Оригиналниот македонски Абецедар е во Скопје
1925 година грчката влада презеде конкретни мерки за објавување на првиот буквар (Абецедарот) за потребите на МАКЕДОНСКОТО малцинство
Се работи за документ, или поточно, за учебно помагало за потребите на тогашните образовни програми. Абецедарот од денешна историска дистанца е од извонредно големо значење за македонската историографија и лингвистичка наука. Станува збор за буквар печатен на хрватска латиница и затоа наречен Абецедар, а наменет, за децата на македонското национално малцинство во тогашното Кралство Грција.
Овој документ е од извонредна голема важност како за дефинирањето на посебноста на македонската националност уште во средината на 20-те години од минатиот век, така, уште повеќе и за фактот што тогашната грчка влада за прв пат официјално го признала постоењето на македонска националност во рамките на тогашната грчка држава. Имено, во 1920 година Грција пред Друштвото на народите Грција го потпишала Севрскиот договор со кој се обврзала да им даде малцински права на сите народности во Грција што не се етнички Грци. Четири години подоцна, во 1924 година, повторно по сугестија на Друштвото на народите, меѓу Грција и Бугарија бил потпишан познатиот Протокол Калфов-Политис со кој врз реципрочна основа Бугарија се обврзуваше на грчкото малцинство во Бугарија да му обезбеди малцински права (јазик, училиште и друго), додека Грција, Македонците од егејскиот дел на Македонија ги признаваше како ,,бугарско" малцинство, на кое би му признале, исто така, малцински права.
Меѓутоа, кога идната 1925 година грчката влада презеде конкретни мерки за објавување на првиот буквар (Абецедарот) за потребите на тоа малцинство, таа јасно и ставила до знаење на бугарската страна дека нема никаква основа Бугарија да се интересира за некакво „бугарско малцинство" во Грција, а уште помалку букварот да биде на бугарски јазик. Грчката страна ,,словенското малцинство” во Егејска Македонија го дефинирала како посебна етничка група различна од Бугарите и Србите. Значи не се ниту Коминтерната ниту Тито првите кои ја признале посебноста на македонската нација. Парадоксално но вистинито – тоа е Кралството Грција.
Оттука Букварот т.е. Абецедарот не бил издаден ниту на бугарски ниту на српски јазик туку на леринско-битолското наречје. По неговото издавање тој бил дистрибутиран во некои околии од Западна Егејска Македонија (Костурска, Леринска и Воденска) со што соодветните грчки владини училишни власти започнале со подготовките за негово воведување во употреба и организирање на соодветна настава за македонските деца до четврто одделение на мајчин јазик.
Сепак Кралството Грција никогаш искрено не пристапило кон решавање на ова прашање. Имено, уште на почетокот властите настојувале да изнајдат било каков повод за одлагање на воведувањето на Абецедарот во училишниот систем на Грција. Па така, додека се преземале привидни мерки за отворање македонски училишта, бил инсцениран судир на грчката војска со бугарската кај Петрич, а потоа и организиран масакр врз недолжното македонско население во селото Трлис, Серско. Овие инциденти биле искористени во функција на создавање на несигурност кај Македонците со крајна цел тие самите да се откажуваат од задоволување на нивните малцински права, односно да бараат сигурност преку иселување во Бугарија. Значи главната цел на овие притисоци било да се продуцира иселување на македонското население од Егејска Македонија како би се сменила етничката карта. Со тоа сите напори за задоволување на малцинските права на македонското население би станале безпредметни, што од денешна дистанца се гледа дека ваквата грчка владина политика дала успешни резултати. Поради колонизацијата во 20-те години на XX век, а посебно по егзодусот на македонското население за време на Граѓанската војна од 1949 година, денес етничката карта во Егејска Македонија е значително изменета.
Сепак, иако, Абецедарот практично никогаш не стигнал до рацете на македонските деца, тој сам по себе е едно силно сведоштво за постоењето на многубројното македонско национално малцинство во Грција и обидот на Друштвото на народите со притисок да ја натера Грција да преземе одредени задолженија за задоволување на правата на тоа малцинство.
