|
|
Подемот на македонската држава – Филип II Македонски |
Судбоносна точка во развитокот на македонската држава е преземањето на власта од Филип ИИ (359–336). Филип II ја освојува власта на 23-годишна возраст, но неговата младост не значи неискуство и неукост во водењето на државничките работи. Напротив, Филип, син на Аминта III, како заложник во Теба добива одлично образование во воената стратегија и организација и во воените вештини, а ја изучува и питагорејската филозофија. Поради ова, во античката историја Филип II е забележан како најголем владетел во Европа (Диодор). Политикологот Исократ (во списот Филип) му се восхитува на Филип зашто „се здобил со таква моќ со која не бил ниеден од оние што ја населуваат Европа..., подвизите на Филип се херојски, зашто и други освојувале градови, но ниту еден толку народ“. Исократ образованието на Филип ќе го искористи како аргумент за да го приближи македонскиот владетел до Хелените, познати ксенофоби; така, Исократ им објаснува на атинските интелектуалци дека Филип, иако е владетел на „туѓороден народ“, „хеленски“ е образован и може да се придобие затоа што им е близок, не според родовата, туку според духовната сродност (во Панегирик). Како голем владетел, Филип II презема големи градежни зафати: нови градови, светилишта и храмови. Страбон запишува дека Пела, сеж до владеењето на Филип, е мала, но, благодарение на Филип, се изградува по должина и станува поголема од Атина; нејзините ѕидини се долги околу 6,5 км; акрополата е сместена на утврден остров, наречен Факос, на езерото Лудија, каде што Филип го сместува своето богатство. Езерото е претворено во широко пристаниште поврзано со Аксиј преку вештачки канал по кој пловидбата е контролирана со порти преку Лудија и без плима. Ова би било прво познато пристаниште на речно устие во Европа; тука можело да се влезе од Термајскиот Залив во кое било време, а влезот можел да биде затворен во случај на опасност (ова пристаниште е модел за Александровите пристаништа на Истокот, на Нил, Еуфрат и Инд).Автори: проф. д-р Анета Шукарова |