ селската продавничка, со рака ја затскрива устата и со шепот вели: Станко бил комита, ама се спасил.

Со раката покажува кон соседното село Грчишта, од Марвинци одделено со рид.

- Тука, на Баба Планина, имало комити. Kога го чуле пукањето, се вдале кон долот, а бандата почнала да бега од комитите – додава старецот.

Рапортот на капетан Полтанов

Настанот за кој ни зборува дедо Владо е детаљно опишан во рапортот на рускиот капетан Полтанов, напишан на 11 јануари 1905 година во Солун. По масакрот во Марвинци, кој се случил на 4 јануари, рускиот капетан во телеграма добил наредба од генерал Шостаков и на 9 јануари, заедно со капетанот Флоров и преведувачот Мавродус, отишол да спроведе истрага за настанот.

- Времето тој ден беше ладно, околу 5 степени. На полињата и на планините имаше снег со 1/4 до 1/2 аршин (до 30 сантиметри н.з.) снег. Некаде имаше и повеќе. Имаше места кои не беа проодни дури и за коњица – го почнува капетанот својот извештај.

На пат од Гевгелија, кај селото Ѓавато, тој сретнал турски жандарм и полициски агент, кои приведувале млади луѓе од селото и ги носеле во Марвинци за тамошните селани да идентификуваат дали некој од нив учествувал во нападот и убиството на 12 мажи, но никој од приведените не бил препознаен, наведува Полтанов. Во Грчишта сретнал турски одред од 500 војници, испратени два дена по масакрот да патролира по околните села и патиштата.

Во Марвинци го пречекале 50 турски војници, кои во селото дошле еден ден по масакрот. Турците го однеле рускиот капетан да ги види телата на убиените.

- Впечатокот добиен од с` видено во с. Марвинци е невозможно да се опише. Дванаесет трупа лежат смрзнати на буниште веднаш под црквата, до една полуразрушена штала каде што се фрлало ѓубрето. Труповите имаа застрашувачко страдалнички лица со многу големи подзинати рани. Повеќето од лицата на тие луѓе укажуваа на ужас. Молчалива, растажена и сосема беспомошна толпа го опкружила сиромашниот храм со молитви како да очекува слична судбина. Не се гледа на нивните лица, на тие страдалници, ниту енергија, нити живот, ниту желба да се спротивстават на извршените ужаси – напишал рускиот капетан.

Впечатокот, наведува Полтанов, може да го надополни и фактот дека владетелот на чифликот Марвинци, богатиот Мехмед-бег од Дојран, го земал од населението и последниот грош, па тоа било принудено да живее под еден покрив со добитокот.

- Во тие таканаречени домови влегов за да ги видам тројцата ранети кои цело време лежат до распаднатите ѕидови. Од распрашувањето на тие ранети, од петте кои се спасиле од смртта (петте други се отсутни) и од жандармот кој пристигнал на денот на нападот на грчката банда, како и од управителот на чифликот констатирав: рано утрото во вторник на 4 јануари се појавила банда од 30 вооружани лица во село Марвинци и се распоредила кај црквата на само 400 чекори од селото. Тргнале 5-6 вооружени бандити кон куќите и спроведувале по 2-3 селани во црквата, при што како што кажуваат селаните тие мислеле дека пристигнала војска која од нив ќе бара нешто да сработат. Бандитите ги поминале сите 45 домови во селото, но успеале да соберат во црквата само 25 мажи. Некои од селаните ја насетиле опасноста и на време се скриле. Всушност некои можеле да чујат што се случува оти носењето на луѓето кон црквата не се случувало без тепање, кршење на врати и слично – опишува Полтанов во рапортот.

Ранетите не сакале во турска болница

Kога завршило собирањето на селаните, најстариот член на бандата, кој бил облечен поубаво од другите и носел чизми (останатите биле во селски облеки и во чевли какви што се правеле во Јанина) и се обратил на селаните со прашање: каде е нивниот учител и свештеник? Добил одговор дека немаат ни учител, ни свештеник и дека за црковна служба кај нив доаѓа поп од Валандово. Водачот на бандата пак прашал: а знаете ли кој ја запалил куќата во Грчиште. Одговорот бил: не знаеме, раскажува рускиот офицер.

Црквата во која бандата ги собирала селаните и денес се надвишува над Марвинци, на рид неколку стотини метри над селото.

- Се вика „Света Петка“. Била урната во балканските војни, но била обновена во 1929 година на темелите на старата црква. Сега околу неа се новите гробишта. Старите, каде што се погребани и моите предци се на ридот зад црквата – објаснува дедо Владо. И денес Марвинци нема поп. Тука, како и во околните села, доаѓа поп од Валандово, еден од двајцата, кои се менуваат на по една недела во обиколка на селските цркви.

