|
|
Апел од македонските патриоти до народните пратеници- 1914 г. |
„Ние ви изјавуваме дека ние, Македонците, не сме Срби, не сме Бугари и не сме Грци. Но нашето срце е отворено за љубов и вечно пријателство спрема сите вас. Одречете се само од она што во занесот на озлобувањето, предизвикано од подмолните интриги на нашите општи непријатели, сте го зеле со меч и што можете да го задржите за себе само со силата на оружјето. Ставете го правото на она место што му припаѓа - над егоистичните сметки и насилства. И дајте ни нам, на Македонците, можност да го организираме својот живот во родната земја, во согласност со нашите интереси. Не пречете и` на Македонија да стане целосна, самостојна, независна. Слободата на Македонија ќе ви донесе мир; таа ќе стави крај на непријателството меѓу Балканците“ – пишуваат македонските патриоти до народните пратеници на Бугарија, Србија и Грција во 1914 година. Атентатот на Гаврило Принцип врз австрискиот престолонаследник во Сараево на 28 јуни 1914 година беше напосредна причина Австро Унгарија да и` објави војна на Србија која започна во јули 1914 година. Оваа војна предизвика активирање на Сојузите, нивните сојузници и до крајот на август 1914 година најголем дел на Европа се најде во војна. Но, во основа на оваа војна беше настојувањето на Австро-Унгарија да излезе на Солун и Русија на Цариград. Во нивните напори постојано жртва беше Македонија која со Букурешкиот договор од 10 август 1913 година беше поделена меѓу Србија, Бугарија и Грција. По избувнувањето на Првата Светска Војна во Европа меѓу Централните сили (Германија и Австро-Унгарија) и силите на Антантата (Франција, Русија и Англија), повторно го отворија македонското прашање. Во обид да привлечат што поголем број држави и двата блока на почетокот на војната своето внимание на Балканот го насочуваат кон дотогаш неутралната држава Бугарија. Без разлика на Мировниот договор од Букурешт, македонското прашање во 1914 година повторно се појавува дипломатската комбинаторика. Силите на Централниот сојуз, за приклучување на Бугарија кон сојузот ја нуделе цела Македонија како и делови од Србија, а силите на Атантата само да ја придобијат Бугарија им ја понудиле цела Македонија. Претставниците на Македонската колонија во Петроград за да ги објаснат причините на новата војна, како и да ја разјасни положбата и стремежот на македонскиот народ, непосредно по започнување на Првата Светска Војна се обраќаат со овој Апел до народните пратеници во балканските земји. Во Апелот објавен во „Македонски глас“ од 20 ноември 1914 година се вели: „Големата европска војна, која ги зафати народите речиси на целиот свет, бездруго го има, како една од најважните причини за своето избувнување нерешеното, во свое време, балканско прашање и главно, македонското прашање. Во 1912 година изгледаше дека за сите балкански тешкотии настапува крај. Србите, Бугарите и Грците се обединија и истапија против Турците под формата на ослободувањето на Македонија и Стара Србија. Кон овој сојуз се придружија Македонците, кои со десетини илјади се бореа во редовите на трите армии. Но, за жал, прогласената света цел на војната беше заборавена, заедно со победите на Турците. И како резултат на „делбата на ограбеното“ избувна војната меѓу сојузниците, која заврши со тројната поделба на единствената славјанска земја Македонија. Како што и можеше да се очекува, оваа поделба не ја олесни, туку ја влоши положбата на Балканот. Сите тројца сојузници, откако ги зазедоа, спротивно на правото и правдата, македонските земји, се најдоа лице со лице еден спроти друг и секој од нив, признавајќи ја ненормалноста на поделбата на единствената земја со единствен народ, пројавуваа стремежи да ги присоединат кон себе и другите делови на Македонија. Сега во моментот на нечуено во историјата судирање на две групи народи, чијшто резултат ќе биде полното менување на политичката карта на Европа, кога учеството во војната на балканските држави, коишто досега останаа неутрални, се диктира од џиновскиот од^ на настаните, ненормалноста на балканската положба се покажува особено јасно. Со цел таа да се разјасни, европската дипломатија и печатот одново се зафатија со прашањето на Македонија, сметајќи дека неговото најдобро решение може да биде задоволувањето на претензиите на Бугарија кон оваа земја и во изнаоѓањето компензации за Србија и Грција. Притоа се испушта од предвид една околност - тоа е желбата на самите Македонци, нивните национални стремежи. Тие стремежи пак не се состојат во ова што се предлага во дадениов случај. Желбите на Македонците беа изразувани веќе не еднаш во последниве години, нив ги знае и европската дипломатија, и балканските политичари и државниците. Во нив јасно и определено се вели дека Македонија треба да биде самостојна, целосна, независна. Бугарија нема повеќе право на Македонија, отколку Србите или Грците, кои некогаш ја владееја неа, исто како и Бугарите, во својство на завојувачи на нашата татковина. Но насилното завојување не го лишува македонскиот народ од неговото национално лице од неговата волја да се чувствува ваков, а не инаков и да се стреми кон извојување признание на својата самостојност. Византиската, бугарската и српската власт над Македонија беа изгубени уште во изминатите историски времиња. ...