Атина под притисок на Друштвото на народите официјално го призна македонското малцинство уште во далечната 1925 година. Тогаш го издаде познатиот „Абецедар“, буквар за школување на Македончињата. Меѓутоа, таа никогаш нема да дозволи да почне да се користи во училиштата. Подоцна ќе се разбере дека тоа, всушност, била само една од многуте валкани игри за да ја залаже меѓународната организација дека ги почитува правата на малцинствата, обврска што ја презела уште во 1920 година со договорот потпишан во Севр, Франција. Интересна е хронологијата како се роди првиот македонски буквар, кој беше препечатен пред две години од Македонците во Егејска Македонија и промовиран во Солун. Во 1924 година на свечена седница на ОН во Женева била потпишана конвенција меѓу министрите за надворешни работи на Бугарија, Христо Калфов, и на Грција, Николаос Политис, за еднаков третман на „бугарското“ малцинство во Грција и на грчкото во Бугарија, иако Софија немала право да говори за македонското малцинство и да го штити со меѓународни договори. Во седиштето на Друштвото на народите на овој настан му било дадено големо значење. Бугарскиот парламент веднаш ја ратификувал конвенцијата, но такво расположение не постоело во Грција, така што нејзиниот парламент одбил да го потврди договорот. Набргу потоа еден член на Долниот дом на британскиот парламент, кој сметал дека е направена неправда спрема малцинствата во Грција, на седница во февруари 1925 година поставил прашање дали британската влада ќе преземе нешто во ОН за Грција да ја ратификува конвенцијата со Бугарија. Така, тогашниот министер за надворешни работи на Велика Британија, Остин Чемберлен, еден месец подоцна побарал Советот за безбедност на ОН да ја праша Грција што сторила за потпишувањето на Конвенцијата во врска со задоволување на правата на словенското, како што го нарекла македонското малцинство, и какви мерки според Грција се потребни за образование и вероисповед на тоа малцинство. Министерот Чемберлен го поставил прашањето пред Советот, а Грција, наоѓајќи се под силен притисок на меѓународната заедница, морала, ако ништо друго, барем на хартија да преземе нешто за правата на македонското малцинство. На седницата на Советот на ОН, одржана во јуни 1925 година, грчкиот претставник ги информирал неговите членови за мерките што веќе ги презела или ќе ги преземе нивната влада. „Прво, во државниот буџет ќе предвиди кредит за поддржување на училиштата на словенското малцинство. Второ, според чл. 9 од договорот за заштита на малцинствата, ќе изработи специјална програма за отворање општествени училишта за тоа малцинство. Трето, подготви потребен кадар и ќе издаде учебници на сметка на државата. И четврто, ќе им се дозволи на верниците сами да ги избираат своите советници“, информирал грчкиот претставник. Сакајќи да и' покаже на Европа дека има искрени намери, Атина го издала „Абецедарот“. Тој бил отпечатен на леринско-битолско наречје и неколку примероци биле испратени во седиштето на ОН во Женева. И се завршило на тоа. Практично, Грција не реализирала ништо од она што го ветувала пред меѓународната заедница. „Независно од грчкото лицемерие во врска со букварот, во времето на неговото издавање употребата на македонскиот јазик во секојдневниот живот, дома, на пазар, на улица била широка. На македонски јазик со грчки букви биле напишани многу фирми на продавниците и друго. Со него се комуницирало и во судовите“, вели академик Иван Катарџиев, кој го истражува прашањето на асимилацијата на Македонците во Грција. Обединетите нации често пати испраќале свои претставници за да проверат колку Грција го спроведува она што го ветувала, но Атина секогаш со разни трикови и итрини успевала да ги убеди дека словенското малцинство ги ужива сите права. Учителот Пападопулос, кој бил задолжен за пречекот на претставниците на ОН во Воден, вели дека имале многу маки и требало да употребат голема умешност за да и' докажат на Меѓународната комисија дека малцинствата во Македонија ги уживаат сите права. Тој вели дека дента кога организирал презентација на училиштата пред Меѓународната комисија ги излажал учениците и им рекол дека на станицата во Воден минува министерот за образование и дека сите треба в раце да веат грчко знаме и да пеат патриотски песни. „Им препорачав на учениците во случај да бидат прашани на улица или, пак, на железничката станица дали знаат друг јазик, освен грчкиот, да одговорат негативно. Оваа презентација на училиштата беше претставена со целосен успех“, признава грчкиот учител како биле излажани претставниците на Обединетите нации. А и тие во Грција доаѓале формално и многумина од нив се правеле дека не ги забележуваат провидните лукавства на домаќините. „По обичај, во однос на извршувањето на своите обврски кон малцинските права на македонското малцинство на својата територија, Грција ќе примени двоен стандард. На внатрешен план ќе им даде целосна слобода на државните органи задолжени за асимилација на македонското малцинство и на разните националистички парадржавни организации да се служат со се' што можело да го забрза процесот на погрчување на македонскиот етнос. Меѓутоа, на надворешен план постојано ќе инсистира и ќе ’докажува‘ дека доследно ги почитува обврските од договорот кон националностите и конкретно кон македонското малцинство“, пишува академик Катарџиев. Истовремено Грција ќе го убедува светот дека по потпишувањето на Грчко-бугарската конвенција за доброволна размена на население и нејзината реализација, во неа немало повеќе „славофони“ и дека сите тие емигрирале во Бугарија. Таа ќе тврди дека од нејзина територија 101.000 лица си заминале во Бугарија, а 52.881 Грк од Бугарија се доселиле на нејзина територија, што не е вистина, зашто бројот на иселените Македонци во Бугарија бил трипати помал и изнесувал 32.232. Отпечатениот „Абецедар“, иако Македончињата во Грција никогаш не почнале да учат на него, предизвикал бурни реакции кај соседните држави, посебно во Софија. Бугарскиот професор Љубомир Милетич вели: „Бидејќи од политички причини се прифати македонските бугарогласни да се именуваат, не со нивното сопствено име Бугари, туку со едно конвенционално име Словени, грчката влада го искористи тоа за своите бугарогласни поданици да ги третира како некаква нова, сега откриена народност, без своја писменост, без литературна традиција, без нормиран литературен јазик“. Професорот Иван Шишманов вели дека целта на издадениот „Абецедар“ бил обид „славофонското население во Македонија со писмото и со јазикот да се оддалечи од бугарската опасност“. Тој ја обвинува грчката влада за издавањето на букварот, подвлекувајќи дека тоа ќе и' се врати како бумеранг. „Таа сака да создаде сосема нов, специјален литературен јазик за да може уште повеќе да ги оддалечи овие славофонски субјекти од бугарското влијание, ризикувајќи со тоа во своите граници да потхранува македонски сепаратизам многу поопасен за Грција“, ќе изјави тој. На ист начин реагирала и владата на Кралска Југославија. Тоа може да се види од телеграмата што ја испратил италјанскиот амбасадор во Рим. Тој им јавил на своите претпоставени дека штотуку примил информации кои говореле дека владата на СХС била возбудена поради систематски лошиот третман наложен од грчките власти врз Македонците „кои зборуваат српски или ја изразуваат својата етничка припадност со Србите. Таа ќе испита наметнување слични средства кон лицата во Кралството. |