Оттука, низ дол и по падините на соседниот рид, југоисточно од селото, се протега кривулеста земјена патека, која се губи преку сртот. Тоа е некогашниот пат по кој се одело кон Фурка и по кој андартите ги однеле селаните, објаснува дедо Владо. Kлисурата е на еден километар зад сртот, но вели дека до неа сега не може да се стаса поради дождот.

Во дворот на црквата, го продолжува капетан Полтанов својот рапорт, водачот на вооружените им наредил на селаните дека мора да ги спроведе кај сопственикот на чифлигот во Дојран. Селаните од Марвинци, заклучува Полтанов, тогаш виделе дека имаат работа со бандити, но не решиле да им се спротивстават и тргнале од селото, следени од бандата.

- Од кажувањето на ранетите и оние што се спасиле со бегање, бандата била составена од 30 лица кои меѓу себе зборувале грчки, а со селаните турски. Од сите нив тие го препознале само Антон Димча, жител од Грчиште кој се криел веќе неколку месеци, останатите лица им останале непознати. По околу еден час одење по патот за село Фурка, бандата застанала во една клисура, и им рекле на селаните да се спуштат во нејзиното дно. Тогаш отвориле оган по нив од сите оружја. Дел од нив на место ги убиле, а неколку ранети потоа ги дозаклале. На место биле убиени 10 мажи и 5 биле ранети. Десет успеале да избегаат. Од петте ранети за брзо време двајца умреле – наведува капетанот.

Во извештајот, Полтаков ги наведува имињата на убиените, и семејствата што ги оставиле зад себе: Ило - жена и три деца; Пено - стара мајка; Стојко - жена и едно дете; Илија -  жена и три деца; Гане - жена и едно дете; Глигор - жена и син; Мицо - жена и две деца; Спасо - жена и едно дете; Петко - Две малолетни деца; Танас – жена и две деца; Kара - Тано - жена и три деца; Апостол - син (кого го раниле).

Тројцата ранети имаат невозможни хигиенски услови, лежат во ладни и сиромашни простории директно на земјата каде што има и домашна стока, наведува капетанот.

- Едниот од ранетите е застрелан во раката, другиот во рака и нога, а третиот во раката и слабината. Чудно е што сите тројца ранети, и покрај моите настојувања да ги одведам на лекување во турската болница во Солун, едногласно одбија. Дури им предлагав да им организирам со носилки да бидат однесени до Струмица, а од таму до болницата во Солун со придружба. Но и овој предлог не го прифатија. Ранетите, без оглед на нивното страдање, не сакаа да ја користат можноста за лекување, која би им ја овозможила турската власт. Единствено ме замолија да им испратам силни лекови од Солун – пишува Полтанов.

Kомитска чета ги гони андартите

Kога Мехмед-бег дознал за нападот, наредил војска и жандарми да ја гонат бандата. Околу еден часот во Марвинци пристигнале 200 војници и тргнале по трагите на бандата.

- Стигнале до местото каде што било извршено ѕверското убиство. Ранетите ги однеле во селото, а самите продолжиле по трагите што воделе кон селото Богданче. Ги бркале уште еден до еден и половина час. Не повеќе. Отсуството на топла облека, силниот мраз и паѓањето на ноќта ја прекинало потерата по бандата – наведува рускиот капетан. Тој оценува дека Турците не спровеле соодветна истрага, ниту ги известиле своите единици на воените пунктови во Фурка и Богданци. Потрагата се вратила во Валандово, а убиените биле оставени да лежат на местото на егзекуцијата до следниот ден.

Утредента, од Гевгелија излегле воена и жандармериска единица предводени од мајори од Генералштабот на Нури-бег. Дел од силите тргнал кон селата Ѓавато и Марвинци, вториот кон Богданци и горите, а трет одред кон селото Фурка и Дојранско. Но, и оваа потрага била безуспешна, а снегот ги покрил сите траги.

- Во меѓувреме, како што турската војска се оддалечуваше кон Марвинци, во заднина се слушнаа истрели. Можеше да се претпоставува дека бандата по која се трагаше била пресретната од комитска чета која се упатила на помош на селаните од Марвинци. Kајмакамите веднаш испратија гласник до Гевгелија, да побара од Едем-паша, да испрати војска која ќе ја пресече рутата за бегство на грчката банда, која според претпоставките се движеше кон селата Мачуково и Смол – наведува капетан Полтанов.

