|
|
Посебна и проширена држава Македонија |
На седницата на Вториот комитет на рускиот цар Николај I, покрај другите, бил разгледан и Мемоарот на рускиот гроф М. Н. Булгари, кој предлагал градовите Варна и Бургас да влезат во Русија, Цариград да остане слободен град, а на Балканот да се создадат следниве држави: 1. Грција, со Килкидските Острови, Самос и Крит; 2. Северна Албанија, Македонија и дел од Тракија се` до сливот на Марица; 3. Северна Србија и Босна да останат под протекторат на големите држави, и 4. обединети заедно Молдавија, Влахија и Бугарија да потпаднат под руски протекторат. Тоа значи дека и во овој предлог се смета со посебна и проширена држава Македонија, но не и со самостојност на Бугарија, Албанија и Романија. Од сиве овие планови и замисли станува очигледно дека во тоа време се уште се нема појасна претстава ни за денешните народи-нации, ни за нивните етнички граници на Балканот. Но, македонското прашање како национално јавно се претстави на меѓународната сцена дури во 70-тите години на XIX век. Внатре, во границите на Турската империја, тоа навистина назреа, се развиваше континуирано и се изрази во јавноста уште од 40-тите години. Меѓутоа, поради петвековното турско владеење над христијанското население на Јужниот Балкан, Европа малку знаеше за различните народи и нивните етнокултурни граници на овој простор. Тие беа третирани (и внатре и надвор) главно како православни христијани. Треба да се има предвид дека се` до 30-тите години на XIX век се уште не постоеше некаква претстава за етнографската карта на овој дел од Балканот. За Европа тоа беше турска земја и во неа живееше главно христијански народ. Дури со процесот на изделувањето на одделните периферни области од Турција и со создавањето на вазални или самостојни државички почнува да се вообличува и етнокултурната карта на православниот Балкан. За да ја претставиме попластично свеста на тогашниот свет за нашиов етнокултурен простор, ќе наведеме само некои историски факти од периодот на Руско-турската војна во 1828-1829 година. Треба да се одбележи дека во руските воени планови воопшто не влегувало и едно тотално разгромување на Турската империја, ниту пак заземање на Цариград, бидејќи се претпоставувало дека тоа би било пресретнато со опасен отпор од страна на Англија и Франција. Русија имаше примарна цел да ги прошири своите граници во кавкаско-црноморскиот регион и да си обезбеди слободен премин за руските бродови, а со тоа и контрола на Дарданелите и Босфорот. Затоа руската политика не стимулираше и не помагаше самоволни, неконтролирани востанички акции на балканските народи. Па сепак, Русија правеше и детални планови за политичката судбина на областите и народите од Европска Турција по евентуалното распаѓање на султановото царство. ПОСЕБНА И ПРОШИРЕНА ДРЖАВА МАКЕДОНИЈА Така, на пр., на 4/16. IX. 1829 година во С. Петербург се одржува важна седница на Вториот комитет на царот Николај I, на која преовладува мислењето дека зачувувањето на Турција “е покорисно отколку што им штети на вистинските интереси на Русија“, но сепак се разгледува и можноста за распаѓање на оваа империја, па се даваат предлози и се прават разни варијанти. Како основен предлог-документ се разгледува писмено формулираната опција на 9/31. III. 1828 година од грофот Јоан Каподистрија, Грк на руска служба, едно време и државен секретар за надворешни работи, кој во тоа време (1828) беше претседател на новооснованото грчко Народно собрание, а по две години, кога Грција станува самостојна држава, е избран и за прв нејзин претседател. Предлогот на Каподистрија на состанокот на Вториот комитет го интерпретирал рускиот министер за надворешни работи Д. В. Дашков. Во него се предвидува по ликвидацијата на турското владеење на Балканот да се формираат пет нови држави, и тоа: 1. Дакија, што ќе ги опфати кнежевствата Молдавија и Влахија; 2. Србија, со присоединување кон неа на Босна и Бугарија; 3. Македонија, подразбирајќи ја под ова именување целата Румелија и граничните со неа острови; 4. Епир, заедно со Горна и Долна Албанија, и 5. областа на Елините или Грција, поставувајќи ги нејзините граници од реката Пенеј во Тесалија до градот Арта, вклучувајќи го и целиот Архипелаг. Сите овие држави се предвидувало да си имаат свои кнезови, додека Цариград да биде слободен град, каде што би се создал заеднички Сејм на