Македонија имаше своја државна самостојност и свои владетели. Цар Самуил Брсјачки (976-1014 г.) ја обедини под својот државен скиптар не само цела Македонија, туку и поголем дел од сегашната Србија, Бугарија, Грција и Албанија. Негови престолни градови во почетокот беа Воден, а потоа Преспа. Храбриот кнез Добромир Стрез (1196-1215), кој владее во планинска Македонија, со престолнината Просек, упорно го бранеше знамето на македонската независност. Тој успешно се бореше со Бугарите, Грците, Србите и во 1211 година кај Полог им нанесе пораз на крстоносците. Кралот Волкашин, кој се круниса во 1336 г. во Прилеп, успеваше да ја брани упорно македонската самострјност при силниот српски цар Стефан Душан. Во 1371 г. кралот Волкашин прв ги поведе ...Македонци(те) против Турците и во крвавата битка на Марица загина. Цела Македонија тогаш падна под власта на Османлиите, но падна како одделна држава. Синот на Волкашин, македонскиот Крал Марко (1371-1394), сметајќи се себе за турски вазал, ги зачува автономните права на Македонија. Природно и логично е дека ослободувањето на Македонија може да се постигне само со воспоставувањето на нејзината независност. Поделбата на земјата, која веќе стана, или новото нејзино прекројување, кое сега се пропагира, или присоединувањето кон која и да било држава на поголемиот дел од македонската земја, во никој случај не може да биде праведно решение, тоа нема да го задоволи никого, и никогаш не ќе ги помири балканските народи. Поради тоа ние, македонските патриоти, се обраќаме сега, во овој историски и политички вонредно важен момент, кон вас, нашите браќа по славјанска крв: Срби и Бугари, и кон вас, наши браќа по православна вера - Грци, и ве потсетуваме на огромната одговорност што ви ја има определено судбината, предавајќи ви го в раце решавањето на прашањето за Македонија. Помнете, браќа дека по племе единствениот народ е живо тело кое со распарчување на делови се осудува на смрт. Но, зар може во сегашно време да станува збор за насилно уништување на 3-милионски славјански народ, кога голема Русија свечено го прогласи како своја задача во грандиозната војна ослободувањето на сите Славјани и задоволувањето на нивните национални копнежи, кога и Србија и Бугарија, и Грците еднакво можат да се надеваат на поддршка од Русија и на согласност од големите сили по прашањето за задоволување на нивните државни интереси, кои се во расчекор со прогласените принципи на ослободителната војна. Правдата, положена во основата на акциите на нашата општа покровителка и ослободителка Русија и нејзините благородни сојузници: Англија и Франција, се покажа особено значајна во нивното пријателско однесување кон народите на Австро-Унгарија и Германија, поробени од германско-унгарското иго; на овие народи им е ветена полна слобода и самостојност. И така, зар вие, коишто ние, без оглед на преживеаното, уште ве нарекуваме браќа, нема да тргнете по примерот на големите држави и нема да ни го кажете одамна очекуваниот братски збор, признавајќи го минатото непријателство и букурешката поделба на нашата татковина како тешка грешка, која треба што поскоро да се исправи и да се предаде на заборавот. Ние ви изјавуваме дека ние, Македонците, не сме Срби, не сме Бугари и не сме Грци. Но нашето срце е отворено за љубов и вечно пријателство спрема сите вас. Одречете се само од она што во занесот на озлобувањето, предизвикано од подмолните интриги на нашите општи непријатели, сте го зеле со меч и што можете да го задржите за себе само со силата на оружјето. Ставете го правото на она место што му припаѓа - над егоистичните сметки и насилства. И дајте ни нам, на Македонците, можност да го организираме својот живот во родната земја, во согласност со нашите интереси. Не пречете и` на Македонија да стане целосна, самостојна, независна. Слободата на Македонија ќе ви донесе мир; таа ќе стави крај на непријателството меѓу Балканците. Слободата на Македонија е неопхoден предуслов за цврстината и полната слобода на целото Јужно Славјанство. Апелот кој е потпишан од Д.Д. Павле Чуповски, Д. Пешковски, К. Угриновски и П. Божидарски е објавен во послениот број на Македонски глас ( Македонскій голосъ, стр. 289 - 291). Списанието излегува во С. Петесбург во периодот од 9 јуни 1913 до 20 ноември 1914 година, како орган на приврзаниците на независна Македонија, а го уредува Редакциски совет на Македонската колонија во руската престолнина. Издавач на списанието бил Д.Д. Павле Чуповски, а одговорен редактор И.П. Кулезнев и во последните два броја Д.Д. Архангелски. Списанието има голема вредност за македонскиот народ, зошто тоа претставува вистински архив на македонската национална мисла во периодот на Балканските војни и почетокот на Првата Светска Војна. Тој ја брани македонската самобитност, целоста на Македонија и обединување на македонскиот народ. Под притисок на балканските монархии списанието чиј тираж доаѓа на Балканот престанува да излегува, но публикуваните официјални акти (меморандуми, апели и соопштенија) ќе останат да сведочат за посебноста на македонскиот народ. Тие и ден денес укажуваат дека само со целосно решавање на македонското прашање може да се стави крај на непријателствата на Балканот. Денес, 2014 година, во која се навршија сто години од почетокот на Првата светска војна, повторно го испраќаме овој Апел до пратениците на балканските држави и на ЕУ, само за да ги потсетиме за посебноста на македонскиот народ и неговиот идентитет, за причините на војната и дека единствено со влегувањето на Македонија во ЕУ и НАТО можат да се избегнат сите предизвици кои ги носи нерешеното македонско прашање. |