Оригиналниот македонски Абецедар е во Скопје
Вангел Ајановски-Оче, познат македонски револуционер, му го подарил букварот на Архивот на Македонија пред триесетина години
Во Република Македонија има само еден зачуван примерок од оригиналното издание на „Абецедар“, првиот буквар за македонските деца отпечатен пред 81 година во Грција. Книгата се чува во посебно депо во Архивот на Македонија и најверојатно тој примерок е еден од трите зачувани при уништувањето на целиот тираж во 1925 година. Учебникот е зачуван благодарение на грижата на Вангел Ајановски-Оче, познат македонски револуционер од Егејска Македонија, кој му го подарил букварот на Архивот пред триесетина години. Ајановски ја добил книгата при крајот на Втората светска војна од еден македонски учител од Егејска Македонија, кој успеал да ја спаси од уништувањето. Кон крајот на седумдесеттите години на минатиот век тој решил да и' ја подари целата своја лична архива на државната институција, откако повеќе од четири децении ја чувал во своето семејство. Ајановски беше создавач на Македонската антифашистичка организација (МАО) и на Тајната ослободителна македонска организација (ТОМО) во Воденско во текот и по Втората светска војна. Другите два примерока на букварот, како што дознаваме, се во Градската библиотека на Виена, Австрија, односно во Националната библиотека во Атина, Грција. Оригиналниот примерок од Атина беше искористен од Македонците од Грција за да се направи копијата на „Абецедар“ чија промоција неодамна беше одржана во грчката престолнина. Букварот, наменет за описменување на македонските деца, претставува еден од најзначајните докази за постоењето на Македонците во Грција, кое грчките власти упорно го негираат. Книгата беше отпечатена во Атина, во 1925 година како резултат на барањето на Друштвото на народите за да се обезбеди заштита на македонското малцинство во Грција. На 10 август 1920 година Грција потпиша договор пред Друштвото на народите за давање малцински права на граѓаните во Грција што не се етнички Грци. Договорот е потпишан во францускиот град Севр и во него пишува дека во Грција живеат припадници на повеќе народи, на кои грчката влада се обврзува да им ги даде основните национални права. Но, судбината на букварот „Абецедар“ беше трагична - целиот печатен тираж бил запален и уништен во исцениран напад на возот со кој бил пренесуван кон местата во Грција каде што живеат Македонци. Георги Ајановски, познат македонски новинар, посочува дека неговиот татко Вангел сосема случајно го добил букварот „Абацедар“. - Тоа се случи во 1944 или во 1945 година, при една негова средба со еден од учителите што предаваше во македонските училишта. Татко ми ми раскажа дека желбата на учителот била букварот да послужи за описменување на најмладите македонски генерации и во другите краишта на Македонија. Познато е дека во тие години немаше никаков учебник од кој децата можеле да се описменуваат - вели Ајановски. Тој додава дека овој примерок на букварот најверојатно го спасиле луѓето што први пристигнале до запалениот воз во чии вагони се наоѓал целиот тираж на изданието.
Европското биро за помалку употребуваните јазици, (ЕБПУЈ), Комитетот во Грција на ЕБПУЈ и Европската слободна алијанса – „Виножито" на 12.Октомври 2006 ја објавија книгата „Буквар-абецедар" на македонски јазик.
Книгата има два дела. Првиот дел е егзактна копија на Абецедарот од 1925 година, книга која беше наменета за македонското население во северна Грција. Тогаш европските држави преку Друштвото на народите ја притиснаа Грција да отпечати абецедар-буквар за учење македонски. Абецедарот, за жал, никогаш не стигна до македонските деца и беше конфискуван и уништен веднаш по отпечатувањето од грчките власти. Покрај тоа, книгата го содржи историјатот на Абецедарот од 1925 година, поздравниот текст на претседателката на ЕБПУЈ и на преседателот на грчкиот комитет и благодарноста на членовите на „Виножито" до грчката влада, бидејќи книгата е отпечатена со пари од грчкиот буџет. Имено, дел од средствата што ги доби „Виножито" од Грција по осудувачката одлука на Европскиот суд за човекови права во Стразбур против Грција и во корист на „Виножито" околу истакнувањето на двојазичната табла во Лерин 1995 година се искористија токму за печатењето на ова книга. Вториот ден на книгата е современ буквар на македонски јазик како што тој се изучува денес во целиот свет. Книгата е отпечатена на три јазици: грчки, англиски и македонски, веќе се дистрибуира во Грција и предвидено е да се промовира во ноември во Атина, Солун и поголемите градови во северна Грција, каде што живее македонско население. |