|
|
Гоце Делчев бара Светата Столица да се запознае со македонското револуционерно дело |
„На 14/27 ноември 1897 година некаква разбојничка банда влегла во Виница, Кочанско и го убила месниот богат Турчин Ќазим-ага и од домот му зела околу 600-800 турски лири. Турските власти направиле истрага и барајќи ги разбојниците и нивните јатаци, извршиле физички притисок врз месното население, при што откриле магацин со пушки на Македонската револуционерна организација, која немала врска со убиството. Вознемирени од случајното откритие, властите извршиле масовни апсења, претреси и мачења на населението во повеќе села на Скопскиот санџак, при што биле 10 убиени, над 200 жестоко мачени, над 500 уапсени, а околу 300 души избегале преку граница. Седуммина комити, бегајќи од турската потера, побарале заслон во манастирот во село Паљурци. Пречесните сестри кои ги примиле, ги чувале скриени неколку дена додека опасноста не поминала и тие заминале во непознат правец“ – пишува пловдивскиот надбискуп Менини во писмото испратено до Конгрегацијата за пропаганда на верата во Рим. По повод укажаната помош во криењето на групата македонски револуционери пред турска потера во манастирот Паљурци, Гевгелиско, Гоце Делчев од името на Задграничното претставништво на ТМОРО во Софија му благодари на пловдивскиот надбискуп Менини и истовремено ја објаснува состојбата во Македонија. Во писмото од 3 јули 1898 г. до НЕ Надбискупот пловдивски Г. Менини, изразувајќи длабока почит и уважување, тој ќе напише: „Поради невозможноста од името на Задграничното претставништво на ТМОРО директно да и ја искажам својата благодарност на управата на манастирот во с. Паљурци по повод на укажаната несебична помош на седумтемина наши револуционери и нивното засолнување од турската потера, го користам случајов преку Вас, Ваша Екселенцијо, да ја искажам големата благодарност кон неа, бидејќи пред страв на лична одговорност спаси седум животи од јатаганот на крвавата османлиска власт. Наедно сакам да Ве запознам, Ваша Екселенцијо, со положбата на ропството во Македонија, за правилно да ја оцените големата услуга што и управата на Паљурскиот манастир и ја стори на нашата Револуционерна организација. Познато Ви е дека во Македонија се развива систематска агитација за едно внатрешно востание, кое зема големи размери, така што ниту едно катче во таа борбена земја нема да не е опфатено од идејата за ослободување од турската тиранија. Токму ропската положба на христијанското население во Македонија јасно определува што треба да се прави: тоа е патот по кој оделе сите потиснати. Нашата цел е да ги исправиме неправедните решенија на Берлинскиот договор по однос на Македонија и затоа нашата борба е свртена кон придобивање на полна политичка автономија на оваа земја за ситe луѓе што ја населуваат без оглед на националноста и верската припадност. Затоа нашата Револуционерна организација е длабоко признателна кон сите оние што по каков било начин ги помагаат нашите револуционери, не навлегувајќи во мотивите поради кои чинат добри дела. Чинејќи добри дела кон нас, тие всушност и самите се борат против тиранијата, нечовечноста и самата османлиска управа како владејачки систем. Ве молам, Ваша Екселенцијо, да ја запознаете и Светата Столица во Рим со нашата признателност кон неа, бидејќи хуманите акции што ги презема за подобрување на ропската положба на македонското население се израз на нвјзината висока христијанска задача.“ Посмото на Гоце Делчев ќе доведе до меѓусебна преписка. Пловдивскиот надбискуп Мениним возвраќа со писмо во кое се бара внимателност за да не се доведат во опасност животот на чесните сестри, по што Гоце повторно од името на Задграничното претставништво на Внатрешната организација во Софија ќе испрати писмо до Неговата Екселенција. Во писмото од 11 јули 1898 г., тој ја објаснува суштината на македонското револуционерно дело.и вели: „Почестен сум со Вашиот одговор на моето писмо од 3 јули о.г. и наполно ја делам Вашата загриженост во врска со евентуалното давање гласност на милосрдноста што сестрите во Паљурскиот манастир ја покажаа кон нашите луѓе. Причина што таа наша благодарност не ја упативме лично до нив, туку преку Вас треба да Ви биде јасна. Нашата Револуционерна организација за најважен принцип во дејствувањето ја има тајноста, бидејќи знаеме дека османлиската власт има намера да ги испофаќа сите луѓе, не само оние што го будат и водат народот во борба туку и оние што на каков било начин му помагаат на нашето револуционерно дело. Поради тоа немате причина да се беспокоите од можноста доброто да го платиме со зло. И по овој случај, Ваша Екселенцијо, сакам да Ве убедам дека светлиот дух што ги озарува срцата и душите на нашите браќа, и револуционерна идеја - мајката на тој дух - се нескршливи, нив ниту железната османлиска рака, ниту штикот на турскиот аскер не може да ги пробие. Ние револуционерната борба за слобода ја водиме сами, не плашејќи се од жртвите што ги даваме. Меѓутоа, секоја помош од страна за нас е доказ дека нашата борба е праведна. Нашата ТМОРО денес се прогласува за терористичка организација од многу претставници на христијанските држави, едно поради непознавање на нашата борба, а друго и поради личните интереси на нивните држави. Нашите илјади дејци, скромни, но свесни и вистински борци, готови се секој миг да се жртвуваат морално и физички за народната слобода за сите народности, без разлика на верата. Тие имаат право, ако не на ефикасна помош, барем на милосрдност и сомилост. Бидејќи Вашата Црква ги покажа на дело тие својства кои треба да го красат секој вистински човек, ние ја искажуваме својата благодарнрст и очекуваме дека Светата Столица и натаму преку своите органи ќе ја врши својата хумана христијанска мисија. Уште еднаш Ве молиме, Ваша Екселенцијо, да ја пренесете нашата благодарност до Вашите претпоставени и ги запознаете со суштината на нашето револуционерно дело.