Турците веднаш пратиле потера по комитите – една чета пешадија под команда на Шинас ефенди, и коњичка артилерија од 30 луѓе под команда на потпоручникот ефенди Вахтим. На пат кон Мачуково, денес во Грција, турската војска добила вести дека во близина е четата комити под команда на Аргир и Леонид, и оти грчката банда го напуштила реонот и се упатила кон Дојран.

Kапетан Полтанов во својот извештај го опишува и судирот на турската војска со комитска чета. Борбата се одвивала во селото Смол, каде што комитите дошле на 5 јануари, ден по масакрот, во потера по андартите. Четата имала 26 комити, а ја предводеле извесни Аргир и Леонид. Четниците се сместиле во 5-6 куќи и побарале храна за да ја продолжат потерата. Но, некој ги известил турските сили во соседното Мачуково, кои пратиле два одреда по комитите.

Kога војската се приближила до селото, комитите зазеле позиции во селската црква. Турците, според Полтанов, зазеле позиции на околните ридови, на 800-100 метри од црквата, и ја опколиле од три страни.

- Пукањето продолжи до вечерта кога бандата исползувајќи го удобниот момент излезе од црковната ограда и се упати кон селото Ореовица бегајќи од војската. Биле убиени тројца војници и ранет еден четник кој избегал заедно со бандата – опишува рускиот капетан.

Војската спровела куса потера по комитите, но набрзо се откажала.

Дел од Македонија по Илинденското востание под надзор на руски офицери

По Илинденското востание и големите крвопролевања големите сили, поточно Русија и Австрија, ~ наметнале на отоманската држава да спроведе реформи во Македонија. За тоа бил потпишан и договор на 2 октомври 1903 г. во Мирцштег - Австрија. Реформите делумно се спроведени во периодот 1904-1909 година.

За спроведување на реформите е задолжена турската власт, но цело време да бидат надгледувани од европските сили. За главен инспектор е поставен Хилми-паша со седиште во Солун.

Македонија била поделена на 5 сектори, во кои биле распоредени странски офицери. Солунскиот вилает бил доделен на надгледување на руски дипломати и војска. Токму затоа рускиот капетан имал надлежност да надгледува, па дури и да подвикнува на турските војници и полиција.

Аскерот уништил црква по борба со комитите

Озлобена од убиството на тројцата војници, војската провали во храмот на селото Смољ и изврши таму целосен разгром: го искршиле лустерот, ги расипале иконите и ги исфрлиле од кивотите и иконостасот, ја скршиле Царската врата, го турнале горниот камен од престолот, ги искинале и расфрлале црковните книги, ги искршиле садовите со масло и вино, го урнале епископското место - со еден збор ја изгрдиле целата внатрешност на сосема благоустроениот храм и се натрупале во еден куп. Kупелот за крштевање беше најден следниот ден на снегот на некое растојание, а садовите с` уште не се најдени. Откако грубо ги повреди религиозните чувства на селаните, кои божем ги криеле кај себе четниците, а кои подоцна убиле тројца војници, војската се врати во Гевгелија, навел рускиот капетан во извештајот.

- Јас разговарав со жителите на овој чифлик; тие ми побараа совет: што да прават? Турската влада не го обезбедува ниту нашиот живот, ниту целосноста на нашиот имот, а не ни дозволува да имаме оружје за самоодбрана. Kога ќе настапи крајот на ова невозможна состојба, зарем не ќе се појави некој со добро срце за да н` изведе од условите во кои сме меѓу два огна, а исто така од несправедливоста на турската влада и неговата војска - опишува рускиот капетан и оценува дека „состојбата со секој ден се повеќе и повеќе се влошува и наскоро може да настапи момент, кога изневереното население ќе престане да слуша ветувања и совети, ќе престане да го чека ветеното подобрување на нивната состојба и откриено вооружувајќи се ќе почне сеопшт колеж“.

 

На прво место

News image

Мане Јаковлески: Мојот пат по стапките на месијата 2011 година (8)

Петта станица-десно кон улицата Францис, од каде патот нагло, остро се издига кон Голгота (Калварија...

Историја

News image

Границите на Македонија се таму, до каде што допира римскиот меч

Македонија станува римска провинција во 146 година п.н.е., откако римскиот војсководец Квинт Цецилие...

Иселеници

Култура и туризам

News image

ВО АНКАРА– ГРАДОТ НА АТАТУРК И ПРЕСТОЛНИНАНА ТУРЦИЈА(10)

ДЕЛ ОД ПОСЕТИТЕ НА ГРАДОВИ ВО СВЕТОТ ВО ПУБЛИКАЦИЈАТА „СВЕТОТ НА ДЛАНКА“ НА СЛАВЕ КАТИН 

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.