|
|
Писмо на управникот на руското генерално конзулство во Солун до Амбасадорот во Цариград |
ПИСМО НА УПРАВНИКОТ НА РУСКОТО ГЕНЕРАЛНО КОНЗУЛСТВО ВО СОЛУН ДО АМБАСАДОРОТ ВО ЦАРИГРАД: ТИЕ РАСПРАЌАЛЕ АГЕНТИ НИЗ ЗЕМЈАТА И ГО РАЗВИВАЛЕ КАЈ НАСЕЛЕНИЕТО ЧУВСТВОТО ЗА НЕЗАДОВОЛСТВО ОД ПОСТОЈНИОТ ПОРЕДОК И МУ НУДЕЛЕ ДА ГО СРУШАТ СО СИЛА (14 јуни 1881 год.) “...Оттогаш за таа влада ништо не се слушна. Таа како да пропадна во вечноста и спомените за неа ми останаа во паметта како за неуспешен обид на некои нивни политичари и агитатори. И на 12 јуни оваа година одненадеж добив писмо од некаков барон Гундлаш, во коешто ми предлага да ми соопшти некои информации за Привремената македонска влада. Потчинувајќи му се на стремежот на љубопитството, јас ја викнав кај себе оваа во секој случај несигурна личност, не толку со надеж за неговите точни информации, колку за можноста да се запознаам со новиот тип политички шпион. Пред мене се претстави мошне приличен млад човек, очевидно збркан од преземената намера. Тој почна со препораките на својата личност што божем им е позната на грофорт Гатцфељд и на Родиолински во Цариград, на нашето воено аташе во Пловдив, на капетанот Еку и на генерал аѓутантот во руска служба г. Глинка, на когошто му бил внук. ...јас побрзав да го предупредам дека ако дошол да бара материјални користи, тогаш може да не ми ги раскажува своите тајни и дека, од своја страна, самото негово обраќање кај мене ќе го зачувам во тајна. На тоа баронот Гунтлаш ми одговори дека не му се потребни пари, туку дека сака само да се одмазди, да ги разобличи намерите на својот непријател Леонид Вулгарис, кај когошто бил тој секретар и кој божем го истерал од тоа место. Потоа ми раскажа дека претставниците на привремената македонска влада г. Симос, Вулгарис, Тико и др., откако го испратиле циркуларот во Солун, се упатиле во Пловдив, од каде што и ја воделе нелегалната работа. Целата нивна дејност во последнава година се состоела во формирањето колку што може повеќе разбојнички банди во Македонија. Со таква цел тие распраќале агенти низ земјата што на секакви начини го развивале кај населението чувството за незадоволство од постојниот поредок и му нуделе да го срушат со сила. Бандите се формиреале една по друга и се вооружувале со средствата на Привремената влада, којашто божем имала и се уште има огромен склад со оружје во Варна. Немајќи можност да ја проверам вистинитоста на соопштеното, јас сум должен да му го потврдам на Вашето Превасходство фактот за вистинското намножување на разбојништвото што постојано се пополнува од селското население и се вооружува на начини што никому не му се познати. Што се однесува за конечаната цел нашите настојувања на Привремената влада, според зборовите на г. Гундлаш, таа се состои во истовремено движење на сите разбојнички банди, во пожари, во експлозии на државните барутани, во општо револуционерно движење, во истерување на турските власти итн. Сето ова се претпоставува да се направи во текот на ова лето и Привремената влада веќе ја пренесла овде својата резиденција, во Острово, близу до Воден. Симос, Таки и др. со своите приврзаници веќе поминале низ Солун, но Леонид Вулгарис се уште се очекува, бидејќи задоцнил поради неговото апсење од турските власти, од каде што сепак тој веќе успеал да избега. Сигнал за општото движење ќе биде експлозијата на солунската барутна кула и за таа цел пристигнале овде неколку мрачни личности. Баронот Гундлаш ми кажа уште многу други детали... ...Не придавајќи му полна верба на целово раскажување, јас, за секој случај, сепак ги предупредив месните власти, со некои укажувања за претполаганиот развиток на работите и тие го засилија речиси насекаде полицискиот надзор. Притоа реков дека сите овие информации ги имам добиено со анонимно писмо и дека по секоја веројатност се работи за некоја обична мистификација. Истовремено, приложувајќи Ви го овде оригиналното писмо на баронот Гундлаш; имам чест најучтиво да го замолам Вашето Превасходство да наредите да ми се соопшти мислењето на Германската амбасада за личноста на баронот, и ако тоа биде позитивно, да ми дозволите да испратам во околината на Воден таен агент за набљудување на злонамерниците што со своите злосторнички активности, по секоја веројатност, ќе го вовлечат во несреќа македонското христијанско население што и без тоа не малку страда“. АВПР, ф: Политархив, оп.482, 1881, д.1124, лл. 188-191 с об. Б. Ристовски, Македонија и македонската нација..., стр 197-199; |