Монетите со ликови на античките владетели од македонскиот период пронајдени на нашите археолошки локалитети се доказ од прва категорија дека на овие простори се протегале делови од Македонија и дека живееле антички Македонци. Ова за „Дневник“ го изјави Виктор Лилчиќ-Адамс, директор на Управата за заштита на културното наследство на изложбата на монети пронајдени на Хераклеја Линкестис, која викендов беше отворена во Заводот и музеј во Битола. Тој вели дека овие артефакти ќе послужат како доказ за правото на нашиот народ врз името Македонија. Затоа, вели, е потребно да се направи ново картирање на сите монети откриени на територијата на нашата земја.
- Ако козата лаже, рогот не лаже, вели народот. Со картирање ќе ја покажеме концентрацијата на монети што ги имаме. Таа концентрација ни покажува дека на оваа почва живееле луѓе што користеле монети со македонските кралеви. Што биле тие? Македонци. Тоа е еден доказ од прва категорија. Поголем доказ не може да има. Kој било граѓанин или политичар ако ги прелиста тие карти, би можел само да констатира дека овие луѓе имаат право, тоа е Македонија или северните краеви на кралството Македонија - изјави Лилчиќ-Адамс. Нaјмногу антички моменти во јужна Македонија Едно од првите картирања на монети во Македонија било направено во 1994 година. Тие се објавени во книгата „Kралевите на античка Македонија и нивните монети во Република Македонија“ која Лилчиќ-Адамс ја објави заедно со нумизматичарот Никола Шелдров. - Но, дојде време по 20 години да се направи ново картирање, бидејќи во меѓувреме се извршија многу археолошки истражувања. Особено со владините капитални проекти имаше истражувања на многу локалитети што датираат од времето на раната антика кога живееле античките Македонци на ова наше подрачје - додава Лилчиќ-Адамс. Најмногу антички монети кај нас се откривани во јужните делови од земјата, во Битолско, Валандовско, Гевгелиско. При последните археолошки ископувања во Хераклеја беа откопани антички монети на кои најверојатно преставени се ликовите на владетелите Александар Трети Македонски и Филип Петти. - Пронајдовме монети од Александар, не го потенцирам ниту Филип Втори, ниту Филип Петти зашто монетите с` уште не се прочитани. Допрва треба да се дообработат. За овој материјал правиме каталози, научно ги обработивме и ќе ги презентираме. Монетите се претежно од бронза, но има и сребрени - изјави археологот Аница Ѓоргиевска, кустос- советник во битолскиот Завод и музеј. Многу монети се изнесени од земјава Според Лилчиќ-Адамс, на едната монета најверојатно ликот на Александар Трети Македонски се изедначува со оној на митскиот предок Херакле, па затоа на главата има лавовска кожа. На другите ковани пари можно е да се ликовите на јунакот Персеј, богот Зевс или на Филип Петти Македонски. За жал, дел од вредните артефакти останати од минатото нашата земја ги изгубила неповратно, преку дивите копачи што го изнеле надвор. - Во Македонија како истражувач посетив најмалку околу 1.000 стари градови и тврдини, можам да речам дека нема локалитет, стар град или тврдина каде што не видов дупки, помали и поголеми. Помали дупки каде што се трагало најверојатно со детектор, а поголемите ги направиле понеуки луѓе кои барајќи злато уништувале културни хоризонти и објекти. Претпоставувам дека од тие дупки биле вадени монети. Замислете тоа богатство да се најдеше во музеите - додава Лилчиќ-Адамс.
Жанета Здравковска |