“ Пловдивскиот надбискуп Менини по добивањето на писмата ја запознава Конгрегацијата за пропаганда на верата во Рим за суштината на борбата на Македонската револуционерна борба и на македонскиот народ за ослободување од ропството. На 12 јули 1898 година тој испраќа писмо во кое покрај деталното опишување на настанот во манастирот Паљурци вели: „Ваша Еминенцијо, Во прилог на писмово Ви ги испраќам двете писма што ги добив од претставникот на Тајната македоно-одринска револуццонерна организација Ѓорѓи Делчев по повод на направените услуги на извесни македонски револуционери од страна на нашите пречесни сестри во манастирот, посветен на Премилостивата Мајка Божја, во с. Паљурци, Гевгелиско (Македонија). Ваша Еминенцијо, Во намера да добиете појасна слика на предметов, ќе го злоупотребам Вашето внимание да појаснам некои работи. Од неколку години наваму во Македонија, која ја сочинуваат трите турски вилаети (Солунскиот, Битолскиот и поголем дел од Косовскиот) дејствува тајно една револуционерна организација која си поставила за цел, по пат на револуција (востание) да се избори за ослободување на својата татковина со сопствени сили. Треба веднаш да подвлечам дека таа организација до неодамна беше наполно тајна, но затоа за мошне кратко време успеа да го придобие населението, така што денес нема ни најмало населено место на таа територија кое не е зафатено од револуционерната идеја. Дури и нашите луѓе што и припаѓаат на нашата црква (источен обред) не се имуни од таа организација и ја помагаат материјално и физички. Оваа тајна револуционерна организација стана толку присутна во животот на македонските луѓе, што претставува сила за почит. Таа денес располага и со свое Задгранично претставништво, на кое еден од членовите е и потписникот на двете писма. Тајната организација, која скратено го носи името ТМОРО, е најопасниот непријател за мирот во овој дел на светот и постои голема опасност во најскоро време да го разгори огнот, на кој крајот не може да му се согледа. Ние, Вашите верни чеда, настојуваме по секаков начин да ги држиме нашите луѓе надвор од какви било авантуристички потфати, но не секогаш сме во состојба тоа да го сториме, до колку не сакаме наполно да ја загубиме нивната симпатија, бидејќи тие му припаѓаат на народот кој се бори за својата слобода. Така треба да се толкува гестот на нашите пречесни сестри, кога без дозвола на претпоставените свои духовни власти се осмелиле да приберат во својот женски манастир седуммина луѓе, познати таму под името комити... ... Дали пречесните сестри доброволно дале согласност да ги засолнат тие луѓе или биле на тоа принудени, не ми е познато. Важно е дека тој нивни гест е со полна симпатија примен од месното население. Тоа го покажуваат и двете писма што ви ги испраќаме во препис, а кои потекнуваат од мошне видно лице на таа организација. Од приложените писма, особено од второто, се гледа дека ТМОРО настојува со нивната содржина да бидете запознат и Вие, Ваша Еминенцијо. До колку сметате на моето мислење, мислам дека нашите луѓе треба и натаму да стојат подалеку од настаните во врска со акциите што ги преземаат луѓето на таа организација, бидејќи може да дојде до тешки последици ако дојде до компромитација на некоја од нашите установи. Сепак, иако стоиме настрана, ние врз база на христијанскиот хуманизам и милосрдие не можеме да не покажуваме симпатии кон стремежите на населението да се ослободи од тешкото ропство. Границата на тие две крајности не може точно да се определи и главно зависи од умешноста на нашите луѓе.... Ве молиме, Ваша Еминенцијо, да ни дадете совет за натамошното наше однесување... “ Македонското население кон крајот на XIX век, без разлика на верската припадност, јасно ја истакнува не само својата желба за слобода, туку и својот идентитет. Изминаа децении на континуирана борба на македонскиот народ за слобода и зачувување на своте традиции, култура, јазик и идентитет. 116 години по настанот во Паљурци, Папата Франциско за време на својот говор во Европскиот парламент во Стразбур ќе рече дека: „Свеста за идентитетот е потребна за влегување во позитивен дијалог со земјите што изразиле желба да станат дел од ЕУ во иднината. При тоа особено мислам на оние на Балканот, за кои членството во ЕУ би можело да биде одговор на желбата за мир во регионот, кој во минатото доста пропати“. (извор: Документи за борбата на македонскиот народ за самостојност и за национална држава, том први, Скопје, 1981, стр. 345-349 ) |