|
|
АСНОМ - Втор Илинден |
Во текот Втората светска војна воените и политичките успеси на ослободителното движење во Македонија го забрзаа развитокот на органите на народната власт. Во 1943 година целата територија на Македонија беше опфатена со народноослободителни одбори, а на слободните територии започна формирањето и на повисоки органи на народната власт (околиски и обласни НО одбори). Во такви услови се пристапи кон подготовките за создавање на антифашистичкото народноослободително собрание (АСНОМ). За таа цел во есента на 1943 година беше формиран Иницијативниот одбор, кој во март 1944 година донесе одлука за избор на градски, селски, околиски и окружни одбори, како и за изборот на делегати за Првото заседание на АСНОМ. Во пролетта и летото 1944 година се одржаа селски, градски и окружни конференции во повеќе од 500 НО. Во најголемиот дел на Македонија беа избрани раководствата на органите на народната власт и 116 делегати за Првото заседание на АСНОМ. На 2 август 1944 година во манастирот Прохор Пчински започна Првото заседание на АСНОМ, на кое присуствуваат избраните делегати и повеќе делегации меѓу кои и шефовите на Американската и Англиската воена мисија, акредитирани при Главниот штаб на Македонија мајорот Дикенсон и капетанот Лемби Точно во 5,15 часот попладне, најстариот по години член на Иницијативниот одбор Панко Брашнаров, учител од Велес, го отвора заседанието со следните зборови: „Во овој момент, во ова историско место „Св. Отец Прохор Пчински" и на овој историски ден ИЛИНДЕН, кога објавувам да е отворено Првото Антифашистичко собрание на народното ослободуење на Македонија, душата ми е преполнена со радост и пред премрежените очи гледам како се раздвижиле сите реки од Пчиња и Вардар до Места и Бистрица, заплускујат е целата македонска земја, сакајќи да измијат од македонскиот народ десетвековниот ропски срам од пропасти на Самуиловата држава, за да се роди денеска нова, светла и слободна македонска држава. Во овој момент, земјата на нашите покојници, многубројни народни герои, паднали и посејали коските си по цела Македонија, им станује по лека и они во мир веќе го гледат изгревот на нашата слобода, гледат идеалната дружба на старите Илинденци на Гоце Делчев и денешните Илинденци, младата македонска војска, и поставените темели за остварението на идеалот на две поколенија, на две епохи, слободна, обединена Македонија. Во знак на почитание спрема падналите јунаци, ја ве поканувам да им ја изразиме со еден минут молчание нашата вечна, бескрајна признателност (при помен на жертвите одава се минутно молчание). Вечна слава на падналите герои за слободата на Македонија! Другари народни претставители, жив сум свидетел на два Илиндена, 1903 и 1944 година. Во моите спомени се нижат безброј моменти за илинденската народна епопеја и Крушовската република. Бескрајни беа напорите на вооружениот македонски народ, огромна беше жаждата му за слобода, борбата го дари со слободна Крушовска република. Но, разјарениот башибозук и турската регуларна војска се нафрлија и го затрупаја оазисот на слободна Македонија, Крушовската република, го потушија востанието и го стегнаја искрвавениот македонски народ во ново ропство. Животворениот извор на слободата не секна. Македонија ја поделија, ропствата се менија, но борбата на македонскиот народ не престана. Кога сите поробени народи.. се дигнаја против денешниот непријател на целото човечество фашизмот, и македонскиот народ се нареди во таја борба. Тој во неа виде возможност да ја помогне општата борба, на сите поробени народи и целото слободољубиво човечанство и да го оствари својот вековен национален идеал. ...Денеска на фториот, славен Илинден, последен Илинден на неослободена Македонија, се стават темелите на македонската држава во која да се обедини и заживее нашиот народ онаков среќен живот каков го заслужува по своите претрпени ропски маки... Да е жива нашата мила македонска.. држава!..." Првото заседание на АСНОМ претставува државно конституирање на македонскиот народ. На него се донесоа повеќе решенија меѓу кои: конституирање на АСНОМ во Врховно законодавно и исполнително тело на Македонија; за оддавање благодарност на Главниот штаб и на борците на народноослободителната војска и партизанските одреди на Македонија; за заведување на македонскиот јазик како службен јазик во македонската држава; декларацијата за основните права на граѓаните во демократска Македонија и др. На Заседанието е избран Президиум во состав: претседател (Методија Андонов-Ченто), двајца потпретседатели (Панко Брашнаров и Мане Чучков) и 18 членови (од кои два секретара: Љупчо Арсов и Владо Полежина), како и повеќе помошни тела на Президиумот. Во прокламацијата до македонскиот народ, која е објавена од заседанието на АСНОМ се вели: „Од тешките борби и пролеаната крв на најдобрите македонски синови излегува денеска Првото народно собрание, тој симбол на твојата слобода и изразител на твојот суверенитет"... Меѓутоа, ако со Крушевската Република се поставија темелите на македонската држава, со Вториот Илинден македонскиот народ се стекна само со ограничен суверенитет. Дури со почетокот на Третиот Илинден (8 септември 1991) македонскиот народ доби целосен суверенитет. Но, Третиот Илинден сеуште не е завршен, тој сеуште трае и ќе трае се додека македонската држава не се обедини и македонскиот народ не заживее онаков среќен живот каков го заслужува по сите претрпени ропски маки. |