оваа Балканска конфедерација со претставници од сите пет сојузни (независни) држави. На истата седница на овој царски таен комитет, покрај другите, бил разгледан и Мемоарот на рускиот гроф М. Н. Булгари, кој предлагал градовите Варна и Бургас да влезат во Русија, Цариград да остане слободен град, а на Балканот да се создадат следниве држави: 1. Грција, со Килкидските Острови, Самос и Крит; 2. Северна Албанија, Македонија и дел од Тракија се` до сливот на Марица; 3. Северна Србија и Босна да останат под протекторат на големите држави, и 4. обединети заедно Молдавија, Влахија и Бугарија да потпаднат под руски протекторат. Тоа значи дека и во овој предлог се смета со посебна и проширена држава Македонија, но не и со самостојност на Бугарија, Албанија и Романија. Од сиве овие планови и замисли станува очигледно дека во тоа време се уште се нема појасна претстава ни за денешните народи-нации ни за нивните етнички граници на Балканот. Бугарија, на пр., воопшто не се замислува како посебна држава, туку во сите комбинации таа влегува заедно со други етнички области во други државни творби – во рамките на Србија, со Романија или директно во Русија. И не само за територијата, туку и за етничкиот состав и неговата распространетост се немало јасна претстава. КАРАЏИЌ НЕКОИ КРАИШТА ОД МАКЕДОНИЈА ГИ ПРОГЛАСИ ЗА СРПСКИ Така, на пр., во “Додатокот” на Вук Караџиќ од 1822 година македонските области од Пиринско со јазикот и народните песни беа маркирани како бугарски. Многу подоцна истиот тој Караџиќ некои краишта од Македонија ги прогласи за српски и најде “српски” јазик и “српски” песни во нив. Исто така во Русија дури во 1829 година излезе првиот том од книга од украинскиот медицинар Јуриј Венелин. Тоа беше првото поопфатно “запознавање” на Русите со Бугарите како словенски народ. А какви биле тие претстави на Венелин за Балканот може да се види и од неговата книшка “За зародишот на новата бугарска литература” што беше објавена во 1838 година. Авторот наведува дека во тоа време во Бугарија живееле 750.000 Бугари, во Тракија 600.000, на други места уште 195.000, а во Македонија – цел еден милион! Во таа негова голема Македонија ги сместува и градовите Карловци, Призрен, Копривштица, Калфер и други места расфрлани на Балканот. Толку стигнуваа тогашните познавања не само на Венелин (впрочем, и тој никогаш не беше стапнал во Македонија). Во почетокот на XIX век се немаше претстава ни за грчкиот и српскиот етнокултурен простор. Така, на пр., дури и во времето кога се формира познатата “Филики етерија”, во 1814 година се собрале најистакнатите државници од Европа на Виенскиот конгрес, па грчките национални дејци отпечатиле обраќање и упатиле молба да се постави на разгледување и прашањето за ослободување на нивната татковина. Како репрезенти на Грците во Виена се појавиле угледните кнезови на руска служба Јоан Каподистрија и Александар Ипсиланти, но не само што нивното барање не било ни поставено на разгледување, туку и лично домаќинот, австрискиот министер за надворешни работи, кнезот Клеменс Метерних јасно им рекол дека “не постои грчки народ и дека во турската држава не се признаваат други народности освен турската“. Ако не се признавало постоењето на Грците како народ, како ентитет воопшто, како можело да се има некаква претстава за етничките граници на другите! Но не беше поинаква ситуацијата со претставата за етничката територија на Грците и подоцна, во времето на формирањето на современата грчка држава. Самиот прв претседател на самостојна Грција Јоан Каподистрија, не само што Македонија, Тракија и Епир воопшто не ги вклучил во границите на новата држава, туку предлагал островот Кипар да и` се даде на Франција, Кандија на Англија, а Родос на Русите. Според него, грчката државна, а тоа значи и етничката граница стигнувала до реката Пенеј во Тесалија и до Артскиот Залив со островите од Архипелагот. Дури во 1831 година, по поттик и поддршка од Русија, Каподистрија ја поместува северната грчка граница до Пинд и Олимп. Следствено, до тоа време, независно од митологијата за обновување на Ромејската (Византиската) Империја, современа Грција немала претензии посеверно од овие планини. извор: ВЕЧЕР пренесува дел од најновата книга напишана од академик Блаже Ристовски, главниот редактор на првата “Македонска енциклопедија”. Издавач на двотомното историско дело е “ТРИ” |